Showing posts with label bike kitchen. Show all posts
Showing posts with label bike kitchen. Show all posts

12 February, 2015

Bike kitchen / Вело - кујна (13.02.2015)

Facebook настан: линк.

Како надоврзување на Winter Bike to Work Day -
акцијата, во недела ќе има зимска работилница во стилот на Bike Kitchen, баш Вело - кујна :)


Во недела, 15.февруари, од 12:00 до 15:00, дојдете во АКСЦ, да си споделиме совети и DIY идеи за возење точак во зима, оние кои знаат - да демонстрираат основни поправки на точакот, оние кои не знаат - да научат. Ќе има и топла супа, да се згрееме ;)



Сергеј (Лежипед) ќе ни објасни за штитниците за раце кои сам си ги има направено за точакот од пластични шишиња, некој од НаТочак ќе објасни за DIY гумата со штрафчиња за на мраз, ќе научиме да лепиме и менуваме гума и затегнуваме кочници, ќе решиме некој мал проблем на точаците на присутните. 
Ако имате нешто за поправање - дојдете! Ако имате алат - донесете! Ако имате нешто интересно да споделите или само сакате да се подружите со точакољупци и да си м’цнете супа…Тогаш се гледаме во недела, на точак! 

Автономниот културно социјален центар се наоѓа во Железничарската зграда, зад ТЦ Буњаковец: http://bit.ly/aksc-mapa

04 December, 2013

Работилница „Направи сам - зимски гуми за точак“

Неколкумина вело-ентузијасти оваа сабота ќе ги спремаат гумите од нивните точаци за зимски услови, т.е. за возење на мраз и тоа ќе го направат во облик на отворена работилница.


Работилницата: „Направи сам - зимски гуми за точак“ ќе се одржи во Автономниот културно социјален центар во сабота, 7.12.2013 од 15:00 до 18:00 и работилницата е отворена за сите:

-кои правеле нешто слично и имаат искуство кое сакаат да го споделат;
-кои не правеле ништо слично, но сакаат да научат повеќе за својот точак и како да го подготват за зима;
-кои сакаат на лице место да се испробаат во техниката;
-кои сакаат едно саботно попладне да се подружат со други точакољупци.

Доколку сакате да спремите сопствена зимска гума (да спремиме заедно), ќе ви бидат потребни:

- надворешна гума со крампони
- стара внатрешна гума (може и дупната)
- шило (или бормашина со многу тенка бургија)
- околу 150 штрафчиња со должина 1 - 1,5 cm (пожелно саморежечки за лим)
- штрафцигер соодветен за штрафчињата

Паралелно на овој настан, во соседната просторија во АКСЦ ќе има Ворк Груп Суп (Работна група за супа), па покрај правењето на зимски гуми за мраз, ќе може и да се загрееме :)

Се гледаме во сабота, на точак!


FB настан: линк.

------------------------------
Адреса:
АКСЦ
ул.Борка Талески бр.26
Железничарска зграда (зад Буњаковец)

15 May, 2013

Извештај од работилницата: Запознај го точакот! Сподели- научи- поправи!


Точакот е едноставна машина, генијална зашто е едноставен склоп од мал број делови. Но сепак е машина, возило, превозно средство.
Треба да се познава и одржува за да не' служи добро и долго и да немаме проблеми.
Треба да биде здрав! :)


Едноставноста, пак, овозможува некои ситни поправки да ги направиме сами, без некое големо знаење или труд.
Сервисите за велосипеди некогаш се далеку или затворени и некогаш едноставно може да ви се случи дефект кога најмалку очекувате. 


Зошто да си скратите од задоволството да се довозите со точакот до саканата дестинација само поради една обична дупната гума кога може сами за 10-ина минути да ја залепите?

Некои точакољупци знаат како да ги направат овие поправки и што е уште поважно беа расположени да го споделат своето знаење и се одзваа на нашиот повик. 

Им покажаа и објаснија на присутните како да се справат во одредени ситуации и им направија основен „преглед на точаците“, интервенирајќи онаму каде што можеа. Во ретките случаи каде што се работеше за покрупни дефекти, ги упатија кон професионална работилница. 

На 14.04.2013 во периодот од 11:00 докај 15:30 се подруживме во парк и научивме да вадиме тркало и лепиме гума, да го враќаме назад тркалото :) Оваа операција делува многу сложено, но само додека не ја направите првиот пат. А после неколку пати веќе сте и спремни да подучувате други!
Научивме да одмастуваме и подмачкуваме ланец, да штелуваме брзини и кочници и поправивме по некое седиште, ѕвонче и педали.

Еве мал фото-преглед од работилницата:
DIY реклама на платото кај Фонтана
DIY реклама на прометно место на кеј
Се чекаше и ред за поправките
Но никој не остана неуслужен :)

Идеи вредни за споделување. Дефинитивно!                              
                                   
И девојки и момци засукаа ракави тој ден, тотално нешмизловски
За една ваква работилница пред се' се потребни луѓе со желба за споделување, но и некој основен алат :)

Го заштитивме платото со картони
И тркалата со весник кога подмачкувавме...
Учевме да се грижиме за синџирот
                                      
Прво одмастување на ѕвездите, па подмачкување на ланецот
Добар е, добар, не чкрипи веќе!
                         
Свети! :)
Ја вадиме гумата од тркалото со многу едноставен алат
Учиме да лепиме скинати гуми
Го местиме назад тркалото
Учиме да штелуваме кочници
Оваа беше проблематична! :)
Паралелизација- 3 тима работат истовремено :)
Поправено и седиштето на едно мало точаче
На децата им беше најинтересно сред точаците
Но и повозрасните кога се на свој погон се подмладуваат :)
И ние сме заљубени во нашите точаци :)
Белешки, некаде во втората половина од денот. Докрај бројките пораснаа уште малку.
Но не поправме само. Игравме и фризби и имавме кооперативно шанкче под сенка ;)
Се дружевме и поминавме прекрасно и корисно попладне.
Беше интервенирано врз 20-ина точаци, а на настанот не' посетија 50-ина граѓани со или без точаци, со потреба од интервенција или само од љубопитност.

Сакаме точаци и сакаме да споделуваме. 
Па веројатно во иднина ќе има и други слични дружби.
Во меѓувреме, доколку не сте го направиле пролетниот ремонт, време е да го однесете точакот на мајстор! За да имате поглатка и побезбедна возна сезона.
Се гледаме на скопските улици со синџири кои не чкрипат, кочници кои кочат и ѕвончиња кои ѕвонат!

Ѕрн- ѕрн!