27 September, 2015

Критична маса #41: Стоп за убиствата во сообраќајот

Датум: среда, 30.09.2015
Почеток: 17:30, Плато покрај Фонтана, Градски Парк
Крај и протест: бул. Партизански Одреди (добредојдени сте и пеш и на точак)
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк
Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------

Барања за подобрување на безбедноста: линк

---------------------------------------------------------------------

“НОВА ЖРТВА НА УЛИЦИТЕ?!”
“ПРЕГАЗЕН ВЕЛОСИПЕДИСТ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН”
“СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА - НАСТРАДА ПЕШАК”
Последниве месеци постојано се будевме со вакви наслови во медиумите. Овие ужасни случки станаа наше секојдневие. Секако дека сме вознемирени но не сме премногу изненадени. По примерот на слични етапи во развојот на други градови, беше прашање на време кога ќе се случи ова и кај нас. Ова е очекувана последица која се појавува секаде, без исклучок, поради автоцентричната политика која се спроведува во други држави, но и кај нас, особено последните години. Со проекти фокусирани на коли и само на коли (бесконечно проширување на сообраќајниците, нови ленти за автомобилите, зелени бранови, паркиралишта), Скопје прерасна во место погодно единствено за автомобили, за превозот кој највеќе загадува, за превозот кој зафаќа највеќе простор, кој крева најголема врева, а воедно и е најопасен по околината. Сите оние кои патуваат на друг начин: било пешки, со велосипед, да не зборуваме за со инвалидска количка станаа непожелни во овој град. На сите нив (а тоа ги вклучува и возачите на коли во моментите кога пешачат) сѐ повеќе им се намалува просторот за движење и нормално функционирање, постојано и смислено се туркани на маргините, без никаков животен простор и оставени на немилост на посилните.
Ова континуирано силеџиство на улиците деновиве го доживеа својот максимум. Само што сме го исплакале Давид, 13-годишно дете на велосипед прегазено на пешачки премин, веќе наредниот ден палиме свеќи за уште еден наш сограѓанин прегазен на пешачки остров. Одиме на посета во болница кај велосипедист повреден од автомобил, а на излегување болницата се полни со нови повредени во слични сообраќајни судири (вистинска приказна).
Иако не сакаме да мислиме дека нашиот град е ловиште за дивеч, токму така се чувствуваме овие денови: како некои животни од загрозен вид кои се ловени по улиците. Време е сезоната на лов на пешаци и велосипедисти да заврши! Време е да се зауздаат здивените возачи-ловци кои веќе подолго време дивеат по улиците. Ние не сме дивеч за отстрел! Ние сме си соседи, пријатели, роднини... Ние сме сограѓани.
На сите ни фали едукација, на сите ни фали свест, истите сме и кога сме пешки, и кога сме на точак и кога сме во кола. Но кога ќе погледнеме колку небалансирано е распореден просторот на различните начини на превоз во Скопје и од друга страна фактот дека кога сме во кола сме најопасни поради можноста да повредиме други, ќе сфатиме дека одговорноста на сите учесници во сообраќајот не смее да се изедначи и дека начинот на планирање на скопските улици не ги заштитува најслабите.


Сите овие трагедии немаше да се случат, или барем ќе беа во многу помал број, доколку брзото возење на автомобили не доби, свесно или несвесно, поддршка од политиките на надлежните градски и државни власти. Како? Сѐ што изминативе години се правеше на инфраструктурен план во овој град беше во полза на моторните возила и нивното брзо поминување. Кога се прошируваа улиците и булеварите се мислеше само на моторен сообраќај. Кога се штелуваа семафорите и сигнализацијата, беше важно колите најбргу да стигнат до својата цел. Кога, во ретките случаи, се градеа тротоари и вело-патеки, тоа се правеше со субстандардни димензии или па се претвораа во паркинг-места за коли. И како тоа да не беше доволно – целиот град се претвори во едно огромно паркиралиште. Но тука не завршува оваа тажна приказна: откако  се заврши со улиците и тротоарите, сега се насочуваме и кон кејот како една од ретките зони со привилегија за пешачењето и возењето точак. Зарем не е доста?
Зарем ви е убаво да живеете во ваков град? Нели уживате во пешачките и велосипедски зони, во зоните на смирен сообраај во други градови кога ги посетувате? Како можат таму возачите да возат внимателно и да им даваат предност на ранливите?
Има многу фактори за начинот на однесување (образование, лично, воспитување, акции на полицијата), но големо влијание има и инфраструктурата. Инфраструктурата ја моделира културата! Просторот им влијае луѓето, ги учи на вредности.

Доколку се вложува првенствено за коли и не се преземааат акции да им се ослободи и онака малиот простор на оние кои пешачат и возат точак, (погледнете ја ситуацијата на Партизанска) со вакви постапки им се дава сила на дел од возачите на автомобили. Тие се чувствуваат моќно и заштитено. Тоа им ја зголемува ароганцијата и нетолеранцијата кон сите други, кои и од надлежните се третирани како втора класа на превоз, втора класа на граѓани. Резултатите ги гледаме секојдневно. Сето ова се случува со толкава брзина што веќе не ни можеме да ги регистрираме сите жртви. Најстрашно е тоа што голем број од загинатите и повредените во последниве несреќи беа деца, да, во 2015-та до август во Скопје загинаа 12 деца поради сообраќајки. Потребно беше само малку за нивната смрт да биде избегната. Потребно беше само разбирање за потребите на луѓето што пешачат (а тоа сме сите!) и возат точак и овие трагедии можеби немаше да се случат.

Лична одговорност мора да преземат виновниците, но мора да преземеме и колективна одговорност како општество: ние кои тоа го дозволуваме да се случува и особено оние кои имаат моќ да ги променат политиките!

До кога ова ќе продолжи?


СТОП ЗА УБИСТВАТА ВО СООБРАЌАЈОТ!


СТОП ЗА УБИСТВАТА НА ПЕШАЦИТЕ И ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ!
 


Постерот за КМ 41

---------------------------------------------------------------------
Логиката на планирање на сообраќај во град не е иста со таа на автопатите. Тука ширината на лентите не обезбедува поголема безбедност, зашто брзината која ја ја овозможува е погубна за животот кој се случува во градот.
Просторот и тоа како им влијае на луѓето! Постојат многу студии кои го истражуваат психолошкиот ефект на широките ленти кои ги поттикнуваат возачите да ја зголемат брзината над ограничувањето, давајќи им лажно чувство на безбедност.
Во многу градови во светот постои тенденција на стеснување на коловозни ленти за намалување на предизвиканата брзина кај возачите и ослободување на простор за одржлив транспорт.
Се користи дизајн на крстосници кој го зголемува просторот за ранливите учесници, а со тоа и нивната видливост во сообраќајот, а не дизајн кој ги стеснува пешачките острови до таа мера што не собира велосипед, како на многу места во Скопје!
Сметаме дека е крајно време да се преземат мерки кои сериозно ќе се разликуваат од досегашните политики во безбедноста и сообраќајот.
Во Скопје расте бројот на граѓани кои го користат велосипедот како превозно средство, но инфраструктурата не го следи тој раст.
Не сакаме овие немили настани, брутални убиства во сообраќајот да станат пракса! Но не сакаме ни да се откажеме од користењето на велосипедот како превозно средство.
Не смее излегувањето од дома на најздрав и најеколошки начин, најодговорен спрема околината и градот, да биде најризично и да нè чини живот!

Не смее никого да чини живот!
Пешачењето и користењето на велосипед како превозно средство мора да се унапредуваат како начини на превоз поради сите бенефити кои ги имаат и овие ранливи групи мора да бидат заштитени со соодветни политики. Место да нè уплашат, овие настани треба да нè поттикнат да делуваме и како велосипедска заедница, и како загрижени родители, граѓани, и како надлежни. Изгубените животи не можеме да ги вратиме. Но можеме да го следиме примерот на Холандија (линк) која не е само добра за возење велосипед, туку е една од трите најбезбедни држави од аспект на сообраќај во светот. Едното со другото се во корелација.


Сакаме иднина во која ќе се чувствуваме безбедно сите, без разлика на начинот на превоз кој го користиме во моментот. Сакаме иднина во која децата ќе играат безбедно на улица и самостојно ќе можат да отидат на школо пешки или со точак, без страв дека нешто ќе им се случи!

Затоа предлагаме и бараме мерки во 4 различни области.
Некои од нашите барања за подобрување на безбедноста и мобилноста на пешаците и велосипедистите се во продолжение. Целиот документ со барања (38 предлози/барања, систематизирани во 4 категории) кој во текот на утрешниот ден ќе биде испратен до сите надлежни институции, можете да го прочитате тука.
  • Неселективно спроведување на постоечките закони, преку едукација, опомени, а потоа и казнување од страна на полицијата, последното особено за најголемите причини за сообраќајни убиства: брзо возење, недавање на предност на минување (особено на ранливите) итн.
  • Преку промена на приоритетите на вложување, политичарите да пратат поинакви пораки од досегашните ( кои беа „Вложуваме само во автомобилски сообраќај, само тоа е битно“), и тоа не преку зборови, туку преку дела. Во наредниот период фокусот да се помести кон вложување во инфраструктура за велосипедски и пешачки сообраќај. 
  • При планирање на нови улици и реконструкција на старите во населени места, да биде задолжително да се изработи сообраќајно решение за пешаци и велосипедисти. -Да се донесе законска измена со која отворањето на врата (dooring) ќе биде забрането не само во текот на возење на возилото, туку и кога е паркирано, ако од задната страна доаѓа велосипедист. Возачот треба да биде должен да погледне и да се осигура дека е безбедно да ја отвори вратата.
  • Да се разгледа можноста за правно редефинирање на некои од сообраќајните судири каде причината е брзо возење и свесно опасно однесување од страна на возачот, како убиства во сообраќај и за нив кривично да се одговара.
  • Да се донесе законска измена со која ќе се овозможат алтернативни обезбедени патеки за пешаците и велосипедистите при извршување на градежни работи.
  • Да се презентира пред јавноста и да се усвои изготвениот национален Правилник за стандарди при планирање и проектирање на велосипедски патеки со чие донесување ќе се избегнат импровизациите при проектирањето во рок од 3 месеци (јануари 2016).
  • Балансирана дистрибуција на уличниот простор на сите типови сообраќај, широки автомобилски ленти покрај тесни тротоари е рецепт за небезбедност. Сакаме улици за градски живот, а не автопати низ Скопје!
  • Престанок на ретроградниот тренд на проширување на улици на места каде не можат да се обезбедат (пропорционално на автомобилските ленти) соодветни услови за велосипедисти и пешаци. 
  • Да се стеснат автомобилските ленти од 3.5 m на помали ширини, ~3 m, поточно ширини кои одговараат на пропишаната брзина од 50 Km/h.
  • Да се забрза реализацијата на проектот Скопје вело-град (до мај 2016-та)
  • Воведување на задолжителни лекции за односот кон ранливите учесници во сообраќајот во автошколите.
  • Воведување на задолжителни часови за возење велосипед за идните возачи
---------------------------------------------------------------------
Дојди на Критична маса #41 доколку ти значи ова.
Да речеме големо „СТОП, сакаме промена“. Ни треба твојата поддршка, без оглед на твојот доминанетен превоз. Во оваа битка не се делиме на велосипедисти, пешаци, возачи, се делиме на совесни и несовесни граѓани, па ги повикуваме сите на кои им е важна безбедноста во сообраќајот во градот да ни се приклучат.

Ќе возиме на точак по следнава рута:


Оние кои ќе дојдат без точаци, ќе може да изодат пеш од почетната до крајната точка по скратен пат и да бидат дел од протестот. Исто така можно е да се приклучите само на почетната (17:30) или само на крајната точка (18:00).

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 40 пати возеа масовно по скопските улици, на 40 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 41-ви пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

Предлози и барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот

Барањата се испратени до: Град Скопје, Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Министерство за здравство, Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, ЈП Улици и патишта и сите скопски општини.

Документот кој е испратен го има на линкот.

-------------------------------------------------

Во првите 6 месеци во 2015-та во Македонија загинаа 12 деца во сообраќајни судири.
Во рок од само една недела во Скопје беа прегазени 3 велосипедисти, од кои двајца: еден повозрасен и едно 13-годишно дете, веќе ги нема меѓу нас.
Најчести жртви во сообраќајни судири редовно се пешаците и велосипедистите, тие не можат да нанесат штета, но можат да претрпат. Брзодвижечките тешки метални возила се и смртоносни по нивната ранливост. Полициските акции, но пред сè планирањето на просторот мора да ги заштити нив и да ја земе предвид човечката грешка.

Сметаме дека е крајно време да се преземат мерки кои сериозно ќе се разликуваат од досегашните политики во безбедноста и сообраќајот.
Носечка идеја да не биде веќе брзото поминување на возилата, туку заштитувањето на човековиот живот. Немаме животи за губење! Никој не заслужува да го изгуби животот на таков свиреп начин. Идејата за сообраќајни решенија и акции на полицијата кои ќе го заштитат човековиот живот е во склад со идејата за подобрување на мобилноста на пешаците и велосипедистите. Само во град каде има високо чувство на безбедност во сообраќајот може да се унапредуваат овие здрави начини на транспорт.

Во Скопје полека, но забележливо расте бројот на граѓани кои го користат велосипедот како превозно средство, но инфраструктурата не го следи тој раст. Се плашиме дека ако нешто итно и сериозно не се преземе, ќе продолжиме да слушаме лоши вести.
Не сакаме овие немили настани, брутални убиства во сообраќајот да станат пракса! Но не сакаме ни да се откажеме од користењето на велосипедот како превозно средство. Не смее излегувањето од дома на најздрав и најеколошки начин, најодговорен спрема околината и градот, да биде најризично и да нè чини живот!
Не смее никого да чини живот!
Пешачењето и користењето на велосипед како превозно средство мора да се унапредуваат како начини на превоз и овие ранливи групи мора да бидат заштитени со соодветни политики. Место да нè  уплашат, овие настани треба да нè поттикнат да делуваме и како велосипедска заедница, и како загрижени родители, граѓани, и како надлежни. Изгубените животи не можеме да ги вратиме. Но можеме да го следиме примерот на Холандија (
линк) која не е само добра за возење велосипед, туку е една од трите најбезбедни држави од аспект на сообраќај во светот. Едното со другото се во корелација.


Затоа предлагаме и бараме мерки во 4 различни области кои ќе ја зголемат безбедноста и мобилноста на ранливите учесници во сообраќајот.


-------------------------------------------------

1. Полициска акција и политичка волја
1.1. Неселективно спроведување на постоечките закони, преку едукација, опомени, а потоа и казнување од страна на полицијата, последното особено за најголемите причини за сообраќајни убиства: брзо возење, недавање на предност на минување (особено на ранливите) итн.
Полицијата треба да направи посериозна повеќемесечна кампања во која ќе се посвети фокусирано на брзото возење во градска средина. Само преку континуирани кампањи (едукативни и казнени) ќе има видлив ефект од делувањето. Инцидентното казнување има незначителитен ефект.

1.2. Поставување на камери (веројатно тоа е и намената на веќе поставените камери?) кои ќе ја снимаат брзината и казнување по автоматизам на сите кои ќе ја надминат пропишаната брзина. Брзината убива и тука не смее да има толеранција.

1.3. Казнување и едукација на оние кои ги паркираат возилата на јавни површини (пешачки и велосипедски патеки) со што директно ги доведуваат во ризик ранливите, принудувајќи ги да се спуштат на коловоз.
И за овој проблем потребно е кампањско делување без прекин во период од повеќе месеци кој ќе биде доволен луѓето да ги сменат навиките.

1.4. Спроведување на законските одредби за велосипедистите: задолжителна употреба на катадиопри, ѕвончиња, исправни кочници, употреба на предно и задно светло при услови на намалена видливост, преку едукација, опомени, а потоа и казнување

1.5. Политичарите да покажат со сопствен пример дека и другите типови сообраќај се рамноправни: пешачки, велосипедски, автобуски.

1.6. Преку промена на приоритетите на вложување, политичарите да пратат поинакви пораки од досегашните ( кои беа „Вложуваме само во автомобилски сообраќај, само тоа е битно“), и тоа не преку зборови, туку преку дела. Во наредниот период фокусот да се помести кон вложување во инфраструктура за велосипедски и пешачки сообраќај.

1.7. Полицијата да покаже преку сопствен пример дека го почитува велосипедскиот и пешачкиот сообраќај со тоа што при паркирање на возилата нема да им го блокира просторот, туку ќе остава место за поминување.


Полициско возило паркирано на велосипедска патека

2. Измени во законската рамка

2.1. При планирање на нови улици и реконструкција на старите во населени места, да биде задолжително да се изработи сообраќајно решение за пешаци и велосипедисти.
За да се избегне подразбирањето дека решавањето на сообраќај е еквивалентно на сообраќај само за коли, мора да се направи ваква законска измена. Треба да се озакони фактот дека во отсуство на вакво решение на одредена улица, велосипедистите и пешаците свесно се изложуваат на ризик од страна на планерите.


 2.2. Брзините во населени места не смеат да бидат повисоки од 50 km/h, без исклучок. Брзината 50 km/h да биде дозволена само за оние улици кои ги издвојуваат автомобилскиот, велосипедскиот и пешачкиот сообраќај.


Моменталните законски измени предвидуваат 50km/h максимално ограничување, но предвидуваат и исклучок за улици кои исполнуваат некакви (не е опишано какви) сообраќајно технички-елементи. Штом има допир со пешаци и велосипедисти, улицата не смее да дозволува повисока брзина од 50 Km/h. 70 km/h би била дозволлива само за подземни, надземни, изолирани сообраќајници каде воопшто немаат пристап пешаците и велосипедистите.


Член 35 (Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата)
(1) На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50km/h, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за определен негов дел.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, на јавен пат во населено место, чии сообраќајно-техничкиелементи тоа го овозможуваат, може со сообраќаен знак да се дозволи движење со возило и со брзина поголема од 50 km/h, но не поголема од 70 km/h.



2.3. Во населени места, онаму каде што може физички да се издвои пешачкиот сообраќај, а велосипедскиот да се постави на коловоз со велосипедски ленти, брзината да се ограничи на 40 km/h.



2.4. Во населени места, онаму каде што не постои решение за издвоен велосипедски и пешачки сообраќај, брзината да се ограничи на 30 km/h.


2.5. Да се вметне во Законот за безбедност - минимално растојание при претекнување на велосипедисти од 1 до 1.5m.
Возачот не смее да врши престигнување и обиколување на велосипедист кој вози на коловозот ако поради условите на патот не може да го испочитува безбедносното странично растојание од велосипедот од: минимум 1 m за дозволена брзина на патот до 60 km/h и 1.5m над 60 km/h.


2.6. Да се промени законската одредба која забранува престигнување на други возила непосредно пред крстосница или премин преку пруга, а дозволува престигнување на велосипед. Возачот да смее да го престигнува велосипедистот (и мотоциклистот) само доколку го обезбеди минималното странично растојание. Во спротивно, треба да се однесува кон велосипедот како кон било кое возило.



Член 57 (Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата)
(1) Возачот не смее да престигнува друго возило, освен велосипед, мопед и мотоцикл без странична приколка, непосредно пред крстосница или непосредно пред и на премин на патот преку железничка или трамвајска пруга на ниво без браник или полубраник

2.7. Да се донесе законска измена со која отворањето на врата (dooring) ќе биде забрането не само во текот на возење на возилото, туку и кога е паркирано, ако од задната страна доаѓа велосипедист. Возачот или било кој патник во возилото треба да биде должен да погледне и да се осигура дека е безбедно да ја отвори вратата.


2.8. Да се разгледа можноста за правно редефинирање на некои од сообраќајните судири каде причината е брзо возење и свесно опасно однесување од страна на возачот, како убиства во сообраќај и за нив кривично да се одговара.


2.9. Да се донесе законска измена со која ќе се овозможат алтернативни обезбедени патеки за пешаците и велосипедистите при извршување на градежни работи.

 Штом за потреба на градежните работи се окупира јавна површина,  инвеститорите да мора да обезбедат заштитена алтернативна пешачка/велосипедска патека изработена врз база на одобрено сообраќајно решение. Во спротивност, велосипедистите и пешаците свесно се изложуваат на ризик од страна на инвеститорите и планерите.

2.10. Да се презентира пред јавноста и да се усвои изготвениот национален Правилник за стандарди при планирање и проектирање на велосипедски патеки со чие донесување ќе се избегнат импровизациите при проектирањето во рок од 3 месеци (јануари 2016).



3. Локална инфраструктура и политики


3.1. Градот да престане да го привилегира индивидуалниот автомобилски превоз во сопствените политики поради ред причини: еколошки, здравствени, но и безбедносни. Со проширувањето на улици за коли, со толерирањето на нелегалното паркирање на возилата врз пешачки и велосипедски патеки, градот праќа порака дека само автомобилите се битни, а сите други се втора класа на граѓани. За да ја зголемиме безбедноста на ранливите учесници во сообраќајот, Градот мора да прати поинакви пораки, и тоа не преку зборови, туку преку акција.


3.2. Потребна е балансирана дистрибуција на уличниот простор на сите типови сообраќај, широки автомобилски ленти покрај тесни тротоари е рецепт за небезбедност. Сакаме улици за градски живот, а не автопати низ Скопје!
Ако улицата создава чувство на автопат, возачите се однесуваат како да се на автопат. Ако улицата создава чувство на место каде се одвива градски живот и сите учесници во сообраќајот се почитувани со соодветен доделен простор, и возачите ќе се однесуваат како да се на градска улица.





3.3. Престанок на ретроградниот тренд на проширување на улици на места каде не можат да се обезбедат (пропорционално на автомобилските ленти) соодветни услови за велосипедисти и пешаци.
Во никој случај, проширувањето на коловозите не смее да биде на сметка на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, а на тоа сме сведоци при реконструкциите на повеќе улици изминативе години (Климент Охридски, Илинденска...), што се покажа како погубно во поттикнувањето на културата на брзо возење и одземање животи. Не мора да ги повторуваме истите грешки на други градови и држави. Да изгубиме многу животи, па да се освестиме дека не може да се добие безбеден град со улици само за коли. Да учиме од нивната историја.


3.4. Да се стеснат автомобилските ленти од 3.5 m на помали ширини, ~3 m, поточно ширини кои одговараат на пропишаната брзина од 50 Km/h.
Дополнителен бенефит, покрај разумните брзини од оваа мерка ќе биде: ослободувањето на простор за одржлив транспорт, повеќе простор за велосипедски, пешачки и автобуски сообраќај, повеќе простор за зеленило, зависно од потребите на конкретната улица. Постојат многу студии кои го истражуваат психолошкиот ефект на широките ленти кои ги поттикнуваат возачите да ја зголемат брзината над ограничувањето, давајќи им лажно чувство на безбедност. (линк)



Пред и Потоа. Дури и ист број на ленти за возила, но со помала ширина поттикнуваат безбедно возење
и ослободуваат простор и за велосипеди и за зеленило.
3.5. Да се забрза реализацијата на проектот Скопје вело-град. 
Бараме Град Скопје да заврши со овој проект во рок од една година од најавата, до месец мај 2016-та, а во меѓувреме да се планира проширување на мрежата.
Подразбираме дека реконструкција ќе вклучи замена на сите рабници со коси рампи, поправање на дупките, заобиколување на автобуските постојки.


3.6. Патеката на кејот, како најбезбедна, да се направи проодна на критичните точки и да се интегрира во остатокот од градот преку изградба на рампи за возење велосипед и пешачко-велосипедски мостови.


3.7. Да се прошират пешачките зони во Скопје, особено во центарот на градот и централни места на општините. Да се зголемат местата каде имаат пристап пешаците и велосипедистите, а немаат возилата. Да се спречи ретроградиот процес на претворање на веќе усвоена пешачка зона во автомобилска улица во центарот на Градот.


3.8. Да се постават пешачко-велосипедски премини на местата од интерес(дестинациите) на пешаците.

Да се земе предвид психологијата на пешаците за користење на најкратката патека при преминување. Пешаците се движат со сопствена сила и поподложни се на умор и атмосферски влијанија. Задача на планерите е да ги земат предвид и нивните потреби при планирањето, а не само оние на возилата. Пешаците треба да бидат на врвот на сообраќајната пирамида.

3.9. Решенијата со надземни и подземни премини за пешаци не се логични во градска средина освен кога се поврзани со станици за јавен превоз или други содржини од интерес. 

Следствено, не се препорачливи зашто луѓето не ги користат (пример е мостот Влајко) и поттикнуваат уште побрзо возење во случаите кога се користат. Единствено се препорачливи на влезовите од градот кога се уште не е намалена автопатската брзина. Треба да се користат решенија за премин на  улица на нивото на градските содржини, што е најпожелно за пешаците и најхумано.

3.10. Да се внесат потребните времиња за пешаци и велосипедисти како влезен параметар во програмирањето на семафорите во системот на ЦУКС.

Моментално тој е базиран само на однесувањето на возилата и е во прилог на брзото возење на возилата (резултат на тоа се долги чекања и кратко време за минување на пешаците).

3.11. Поставување на одвоени црвени и зелени светла на раскрсниците за пешаци и за велосипедисти.

Просечното време на поминување и брзината на двете групи учесници е различно.

3.12. Да се користи дизајн на крстосници по примерот на земјите со најбезбеден сообраќај: дизајн кој ќе ги успори возилата при пристигнувањето кон крстосницата и ќе ги направи видливи ранливите учесници во сообраќајот (употреба на bike box, широки пешачки острови, помали радиуси на свртување за возилата и сл.)


3.13. Итно решавање на проблемот со возила паркирани на јавни површини: пешачки и велосипедски патеки, преку здружна полициска и градска акција.

Во некои градови проблемот се решава со комунални редари, а на критични точки со поставување на пречки (столпчиња, жардињери…)

3.14. Обележување со хоризонтална и вертикална сигнализација на сите веќе постоечки велосипедски и пешачки патеки.

Многу од граѓаните не ни знаат дека паркираат врз туѓ простор. Должност на градот е да ги информира и да го заштити просторот и на овие учесници во сообраќајот.

3.15. Да се донесе стратегија за унапредување на мобилноста и безбедноста на ранливите учесници во Град Скопје со рокови за исполнување, која ќе се базира на овие и слични предлог-мерки.


4. Образование



4.1. Воведување на задолжителни лекции за односот кон ранливите учесници во сообраќајот во автошколите.
Во лекциите да се стави акцент на моќта на металното возило, ефектите од брзото возење, отстапување безбедносно растојание, давање предност, психологија на пешаците и велосипедистите, психологијата на возачите, особено младите возачи, идентификацијата со брзо возење итн.

4.2. Воведување на задолжителни часови за возење велосипед за идните возачи.
Само преку искусување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните кога се на велосипед, ќе можат да се однесуваат безбедно и со почит кога се во кола. Постои тенденција во Европа на проширување на програмата за идните возачи од едукација за строго автомобилски сообраќај кон едукација за севкупна мобилност.

4.3. Задолжителни часови по сообраќај за деца во основни училишта кои ќе опфатат и вештини за управување велосипед и сообраќајни правила.

4.4. Едукативни кампањи кои ќе се насочат кон вистинските виновници и вистинските причини за сообраќајни судири (брзината е причина бр.1 за сообраќајни судири во Македонија, а возачите се виновни во над 90 % од случаите)

4.5. Задолжителна едукација за сите кои ќе направат сообраќаен прекршок, без разлика дали добиле парична казна или не.

4.6. Едукација на планерите и донесувачите на политиките во градските/општинските администрации за современи сообраќајни концепти кои на врвот ја ставаат безбедноста, мобилноста, одржливиот превоз.
Треба да се напуштат политиките кои решаваат само „брз проток на автомобили“ и да се работи на „безбеден проток на луѓе на сите можни начини“.


Да го смениме пристапот!

На оваа тема, ја посветуваме и Критична маса #41: линк 

22 September, 2015

Сакаме вистински Ден без автомобили!

Денес е Денот без автомобили, завршен ден на Европската недела на мобилност.
Денот без автомобили треба да ја прати пораката дека не треба да сме зависни од автомобилот, дека дел од патувањата можеме да ги пренасочиме на одржлив превоз (пешачење, велосипед, јавен транспорт). Со ова би доживеале ден со помала бука и загадување, помалку гужви и повеќе радост, што и се случува во оние градови кои го реализираат доследно овој ден.
Велосипедската парада која се случува неколку години по ред во Скопје не може да се нарече Ден без автомобили.
Ден без автомобили не е церемонијален настан кој трае 2 часа! За 2 часа можеме само да се провозиме, да се сликаме и да завршиме со забава во парк. Но каде е тука пораката за мобилност.
Денот без автомобили треба да биде градска прослава на одржливиот транспорт! Ден кој сите граѓани ќе го живеат! 
Барем одредени делови од градот (неколку соседства и главни улици) треба да бидат car-free во текот на целиот ден, не само церемонијално на неколку часа.
Изговорите од типот негативни реакции од граѓаните за затворање на улици за автомобилски сообраќај не ги прифаќаме. Штом можат да се затворат Скопската обиколница и Димитрија Чуповски за комерцијални цели, концерти и прослави, и покрај толку реакции на граѓаните, сметаме дека е многу пооправдано да се затворат за повисоко јавно добро!
Честит Ден без автомобили, во надеж дека еден ден Градот ќе ги разбере придобивките и вистински ќе го реализира.
 
 

Да го следиме примерот на Париз! 
Овој 2-милионски град (2 милиони во административните граници, 10 милиони во урбаната област) годинава организира Ден без автомобили на значителен дел од својата територија (темно зелено на мапата), а на остатокот не забранува индивидуален автомобилски превоз, но ја ограничува брзината на 20 km/h (светло-зелено) и само советува луѓето да ги остават автомобилите. 
Еден од најзагадените градови во светот, ги става луѓето и квалитетот на животот во фокус, зашто му е неопходна промена. Неопходна му е промена и на загаденото Скопје и сигурно ваков Ден може да организира и нашиот значително помал град! Ако намерите на локалната власт самоуправа за Скопје вело-град и Скопје град со почист воздух се искрени, очекуваме наредната година вистински Ден без автомобили!
Поради безбедносниот аспект, очекуваме најава за промени во инфраструктурата уште сега!
Замислете, локалната власт на Париз жали што добиле дозвола од надлежните за забрана за автомобили само за толкав дел од градот (темно зелените области се car-free, освен за јавен превоз и специјални возила). Па за наредната година планираат уште поамбициозен проект.

19 September, 2015

Протестен собир: Стоп за убиствата во сообраќајот!

Стоп за убиствата во сообраќајот! 
Стоп за убиствата на пешаци и велосипедисти!

Денес (сабота, 19.09) ве повикуваме сите на точак или пешки да дојдете во 18:00 на Фонтана, Градски Парк да изразиме сочувство за изгубениот млад живот и да изразиме револт кон надлежните за непреземањето сериозни мерки за заштита на ранливите. Направете си плакати и споделете ги јавно на собирот.

Би сакале да изразиме сочувство до семејството на детето жртва. Почивај во мир детенце.

Свесни сме дека ништо не може да ја надомести нивната загуба, но исто така свесни сме дека е потребно да се преземе нешто за ова да не се повтори. 

Не смее излегувањето од дома на најздрав и најеколошки начин, најодговорен спрема околината и градот, да биде најризично и да те чини живот! Животот е вредност поголема од брзината, поголема од итноста на смс порака, поголема и од сообраќајните правила. 

Градот мора да стави приоритет на вложување во условите за пешаци и велосипедисти. Градот мора да стане свесен за психологијата на оние зад воланот. Бидејќи не користи сопствена енергија, туку енергијата на некое гориво, возачот на автомобил со голема леснотија нагазува на гасот секогаш кога ќе види празен простор, малку сообраќај, широки ленти. „Ама празно беше, не очекував“ Сообраќајните судири никогаш не се случуваат кога очекуваш, по дефиниција. 

Постоењето на соодветна инфраструктура за пешаци и велосипедисти ќе ја зголеми свеста на возачите дека и тие се еднакви и општеството ги третира со еднаква почит. Со сегашнава ситуација, пораките кои возачите ги примаат се дека велосипедисти и точаци се небитни, па мислат дека секогаш се тие во право и не успоруваат да им дадат предност.

Скопје е автомобило-центричен град во секој поглед (инфраструктура, семафори, култура), а автомобило-центричните градови се градови со најмногу жртви во сообраќајот. Тоа мора да се смени! 

Штом еден возач комотно може да си паркира на пешачки и велосипедски патеки, а за нивната окупација нема никакви акции да се ослободат, општеството му праќа порака на возачот дека градот е негов, на автомобилот, дека не мора да внимава на просторот на пешаците и велосипедистите. 

Ние сакаме таа култура да се смени!
Сакаме да се воспостави еднаков третман и почит кон сите, а пред се почит кон животот. 

Одредени однесувања во сообраќајот (како пребрзото возење на пример) се од старт ризични и треба да се третираат како обид за убиство. 

Потребно е да преземеме сериозни чекори како општество за да нема толку жртви по улиците.

Многу градови и земји спроведуваат Визија Нула за нула жртви во сообраќајот. Каква визија имаш ти Скопје и Македонијо? 

Бараме надлежните да станат свесни колку насушно ни се потребни промени во пристапот, пред жртвите да станат секојдневна вест.

Уште еднаш, НаТочак изразува искрено сочувство до семејството на жртвата.

Почивај во мир детенце.