Showing posts with label најаваКМ. Show all posts
Showing posts with label најаваКМ. Show all posts

23 September, 2018

Критична маса #77: Безбедни зони околу школите

Датум: среда, 26.09.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, ОУ 11 Октомври
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------
Постерот за КМ 77
„Зона школо“ е зона во непосредна околина на школите во која е голема веројатноста да се појават мали човечиња. Децата се ниски, а со тоа помалку видливи и имаат непредвидливо движење. Тоа не значи дека треба да загинат од сообраќај. Имаат право да живеат и безбедно да стигнат до училиште и да се вратат дома, дури и самостојно. Затоа е неопходно споро движење на моторни возила во овие зони, за да може навреме да се реагира или пак повредите да не бидат големи при евентуален удар.

Затоа, речиси во целиот свет зоните околу школите имаат посебен третман: имаат помали брзински ограничувања (30, 20 или дури и 10 km/h), имаат физички мерки за смирување на сообраќајот, се користат посебни знаци.

Во некои држави, казните за брзина на возење над ограничувањето, за паркирање на пешачка патека, за двојно паркирање или недозволено запирање, во околината на школите се и двојно поголеми во споредба со казните на друго место.
Има градови каде во утринските и попладневните часови кога децата почнуваат на училиште и кога завршуваат, полициски или цивилни лица со соодветни ознаки го регулираат сообраќајот околу школите. Има градови и каде моторниот сообраќај на улицата пред влезот во тие часови е целосно забранет. Пред школото се очекува сите деца без оглед како патуваат од дома/до дома првиот дел од патувањето секако да го направат пеш: сите мора да се појават на влезот, на тротоарот, на улицата пред школото, па да го продолжат патувањето пеш, со точак, со кола, со автобус.
Затоа оваа зона како најосетлива има посебен третман. Во таа зона, дури и на оние деца кои во име на заштита од сообраќајот родителите ги превезуваат со кола, безбедноста им е загрозена од други слични возила на родители.
Студиите за однесувањето на возачите во “Зони школо“ покажуваат многу мало почитување на сообраќајните знаци и генерално непочитување на сообраќајните правила, особено затоа што родитетлите во брзање да ги остават своите деца пред да заминат на работа, честопати ги заобиколуваат правилата и условите на улицата. затоа е неопходно и со физички мерки и со присуство на регулирачи на сообраќајот да се обезбеди заштита на животот на најмалите.

Во нашата регулатива постои термин “Зона на смирен сообраќај“ како можност, но начинот на нејзиното спроведување ретко се случува и со сообраќаен знак, камоли со физички мерки на смирување. Во 2015-та на пример, беше воведена т.н. Зона 30 во Дебар Маало, но не видовме на терен ни една мерка која што ќе обезбеди движење со брзини под 30 km/h како што налага зоната. Напротив, по дел од улиците се уште се вози многу брзо, пристапуваат тешки товарни возила итн. Што воопшто не одговара на карактерот на една “зона на смирен сообраќај“ Исто така не е битно само влезот на школото да биде обезбеден. За основни школи потребни се и БЕЗБЕДНИ ПАТЕКИ до школото.
Обично школите опфаќаат географски регион во одреден радиус. Задача на општините и Град Скопје е да обезбедат на било кое дете од било кој дел на тој регион кој школото го покрива, да има безбедена проточна незафатена со возила и други пречки патека од нивниот дом до школото. Премините преку улица на споредни улици да бидат со издигнувања, а на поголемите улици да не преминуваат повеќе од 2 ленти одеднаш и да се појавуваат заштитни острови. Ваквите мерки би поттикнале повеќе деца да одат на училиште пешки или со точак, би се избегнале гужвите околу школите, би се зголемила безбедноста, би се подобрило и здравјето на децата.


Во Словенија пред само 15 години 75% од децата пристигнувале на училиште на активен начин, пешки или со точак, денес обратно 75% пристигнуваат со кола. Дури 20% од нив имаат прекумерна тежина, а тоа е само една од последиците од автоцентричното планирање. Немаме точни бројки, но трендовите се слични насекаде, па и кај нас. Затоа се донесуваат планови за развој на одржливата мобилност - SUMP. Во Словенија, ⅓ од општините веќе имаат. Во Македонија има само Скопје од 2011 година, но за жал не е реализиран. Овој план опфаќа и безбедни зони околу школите со физички мерки на смирување на сообраќајот, но во последнава деценија, спротивно на планот, се вложуваше во услови за уште поголеми брзини, место за поголема безбедност. Да го парафразирме Фред Кент „Ако планирате градови за коли и брзина, ќе добиете коли и брзина. Ако планирате град за луѓе и безбедност, ќе добиете луѓе и безбедност“.

Бидејќи септември е месец кога погледите се свртени кон училиштата, но и бидејќи следните месеци ќе се донесуваат планови за следната година, со оваа Критична маса сакаме да актуелизираме неколку теми:
1.Важноста од пристигнувањето на школо со пешачење / возење велосипед или тротинети за здравјето на децета, расположението, запознавањето на околината во која живеат и учат
2.Н
епходноста Градот да донесе стратегија за безбедни зони околу училиштата и со физички мерки за успорување, светлосна и друга сигнализација да им даде до знаење на возачите во каква зона се движат
3.Неопходноста МВР (или идна градска полиција) да даде особено значење на зоните околу школите со своето присуство и регулирање таму
4.Потребата Министерство за образование да воведе сообраќајно теоретско и практично образование во школите. Секое дете во фази во различни одделенија (теорија во уличница, возење точак во школски двор, па на полигон, па на улица) да ги изучува правилата за учество во сообраќајот и особено пешачењето и користење на велосипедот.
5.С
овесното и смирено неагресивно возење на возачите, особено во зони околу школите, но и насекаде низ градот. Сметаме дека за ова нема да имаат ефект посебни кампањи, туку со спроведувањето на точка 2 и 3, однесувањето на возачите по автоматизам ќе се смири.

Деновиве во Facebook настанот ќе објавуваме зошто оваа Критична маса поминува низ улици пред градинки, основни и средни училишта и какви се условите на тие улици.


Се радуваме на секое точаче плус заклучено во школските дворови, се радуваме на секое дете кое испешачило од дома до школо и се сретнало со цел еден свет.
И сакаме секое од тие деца да имаат шанса да пораснат и да не бидат невини жртви на агресивен, несериозно третиран сообраќај од страна на институциите. Бројот на жртви е пропорционален со степенот на системска неодговорност, а безбедноста со преземањето системска одговорност.
Да не слушаме веќе за нови жртви деца.
Возиме за нула жртви во сообраќајот.

Возиме за безбедни зони околу школите!

--------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 76 пати возеа масовно по скопските улици, на 76 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 77-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
---------------------------------
*Секој учесник вози на своја одговорност.

27 August, 2018

Критична маса #76: Од Ден без автомобили, до град за луѓе.

Датум: среда, 29.08.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, Социјален велосипедски центар Педала
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------


постерот за КМ #76

Замислете улици без врева од автомобили, замислете град со повеќе простор во него, без самиот тој да се шири, замислете улици кои поврзуваат луѓе, а не само пренесуваат… На еден ден, оставете го автомобилот на паркингот и движете се низ градот пеш, со велосипед, автобус и доживејте го јавниот простор на поинаков начин.

Многу градови ширум Европа ќе ги затворат своите улици за движење на автомобили за еден ден во септември, како дел од кампањата Ден без автомобили (Car - Free Day) во рамки на овогодишниот European Mobility Week. Започнувајќи од 22 септември 2000 година, кога 760 градови ширум Европа го поддржаа организирањето на Ден без автомобили, секоја година учество земаат и нови градови јасно покажувајќи дека започнуваат план кој ќе ги менува нивните градови во однос на транспортните политики. Дека имаат план во кои предност ќе има квалитетниот живот на луѓето.

Денот без автомобили е ден кога се слави здравиот транспорт во еден град. 

По примерот на Љубљана, Лисабон, Лондон, Копенхаген и многу други градови во Европа, бараме да се одржи Car - Free Day (Ден без автомобили) и во Скопјe. По примерот на другите градови, првенствено се започнува со затворање на само неколку улици во градот само на еден ден, за потоа во секоја наредна година бројот на тие улици да се зголемува. Целта е да се поттикнат граѓаните да макар за еден ден да ги остават своите автомобили и да размислат за користење на здрав транспорт како што е одење пеш, возење на велосипед или користење на јавниот превоз. Денот треба да ги поттикне граѓаните да замислат еден поинаков град кој ќе биде во функција на луѓето, а не на автомобилите. 

Навидум еден ден нема ништо да промени. И тоа навистина е така ако тој ден не предизвика размислување дека може поинаку. Дека можеме поинаку. Дека градот може поинаку. Градските власти, политичарите, компаниите, граѓаните можат поинаку. Дека ЈАС можам поинаку. Тргувајќи од себеси, секој од нас може преку менување на личните практики да го менува духот на својот град.

Денот без автомобили е ден во кој треба секој од нас да размисли дали ова е градот каков што сакаме да биде. Но идејата не е само како да го промениме тој ден туку како тој ден да би почеток за промените во иднина. За градот тоа треба да биде ден во кој ќе се презентираат идеи поврзани со здравата транспортна политика. Тоа е и ден во кој ќе се презентира како е поубаво да изгледа градот. Улиците да бидат полни со луѓе, а не автомобили. Улиците да бидат место каде луѓето ќе се среќаваат, разговараат, забавуваат, каде децата безбедно ќе играат. Ајде за еден ден да ги стишиме автомобилите и да ги пуштме на најјако детскиот џагор, уличната музика, комшиските муабети, насмевките…. Да го живееме овој град!

НаТочак предлага на секоја општина во Скопје, на 22 Септември (сабота), да затвори за автомобилски сообраќај една улица која е во надлежност на општината, но и да подготви програма и да организира активности за граѓаните (со локални уметници, музичари, здруженија и сл.) на таа улица во текот на денот, со што ќе ги мотивира да дојдат и да се задржат на таа улица, за да ја доживеат на поинаков начин. Секако, самите граѓани треба претходно да бидат добро информирани и запознаени со целта на денот, со активностите кои ќе се преземат и за затворањето на улиците.

Ги охрабруваме градските власти овој ден да им покажат на своите граѓани визија. Да ги уверат дека имаат план за овој град. И тој план е зелен, чист, хуман. Дека е наменет за луѓето. Дека нивните заложби се вистински и искрени заложби, а не само празни зборови.
Ги охрабруваме политичарите да покажат дека се современ модел на политичари кои со своите размислувања се чекор пред нас граѓаните. Дека се лидери. А тоа значи дека политиките со кои раководат треба да бидат во насока на поздрав живот во градовите.
Ги охрабруваме и компаниите да ја покажат својата општествена одговорност. Во околината во која делуваат да покажат дека се грижат. Да ги охрабрат своите вработени во користењето на здрав транспорт. Тоа може да биде безбеден вело-паркинг за своите вработени или награди за оние кои користат јавен транспорт, велосипед или доаѓаат пеш.
Ги охрабруваме и граѓаните да се соочат со своите изговори. Во промената кон подобро на овој град да тргнат од себеси. Но и да го кренат гласот и да си го побараат градот назад, затоа што тој на нив им припаѓа. На нивните животи.

Дојдете во среда, на 29 август, во 17.30 часот, заедно да ја извозиме 76-тата Критична маса и да побараме одржување на вистински Ден без автомобили!
---------------------------------
-----------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 75 пати возеа масовно по скопските улици, на 75 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 76-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------

21 July, 2018

Критична маса #75: Каков коктел сака Скопје?

Датум: среда, 25.07.2018
Почеток: 19:00, Tранспортен центар, Станица на ЈСП, прва 22-ка
Крај: 20:00, Парк Лисиче
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------

-Келнер, еден коктел ако може.
-Каков сакате?
-Каков што ќе се направи сам.
Не, не нарачувате така коктел.
Уште помалку сообраќајните политики во градот ги оставате да си се искомбинираат сами.
постерот за КМ #75

Ниту луѓето во Скопје преферираат автомобили сами по себе, ниту луѓето во Копенхаген преферираат точаци сами по себе, Ниту луѓето во Варшава - јавен транспорт сами по себе.
Го преферираат тој превоз зашто градот го направил тој избор да е најбрз и најпрактичен. Обезбедил најдобра инфраструктура за него, вложил најмногу во услови за тој тип на транспорт.
И за пијалокот коктел и за сообраќајниот коктел потребен е рецепт, потребно е внимателно дозирање на состојките.
Каков е рецептот на Скопје?
Рецептот на Скопје е базиран на автомобили.
Во Скопје нема посебни автобуски ленти, во Скопје нема брз јавен превоз (било тоа да е трамвај или bus rapid transit), во Скопје нема организиран автоматизиран јавен велосипедски превоз, а уште помалку може да се размислува за комбинирање на различните типови транспорт.
Во Скопје од широки булевари со 3 ленти во секоја насока со мноогу автобуски линии кои минуваат по нив (пр. Партизански одреди), ниту една лента не е посветена на јавен превоз.
Во Скопје има булевари кои немаат функционални пешачки и велосипедски патеки (пр. Борис Трајковски и Цветан Димов). Има простор за 2 или 3 ленти во насока за автомобили, а има тесно тротоарче за мешање пешаци и велосипеди кое често е окупирано со паркирани возила.
Не мора ни да објаснуваме како е на споредните улици.
Сеопшт паркинг!
Сето тоа е резултат на политички и планерски одлуки, не е коктел кој се создал самиот од себе.
Од донесувачите на одлуки и планерите зависи како ќе биде распределен постоечкиот уличен простор. Она што се гради и планира во моментот не е за сегашните потреби, туку за идниот микс!
Многу често политичарите и планерите кои не гледаат визионерски поаѓаат од тековната ситуација:
-Ах, па имаме само 2% велосипедски сообраќај, нема потреба многу да вложуваме за велосипеди.
-Ах, па луѓето во Скопје преферираат автомобили место јавен превоз, ај ќе вложиме во дополнителни ленти за коли, место во брз јавен превоз…
-Ах, па им фали на луѓето паркинг, греота е да ги симнеме од тротоари…
Ова се тесни размислувања кои го продолжуваат статус квото и кои од градот прават еден коктел од загадување, бучава, метеж, небезбедност, нездрави навики. За среќа размислувањата полека се менуваат, тротоарите се ослободуваат, велосипедските патеки се оспособуваат.
Но можеме и уште подобро!
Потребна ни е визија за поинаков, позелен, пошарен, поосвежителен микс!
И градови со потесни улици од скопските успеале да направат позелени миксови.
Не е до широчината на улиците, туку до приоритетите.
А од нас зависи да кренеме глас! За добар коктел! ;)
Се гледаме во среда oд 19:00 (летно сметање на КМ) на Критична маса #75.




Симболично, оваа Критична маса тргнува од Транспортниот центар (поточно станица на ЈСП, прва 22-ка) кој треба да стане Транспортен центар во вистинска смисла на зборот, мултимодален и интермодален hub, место каде ќе се разменуваат различни начини на превоз: меѓуградски автобуси и возови, градски автобуси и возови, велосипеди
Во приказната на Транспортен центар недостига станица за изнајмување на велосипеди и недостига паркинг/гаража за паркирање лични велосипеди.
Возиме по Јане Сандански, доволно широк булевар кој комотно може да обезбеди специјална лента за автобуски превоз (или друг тип брз јавен превоз). Пешачка, велосипедска патека има.
Возиме по Коста Новаковиќ, маалска улица каде прават огромен крижен тек кој не е пријателски за пешаци и велосипеди.
Возиме по 3-та Македонска бригада, скоро проширен булевар со минимум простор за пешаци и велосипеди.
И возиме по кејот на Вардар, своевиден велосипедски автопат кој има потенцијал да ги поврзе западниот и источниот крај на Скопје доколку се “пополни“ делот кој недостасува во Хром и доколку се отвори прекинот во Центар. Се разбира и доколку логично се поврзат и останатите патеки со него со благи и комотни рампи.
Завршуваме во еден не толку познат парк во Лисиче, како дел од нашата постојана мисија во овие 6 години на откривање и користење на различни јавни простори.


--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 74 пати возеа масовно по скопските улици, на 74 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 75-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------

24 June, 2018

Критична маса #74: Дрвјата се наша клима!

Датум: среда, 27.06.2018
Почеток: 19:00, Плоштад Македонија Крај: 20:30, Музеј на современата уметност
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------
Жежок летен ден. Сончето пече. Градот асфалтиран гори.
Сцена 1:
Треба да завршам некоја работа низ центар. Пешки сум. На булеваров Климент Охридски некогаш имаше дрворед и пошироки патеки за пешаци. Денес има 6 ленти за коли. Пекол. Жешко, бучно, загадено, непријатно. Нема да одам од тука, ќе свртам одоколу по споредните улички. Некои се прашуваат зошто луѓето не пешачеле и не возеле точак по овој булевар, локалите на него не биле веќе атрактивни... Хм...
Сцена 2:
Возам точак накај Драчево низ Кисела Вода по Борис Трајковски. Овој автопат ни го продаваат под име булевар само зашто имал 4 коловозни ленти, а нема велосипедски патеки, пешачките се минимални и окупирани, нема ни дрвореди. Па велат во Кисела Вода помалку се возело точак отколку во други населби, чудно. Хм...
Сцена 3:
Се враќам од работа. Треба да возам по Партизански одреди од центар кон запад… Температурите над асфалтот се над 50 степени. И на велосипедската патека во моја насока не е поразлично… Имам 3 избора: да возам на пешачката која е цел ден под сенка од дрвјата или да возам на велосипедската од другата страна во спротивна насока, и таа е исто така посвежа од оваа, или пак да возам во точната насока на патеката која е на припек и да ризикувам да ми е лошо… Не им текнало на планерите дека тука цел ден ќе пече сонце... А имале само една работа, да мислат на оние за кои планираат.. Можеле дрворедот да го постават меѓу патеката и коловозот...
--------------------------------------------------------------------
Постерот за КМ 74
Како се чувствувате кога пешачите, возите точак, користите автобус во овој град? Постојано во конфликт едни со други (и си се обвинуваме, место да ги обвинуваме оние кои несоодветно испланирале), постојано под опасност од автомобилите, постојано во непријатни услови: стеснети, неугледни, блокирани, непријатни, а во лето згора не сè и жешко!
Слепата воодушевеност од автомобилот и автоцентричното планирање си ја зедоа цената. Автопатишта среде градови (понепремостливи и од реки), ги разделија како граници маалата. Градовите станаа места каде се умира од обично движење со сопственото тело. Се вози брзо и се бара простор повеќе и за движење и за паркирање на автомобилите зашто сите само на тој превоз можат да се ослонат (тоа е она на кое најмногу мислел градот). Нема специјални ленти за автобуси иако со најголемиот капацитет највеќе заслужиле. Нема пешачки патеки насекаде или се окупирани со возила (а пешаци се 100 % од населението, за разлика од било кој друг превоз). Велосипедски патеки има само на неколку булевари, само неколку десетици километри од стотици километри улици низ Скопје.
Дрвјата исто така често страдаа во тоа автоцентрично планирање или па беа несоодветно планирани. Во автоцентричното планирање, ако треба да се реши метежот, не се пуштаат повеќе автобуски линии, не се обезбедуваат специјални автобуски и велосипедски ленти, туку се бара коловозна лента повеќе и секогаш прво на удар е зеленилото. А ако воопшто се планира зеленило, во автоцентричното планирање, планерите повеќе мислат на зелениот простор како шанса за разделување на насоките на движењето на автомобилите, да се овозможат поголеми брзини, па кога мора ќе одземат од зеленилото за лево свртување. Така направија на бул. 3 Македонска Бригада во Аеродром. Нема зеленило кое ќе ја заштити пешачко-велосипедската патека, но има средишно зеленило… Кому му е попотребно?
Во автоцентричното планирање некогаш не се обезбедува ни минимален простор за одржливите начини на превоз, а кога воопшто се обезбедува не се мисли воопшто тој простор да се направи удобен за оние кои немаат оклопи, немаат клима уреди, кои зависат целосно од надворешните услови: пешаците, оние кои возат точак и оние кои чекаат автобус.

За среќа, денес, се случува освестување во светот, се согледуваат последиците по безбедноста, по метежот, по загадувањето, по здравјето, по квалитетот на живот, па и по локалните температури кога целиот простор ќе се асфалтира и ќе им се подари само на автомобилите.
Денес постојат термини како МУЛТИМОДАЛНО ПЛАНИРАЊЕ, планирање во кое се посветува внимание на сите начини на превоз и каде на сите начини на превоз им се доделува простор од улицата, така се намалува и метежот, зашто сите начини на превоз обезбедуваат поголем капацитет од автомобилот во истиот простор. Така останува и повеќе простор за зеленило!

Денес актуелни се и термини како КОМПЛЕТНИ УЛИЦИ. Ако улицата не мисли на сите, ако не им овозможи на сите граѓани од сите возрасти и способности како безбедно и удобно да пешачат, да возат точак, да користат јавен превоз, да ја преоаѓат улицата итн, тие НЕ СЕ КОМПЛЕТНИ. Комплетноста вкклучува и соодветно планирање на зеленилото.
Денес постојат термини како ЗЕЛЕНА ИНФРАСТРУКТУРА. Дрворедите се сметаат како една од задолжителните инфраструктури на улиците, особено на булеварите.
Ниту пешачките, ниту велосипедските патеки, ниту зеленилото се декор кој треба да се постави во неискористениот простор кој ќе остане откако ќе се направи тортата (што поширок простор за автомобилите).
Зеленилото и сообраќајот мора да се планираат паралелно, од самиот почеток на проектот, ако навистина како град имаме визија луѓето повеќе да пешачат и да возат точак.
Некаде во светов имаат проблем со снегови и ветрови, ниски температури во текот на голем дел од годината и се борат со подобра облека, ние тоа го немаме. Цела година е пријатно, но во лето го имаме топлото време кое во комбинација со преасфалтираниот град ги подигнува дополнително температурите (ефект на urban heat island). Тоа е предизвикот за Скопје! Како да ги симне температурите за пешачењето и возењето точак да станат возможни и пријатни во жешките лета.

Има огромна разлика меѓу патеки кои се изложени на сонце и покрај кои има дрвореди од соодветна страна. Затоа и луѓето ги бираат вторите, често правејќи и прекршок, само да се спасат од жешкото.
Сметаме дека зеленилото треба да ги следи речиси сите пешачки и велосипедски патеки во Скопје како град многу топол во лето, особено оние патеки кои се изложени на сонце од јужната страна. Зеленилото ни прави пријатна и освежителна сенка, ни одржува пониски температури, подобра влажнот, посвежа микроклима кога пешачиме, кога возиме точак, кога чекаме автобус.
На дрвјата обично ни текнува во зима кога е загадено.
Но покрај дрвја е убаво и во пролет кога цутат, и во есен кога паѓаат лисјата.
Но дрвјата не се значајни само за естетиката или само за прочистувањето на воздухот и борбата со климатските промени, туку и во регулирањето на микроклимата локално и правењето на градот попријатен за пешачење и возење точак, па и за чекање автобус. Кога сме пешки или на точак немаме оклопи, немаме климатизери, не трошиме фосилни горива за да се ладиме.
Дрвјата ни обезбедуваат сенка, ладовина, свежина.
ДРВЈАТА СЕ НАША КЛИМА!

Затоа и им ја посветуваме оваа Критична маса. Ќе возиме по следнава рута:
--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 73 пати возеа масовно по скопските улици, на 73 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 74-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------