28 September, 2017

Улицата е за живеење, а не за сообраќајно дивеење

Датум: недела, 1.10.2017
Време: 11:30-14:30
Место: ул. 4-ти Јули (сега ул. Борис Сарафов), до крсотсница со ул.Кузман Шапкарев

--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
--------------------------------------------------------------------
постерот за настанот

Улиците како јавен простор биле и треба да останат место за сите граѓани. Особено маалските. Мирни, безбедни и пријатни за живеење, за движење и социјални контакти.

Овој настан е инспириран од проблемите на ул. Борис Сарафов (поранешна 4-ти јули), но истите проблеми се однесуваат и на многу други делови од градот: брз моторен сообраќај, небезбедност, бучава, скратено право на движење на ранливите учесници во сообраќајот.

Со овој настан сакаме да истакнеме и оживееме 2 заборавени функции на улиците:
-улиците како место за безбедно пешачење и возење точак за сите генерации, за движење на децата, повозрасните, за детски колички
-улиците како место за социјални контакти, за безбедно среќавање, безбедно преминување, за контакти…

Ќе возиме точачиња со децата на Детска Критична маса, ќе пишуваме пораки за безбедност и ќе слушаме добра музика од легендарни скопски музичари од токму оваа маало. 

Ги повикуваме сите комшии од улицата, од Ѓорче и од пошироко да ни се придружат. Да порачаме дека улиците се за живееење, а не за дивеење. Дека нашиот град е наша сцена. Дека улицата сакаме да ја доживуваме како втор, заеднички дом, а не како автодром.

Засега резервирајте го терминот, а попрецизни информации, наскоро ;)

Агенда:
11:30
Подготовки за Критична маса, изработка на ветерници
12:00
Детска Критична Маса #4 (за оние со точачиња)
13:00
Музичка поддршка од:
Muhamed Ibrahimi
Millko
Mooger Fooger
Last Expedition 
Blla Blla Blla
11:30-14:30
детски улични игри
едукација за сообраќај
пишување и цртање за безбедност
потпишување иницијатива за безбедна улица
маалска дружба со чај и кафе

25 September, 2017

Критична маса #65: Бираме градоначалници со вело-визии, а не реклами на телевизии

Датум: среда, 27.09.2017
Почеток: 17:30ч, Плоштад Македонија
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали линк
--------------------------------------------------------------------




Во пресрет на локалните избори, НаТочак ќе ги провери сите програми на кандидатите за градоначалници и советници на Град Скопје и ќе ги испита во однос на следните параметри:

-Какви проекти се приоритет за буџетот? Каде се наоѓа заштитата на животната средина, квалитетот на живот, здравјето во приоритетите? 
-Дали автомобилите или луѓето им се на прво место? 
-Како ја третираат безбедноста во сообраќајот? Дали го сфаќаат влијанието на инфраструктурата врз убивањето луѓе по улиците? Што ќе преземат во врска со тоа? 
-Како планираат да го решат метежот во сообраќајот? Дали преовладуваат автоцентрични или мултимодални решенија?
-Како го третираат загадувањето кое потекнува од сообраќајот? Што ќе преземат во врска со тоа?
-Дали има конкретни предлози за проширување на велосипедската мрежа?
-Како ќе ги решаваат инфраструктурните и други проблеми? Како ќе ги вклучат граѓаните?
-Како ги третираат велосипедските паркинзи? Дали ќе се воведат нови правила и стандарди?
-Дали се планира современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди?
-Дали се планираат активности како Денови без автомобили и со колкава честота?
-Дали се планираат други промотивни мерки за користење на велосипедот како превозно средство?

Точакот (заедно со пешачењето и унапредениот јавен транспорт) мора да го добие заслуженото место.


Точак е симбол на независно движење од најмали нозе. Независна мобилност на младите, жените, повозрасните. Точак би бил прв избор на децата за одење до школо, доколку безбедноста е на ниво.
Точак е симбол на непосреден контакт со околината, на свест и љубов за градот. Граѓаните повеќе би се грижеле за градот, кога поретко би го поминувале со голема брзина и набљудувале од зад стакла...

Точак е најефикасното превозно средство на кратки урбани дистанци до 5-6 километри (ако инфраструктурата е перфектна, и повеќе). Зафаќа малку простор и една велосипедска патека со ширина на втомобилска лента, вдомува многу повеќе граѓани на точак отколку во кола...Точак е дел од решението против гужвите.
Точак е симбол на грижа за природата, на борбата против климатските промени. Се смета дека ако само 14% од урбаните патувања на глобално ниво се прават со точак, ќе се постигнат целите на Парискиот договор.
Точак е грижа за здравјето на сопственото срце и ум, неосетно, попатно, додека патуваш до работа ги исполнуваш препорачаните од доктор 30 минути умерена физичка активност на ден. Се смета дека за секој вложен денар во велосипедска инфраструктура општеството “заработува“ плус денари, зашто трошоците за јавното здравство се намалуваат (помалку гојазност, помалку срцеви заболувања, подобро здравје на зглобови и подобра психичка состојба, подобро здравје на бели дробови поради помало загадување, подобар имунитет…).
Може уште многу да се пишува за предностите на точакот. Во поглед на нула емисии можеби некоја идна варијанта на чиста енергија ќе му се доближи, но во поглед на другите придобивки (здравствени и просторни) е неприкосновен и затоа мора да стане интегрален дел од градските политики.
Точакот не може да ги реши целосно проблемите, но е многу важен дел од решението на многу градски проблеми.


Сакаме кандидати за градоначалници и советници кои можат да го согледаат огромниот потенцијал за трансформација на градот кој го има велосипедот.
Сакаме кандидати за градоначалници и советници кои не гледаат низ призмата на моменталните навики и состојби во градот, туку гледаат низ призмата на подобро здравје, подобар квалитет на живот во градот, поголема одговорност кон планетата, кои имаат визија за тоа како треба да биде, а не како “мора“ заради моменталните автоцентрични навики.
Кои нема да го одржуваат статус-квото поддржувајќи ги моменталните навики, туку ќе го трансформираат градот!
 


После анализата, НаТочак ќе ги изложи резултатите, слично како за парламентарните избори (линк), за јавноста сама да процени кои програми и кандидати се точакољупски и колку.


Се гледаме во среда, на 27.септември на 65-тата Критична маса. Возиме за вело-визии за Скопје.
Ќе возиме по следнава рута:



*** Секој учесник вози на своја одговорност. 



--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 64 пати возеа масовно по скопските улици, на 64 различни темa поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 65-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------


Промотивни материјали за КМ #65: Бираме градоначалници со вело визии (а не реклами на телевизи)

[дизајн: Татјана Коцева]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #65 и за поддршката на вело-визиите за Скопје, а на Татјана ѝ благодариме за брзото, прецизно и профи дизајнирање на идејата на оваа Критична маса.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.jpg)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:




  • Facebook cover:

  • Facebook event cover:



  • Twitter cover:


  • Банери:
500 x 500 
300 x 250




20 September, 2017

Вело - матинé #2

Facebook настан: линк 
Датум: 23.09.2017 (сабота)
Време: 12:00-14:00
Место: терасата пред МКЦ 
Влез: слободен
Превоз: на точак
----------------------------------

23-ти септември, сабота, 12:00.

Септемвриско пладне, услови идеални за возење точак до терасата на МКЦ, за дружба на отворено со кафе и велосипедски муабети…
Септември е исто така месец на театарот, во септември се случува меѓународниот театарски фестивал, овојпат 42-то издание на МОТ (Млад отворен театар) од 28.09 до 4.10.

Затоа направивме спој и за сите љубители на точакот како превоз, на театарот и на велосипедските дружења, оваа сабота во 12:00 ќе биде ВЕЛО – МАТИНЕ, по вторпат.

На Вело-матинé #2, како велосипедска дружба, пред-настан на МОТ, со нас ќе бидат луѓе од велосипедскиот и театарскиот свет: Даме Димески, Срѓан Јаниќијевиќ, Урсула Хорнер и Васко Лисичов. 

Сите ќе ни кажат збор-два за нивната дружба со велосипедите... од интересни вело-моменти од личното минато до желби кои ги имаат за иднината на нашиот/нивниот град.

🚲Ќе слушнеме за искуството на Даме од најголемиот велосипедски самит во светот - Velo-City кој годинава се одржа во Холандија. Илјадници делегати од цел свет и стотици предавачи на теми: какво управување, инфраструктура и урбано планирање ни се потребни за унапредување на користење на точакот, како и за тоа кои се неговите предности и зошто точакот ќе го спаси светот. Исто така Даме ќе ни раскаже и за Прилеп НаТочак, локалните проблеми и нивната битка за поквалитетен град за живот.

🚲Срѓан Јаниќијевиќ - велосипедски ентузијаст од редовите на прогресивната театарска режија. Но ако го претставиме така го ограничуваме неговиот отворен дух и портфолио што впрочем е и одлика на многу други велосипедисти. Срѓан е исто така и драматург, актер, музичар, ди-џеј и многу често може да го видите на велосипед по скопските улици. Оваа година е присутен на МОТ со режија на театарската претстава „Силјан Штркот Шанца“ која ќе биде изведена на малата сцена во МНТ на 28.09.2017 со почеток во 18:00часот. Ќе ни раскаже за својот светоглед и љубовта кон велосипедите, театарот и урбаното живеење.

🚲Од Виена, Австрија, ни доаѓа Урсула Хорнер. Секогаш позитивната и насмеана режисерка на опери и театарски претстави, голем љубител на велосипедскиот свет и градското движење на две тркала. Дружбите со неа се секогаш интересни, полни со енергија и прават да се почувствувате дека сте дел од еден модерен, футуристички свет. Ќе ни раскаже за своите велосипедски искуства и ќе се обидеме да ја дознаеме тајната за позитивноста во нејзиното професионално делување и пасијата кон магичниот свет на сцената.

🚲За Васко Лисичов велат дека со своите светло дизајни им вдахнува живот на сценските перформанси. Долги години е задолжен за дизајнот и светлосните ефекти пред се на театарските претстави и операта а уште подолги години е вљубеник во велосипедите. Ќе го замолиме да ни раскаже за своите искуства, згоди и незгоди, како од километрите поминати на велосипед низ градскиот метеж така и од километрите поминати со будното око над сцената. Ќе ни раскаже од каде го црпи својот младешки дух и ентузијазмот кон учењето на нови технологии и алатки што го прават толку живописен неговиот професионален ангажман.


🚲 Искористете ја оваа прилика да добиете бесплатен преглед на вашиот велосипед од страна на бајк-докторот, Лазо Миновски, кој несебично ја прифати поканата. Општ преглед на состојбата на велосипедите, проверка на работа на менувачите и подмачкување на ланецот, а ќе добиете и писмена „дијагноза“ и ако е потребно упат на „специјалист“. Закажете си „мој термин“ на e-mail: daniel@mkc.mk, термините ќе бидат закажувани по редослед на пријавувањето, а непријавените ќе останат за на крај.

Ќе поделиме и флаерчиња со програмата на МОТ за да ги известиме присутните точакољупци како и тие самите би можеле да уживаат во овој театарски спектакл што ќе се одржи ширум театарските сцени на нашиот град.

Патем ќе ја најавиме и 65-тата Критична маса во Скопје која ни претстои на 27-ми септември.

Да поминеме едно поинакво вело-попладне.

Ве очекуваме на Вело-Матинé на 23-ти септември, се разбира, на точак!