27 March, 2018

Анализа на пријавите поврзани со велосипедизам во дневните билтени на МВР

Направивме анализа на информациите од дневните билтени на МВР и ги извадивме сите пријави кои се однесуваат на теми поврзани со велосипеди и велосипедисти во периодот од мај 2015 до февруари 2018 година.
Анализата на дневните билтени е вметната во вториот дел од овој блог-пост, а исто така достапна е и во pdf.
Во посебен документ се поставени и извадоците од дневните билтени на МВР врз база на кои е направена анализата:
  • Извадоци од МВР дневни билтени со вклучен велосипед(ист) во периодот мај 2015 - февруари 2018 - pdf
  • Извадоци од МВР дневни билтени со вклучен велосипед(ист) во периодот мај 2015 - сега (извадоците се дополнуваат повремено со помош на софтверска скрипта) - линк
Анализата на 103-те пријави, покажа дека околу 80% од пријавите се однесуваат на случаи во урбана средина, а меѓу нив, со 31% најбројни се пријавите во Град Скопје.
Високи 78% од пријавите се од тип сообраќајна незгода во која во 88% од случаите се работи за судир помеѓу автомобил и велосипед. Речиси две третини од случаите завршуваат со тешка телесна повреда, а 20% со смрт.



НаТочак ве повикува и охрабрува да пријавувате и најмала сообраќајка во која настрадал велосипедист како и кражба на велосипед во МВР, а воедно и да се приклучите на Критична маса 71: „Кој ја мати безбедноста на велосипедистите?“
----------------------------
Анализа на пријавите поврзани со велосипедизам во дневните билтени на МВР


Министерството за внатрешни работи на Република Македонија секојдневно објавува кратки информации во делот „Дневни билтени“ на својата веб-страна (http://mvr.gov.mk/dnevni-bilteni). Овие информации опфаќаат случувања во изминатиот ден каде МВР имало некаква интервенција. Податоци во архивата може да се најдат од мај 2015 година, а во оваа анализа опфатени се сите пријави до крај на февруари 2018 година.


Со помош на софтверска скрипта, пребарувани се сите билтени кои го содржат зборот „вело“ и се однесуваат на велосипедисти и велосипеди. Истите пријави потоа се категоризирани според типот, локацијата, причинителите и последиците. Пријавите се достапни на https://goo.gl/rfTaFc и анализата се дополнува повремено со новите пријави од дневните билтени на МВР.


Во периодот од март 2015 до февруари 2018 година, забележани се 103 пријави објавени во дневните билтени од МВР. На Табела 1, даден е приказ по години за бројот на пријави за секој месец и притоа се прикажани вкупни бројки (за месеци и за години) како и пресметани просеци (на месечно и годишно ниво). Треба да се земе предвид дека за 2015 година нема податок за првите 4 месеци, а за 2018 година дека се опфатени само првите два месеци. По години, во 2015 година (за 8 месеци) имало 9 пријави, во 2016 година биле 48, 2017 година биле 40, а во 2018 година (за два месеца) се 7.


Табела 1: Број на евидентирани настани по месеци низ годините


2015
2016
2017
2018
ВКУПНО
ПРОСЕК
ЈАНУАРИ
/
0
1
3
4
1,33
ФЕВРУАРИ
/
2
0
4
6
2,00
МАРТ
/
4
8
/
12
6,00
АПРИЛ
/
5
2
/
7
3,50
МАЈ
1
0
3
/
4
1,33
ЈУНИ
1
5
8
/
14
4,67
ЈУЛИ
0
4
6
/
10
3,33
АВГУСТ
1
8
3
/
12
4,00
СЕПТЕМВРИ
4
6
2
/
12
4,00
ОКТОМВРИ
0
6
0
/
6
2,00
НОЕМВРИ
0
4
2
/
6
2,00
ДЕКЕМВРИ
2
3
5
/
10
3,33
ВКУПНО
9
47
40
7
103
25,75
ПРОСЕК ПО ГОД
1,13
3,92
3,33
3,50
2,97
3,13

Најмногу пријави во еден месец имало во август 2016 година и во месеците март и јуни 2017 година, кога имало по 8 пријави. На Графикон 1 може да се види графички распоред на пријави по месеци за секоја година. Јуни, август, септември и декември се месеците во кои секоја година имало барем една пријава.


Графикон 1: Број на настани по месеци, збирно по години
Пријавите се поделени во четири категории според типот: кражба на велосипед, сообраќајна незгода, напад на велосипедист (од човек или животно) и спасување на велосипедисти. На Графикон 2 има визуелен приказ за соодносот на пријавите според категориите во кои припаѓаат. Најзастапена е категоријата сообраќајна незгода со 77,7% од пријавите, а по неа е категоријата напад на велосипедист со 11,7%. Во анализата (http://bit.ly/mvrdbnatochak) се вклучени сите пријави кои се преземени од дневните билтени на МВР.

Графикон 2: Класификација на настани од дневен билтен (мај 2015 - февруари 2018)
Во категоријата сообраќајни незгоди, во најголем дел - 87,5% од пријавите биле за сообраќајка помеѓу велосипед и автомобил (Графикон 3). Останатите 12,5% се поделени на сообраќајки во кои: велосипед изгубил контрола (5%), се судриле велосипед со пешак (3,8%), судар на велосипед со мотор (2,5%) и судар меѓу автобус, велосипед и мотор (1,3%).

Графикон 3: Вклучени страни во сообраќајната незгода (мај 2015 - февруари 2018)
Во поглед на последиците од сообраќајните незгоди, повторно се категоризирани пријавите во пет категории кои може да се видат на Графикон 4. Речиси две третини (63,4%) од сообраќајните незгоди завршиле со тешки последици за велосипедистот. По нив, со смрт завршиле 19,5% од сообраќајните незгоди, а 9,8% од велосипедистите се наоѓале во животна опасност. За 2,4% од сообраќајните незгоди не било наведено со каква последица се здобиле велосипедистите.

Графикон 4: Класификација на сообраќајните незгоди (мај 2015 - февруари 2018)
Како последен наод од анализата на податоците, може да се истакне локацијата во која се имаат случено незгодите, односно на Графикон 5 може да се види дека 80,58% од пријавите се случиле во урбана средина, односно во некој од градовите во Македонија. Една третина од пријавите се во Град Скопје (31,1%), а следни на листата се Тетово (9,71%) и Охрид (8,74%).

Графикон 5: Сооднос меѓу настани во урбана и рурална средина (мај 2015 - февруари 2018)

НаТочак покрај што ги следи објавите во Дневниот билтен на МВР, ги следи и објавите во медиумите во делот на црна хроника, односно вестите поврзани со сообраќајни незгоди во кои е настрадан велосипедист. Од мониторингот, може да се заклучи дека не секоја вест од медиумите е евидентирана и во билтените на МВР, но немаме одговор зошто тоа е така, односно зошто не се синхронизирани изворите.

Исто така, за пријавите за кои стои дека по сообраќајната незгода, велосипедистот се наоѓа во животна опасност, нема информација што понатаму се случило. Не се знае дали овие случаи кога за жал ќе завршат трагично влегуваат во црната статистика на жртви од сообраќај или нивната смрт се води како смрт од други последици. Оттука, се доведува во прашање дали статистиката за жртви од сообраќај која и онака е лоша во реалност е уште полоша од она што стои во извештаите?

Покрај тоа, МВР повремено објавува Статистика за сообраќај (за 2017 достапен документ на линкот: http://mvr.gov.mk/Upload/Editor_Upload/soobrakaj%20final.pdf), документ во кој се дадени податоци за бројот на сообраќајни незгоди со потешки последици и настрадани лица за секој град во Република Македонија. Покрај тоа, дадени се податоци за типот на патот каде се случила незгодата, времето во кое се случила незгодата (саат, ден месец), возраста за настраданите и причините за настанувањето на сообраќајните незгоди. Категориите за настраданите се возачи, патници, пешаци, терачи на стока, но нема категорија велосипедисти, и нема информација каде истите се бројат. Како најчеста причина за настанување на сообраќајните незгоди се истакнува брзото возење.

Со оглед на тоа што во полето на безбедноста на сообраќајот сè поголем акцент се става на влијанието на околината врз однесувањето на учесниците во сообраќајот, сметаме дека тој податок треба да се додаде во полициските извештаи.

Имено: во кои делови од градот најмногу се случуваат сообраќајни судири, дали се по прави делници, на кривини или на крстосници, дали се на еден или друг тип на улици, со издвоена или неиздвоена инфраструктура за пешаци и велосипеди, со преземени или непреземени мерки за смирување на сообраќајот итн.

Оваа анализа наједноставно ќе се добие со електронско мапирање на сообраќајни судири (со дел отворен за јавноста, а дел само за МВР). Пример од Њујорк: http://www.nycvzv.info/

На ваков начин ќе се олесни и работата на МВР во регистрирање на случаите и работата на други стручни лица (сообраќајни инженери и урбани планери), ќе се лоцираат црни точки, ќе се подобруваат сообраќајните решенија онаму каде предизвикуваат небезбедност, ќе се крене свеста меѓу самите граѓани за безбедноста.

Исто така, бидејќи постојат различни фактори кои влијаат, би препорачале одделно да се анализираат судирите кола со кола, од судирите кола со пешак/велосипедист.

НаТочак ве повикува и охрабрува да пријавувате и најмала сообраќајка во која настрадал велосипедист како и кражба на велосипед во МВР бидејќи само така ќе знаат како да ја подобрат нашата безбедност.

26 March, 2018

Критична маса 71: „Кој ја мати безбедноста на велосипедистите?“


Датум: среда, 28.03.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Урбан Парк
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали линк
Допис до МВР: линк
Анализа на МВР билтен: линк
--------------------------------------------------------------------


постер за КМ #71

„Па несреќи се случуваат“ 
„Таква е културата тука, што ќе правиш“ 

Општеството се однесува како безбедноста да е матно поле вон наша моќ, па сообраќајните судири ги нарекуваме “несреќи“ или “незгоди“, па се вадиме нон-стоп на културата како таа да е нешто непроменливо...
Но:
-Сообраќајните судири не се вон наша моќ, има начини како да се намали веројатноста за нивно случување…
-Културата на однесување во сообраќајот е нешто на кое може многу да се влијае преку дефинирање на правилата и преку нивно спроведување. 
=> БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ НЕ Е МАТНО ПОЛЕ. 
Ако ги следиме оние градови и држави кои успеале да го намалат бројот на жртви од сообраќај, веројатно некои работи и ќе ни се разбистрат. 

Меѓу 150 и 200 жители на Македонија годишно го губат својот живот од СООБРАЌАЈ, од превезување, од нешто што треба да биде поврзување, апсолутно НЕОПРАВДАНО и НЕПРИФАТЛИВО.

Изминатата година, МВР утврдува вина кај возачите во дури 133 од 137 сообраќајни судири во кои животот го загубиле 155 луѓе, додека во само 4 случаи виновни биле пешаците. Главна причина за настанување на сообраќајни незгоди со тешки последици е брзото возење, односно речиси половина од жртвите (72 од 155) животите ги загубиле во судир настанат поради возење со брзина поголема од дозволената.
Секој пораст од 5 km/h го удвојува ризикот од судир во градска средина (график: https://bit.ly/2uaZeZv).
Токму поради тоа, светска пракса е градските средини кои тежнеат кон поголема безбедност на своите граѓани да преземаат мерки кои се насочени токму кон успорување на автомобилското движење. Тоа често подразбира и укинување на специјалните ленти за вртење во десно и лево и зголемување на пешачките пјацети и острови, стеснување на автомобилските ленти, спроведување на издвоена инфраструктура за пешаци и велосипеди насекаде, подигнувања и искривувања на коловозот итн. Со вакви измени, Њујорк, на пример, драстично го намали бројот на жртви на улиците (http://www.nycvzv.info/).

Ве повикуваме во среда со заедничко возење на велосипеди низ улиците на градот да упатиме прашање до институциите за тоа кој е одговорен за порастот на жртвите во сообраќајот, дали одговорните немаат доволно капацитет и волја да се справат со овој проблем, дали мерките кои се преземаат се соодветни кога статистиката покажува дека не вродуваат плод, дали можеби сообраќајната инфраструктура на градот придонесува кон зголемување на оваа бројка и истата бара редизајнирање во насока на поголема безбедност на сите учесници?

За илустрација, за зголемување на безбедноста на своите граѓани, повеќе земји или пак градови во светот го применуваат концептот „Визија нула“, вклучувајќи ги Канада, Холандија, Шведска, Велика Британија и САД (или барем некои поголеми градови во нив). Овој концепт се базира врз принципот дека не може никогаш да биде етички прифатливо луѓето да бидат сериозно повредени или да починат како резултат на движење во сообраќајната мрежа. Концептот подразбира одбирање на стратегии, поставување таргети и цели кои се стремат кон нула број на жртви, како и поделена одговорност на оние кои ги дизајнираат и користат патиштата, а не само на оние кои ги користат.

И да потфрлат луѓето како поединци, сообраќајниот систем не смее да потфрли!
Дали се прироритетите на институциите јасни или поматени во тој поглед?
-Приоритет на Градот треба да биде да обезбеди безбедни и проточни (но не и брзи) улици за сите типови сообраќај.
-Приоритет на полицијата треба да биде не да собере квота од казни, туку систематски да казнува за најопасните прекршоци во сообраќајот со цел нaјопасното однесување да го сведе на минимум.

Кој ја мати безбедноста на велосипедистите, а и на другите ранливи учесници во сообраќајот?

Да ставиме ФОКУС НА БЕЗБЕДНОСТА.
Се гледаме во среда, на Критична маса #71.



--------------------------------------------------------------------



Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 70 пати возеа масовно по скопските улици, на 70 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 71-ви пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!

Приклучи се! Ангажирај се!

Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!

--------------------------------------------------------------