Предлог-мерки
1. Отворени институции - Процесот на планирање на сообраќајот, законите за безбедност и урбанистичко планирање, правилникот за велосипедски патеки, но и сообраќајните проекти за поединечни улици, мора да бидат максимално отворени за граѓаните, стручните лица и велосипедските организации да го дадат својот придонес и повратна информација.
2. Инфраструктура
- Треба да се обезбеди рамноправен третман на сите учесници во сообраќајот: пешаци, велосипеди, јавен превоз во планирањето на инфраструктурата. Како што содржат решенија за автомобилите, така плановите задолжително да содржат решение и за издвоен велосипедски сообраќај (велосипедски патеки, велосипедски ленти), или во случај на заедничко сообраќање, да предвидат успорување на сообраќајот заради безбедност (зони 30);
- Дизајн на комплетни улици за поголема безбедност. Улицата не е комплетна додека не обезбеди безбедно движење и на ранливите учесници во сообраќајот. Спроведување на патни диети;
- Напуштање на автоцентричниот пристап на решавање на проблемите во сообраќајот преку проширување улици за автомобили на сметка на велосипедски и пешачки патеки;
- Иновирање на побезбедни сообраќајни решенија од страна на советите за безбедност во сообраќајот и учење од позитивни примери;
- Задолжително решение за безбеден привремен премин за велосипедски сообраќај во услови на градежни работи;
- Комбинирање на велосипедскиот со железничкиот сообраќај преку овозможување превоз на велосипеди во железница, обезбедување вело-паркинзи на железничките станици, креирање пристап за велосипеди од/до станиците од/до самите возови;
- Комбинирање на велосипедскиот со градскиот јавен превоз.
3. Статистика
- Неопходно е постојано следење на состојбата преку воведување дополнителни релевантни мерења и статистики, и врз основа на тие податоци да се креираат соодветни сообраќајни политики за поквалитетен живот;
- Воведување на категорија - велосипед како превозно средство;
- Редовно мерење учество на велосипедот како транспортно средство во вкупниот сообраќај.
4. Легислатива, буџет и спроведување
- Итно усвојување на „Правилникот за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура“ од 2014-та година (во чија изработка даде придонес и НаТочак) со цел да се спречат импровизации;
- Донесување на Национална стратегија за успорување на сообраќајот во населени места;
- Задолжителна изработка на стратегија и план за велосипедски сообраќај за сите поголеми населени места,
- Формирање на национален фонд за поддршка на развој на велосипедски сообраќај во општините;
- Формирање на посебен буџет во рамки на Општините за изградба на нова и унапредување на постоечката инфраструктура за велосипедски сообраќај;
- Задолжителни паркинзи за велосипеди во станбените објекти, деловни и јавни установи;
- Законски измени со кои полицијата или комунални редари ќе можат поефикасно да го заштитат просторот на ранливите учесници во сообраќајот од узурпација;
- Поголема активност на полицијата во спроведување на сообраќајните правила (пред сè оние кои се однесуваат на почитување на брзината, првенство на минување итн.) чии непочитување е причина за жртви.
5. Едукација
- Велосипедот да се врати во образовниот процес. Децата од претшколска возраст, основно и средно образование, соодветно да ги совладуваат основните управувачки вештини и теоретски познавања;
- Да се возобноват и активираат велосипедските полигони во училиштата;
- Авто-школите да воведат задолжителни часови возење велосипед за идните возачи на моторни возила, со цел развивање одговорност на возачот кон останатите учесници во сообраќајот и комплексно поимање на мобилноста;
- Проактивни јавни кампањи од страна на РСБСП со фокус кон реално решавање на проблемите, наместо обвинување на жртвите.
6. Соработка и советување со деловни субјекти
- Системско стимулирање на деловните субјекти да ја насочуваат својата општествена одговорност кон проекти за развој на урбаниот велосипедизам;
- Поттикнување на бизнис-заедницата и јавните институции да ги стимулираат своите вработени да користат велосипед како секојдневно превозно средство.
Придобивки
Индивидуалните придобивки од користење на велосипедот како рекреација или превоз се општо познати: умерена физичка активност која влијае позитивно на менталната, кардиоваскуларната, мусколозглобната здравствена состојба на конкретната личност.
Но постојат и општествени придобивки кои се занемарени и вреди да ги истакнеме.
Поголем број луѓе кои го користат велосипедот како превозно средство би значело:
- Подобрено јавно здравје и благосостојба на населението, намален стрес, продолжен животен век, помалку отсуства од работа и поголема продуктивност.
- Зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и решавање на најгорливите проблеми во локалните средини поврзани со сообраќајниот метеж и недостатокот на паркинг места.
*Студиите покажуваат дека безбедноста во сообраќајот расте со зголемување на бројот на велосипедисти (Safety in numbers), а тоа се постигнува со издвоена велосипедска инфраструктура, намалени брзини и безбедни услови.
*Велосипедската инфраструктура со исти димензии како автомобилска лента oд 3.5 метри овозможува превоз на 7 пати повеќе граѓани, следствено е едно од решенијата за растеретување на сообраќајот.
Паркинг местата за велосипеди исто така заштедуваат на простор. 1 паркинг место за возила = 10 паркинг места за велосипеди.
- Намалување на загадувањето кое доаѓа од прекумерната употреба на моторни возила во населените места.
*Се смета дека во просек 34 % од PM 10 честичките, 40 % од PM 2.5 честичките, 64 % од NO2 и 68 % од black carbon канцерогените честички во урбаните средини во ЕУ доаѓаат од сообраќајот и претежно од дизел возилата.
- Економски придобивки преку заштеди во буџетите за јавното здравство, животна средина, транспорт и буџетите на локалните самоуправи.
*Загадувањето ја чини Македонија 3,2 % од БДП поради високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението и отсуството од работните места на граѓаните.
*Кога се приоѓа на решавање на проблемите во сообраќајот преку нови автомобилски ленти место велосипедски патеки се трошат повеќекратно повеќе средства отколку за нови велосипедски патеки. Токму заради споредба и ни е потребно посебно
водење на буџетите за различни типови сообраќај.
*Данскиот град Оденсе во период од 1999 до 2002 години со вложување од 20 милиони DKK во мерки за развој на велосипедскиот сообраќај, го подигнува за 20% на сметка на што опаѓа автомобилскиот и опаѓа метежот и загадувањето, а се зголемува физичката активност. Здравството заштедило 33 милиони DKK благодарение на овие мерки. Во некои места односот на добивка : влог достигнува 3:1 и повеќе.
- Намален ефект врз климатските промени и постигнување на целите од потпишаните конвенции за намалена емисија на CO2
*Македонија во рамки на ОН во 2015 потпиша конвенција за национален придонес кон ублажувањето на климатските промени, поточно дека ќе ја намали емисијата на CO2 за 30-36 % до 2030 година. За тоа да се случи потребни се сериозни промени и во сообраќајот.
*За еден патник да се придвижи 1 километар со кола, тој емитува 271 g CO2, a со велосипед 21 g.
- Заживување на градскиот живот преку отворање на јавниот простор за граѓаните и креирање пријатни јавни простори каде луѓето се на прво место, а не автомобилите.
- Позитивни ефекти за локалните бизниси и развојот на туризмот со зголемување на понудата за начини на патување и активни искуства.
Заклучок
Последните неколку години има значителен пораст на користењето на велосипедот како средство за градски превоз, но уште поголем е бројот на оние граѓани кои што ги поддржуваат чекорите во насока на подобрување на условите за безбедно сообраќање со велосипед и самите би го користеле велосипедот во таква ситуација. Дополнително, придобивките од повеќе велосипеди во сообраќајот не ги чувстуваат само директните корисници на велосипедот туку и сите останати граѓани (почист воздух, помала бука, помал сообраќаен метеж итн.) и веруваме дека ваква програма е од интерес на сите и ќе наиде на поддршка од голем број граѓани.
Во 2013 год. направивме анализа на програмите на политичките партии за локалните избори и планираме да го направиме истото со програмите за следните парламентарни и локални избори и да ја споделиме со јавноста.
Во ваков критичен момент кога споменатите проблеми на сите ни се јасни, очекуваме испорачување на решенија и значителен напредок во однос на третманот на велосипедскиот сообраќај заедно со другите модели на одржлив транспорт, во споредба со претходните избори.
Со почит,
НаТочак - Скопје natochak@gmail.com
Битола НаТочак bitolanatocak@gmail.com
Прилеп НаТочак prilepnatochak@gmail.com
Гостивар НаТочак natocakgv@gmail.com
Тетово НаТочак tetovonatocak@gmail.com
Штип НаТочак stipnatocak@gmail.com
Струмица НаТочак strumicanatocak@gmail.com