23 October, 2017

Промотивни материјали за КМ #66: Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме!

[дизајн: Александар Савески - Че]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #66 и за тоа што сме заедно ТУКА за поздраво, поведро и поубаво Скопје, а на Че му благодариме за ефикасната и успешна комуникација и реализација на идејата на оваа Критична маса.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:




  • Facebook cover:

  • Facebook event cover:






22 October, 2017

Критична маса #66: Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме!

Датум: среда, 25.10.2017
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, МКЦ

--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали линк

--------------------------------------------------------------------


Постерот за КМ 66



Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме.
Имаше мали подобрувања низ годиниве додека постоиме, на тоа се радуваме.
Но големите проблеми се сè уште тука.
Нелегално паркирање, град заробеник на автомобилите, жртви во сообраќај, жртви од загадување, седечки начин на живот, недостиг од активен транспорт, недостиг од специјалeн простор за јавен превоз, велосипеди и пешаци, метеж, бучава, хаос, непристапност, неквалитетна средина за живеење.
Затоа - тука сме!
Да покажеме дека луѓето може да се движат и поинаку, а не цело време и не само со кола. Тука сме.
Да побараме мултимодално, а не автоцентрично планирање. Тука сме.
Да побараме поодговорно планирање, планирање за заштита на човечки животи и пријатно живеење, наместо планирање за големи брзини. Тука сме.
Да ги поддржуваме добрите политики и да ги критикуваме лошите. Тука сме.
Да пријавуваме проблеми и да се радуваме на малите победи. Тука сме.
За безбедни улици, тука сме.
За велосипедска мрежа низ цел град, тука сме.
За град кој се движи на незагадувачки и активен, здрав начин, тука сме.

Во среда на плоштад Македонија од 17:30. Таму сме ;)
Возиме низ Аеродром, завршуваме пред МКЦ и продолжуваме на Ехо фестивал.


Борбата продолжува, придружете ни се како учесници на Критична маса и како активни граѓани за поубаво Скопје. Тука да сме!


--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 65 пати возеа масовно по скопските улици, на 65 различни темa поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 66-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

15 October, 2017

Меморандум за соработка : НаТочак - Петре Шилегов

На 13-ти октомври 2017-та година НаТочак потпиша меморандум за соработка со кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Меморандумот е достапен како документ на следниот линк, а како текст во продолжение. Очекуваме негово доследно почитување. ---------------------- Во пресрет на локалните избори во Град Скопје на 15.10.2017 година, а во однос на идното управување со градот, иницијативата #НаТочак и кандидатот за Градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, г. Петре Шилегов, по иницијатива на кандидатот, го потпишуваат следниот


МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА


1. Двете страни се обврзуваат во добри односи заеднички да го промовираат велосипедот во Скопје како здраво, евтино и чисто превозно средство.
2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа
3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост.
4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).
5. Новата градска администрација се обврзува во рок од една година да постави велосипедски паркинзи пред секоја градска установа, канцеларија или позначаен јавен простор во надлежност на Градот Скопје.
6. Новата градска администрација се обврзува да ги вклучи граѓанските здруженија и иницијативи во процесите на креирање политики од нивно значење. Тие процеси ќе бидат темелни, инклузивни и транспарентни, а #НаТочак ќе има свое столче на масата каде ќе се одлучуваат велосипедските политики на Град Скопје.
7. Итно деблокирање на постоечките велосипедски патеки кај плоштад Македонија, патеката на кејот на Вардар и Стоковна Куќа Мост, создавање на повеќе рампи за приклучување кон патеката на кејот како и нејзино продолжување накај Сарај и Јурумлери.
8. Итна изградба на задоцнетите рути од проектот Скопје Вело-град (Чаир-Центар (Рута 3) и Кисела Вода - Ѓорче Петров (Рута 4), 7те конектори Север-Југ и корекции на веќе изведената инфраструктура)
9. Град Скопје и #НаТочак заедно ќе работат на едукативни и безбедносни програми за унапредување на велосипедизмот во Скопје.
10. Новата градска администрација се обврзува да постави цели за намалување на бројот на   жртви од сообраќај на скопските улици преку соодветни инфраструктурни мерки и соработка со други институции (МВР, РСБСП, ЈСП, МЖ...) за зголемување на безбедноста на велосипедскиот сообраќај.
11. Новата градска администрација се обврзува на проактивна соработка со полицијата за дислоцирање на бесправно паркираните автомобили.
12. Формирање на одделение (Координативно тело) за унапредување на немоторизираниот транспорт (пешачки и велосипедски) на ниво на град Скопје и сите општини.
13. Новата градска администрација се обврзува на создавање на посебен буџет за вело-инфраструктура
14. Новата градска администрација се обврзува на создавање модерен систем за изнајмување на велосипеди


Скопје, 13.10.2017


Во свое име,
Петре Шилегов
Кандидат за Градоначалник на Скопје
(потпис)

Во име на иницијативата #НаТочак
(потпис)

13 October, 2017

Дел 2: Вело-анализа на програмите на кандидатите за градоначалници на скопските општини, Локални избори 2017


Продолжение од тука (Дел 1: Вело-анализа на програмите на кандидатите за градоначалник на Скопје, Локални избори 2017)

Дел 2:

Вело-анализа на програмите на кандидатите за градоначалници на скопските општини, Локални избори 2017
------------------------------------------------------------------------------------------------------
I. Општина Аеродром

Кандидати:

1. Златко Марин, СДСМ (линк)

2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам

ДОЛНО ЛИСИЧЕ - Регулација и заштита на коритото на р. Вардар и продолжување на велосипедската патека до Долно Лисиче (во соработка со Град Скопје)
3. Велосипедски паркинг
ПАРКИНГ-ПРОСТОР ЗА СИТЕ
Општина Аеродром не е поштедена од недостигот на паркинг-места на нејзината територија, ниту, пак, има обезбеден простор за паркирање на велосипедите, со што граѓаните се оставени да се снаоѓаат самите каде ќе го остават својот автомобил или велосипед, Затоа, во мандатниот период ќе формираме општинско претпријатие за паркинг-услуги, континуирано ќе ги одржуваме и ќе ги реновираме постојните паркинг-простори, онаму каде што недостасува паркинг-простор, на веќе постојните паркинзи планираме изградба на монтажен паркинг на едно или на две нивоа. Ќе иницираме Владата и Градот Скопје да ја раз- гледаат можноста за ослободување од даноци за изградба на монтажни и подземни паркинзи и катни гаражи. За реализација на проектот ќе подготвиме елаборат и на жителите на Општина Аеродром ќе им го понудиме најдоброто решение за организација на паркинг-просторот во општината.

Коментар:
Во точката „СТОП ЗА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ“ предлагаат продолжување на булевари, правење нови мостови и создавање нова сообраќајница. Има и креирање зони 30 и поставување семафори кај училиштата.

2. Ивица Коневски, ВМРО- ДПМНЕ
Не е достапна електронска верзија на програмата.

------------------------------------------------------------------------------------------------------
II. Општина Бутел
Кандидати:
1.       Дарко Костовски, ВМРО ДПМНЕ (линк)
7. Промотивни мерки за користење велосипед
ТРАНСПОРТ И ПАТНА ИНФРАСТРУКТУРА - За побрз и побезбеден проток на сообраќајот, покрај другото, потребни се квалитетни сообраќајници, без црни точки на патиштата, како и безбедни тротоари и патеки за пешаците и велосипедистите.

2.       Велимир Смилевски, СДСМ (линк)

Достапна е електронска верзија на програмата, но нема поврзан проект.

     3. Влатко Дамјановски
4. Насер Цури
5. Ермонд Мифтари
За останатите кандидати не е достапна електронска верзија на програмите

------------------------------------------------------------------------------------------------------
III. Општина Гази Баба

Кандидати:

1. Борис Георгиевски, СДСМ (линк)



1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
КОМПЛЕТНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛ. „ГЕМИЏИСКА“ ВО НАСЕЛБАТА „ЖЕЛЕЗАРА - Оваа улица ќе биде изградена во современа сообраќајница со изградба на нова подземна инсталација (фекална и атмосферска канализација), со асфалтирање и изградба на безбеден тротоар за движење на пешаците, како и обележување на велосипедска патека.  Со изградбата на оваа улица во современа сообраќајница, ќе биде олеснето движењето на возилата, на пешаците, а обележувањето на велосипедска патека ќе биде предуслов за нејзино безбедно користење и движење со велосипед по неа. Целна група: Жителите на ул. „Гемиџиска“ и сите жители на н. „Железара“, кои преку оваа улица пристигнуваат до своите домови. Рок: 2018 година

ИЗГРАДБА НА ПАТ ОД С.СТАЈКОВЦИ ДО НАСЕЛЕНОТО МЕСТО „КАМНИК“ -  Новиот регионален пат ќе биде изграден во современа сообраќајница со зона за движење на пешаци (тротоари на двете страни од патот) и обележување на велосипедска патека. Целна група: Жителите на с. Стајковци, на с. Синѓелиќ, на населбата „Синѓелиќ“, населбата „Камник“ Рок: 2018-2021 година

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛ. „ПЕРО НАКОВ“ И ПРОШИРУВАЊЕ НА УЛ. „БЛАГОЈ СТЕФКОВСКИ“ -  Заради безбеден сообраќај и безбедно движење на пешаците и на велосипедите, потребно е овие две улици целосно да се реконструираат со изградба на нов коловоз и со проширување на капацитетите на атмосферската и фекалната канализација. На улиците ќе бидат изградени тротоари од двете страни и ќе бидат обележани пешачки патеки. Нивната реконструкција е значајна за безбеден сообраќај и за безбедно движење на пешаците и велосипедистите. Целна група: Жителите на населбата „Маџари“ и сите кои секојдневно ја користат оваа улица. Рок: 2018-2020 година

ВАРДАРИШТЕ - Изградба на пешачка и велосипедска патека на насипот на реката Вардар

ХИПОДРОМ - Изградба на велосипедска патека на ул. „Благој Стефковски“, во продолжение на регионалниот пат „Р-101“

ТРУБАРЕВО - Изградба на пешачка и велосипедска патека на регионалниот пат „Р-101“

2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам

ИЗГРАДБА НА ПЕШАЧКА И ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА
На левата страна на р. Вардар, поточно на насипот на потегот од мостот „Близнаци“, на бул. „Србија“ до с. Идризово, ќе бидат изградени велосипедска и пешачка патека, во должина од 8 км, кои ќе бидат осветлени и ќе бидат облагородени со зелени површини. Оваа патека ќе го разубави кејот на реката Вардар, а исто така, таа ќе биде во функција на рекреативците кои ќе можат слободно да возат велосипед и да пешачат, како и во функција на сите жители на тој дел од општина Гази Баба, кои ќе можат безбедно, без користење автомобил, да стигнат до централното градско подрачје. Овој проект ќе придонесе и за намалување на загадувањето, преку кревање на свеста кај граѓаните повеќе да користат велосипед или да пешачат. Целна група: Деца, младинци, работници, пензионери, рекреативци... Рок: 2017-2021 година

СПОРТСКО-РЕКРЕАТИВЕН ЦЕНТАР „СТАЈКОВЦИ-ЦРЕШОВО“ - Со овој капитален проект предвидуваме изградба на мултифункционален спортски центар (игралиште за мал фудбал, кошарка, тенис, монтажни трибини), атлетска и велосипедска патека, отворени фитнес-направи, соблекувалници, а ќе биде и целосно осветлен.
Целна група: Жители на населените места: Стајковци, Црешово, Страчинци, Брњарци, Виниче, Смилковци, Булачани и Раштак Рок: 2018 – 2020 година

7. Промотивни мерки за користење велосипед

Истовремено, општината ќе субвенционира и купување велосипеди.

2.       Тони Трајковски, ВМРО-ДПМНЕ
3.       Зоран Трпчевски, Левица

За останатите кандидати не е достапна електронска верзија од програмата.


------------------------------------------------------------------------------------------------------
IV. Општина Ѓорче Петров
Кандидати:
1.       Александар Наумовски, СДСМ (линк)


2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам
Рекреативна велосипедска патека со можност за траса за ридско-планински велосипедизам во атарот на с. Кучково.
МЕСНА ЗАЕДНИЦА КУЧКОВО - Трасирање на ридско- планинска велосипедска моунтинбајк патека

2.       Советничка листа, Левица (линк)


1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
Пoврзување и планирање на единствена велосипедска патека која што ќе изнуди излегување од Волково кон Бардовци/Карпош

3.       Владо Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ
Не е достапна електронска верзија на програмата.


------------------------------------------------------------------------------------------------------
V. Општина Карпош
Кандидати:

  1. Стевчо Јакимовски, ГРОМ (линк)

2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам
Велосипедска и пешачка патека до Горно Нерези (Етно-село)


Коментар:
Негативна порака за младите преку мерката бесплатна обука за возачки испити за секој млад човек од Општина Карпош кој наполнил 18 години.

Предлог за катни паркинзи насекаде, строго за автомобили и субвенционирано (бесплатно за граѓаните) од општината.

  1. Советничка листа, Левица (линк)

7. Промотивни мерки за користење велосипед
Субвенционирање на купување велосипеди и електрични скутери
Строго санкционирање на секое попречување на дрижењето на пешаци и точаци


3.   Стефан Богоев, СДСМ (линк)

2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам
УРЕДУВАЊЕ НА ЛЕВАТА СТРАНА НА РЕКАТА ВАРДАР - Предвидено е и изградба на велосипедска патека и на соодветен паркинг-простор за велосипеди. Целна група: Сите граѓани на општина Карпош Рок: 2018 – 2021 година

ИЗГРАДБА НА ПЛАНИНАРСКА ПАТЕКА ДО СРЕДНО ВОДНО, СО ОБЕЛЕЖУВАЊЕ И ОСВЕТЛУВАЊЕ СО СВЕТИЛКИ НА СОЛАРНА ЕНЕРГИЈА - Крај оваа патека се разгледува и можноста за изградба на патека за велосипеди (планински велосипедизам/mountain biking). Можноста за велосипедска патека ќе ги привлече и љубителите на волосипедизмот кои ќе добијат уште еден простор за своите активности. Целна група: Млади, возрасни, спортисти Рок: 2018 – 2019 година


7. Промотивни мерки за користење велосипед
Ставаме приоритет на заштитата на зеленилото и на создавање нови зелени површини и паркови низ Карпош, искористување на обновливите извори на енергија
како и промоција на велосипедот како главно превозно средство.

СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ - Карпош на велосипед! Со изградбата на нови велосипедски патеки и со подобрување на сигнализацијата, ќе започнеме и проект за субвенционирање велосипеди. Целта на овој проект е да се намали загадувањето во општината и да се следат европските трендови за поголема застапеност на велосипедот во сообраќајот – со цел здрава животна средина за сите. Се стремиме да бидеме членки на Европската Унија, но потребно е да ги прифаќаме и позитивните практики. Зголемената застапеност на велосипедот како превозно средство ќе овозможи почист воздух, растоварен сообраќај и дополнителна физичка активност за граѓаните. Субвенционирајќи велосипеди, инвестираме во здрава сегашност и во сигурна иднина. Целна група: Сите граѓани на Карпош; Рок: 2018 година


------------------------------------------------------------------------------------------------------
VI. Општина Кисела Вода

Кандидати:

1. Филип Темелковски, СДСМ (линк)


2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам

УРЕДУВАЊЕ НА ТРИМ- ПАТЕКАТА ПОКРАЈ ПРУГИТЕ ВО КИСЕЛА ВОДА - Постојната трим-патека, која е долга 2,5 км и се протега покрај пругите од Центарот за јавно здравје до булеварот „Србија“, е место што секојдневно го користат голем број луѓе што на тоа место рекреираат, џогираат, возат велосипеди итн. Целна група: Жителите на Општина Кисела Вода, спортисти и рекреативци Рок: 2018 година


Комплетна изградба и уредување на трим и велосипедска патека до парк-шума „Водно“

Општо:
Недозволиво е во 21 век воопшто да зборуваме за тоа дека нема канализација, за проблеми со водовод, дека улиците се поплавуваат при дожд, да нема каде да се вози велосипед, контејнерите преполни со смет да претставуваат опасност од зарази, а воздухот загаден.


2.  Јохан Тарчуловски, ВМРО-ДПМНЕ (линк)
1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ, СОГЛАСНО ПРОСТОРНИТЕ МОЖНОСТИ
2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам
РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПОСТОЈНАТА ВЕЛОСИПЕДСКА/ТРИМ ПАТЕКА ВО НАСЕЛБА 11 ОКТОМВРИ СО ПОСТАВУВАЊЕ СПРАВИ ЗА ФИТНЕС.

7. Промотивни мерки за користење велосипед
СУБВЕНЦИИ ЗА НАБАВКА НА ВЕЛОСИПЕДИ
Опис: Општината ќе финансира набавка на велосипеди согласно буџетските можности. Се предвидува субвенционирање во висина од 40% од цената на велосипедот, но не повеќе од 3000 денари по лице.


------------------------------------------------------------------------------------------------------
VII. Општина Сарај


Кандидати:

1.       Башким Бакиу, БЕСА (линк)

     

Достапна е електронска верзија на програмата, но нема поврзан проект.

     
2.       Сефедин Алиу, ДПА
3.       Блерим Беџети, ДУИ
4.       Екрем Алија, Алијанса на Албанците
За останатите кандидати не е достапна електронска верзија на програмите.

------------------------------------------------------------------------------------------------------
IX. Општина Центар
Кандидати:

1. Саша Богдановиќ, СДСМ (линк)
1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
ДАНЕ КРАПЧЕВ - Да изградиме патека за велосипеди

ОПШТИНАТА ЗА СИТЕ НАС -  За учениците: Постојано ќе се грижиме за нивната безбедност обезбедувајќи им простор за непречено пешачење кон училиштата, возење велосипеди и тротинети, безбедно движење по улиците.

НОВИ ИГРАЛИШТА, ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ  
На местата каде што тротоарите немаат доволна широчина, целата нивна широчина ќе биде пешачка или пешачка/ велосипедска зона, а урбана опрема ќе се дозволува на коловозот (наместо неколку паркинг-места покрај тротоарот).  Целна група: Сите жители на Општина Центар Рок: Во континуитет

РЕШЕНИЈА ЗА СООБРАЌАЈ И ЖИВОТНА СРЕДИНА ШТО ГАРАНТИРА ЗДРАВЈЕ И БЕЗБЕДНОСТ - Во тесна корелација со проектот „Цел Центар на точак“ ќе бидат изградени и велосипедски патеки што дополнително ќе ги мотивираат граѓаните сè почесто да употребуваат велосипед како превозно средство. Целна група: Сите граѓани Рок: До 2019 година

7. Промотивни мерки за користење велосипед
СУБВЕНЦИИ - Покрај надоместокот за секое новородено дете во Општина Центар, мерка што и понатаму ќе се спроведува, ќе продолжи и мерката „Цел Центар на точак“. Сегашниот проект „Цел Центар на точак“ ќе продолжи да се реализира и годишно ќе се доделуваат по 2.500 субвенции по 3.000 денари. Преку оваа мерка жителите ќе се стимулираат сè повеќе да го користат велосипедот како превозно средство, а наедно ќе се намали сообраќајниот метеж што го предизвикуваат возилата. Исто така, ќе се влијае врз намалувањето на штетните честички што досега се застапени во воздухот во голем процент. Со оглед на потребите што произлегуваат од овој проект, на повеќе локации низ Општината ќе поставиме паркиралишта наменети за велосипеди, како и пумпи за велосипедски гуми. Целна група: Сите жители на Општина Центар Рок: Континуирано




2.  Александар Митров, Левица (линк)


7. Промотивни мерки за користење велосипед

Велосипедски патеки и паркинзи за велосипеди во поголем број


Коментар:
Имаат цела точка посветена на тоа дека пешаците ќе бидат на прво место, промена на времетраењето на зеленото светло (на булеварите), безбедни тротоари за бебешки колички и сл.

3. Дејан Јовановски, ВМРО-ДПМНЕ
Не е достапна електронска верзија на програмата.



------------------------------------------------------------------------------------------------------
X. Општина Чаир

Кандидати:

1. Висар Ганиу, ДУИ (линк)



1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
Изградба на нови велосипедски патеки.
Опис: Изградба на велосипедска патека по раскрсницата на бул. Цветан Димов и бул. Џон Кенеди. Потоа по бул. Христијан Тодоровски Карпош.
Вредност: 15.307.600 денари.

2. Нермин Таловска, ВМРО-ДПМНЕ (линк)
1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
РЕКОНСТРУКЦИЈА И ПРОШИРУВАЊЕ НА БУЛ. „НИКОЛА КАРЕВ“ (ПЛАСТИЧАРСКА)
Опис: Општина Чаир во соработка со Град Скопје ќе го реконструира и ќе го прошири булеварот со 4 коловозни ленти, со пешачки патеки и велопатеки. Во должина од 1 200м од надпатникот на бул. „Цветан Димов“ до Американската амбасада.
Вредност: 100 мил. денари
ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА
Опис: Реализација на нова вело патека во соработка со град Скопје. Ќе се изгради рута од Бутел преку Чаир до Центар.
Вредност: 10 мил. Денари

7. Промотивни мерки за користење велосипед

СУБВЕНЦИЈА ЗА НАБАВКА НА НОВИ ВЕЛОСИПЕДИ ЗА ГРАЃАНИТЕ
Опис: Во следните 4 години граѓаните на Чаир ќе добијат субвенција за набавка на нови велосипеди. Субвенцијата ќе биде до 50% од вредноста на велосипедот, но не повеке од 4 000 денари за еден велосипед.

3. Исмаиљ Бојда, НДМ (линк)
Достапна е електронска верзија, но нема поврзан проект.
4. Зекирја Ибрахими, БЕСА
5. Фарук Абди, Алијанса на Албанците
6.  Идриз Орана, ДПА
За останатите кандидати не е достапна електронска верзија на програмата.

------------------------------------------------------------------------------------------------------
XI. Општина Шуто Оризари

Кандидати:
1. Курто Дудуш, СДСМ (линк)

1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦИ И ПАТИШТА - Асфалтирање на сите главни и споредни улици како и поставување на целосна нова пешачка патека и патека за велосипеди крај целата главна улица „Шуто Оризари/Индира Ганди”, со бекатон-плочки, бели за пешаците, црвени за велосипедистите, од влезот до излезот на општината и поставување нови тротоари

2. Џелал Чајани, ДУИ
3. Мухамед Цури, БЕСА
4. Фаик Садики, ДПА
5. Елвис Бајрам, СРМ


За останатите кандидати не е достапна електронска верзија на програмите.