27 January, 2015

Пристапност на објекти - ГТЦ - крај на Критична маса #33

Јануарската Критична маса, 33-та по ред, ќе почне од Плоштадот Македонија во среда 17.30 часот, а ќе заврши на првиот кат од ГТЦ.
Секојпат одбираме карактеристичен крај со кој сакаме да ја одбележиме темата. Но овој пат е малку поинаку. Зошто токму првиот кат на ГТЦ? Затоа што сакаме да покажеме дека треба да се обрне внимание на рампите во Скопје.
Пристапноста е многу важна тема при креирањето на инклузивен град во кој сите граѓани ќе се чувствуваат како дома, без оглед на нивните можности и способности или избор. 
 
 

Одамна ја имавме оваа идеја за крајна точка, а во неколку наврати беше предлагана од учесници на Критична маса, па сега искористивме тема која не бара специфичен крај :) Темата на КМ 33 е: „Не, не ми студи!“, поттикнати од вечното прашање: „Па добро бе, не ти е ладно НаТочак?!?“ и истовремено со цел да поттикнеме и оние кои не возат точак во зима, да пробаат.
Скопје знае да биде неподносливо жешко, но не и неподносливо ладно. Врз нашето субјективно чувство повеќе влијаат драматичните најави за поларна зима и претставата за јануари, а не дека е надвор навистина толку студено. Повеќе за темата прочитајте тука.
Не ни студи да возиме точак, не ни студи ни во отворениот и пристапен ГТЦ, пријателски за точаци, во кој често сме се засолниле од дожд со нашите љубимци, точаците, низ кој слободно може да се скрати пат (со туркање) од Жена Парк до Кеј, во кој има какви-такви паркинзи за точаци и кој, најинтерeсно за нас, ги има веројатно најмаркантните пристапни рампи во градот. Не само по изглед и израз, туку и по висината до која овозможуваат пристапност. Не те подигнуваат некои си 50-ина cm до 1 метар како што обично бидува, туку те подигнуваат цели 2 ката, еден под земја и еден над земја и тие катови, како ретко каде, се пристапни и со инвалидска количка и со бебешка и со точак!
Пристапноста е тема која дополнително ќе мора да ја обработиме, но овојпат сакавме да го привлечеме вниманието на напредноста на проектот на ГТЦ и важноста на тие рампи како визуелен белег и силна визуелна порака дека треба да се мисли на сите корисници на просторот.
Не само објектите, туку уште повеќе и улиците, тротоарите, плоштадите, јавниот простор треба да бидат пристапни за луѓето на тркала на сопствен погон: луѓето во инвалидски колички, луѓето со бебешки колички, луѓето кои се превезуваат на точак, па и луѓето кои пазарат со рачни колички. Треба наместо рабници, да се поставуваат рампи на поврзувањата/денивелациите и треба пред сè патеките да се ослободат од нелегално паркираните возила.
Градот треба да ги поддржи сите овие начини на транспорт со тркала, не само поради потребите на тие луѓе, туку и за доброто на сите останати. Град кој е пријателски спрема одредена група (во случајов учесниците во сообраќај на немоторизирани тркала) е подобро место за живеење за сите, место во кое и учесниците на немоторизирани тркала може да се реализираат и придонесат, а дополнително и не загадуваат, зашто се движат со сопствена сила. Градот треба да овозможи простор и услови за нашето движење зашто е природно и незагадувачко, место со постоечките услови да нè поттикнува да се движиме со кола (само тоа движење може непречено да се одвива моментално во него).

Да се вратиме на Критична маса 33. Бујрум на Плоштад Македонија во среда 17.30 часот.
Бидејќи ќе бидеме многу, ги туркаме точаците по рампите на ГТЦ и завршуваме на првиот кат каде нè очекува чајче :)

0 comments:

Post a Comment