25 November, 2016

Промотивни материјали КМ #55

[дизајн: Томи Џуровски]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #55, а на Томи му благодариме за прекрасната илустрација на оваа тема, заедничка за повеќе градови.
Метеж или ред; јавни простори за коли или јавни простори за луѓето; сива стварност или жива стварност? Изборот е наш. Избери точак!  



МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ И ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење, тука (png)
  • Постер, верзија за веб:

  • Facebook cover:

24 November, 2016

Визија за Македонија на точак

Во пресрет на Парламентарните избори, НаТочак-Скопје заедно со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, СтрумицаНаТочак и Штип НаТочак испрати документ до политичките партии со име „Визија за Македонија на точак“.

Документот во
pdf е достапен на следниот линк, а како текст во продолжение на текстот од пораката која им беше упатена на партиите по е-mail.
Пораката е испратена до партиите од кои најдовме е-mail на интернет (по азбучен ред):


Алијанса за позитивна Македонија - АПМ
Алијанса на Албанците
Беса
ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство
Вмро НП
Граѓанска опција за Македонија-ГРОМ
Движење за реформи
Движење на национално единство на Турците
Демократска обнова на Македонија - ДОМ
Демократска партија на Албанците
Демократска Партија на Србите во Македонија
Демократска Партија на Турците на Македонија
Демократска унија за интеграција
Демократски сојуз

Демократски сојуз на Власите од Македонија - ДСВМ
Достоинство
Коалиција за Промени и Правда– Трет блок

Левица
Либерална партија
Либерално Демократска Партија - ЛДП
Македонска Алијанса
НДП
Обединети за Македонија
Партија за демократски просперитет
Партија за Европска Иднина - ПЕИ
Партија за интеграција на Ромите
Партија за целосна еманципација на Ромите - ПЦЕР
Партија на обединети демократи на Македонија
Работничко Земјоделска Партија на Република Македонија
Роми Обединети од Македонија
Сојуз на Титови Леви Сили
Социјалдемократска Унија
Социјалдемократски сојуз на Македонија - СДСМ
Социјалистичка партија на Македонија
Унитет
ФРОДЕМ



-----------------------------------------------------
Почитувани, 

По анализа на достапните изборни програми за Парламентарните избори 2016, се чувствуваме должни да реагираме.
Урбаниот велосипедизам речиси комплетно е изоставен од Вашите програми. Велосипедот, доколку воопшто е спомнат, е речиси исклучиво дел од проектите за спорт, рекреација или туризам. 

Со оглед на сите проблеми со кои се соочуваме како општество, сметаме дека е крајно време сериозно да му се пристапи на проблемот и урбаниот велосипедизам да се стави примарно во категорија транспорт и да му се посвети должното внимание заедно со другите начини на одржлив транспорт (пешачење и јавен превоз).

Веќе 1 до 4 и пол години (зависно во кој град) во Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Струмица и Штип укажуваме на предностите од поголемо користење на велосипедот во сообраќајот и потребата од соодветни инфраструктурни и безбедносни предуслови за промената да се случи.
Нашите предлози и барања во континуитет ги комуницираме пред сè со институциите на локално ниво (градските власти), потоа со надлежните министерства и други институции на национално ниво (ДЗС, РСБСП итн).

Конкретните сообраќајни планови се врзани за локалната самоуправа и затоа планираме да го направиме истиот потег и во контекст на локалните избори. Но законската рамка, правилниците, буџетот, како и работата на некои државни институции е повеќе работа за Парламентот и извршната власт на национално ниво.
Затоа, решивме да Ве контактираме како партија која фигурира на избирачкиот список за Парламентарните избори во 2016-та со цел да посочиме конкретни
предлог мерки кои може да Ви послужат како основа за дополнување на Вашата програма.


Со почит,

НаТочак- Скопје, БитолаНаТочак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовонаТочак, ШтипНаТочак и СтрумицаНаТочак
-здруженија на граѓани кои ги промовираат предностите од користење на велосипедот како превозно средство и се залагаат за побезбеден сообраќај и поквалитетни градови за живот.

-----------------------------------------------------

Визија за Македонија на точак

Имаме визија Македонија да стане највелопријателска земја на Балканот, земја во која:

Велосипедот станува рамноправен учесник во сообраќајот во градовите во Македонија, а започнува и поврзување меѓу населените места со велосипедски патеки.

Градовите нудат услови за велосипедот да биде префериран избор за превоз на граѓаните при завршување на секојдневните обврски.

Бројот на жртвите во сообраќајот се стреми кон нула. Драстично се намалува и загадувањето.

Населението ужива во здрави, пријатни, безбедни и квалитетни места за живеење со повеќе пешачки, велосипедски патеки и зелени јавни простори.
Општи проблеми (моментална состојба)

Моментално нашето општество се соочува со неколку проблеми од голем размер кои директно се поврзани со начинот на транспорт низ населените места и третманот кој различните типови транспорт го добиваат од институциите.

-   Небезбедност во сообраќајот и жртви

Секоја година 130-200 граѓани (7.5 на 100 илјади жители) го губат животот на улиците и патиштата низ Република Македонија.  Во најбезбедните држави како Шведска и Холандија тој број е 2.8 на 100 илјади жители и тие константно се стремат кон нула (Vision Zero)пред сè преку сообраќајни решенија кои ја сведуваат човечката грешка на минимум: успорување на сообраќајот, стеснување на лентите, подигнувања на коловозите итн. Во меѓувреме, во Македонија не се учи од туѓите грешки, туку има тренд на проширување на улици за возила кои поттикнуваат поголеми брзини. Прекумерната брзина е причина бр. 1 за смртни случаи во сообраќајот. ~40% од сообраќајните судири со жртви во Македонија се во населените места, показ дека не се почитува ограничувањето од 50 km/h.

-    Сообраќаен метеж

Нашите градови се целосно подредени на возилата. Се прошируваат ленти на сметка на пешаците и велосипедистите и тротоарите се целосно окупирани со возила, во облик на нелегални паркинзи па дури и “легално“ нацртани од јавните претпријатија.

Полицијата не го штити просторот на ранливите групи граѓани. Тоа дополнително демотивира пешачење, користење точак и уште повеќе го зголемува бројот на возила на улиците, дури и за многу кратки патувања. Од друга страна, не постои град во светот кој го решил проблемот со метежот потпирајќи се на приватниот автомобил. Потребен е пристап кој ќе ја преврти сообраќајната пирамида и ќе ги стави на врвот најефикасните начин на превоз по редоследот: пешаци > велосипеди > јавен превоз > автомобили за решавање на проблемот со метежот.

-   Здравствени проблем кај населението (проблем со загадување, недостиг од физичка активност, итн.)

Како резултат на фаворизирањето на автомобилот во градските политики, се поттикнува уште поголемо загадување. Поради недостоинствените услови, се демотивираат луѓето да пешачат и користат велосипед што е здрава умерена секојдневна активнот која го намалува ризикот од многу болести. Во Македонија, 1350 лица годишно превреме го губат животот само како резултат на загадувањето.
Дополнително на тоа се кардиоваскуларните болести, гојазноста итн. на чие намалување позитивно влијае велосипедот, како и на севкупното продолжување на животниот век.
Со серија мерки за развој и унапредување на урбаниот велосипедизам во градовите ќе се привлечат поголем број граѓани на велосипед во сообраќајот. Со тоа значително ќе се помогне во решавање на голем дел од проблемите со кои се соочуваме како општество: ќе се намали загадувањето, ќе се подобри јавното здравје и ќе се решат некои од најголемите градски проблеми поврзани со сообраќајниот метеж.
Притоа ќе се заштедат средства од буџетите на општините, како и буџетите на министерствата за здравство, транспорт и животна средина.
Крајно време е сериозно да му се пристапи на проблемот и во политиките велосипедот да се третира примарно во категоријата транспорт, а дури потоа во спорт, рекреација или туризам.

Ви го праќаме овој документ со цел конкретните предлог мерки да Ви послужат како основа за дополнување на Вашата програма.
Предлог-мерки
1. Отворени институции -    Процесот на планирање на сообраќајот, законите за безбедност и урбанистичко планирање, правилникот за велосипедски патеки, но и сообраќајните проекти за поединечни улици, мора да бидат максимално отворени за граѓаните, стручните лица и велосипедските организации да го дадат својот придонес и повратна информација.
2.  Инфраструктура
-    Треба да се обезбеди рамноправен третман на сите учесници во сообраќајот: пешаци, велосипеди, јавен превоз во планирањето на инфраструктурата. Како што содржат решенија за автомобилите, така плановите задолжително да содржат решение и за издвоен велосипедски сообраќај (велосипедски патеки, велосипедски ленти), или во случај на заедничко сообраќање, да предвидат успорување на сообраќајот заради безбедност (зони 30);
-    Дизајн на комплетни улици за поголема безбедност. Улицата не е комплетна додека не обезбеди безбедно движење и на ранливите учесници во сообраќајот. Спроведување на патни диети;
-    Напуштање на автоцентричниот пристап на решавање на проблемите во сообраќајот преку проширување улици за автомобили на сметка на велосипедски и пешачки патеки;
-    Иновирање на побезбедни сообраќајни решенија од страна на советите за безбедност во сообраќајот и учење од позитивни примери;
-    Задолжително решение за безбеден привремен премин за велосипедски сообраќај во услови на градежни работи;
-    Комбинирање на велосипедскиот со железничкиот сообраќај преку овозможување превоз на велосипеди во железница, обезбедување вело-паркинзи на железничките станици, креирање пристап за велосипеди од/до станиците од/до самите возови;
-    Комбинирање на велосипедскиот со градскиот јавен превоз.
3. Статистика
-    Неопходно е постојано следење на состојбата преку воведување дополнителни релевантни мерења и статистики, и врз основа на тие податоци да се креираат соодветни сообраќајни политики за поквалитетен живот;
-    Воведување на категорија - велосипед како превозно средство;
-    Редовно мерење учество на велосипедот како транспортно средство во вкупниот сообраќај.
4. Легислатива, буџет и спроведување
-    Итно усвојување на „Правилникот за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура“ од 2014-та година (во чија изработка даде придонес и НаТочак) со цел да се спречат импровизации;
-    Донесување на Национална стратегија за успорување на сообраќајот во населени места;
-  Задолжителна изработка на стратегија и план за велосипедски сообраќај за сите поголеми населени места,
-  Формирање на национален фонд за поддршка на развој на велосипедски сообраќај во општините;
- Формирање на посебен буџет во рамки на Општините за изградба на нова и унапредување на постоечката инфраструктура за велосипедски сообраќај;
-    Задолжителни паркинзи за велосипеди во станбените објекти, деловни и јавни установи;
-    Законски измени со кои полицијата или комунални редари ќе можат поефикасно да го заштитат просторот на ранливите учесници во сообраќајот од узурпација;
-    Поголема активност на полицијата во спроведување на сообраќајните правила (пред сè оние кои се однесуваат на почитување на брзината, првенство на минување итн.) чии непочитување е причина за жртви. 

5. Едукација
-    Велосипедот да се врати во образовниот процес. Децата од претшколска возраст, основно и средно образование, соодветно да ги совладуваат основните управувачки вештини и теоретски познавања;
-    Да се возобноват и активираат велосипедските полигони во училиштата;
-    Авто-школите да воведат задолжителни часови возење велосипед за идните возачи на моторни возила, со цел развивање одговорност на возачот кон останатите учесници во сообраќајот и комплексно поимање на мобилноста;
-    Проактивни јавни кампањи од страна на РСБСП со фокус кон реално решавање на проблемите, наместо обвинување на жртвите.
6. Соработка и советување со деловни субјекти
-    Системско стимулирање на деловните субјекти да ја насочуваат својата општествена одговорност кон проекти за развој на урбаниот велосипедизам;
-    Поттикнување на бизнис-заедницата и јавните институции да ги стимулираат своите вработени да користат велосипед како секојдневно превозно средство.

Придобивки
Индивидуалните придобивки од користење на велосипедот како рекреација или превоз се општо познати: умерена физичка активност која влијае позитивно на менталната, кардиоваскуларната, мусколозглобната здравствена состојба на конкретната личност.
Но постојат и општествени придобивки кои се занемарени и вреди да ги истакнеме. 
Поголем број луѓе кои го користат велосипедот како превозно средство би значело:
-    Подобрено јавно здравје и благосостојба на населението, намален стрес, продолжен животен век, помалку отсуства од работа и поголема продуктивност.
-   Зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и решавање на најгорливите проблеми во локалните средини поврзани со сообраќајниот метеж и недостатокот на паркинг места.
*Студиите покажуваат дека безбедноста во сообраќајот расте со зголемување на бројот на велосипедисти (Safety in numbers), а тоа се постигнува со издвоена велосипедска инфраструктура, намалени брзини и безбедни услови.
*Велосипедската инфраструктура со исти димензии како автомобилска лента oд 3.5 метри овозможува превоз на 7 пати повеќе граѓани, следствено е едно од решенијата за растеретување на сообраќајот.
Паркинг местата за велосипеди исто така заштедуваат на простор. 1 паркинг место за возила = 10 паркинг места за велосипеди.
  -    Намалување на загадувањето кое доаѓа од прекумерната употреба на моторни возила во населените места.
*Се смета дека во просек 34 % од PM 10 честичките, 40 % од PM 2.5 честичките, 64 % од NO2 и 68 % од black carbon канцерогените честички во урбаните средини во ЕУ доаѓаат од сообраќајот и претежно од дизел возилата.
  -    Економски придобивки преку заштеди во буџетите за јавното здравство, животна средина, транспорт и буџетите на локалните самоуправи.

*Загадувањето ја чини Македонија 3,2 % од БДП поради високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението и отсуството од работните места на граѓаните.
*Кога се приоѓа на решавање на проблемите во сообраќајот преку нови автомобилски ленти место велосипедски патеки се трошат повеќекратно повеќе средства отколку за нови велосипедски патеки. Токму заради споредба и ни е потребно посебно
водење на буџетите за различни типови сообраќај.

*Данскиот град Оденсе во период од 1999 до 2002 години со вложување од 20 милиони DKK во мерки за развој на велосипедскиот сообраќај, го подигнува за 20% на сметка на што опаѓа автомобилскиот и опаѓа метежот и загадувањето, а се зголемува физичката активност. Здравството заштедило 33 милиони DKK благодарение на овие мерки. Во некои места односот на добивка : влог достигнува 3:1 и повеќе.
 -    Намален ефект врз климатските промени и постигнување на целите од потпишаните конвенции за намалена емисија на CO2
*Македонија во рамки на ОН во 2015 потпиша конвенција за национален придонес кон ублажувањето на климатските промени, поточно дека ќе ја намали емисијата на CO2 за 30-36 % до 2030 година. За тоа да се случи потребни се сериозни промени и во сообраќајот.
*За еден патник да се придвижи 1 километар со кола, тој емитува 271 g CO2, a со велосипед 21 g.

-    Заживување на градскиот живот преку отворање на јавниот простор за граѓаните и креирање пријатни јавни простори каде луѓето се на прво место, а не автомобилите.
-   Позитивни ефекти за локалните бизниси и развојот на туризмот со зголемување на понудата за начини на патување и активни искуства.
Заклучок
Последните неколку години има значителен пораст на користењето на велосипедот како средство за градски превоз, но уште поголем е бројот на оние граѓани кои што ги поддржуваат чекорите во насока на подобрување на условите за безбедно сообраќање со велосипед и самите би го користеле велосипедот во таква ситуација.  Дополнително, придобивките од повеќе велосипеди во сообраќајот не ги чувстуваат само директните корисници на велосипедот туку и сите останати граѓани (почист воздух, помала бука, помал сообраќаен метеж итн.) и веруваме дека ваква програма е од интерес на сите и ќе наиде на поддршка од голем број граѓани.
Во 2013 год. направивме анализа на програмите на политичките партии за локалните избори и планираме да го направиме истото со програмите за следните парламентарни и локални избори и да ја споделиме со јавноста.
Во ваков критичен момент кога споменатите проблеми на сите ни се јасни, очекуваме испорачување на решенија и значителен напредок во однос на третманот на велосипедскиот сообраќај заедно со другите модели на одржлив транспорт,  во споредба со претходните избори.

Со почит,

НаТочак - Скопје natochak@gmail.com
Битола НаТочак bitolanatocak@gmail.com
Прилеп НаТочак prilepnatochak@gmail.com
Гостивар НаТочак natocakgv@gmail.com
Тетово НаТочак tetovonatocak@gmail.com
Штип НаТочак stipnatocak@gmail.com
Струмица НаТочак strumicanatocak@gmail.com
24.11.2016

08 November, 2016

Став за ослободувањето на патеките на Партизанска


Во контекст на дискусијата за “укинатите” паркинг места на Партизанска во близина на Универзална сала, НаТочак објавува свој став на оваа тема.



Единственото нешто што досега беше укинато на овој потег беа велосипедските и пешачките патеки. Тие физички постоеја, но не функционираа бидејќи беа претворени во паркинг за автомобили. Возилата најчесто паркираа попречно на пешачкиот дел, а велосипедската патека се користеше од пешаците, во простор сведен на тесно планинарско патче на кое двајца пешаци едвај се разминуваа, за сметка на автомобилите кои владееја со целиот простор.


Овој јавен простор досега нелегално беше узурпиран од приватни возила и противзаконски се користеше како паркинг. Овој простор не е легален паркинг.

Според Закон за безбедност во сообраќајот, Член 63:
(1) Возачот не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите.
За секое прекршување е предвидена глоба од 45 евра.

За жал Министерството за внатрешни работи, иако тоа спаѓа во неговите обврски, со години не го спроведувало ова сообраќајно правило и не им го овозможувало правото на слободно движење на граѓаните. Таа јавна површина е законско право на пешаците, велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, родителите со колички со дечиња. Досега тие беа принудени да ја ризикуваат својата безбедност и да сообраќаат по коловозот заедно со моторните возила. Таа непочит од институциите кон ранливите учесници во сообраќајот се прелева и во односот на возачите и како резултат на погрешни политики минатите години имаме премногу жртви во сообраќајот!
Сега, со помош на столбчиња овој простор го добиваат оние на кои припаѓа, луѓето наместо колите и ова е редок пример во добра насока. Не се работи за некој особено нов проект, туку само проект за реконструкција на постоечки пешачки и велосипедски патеки со кој им се подобрува состојбата.

Дали надлежните обезбедиле паркинг места за станарите кога тоа било нивна обврска, дали потфрлиле општинските или градските власти, инспекцијата, инвеститорите или станарите при купувањето на стан со потпирањето на овој простор кој не е легален паркинг, се прашања кои се валидни и треба да се отворат, истражат, одговорат и граѓаните кои сметаат дека некое право им е загрозено имаат право да реагираат. Но во никој случај не треба проблемот да се решава на сметка на ранливите учесници во сообраќајот, меѓу кои и велосипедистите, со толерирање на нелегалното паркирање на површини кои не им припаѓаат. Животот на луѓето е сепак побитен од тоа возилата да се паркираат пред зграда.

Поради долгогодишната неактивност од страна на полицијата неселективно да казнува узурпатори на јавен простор, НаТочак цврсто стои на ставот дека по целиот потег на булеварот Партизански одреди мора да бидат поставени столбчиња. Столбчињата не се идеално решение. Тие не се воопшто популарна мерка за превенирање од узурпација на јавни простори од автомобили. Но, во моменталната констелација на сообраќајна свесност кај мнозинството, за постоењето и останати видови сообраќај освен автомобилскиот, столбчињата се добар почеток за менување на вкоренетите лоши навики од децениската лоша системска автомобилоцентрична култура.

Константното децениско системско стимулирање на автомобилоцентрична култура кај граѓаните, е причина за моменталната илузија на оние кои досега ја користеле оваа јавна површина како паркинг, дека тој простор им се одзема.

Возилата досега преќутно го окупираа јавниот простор и спречуваа не само проток на пешаци и велосипеди, туку и пристап на луѓе во инвалидски колички, детски колички, специјални возила, а на крајот на краиштата и пристап до дуќаните. Од друга страна, во пракса е докажано дека најуспешни за комерцијалните содржини се пешачките зони. Треба само повеќе да се обрне внимание во дизајнот на просторот, да се направи поатрактивен. И потребно е малку време и трпение за прифаќање на новата ситуација, од која веруваме дека ќе имаат бенефит сите, дури и дуќанџиите и жителите, особено децата на оние кои моментално се незадоволни со промената.

НаТочак ги поздравува и поддржува напорите на Градот за обезбедување минимални достојни услови за безбеден и функционален велосипедски сообраќај. Решенијата за паркинг на возилата треба да се бараат или во паралелно обележано режимско паркирање на коловоз или во катни гаражи, ако е потребно и на неколку минути пешачење, но никако на сметка на ранливите учесници во сообраќајот.

Дополнително, ова не е уникатен проблем за Скопје. Недостигот од простор за паркинг во центрите на градовите не е само од лоши урбани политики и неработење на инспекциите како во нашиот случај, туку е и логична последица на самата локација и атрактивноста на центрите што привлекува голема фреквенција  на луѓе и вкрстувањето на сите правци на движење. Со истиот проблем се соочуваат сите градови во светот. Логично, поради ограничениот простор, центрите поднесуваат помалку возила од предградијата, и затоа се тежнее во центрите да се обезбедат сите услови за оние типови сообраќај кои зафаќаат помалку место: пешачење, велосипедски сообраќај, јавен превоз, а автомобилите да се сведат на минимум. Паркирањето станува скапо за да се демотивира метежот, да се намали натрупаноста со возила и загадувањето и центрите стануваат место за претежно car-free стил на живот.

Сите сакаме Скопје да стане место подостоинствено за живеење, а не сакаме да ги смениме навиките. Свесни сме дека промените не се лесни, но враќањето на постоечките патеки на пешаците и велосипедистите е неопходен чекор во поместување од статус-квото.

Се разбира постои простор за подобрување и на квалитетот на изведба на патеките и на проектите и на процедурите и тоа е она што треба да го дискутираме.