Вело-анализа на изборните програми 2016 година
НаТочак направи анализа на изборните програми на политичките партии кои учествуваат во предвремените парламентарни избори за 2016 година во Македонија. Беа анализирани програмите на девет политички партии. Само пет од нив во изборните програми имаа проекти поврзани со велосипедот како превозно средство.
Партиите БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ го спомнуваат велосипедот во други категории, но не во категорија урбан транспорт (инфраструктура, животна средина, спорт и рекреација, туризам и други теми). Партиите ДОМ и Левица во изборните програми имаат проекти кои се поврзани со велосипедот како урбан транспорт.
Од друга страна, Алијанса на Албанците, Демократска унија за интеграција, Демократски сојуз и Подем имаат објавено изборни програми, но во нив нема проекти поврзани со велосипедот како превозно средство.
Генералната забелешка е дека ова не е доволно и дека недостасуваат проекти кои се однесуваат на урбаниот велосипедизам. Кај петте партии во чии програми има проекти поврзани со велосипедизмот, најчесто се во фокусот на спортот, туризмот или пак рекреацијата.
Во продолжение следат извадоци од програмите на партиите, пренесени во целост.
Движење БЕСА
ОБЛАСТ: Mjedisi Jetësor dhe Planifikimi Hapësinor
Проект: Stimulimi i transportit me mjete alternative, të cilat nuk e ndotin ambientin, siç janë biçikletat, motorët еlektrikë etj.
Коалиција ВМРО-ДПМНЕ
ОБЛАСТ: Инфраструктура - поштенски сообраќај
Проект: Набавка на велосипеди на пошторазнесувачи за достава на пратки во урбани средини
Набавката на велосипеди ќе им овозможи на пошторазнесувачите во урбаните доставни реони, брза, ефикасна и безбедна достава на поштенските пратки. Со оваа набавка се обезбедува и редовно обновување на велосипедите за пошторазнесувачите кои вршат достава во густо населени реони и замена на дотраените со нови велосипеди. До сега набавени се 150 велосипеди, а до крај на 2017 година ќе се набават уште 120 велосипеди.
ОБЛАСТ: Туризам
Проект: Уредување и одбележување на планински пешачки и велосипедски патеки на територија на цела Македонија
Целта на овој проект е збогатување на туристичката понуда на Република Македонија и забрзан развој на овој вид активен туризам, преку создавање мрежа на постојни и нови планинарски патеки за планинари и велосипедисти. Во врска со овој проект предвидуваме уредување, одбележување-маркирање, поставување патокази и информативни табли со мапи за планинските пешачки и велосипедски патеки и информација за секоја патека одделно. Исто така, со цел промоција на проектот ќе објавиме и електронски водич на порталот Македонија Вечна (Macedonia Тimeless) со сите податоци и дополнителни атракции кои можат да се видат во близина, како и подготовка и изработка на посебна брошура и карта наменета за промоција на планинскиот туризам.
Проект: Изградба на пешачко-велосипедска патека на езерото Козјак
Изградбата на пешачко-велосипедската патека ќе се одвива од двете страни на езерото Козјак. Вештачкото езеро Козјак е најголемото вештачко езеро во Македонија, сместено помеѓу Сува Гора на запад и резерватот „Јасен“ на исток, во должина од 32 км. Имајќи предвид дека езерото се протега во рамките на Градот Скопје и Општина Македонски Брод, географската локација на истото овозможува услови за рекреативен туризам особено пешачење, возење велосипед околу езерото, риболов и други активности во природа, што ќе се овозможи со изградбата на пешачко-велосипедска патека околу ова езеро. За таа цел предвидуваме:
- Изградба на една пешачко-велосипедска патека од страната на Скопје, конкретно од Рибарскиот залив кон Браната Козјак, во правец на течението на река Треска, со должина од околу 3.600 метри;
- Изградба на втора патека што ќе се протега од мостот Близанско кон с. Близанско и кон с. Здуње, во должина од 3.000 метри.
ОБЛАСТ: МВР во служба на граѓаните - Полицијата во соработка со заедницата
Проект: Јакнење на капацитетите на велосипедски патроли
Со активностите на Проектот ќе се промовира поголема мобилност на полицијата, побрза реакција, присуство на места каде што не е дозволено да се управува со моторно возило и зајакнување на капацитетите на велосипедските патроли во СВР Скопје, СВР Охрид, СВР Куманово, СВР Струмица, СВР Битола, СВР Велес, СВР Тетово и СВР Штип. За таа цел ќе се набават дополнително уште 100 велосипеди и ќе се обезбеди комплетна униформа и опрема за полициските службеници кои ќе ја извршуваат работата со велосипед. Со завршувањето на проектните активности се очекува присуство на полициски велосипедски патроли во Старата чаршија во Скопје и во Охрид, како и на кејот на реката Вардар и плажите во Охрид, шеталиштата во Велес, Струмица, Битола, како и рекреативниот планински центар Водно за време на летниот период.
Проект: Обезбедување нагледни средства и полигони
Проектот има за цел успешно одвивање и реализирање на образовниот процес од областа на сообраќајното воспитување и образование. Во рамките на овој Проект е предвиден и превод на стручна литература од областа на сообраќајното образование за потребите на основното, средното и високото образование - како начин за унапредување на сообраќајното образование и воспитување во Република Македонија. Преку Проектот ќе се развие програма за подобрување на капацитетите на наставниците за соодветна и ефикасна сообраќајна едукација на децата т.е. учениците, како и воведување на сообраќајно-воспитни манифестации од образовен и натпреварувачки карактер преку активности надвор од наставата во основното образование - квизови, натпревари по практично управување велосипед и теоретско познавање на сообраќајните правила и прописи.
ОБЛАСТ: Млади, спорт и физичка култура
Проект: Бесплатен здравствен преглед за спортските репрезентативци
Грижата за здравјето на спортистите е врвен приоритет и оттука произлегува потребата за редовни прегледи на членовите на националните репрезентации во различни спортски дисциплини, со цел унапредување на здравствената заштита на оваа категорија граѓани. Здравствената заштита и контрола на лицата кои активно применуваат спортско-рекреативна активност има големо значење за спортистите. Поради тоа со проектот „Бесплатен здравствен преглед за спортисти“, ќе им се овозможи на сите репрезентативци во младински категории два пати годишно да имаат редовен спортско-здравствен преглед. Спортовите кои ќе бидат опфатени со овој проект се: фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, тенис, бокс, карате, таеквондо, џудо, борење, кикбокс, велосипедизам, кајак, пливање и атлетика. Како услов за младите да го искористат овој Проект е да бидат репрезентативци во минимум два последователни циклуси или категории. Носител: Министерство за здравство/Фондот за здравствено осигурување.
Проект: Грантови за велосипеди
Следејќи ги трендовите на модерното живеење и потребата за стимулирање на физичката активност на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ во рамки на својата изборна програма предвидува проект за поддршка на младите лица од семејства со приходи под просечните, за купување на велосипеди. Со проектот се предвидува Владата да доделува грантови за купување на нов велосипед, при што грантот ќе изнесува најмногу до 40% од цената, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Грантот ќе може да го користат млади лица до 29 годишна возраст, кои живеат во семејство чии вкупни месечни бруто-приходи не го надминуваат износот од 32.173 денари (просечна бруто-плата во РМ). Годишно од Владата ќе бидат обезбедени грантови за 2000 лица. Доколку има заинтересирани општини за кофинансирање на набавката на велосипеди во сооднос 50% Владата и 50% општината, ќе биде обезбеден и дополнителен број на грантови од страна на Владата. Институција /носител: Агенција за млади и спорт.
Демократска обнова на Македонија (ДОМ)
ОБЛАСТ: Заштита на животната средина
Проект: Урбан развој
ДОМ ќе се залага за изградба на мрежа на велосипедски патеки во урбаните средини и на вонградските патни правци.
ОБЛАСТ: Зелени градови – одржлив урбан развој
Проект: Трајни решенија за сообраќајот
Изградба на мрежа од велосипедски патеки низ градовите и меѓу нив, за евтино и еколошко движење, но и за развој на руралниот туризам.
Проект: Урбанизам по мерка на луѓето и институционална заштита на зеленилото
Велосипедски и пешачки патеки со фото-волтаични панели со систем за користење на кинетичката енергија од корисниците за осветлување на патеката и за пренесување на електричната мрежа; Велосипедски и пешачки патеки со флуоресцентни материјали за осветлување.
ОБЛАСТ: ЕКО-ТУРИЗАМ
Проект: Регулирање на сообраќајот
Поставување табли и јасни патокази за битните туристички места; јавен и такси превоз до позначајните туристички атракции; обезбедување услови за возење и изнајмување велосипеди во градовите, создавање мрежа на велосипедски и планински патеки, нивно мапирање и креирање е-водич за нив.
Левица
ОБЛАСТ: СПОРТ
Проект: Стимулирање на базичните спортови: атлетика, гимнастика, пливање, велосипедизам, активности во природа.
ОБЛАСТ: ЕКОЛОГИЈА - ОДРЖЛИВ ТРАНСПОРТ
Проект: Изградба на кохерентен систем на велосипедски патишта
Изградба и поврзување на постојните велосипедски патеки во сеопфатна мрежа, која овозможува далечински велосипедизам и пред се безбедно возење велосипед во градовите и околните области, со цел задоволување на потребите на секојдневната мобилност
Коалиција СДСМ
ОБЛАСТ: Фокус на младите
Проект: Скејт-паркови и велосипедски патеки
Ќе ги стимулираме локалните власти да градат велосипедски патеки и скејт-паркови каде младите ќе може да се дружат и да спортуваат. Дополнително, скејт-парковите се место и за културни, музички и уметнички настани. Велосипедските патеки, пак, ќе создаваат здрави навики кај младите и позитивно ќе влијаат и врз животната средина.
ОБЛАСТ: Поттик за спортот
Проект: Нови спортски објекти
Во скијачките центри, Маврово, Попова Шапка, Пелистер, Кожуф и Пониква ќе дадеме поддршка за модернизирање и искористување во зимски и летни услови, обезбедувајќи услови за планинско трчање, планински велосипедизам, функција на медицински и спасителни служби со услови и стандарди од најразвиените зимски
центри во Европа.
ОБЛАСТ: Патна инфраструктура
Проект: Патишта
Целосна реконструкција на патот с. Подмолје – Струга – Калишта – Радожда (стариот пат кон Охрид – Струга) на постоечката траса и придружната патна инфраструктура (велосипедски и пешачки патеки) за да се обезбеди квалитетен пристап кон туристичките капацитети на крајбрежјето. Притоа, ќе се почитува заштитениот појас на Охридското езеро.
Изградба на локални патишта и планински велосипедски патеки од интерес за развојот на езерскиот, планинскиот и спортскиот туризам: Патот кон Вишни и Горна Белица, патот од Бороец, Јабланица, Безево, Пискупштина, Нерези и Луково, патот кон Селци, Буринец и Локов. Да се користат веќе постоечките патишта за трасирање на планиски велосипедски патеки.
Алијанса за Албанците
Нема проекти
Демократска унија на интеграции
Нема проекти
Демократски сојуз
Нема проекти
Подем
Нема проекти