НаТочак заедно со други велосипедски организации и иницијативи испратија допис до Македонски железници во кој бараат да прекине забраната за превоз на велосипеди во возовите преку изнаоѓање на решение за обезбедување простор за велосипедите и апелираат да се внимава на овој аспект при набавката на нови возови.
Документот е достапен на линкот, а содржината исто така и во продолжение.
------------------------------
До: Македонски Железници Транспорт АД
Почитувани,Ви се обраќаме по повод објавената информација во месец aприл 2016 г. во соопштение на Железничката станица во Скопје, дека во возовите на МЖ Транспорт АД се исклучуваат од превоз велосипедите. Добивме реакции од повеќе граѓани дека биле вратени од железничките станици со нивните велосипеди. Железницата како дел од целокупноста во синџирот на превоз треба да понуди решение за интегриран превоз на велосипеди, по примерот на трендовите во развиените земји, но и земјите од регионот.
На 8 декември испративме Допис преку е-мејл до вас со наслов „Барање за информација од Македонски Железници“ со неколку прашања (дали е дозволен превозот, дали има специјален простор за велосипеди и колку чини). На 23 декември 2015 добивме одговор од вас дека во новите возови нема специјални места, но е дозволен превоз на велосипеди и дека цената е 41 денар. Но, неколку месеци подоцна се испостави дека сепак превозот на велосипед во возовите не е дозволен иако има голема заинтересираност од граѓаните за комбиниран транспорт.
Комбинирањето на велосипедскиот со јавниот превоз има предности и за: јавниот превоз (ќе ја зголеми достапноста до автобусите/возовите), во полза е и на велосипедскиот превоз (ќе ги продолжи прифатливите дистанци), на животната средина (ќе се намалат штетните емисии поради зголемување на привлечноста на овие 2 превозни средства наспроти автомобилите), на туризмот (ќе ја зголеми понудата за дестинации за туристите).
Се надеваме дека ќе успеете како раководство да ги согледате овие предности и да најдете решение за превоз на велосипедите кај возовите кои моментално сообраќаат: со разместување, со флексибилни седишта на отворање, со држачи, со додатен вагон итн.
Во некои држави се наплаќа услугата, а во оние кои се фокусирани на унапредување на велосипедскиот сообраќај оваа услуга не се наплаќа дополнително, пракса која ве охрабруваме да ја следите и вие.
Апелираме при набавката на следните возови, во спецификацијата на тендерот да се наведе и посебен простор за велосипеди и крупен багаж.
Ние како организации кои се залагаме за подобрување на условите за користење на велосипедот како превоз таквиот потег отворено и јавно ќе го поддржиме и ќе помогнеме во промоцијата на таа услуга на Македонски железници.
Со почит,
НаТочак - Скопје
БитолаНаТочак
ПрилепНаТочак
ГостиварНаТочак
ШтипНаТочак
Здружение на граѓани Центар за одржливи инцијативи - Скопје
Велосипедски кружок „Милтон Манаки“ - Скопје
[Критична маса #50 ја опфаќа оваа тема на комбинирање на велосипедски и јавен превоз.]