28 May, 2021

Критична маса #86: Тука сме 9 години, ама немаме 9 животи

Датум: недела, 20.05.2021

Рута: линк

Место и време: во 11ч на Плоштад Македонија или околу 11:30 на Илинденска пред парк.
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
 --------------------------------------------------------------------





Можеме ли да се сложиме дека основно движење на еден човек е движењето со својата сила, без обвивката на возило, без зафаќање многу метри квадратни, туку сами, слободни, со своето тело и по потреба некакви помагала?

Можеме ли да се сложиме дека секој човек без оглед на возраст, физички способности, пол, примања, има право на независно и безбедно движење?

Можеме ли да се сложиме дека пешачкиот, па после него и велосипедскиот сообраќај се базичното ниво во крвотокот на еден град? Дека од таму сè почнува, па натака се надоградува со јавен превоз и со автомобили? А не обратно? (максимум за автомобилите, па евентуално ако остане простор, за пешаците и велосипедите?)

Можеме ли да се сложиме дека ниедна минута побрзо не вреди живот помалку?
  • Тогаш треба да престане градењето/реконструкцијата на улици без велосипедски патеки или велосипедско решение, без оглед дали се градски или општински.
  • Тогаш треба да престане калкулирањето со паркираните автомобили по тротоари и да почне нивно порешително ослободување.
  • Тогаш треба да нема острови на булевари кои не собираат цел точак.
  • Тогаш треба да нема високи рабници на ниедна улица.
  • Тогаш треба да престанат да се градат булевари со ленти за коли широки 3.5 метри (за над 90 km/h).
  • Тогаш треба секоја маалска (општинска) улица по сообраќаен знак и по дизајн да стане Зона 30.
  • Тогаш треба да престанат ветувањата за поголема брзина на автомобилите во рамки на градовите и да почне да се ветува безбедност и квалитетен живот на граѓаните.

Споменатите работи се БАЗИЧНИ, ниво на основна култура, неопходен минимум, не се луксуз.
Ги повторуваме 9 години во 85 официјални и многу неофицијални Критични Маси, во многу други настани и повици, состаноци и дописи.

Гледаме дека во Скопје има промена во овие 9 години, и граѓаните гледаат, па свесно или несвесно точакот почнува да станува избор и за малку поширока демографска група, не само на оние кои би возеле во било какви услови.
Но според нас, многу бавно се случува промената.

Сакаме Скопје да стане пешачки и велоград, во нашите животи!
Сакаме додека се стеснуваат ленти за коли од 3.5 на 3 метри на еден булевар во Центар и да се истакнува безбедноста како причина, да не се градат ленти со 3.5 метри во Аеродром и во Бутел!
Сакаме сите општини да работат на визијата за Скопје Велоград, за Скопје пешачки град, зашто Скопје не се само булеварите, Скопје е една целина и потребни се пешачки и велосипедски мрежи кои ќе овозможат безбедно движење од било која точка А до било која точка Б.
Сакаме Скопје да се реши дека ќе биде ГРАД ЗА ЛУЃЕ и тоа недвосмислено да се чита во секоја одлука и на градот и на општините, да нема чекор напред, чекор назад.

Да реши дека пешакот ќе биде на врвот на сообраќајната пирамида во СЕКОЈ ПРОЕКТ, СЕКОЈ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН, СЕКОЈА ИНТЕРВЕНЦИЈА од денес натака.
Дека после него ќе следуваат точакот и јавниот превоз, па индивидуалниот автомобил.
Сакаме да видиме одлучност во борбата со климатските промени во полето на сообраќајот, сега, не за 10 години.
Сакаме безбедни улици и Зона 30 сега, не за 10 години!
Сакаме денови за автомобили сега, не за 10 години!

Имаме 9 години, но немаме 9 животи!

Дојдете со нас да прославиме 9 години постоење и да покажеме дека сакаме Скопје да стане град на ненасилно возење, на контролирана бучава, на квалитетен јавен простор, на квалитетно планирање со човекот во фокусот, на право на слободно и безбедно движење во секој агол на градот, за сите нас, во нашите животи.
Имаме право на тоа!
Започнуваме од Плоштад Македонија на 30.05.2021 (недела) од 11 часот.
Таа ќе нè одведе до улицата Васко Карангелески.
Зошто таму, ќе објавиме дополнително.

* Минатата недела од 17-23 мај 2021 беше Неделата на безбедност во сообраќајот на Обединетите нации, која оваа година ги нагласи бенефитите од пониски брзини на урбаните улици како срце на секоја заедница. Помалите брзини им овозможуваат градовите не само да бидат безбедни, туку и здрави, зелени и квалитетни за живеење.
Кампањата е насловена Streets for life (Улици за живот).
Улици за живот нека биде вториот наш роденденски слоган!
** Секој учесник вози на своја одговорност.
*** Поради сè уште актуелната пандемија апелираме учесниците да одржуваат дистанца и да не се групираат без заштитни маски.