23 May, 2017

ВЕЛО - матинé во МКЦ

Facebook - настан: линк

МКЦ нé кани на ВЕЛО - матинé во сабота (а НаТочак се придружува):
--------------------
Сабота, 12:00.


За некои е рано утро... се расонуваат од заглавување на свирка претходната вечер...

За некои е речиси ручек време, веќе се вратиле од рекреативното возењето со точак...

Но за сите љубители на точакот како превоз, на музиката и на велосипедските авантури, оваа сабота во 12:00 ќе биде ВЕЛО – МАТИНЕ.

Ќе уживаме на терасата пред МКЦ во музичкиот перформанс од рокенрол легендата Сецко, малку невообичаен за него, оставаме да нé изненади.

Ќе слушнеме за битките со дождот и самиот себе на Сергеј при неговото патување со лежипед до Будимпешта, а исто така и за тоа како е да учествува на најголемата Критичната маса во Европа заедно со десетици илјади велосипедисти...

И обајцата ќе ни кажат збор-два за нивната дружба со велосипедите... од интересни моменти од личното минато до желби кои ги имаат за едно идно Скопје.

Патем ќе ја најавиме и 5-то роденденската Критична маса во Скопје која ни претстои на 31-ви мај.

Да поминеме едно поинакво вело-дружење.

Ве очекуваме на Вело-Матинé на 27-ми мај, се разбира, на точак!



20 May, 2017

Критична маса #61: Скопје, стани за 5-ка!

Датум: среда, 31.05.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај на КМ / почеток на роденденска забава: 19:00, Школка, Градски Парк
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------
Музика: DJ Shurbe, DJ Slave, Dj Goce
Велоизложба (повик)

---------------------------------------------------------------------
Постерот за КМ 61
5 години ги шараме улиците заедно преку велосипедските возења наречени Критична маса. Илјадници граѓани се појавија, некои еднаш, некои повеќепати, некои и не пропуштаат Критична маса! Паралелно со Критична маса, водевме и институционална битка, работевме на кревање на свеста кај граѓаните, но ги бомбардиравме со дописи градската администрација и други институции.

За овие години Критичната маса за вело-промени порасна и промените веќе почнаа да се случуваат. Зад нас се 60 критични маси без пропуштање ниеден месец и неколку вело-победи. Можеме да прославиме и да си честитаме едни на други!
 

Ставовите и навиките ни се менуваат низ времето и влијаат на градот и културата во него. Оттука секој човек на точак плус е позитивна промена. Нашите (не)акции го градат градот и го прават подобар или полош за живот. Оттука, секој активен граѓанин плус (без оглед дали праќа пријави или прима пријави), уште поактивно ја менува големата слика. Гледаме дека дека работите во вело-смисла почнаа да се поместуваат кон подобро. И тоа го правиме сите ние заедно, секој придонес е важен во сложувалката.
 

Ве покануваме постигнатото во овие 5 години да го прославиме заедно.
 
И да порачаме дека ова е само почеток, дека ни од далеку не е доволно, дека мора да продолжиме како критична маса да растеме! 

Во овие 5 години змејчето Скопје учеше (и некои работи добро ги научи):
 
-дека може да се вози споро и свесно на велосипедски настан (критична маса) без тркање, туку со уживање
-дека Скопје е идеален за точак!
-дека точак не е само спорт, туку и секојдневен превоз за сите
-дека градот има велосипедски простор кој треба да се доведе во возлива состојба
-дека градот треба да вложува и во нова велосипедска инфраструктура
-дека за точак се слеани рампи, а не трескави рабници
-дека треба да си го бараме просторот што ни следува!
 
-дека кога сме упорни и посветени, промени се случуваат!

Следните лекции за Скопје се на тема:
-предност и почит кон ранливите учесници во сообраќајот
-успорување на сообраќајот со инфраструктурни решенија
-велосипедски ленти низ маалските (општински) улици
-заштита од паркирање на пешачките/велосипедските површини од полицијата или комунални служби
-повисоки стандарди на изработка и одржување на вело-инфраструктурата
-пошироките улици за коли - извор, а не решение на проблемите
...
 
Ни остана и најголемата лекција - здравјето, животната средина, човечкиот живот да бидат водилка во било какви планирања на сообраќајот во градот.

Ни останаа уште многу лекции за учење, најпрво како граѓани, учесници во сообраќајот, одговорни министри, градски администрации и вело-активисти. Полека ги совладуваме.
 
И сигурни сме дека еден ден ќе нè има повеќе на точак! Ќе има повеќе велосипедски патеки! Ќе има поинакви, посвесни политики и Скопје ќе биде многу подобар град, град за 5-ка! 

Да го прославиме заедно постигнатото во овие 5 години и да се охрабриме за уште повеќе!
 

Извадете ги точаците, и да не сте нè дружеле претходно, ова е приликата да ја осетите атмосферата на Критична маса!
 

СКОПЈЕ, СТАНИ ЗА 5-КА!

--------------------------------------------------------------

Дојди и ти и придружи ни се!
Остави ја колата на овој убав велосипедски празник.
31-ви мај не се преседува дома!
На 31-ви мај улиците ќе им припаднат на граѓаните кои се движат на точак, зашто Скопје ќе стане за 5-ка!

Во парк нè очекува забава со DJ-и, но нè очекува забава и по улиците...Секој од нас може да придонесе да биде помасовна и поголема.
Смислете како, организирајте се…
Украсете ги точаците со борбени, со славенички, со велосипедски пораки.
Понесете си звучник, труба, радио, жива музика. Или поддржете нè додека поминуваме по вашата улица. А доколку изработувате вело-ствари, може да ни пишете и да ги изложите… Повик на линк-от.
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 60 пати возеа масовно по скопските улици, на 60 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 61-ви пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

Промотивни материјали КМ #61: Скопје, стани за 5-ка!

[дизајн: Тхе Мичо]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #61 и за 5-тиот роденден, а на Михајло Димитриевски, Тхе Мичо, му благодариме за илустрирањето на змејчето кое стана за 5-ка :)
Станете и вие!

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.psd)
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:
  • Facebook cover:

  • Facebook event cover:

  • Twitter cover:

  • Банери:
300 x 250
500 x 500

980 x 100

990 x 80


990 x 150

990 x 150