24 June, 2016

Критична маса #50: Ѕрн ѕрн - чуф чуф - ѕрн ѕрн! Точак на автобус + точак во воз = Да комбинираме зелен превоз!

Датум: среда, 29.06.2016
Почет
ок: 19:00, Транспортен Центар, станица на ЈСП, прва 22-ка
Крај: паркинг меѓу влезот на Кале и Музеј на современа уметност (пикник)

---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Руталинк
---------------------------------------------------------------------
Записник од средба со ЈСП: 
линк
Писмо до Македонски железници: линк
---------------------------------------------------------------------


Постерот за КМ 50

Мултимодалност е посветеноста на градовите да им понудат РАЗЛИЧНИ ОПЦИИ ЗА ПАТУВАЊЕ на граѓаните на кои може да се потпрат, за разлика од едномодалниот, автомобилоцентричен модел каде единствена опција на која може со сигурност да се потпреш е колата.

Интермодалност е можноста меѓусебно ДА СЕ КОМБИНИРААТ РАЗЛИЧНИТЕ НАЧИНИ НА ТРАНСПОРТ, нивната интеграција во еден систем. Ист билет да важи за различен транспорт, да се симнеш од воз и веднаш да имаш станица за изнајмување велосипеди, на автобусот да имаш држачи за велосипед, да можеш да патуваш со воз и со велосипед.

Во битката за одржливи градови и зелени транспортни системи,интермодалноста ги истакнува предностите на сите начини на превоз, овозможува комбинации и ги прави употребливи различните начини на превоз ЗАЕДНО, во ситуации кога самостојно не се.

Пример 1. Живееш далеку од постојката каде минува автобуската линија која ти одговара за на работа за да испешачиш до неа, и затоа не користиш автобус. Кога би можел да го прикачиш точакот на автобусот, не само што би почнал да користиш автобус, туку би користел и точак.

Пример 2. Би сакал да одвозиш со точак до некоја интересна дестинација, но за тоа треба премногу време и затоа не се решаваш. Кога би можел да го натовариш во воз и би стигнал до одредена точка со возот, би го продолжил патувањето со точак. Претходно не си користел воз, но оваа можност те поттикнува.

Дупли ќар ;)

Јавниот превоз и велосипедскиот може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот: јавниот превоз поради својата брзина, а велосипедскиот поради можноста за „превоз до врата“. Совршени партнери!

Комбинирањето на превозот е и во полза на јавниот превоз (зашто ќе ја зголеми достапноста до автобусите/возовите: место само пешки, ќе им се пристапува и со велосипед), во полза е и на велосипедскиот превоз (зашто ќе му ги продолжи прифатливите дистанци), на животната средина (зашто ќе се намалат штетните емисии поради зголемување на привлечноста на овие 2 превозни средства наспроти автомобилите), на туризмот (зашто ќе ја зголеми понудата за дестинации и искуства за туристите). Оваа идеја очекуваме да наиде на широка поддршка од сите институции и пошироката јавност.

НаТочак веќе има направено (комуникација со Македонски железници и ЈСП) и ќе направи дополнителни активности во насока на оваа тема.

Дојдете на јубилејната КМ #50 да дадете поддршка на идејата за комбиниран јавен+велосипедски превоз!

За темата на оваа Критична маса бевме поттикнати од една лоша и од една добра вест.
Лошата вест е забраната за превоз на точаци во возови, а добрата е иницијативата на ЈСП за поставување држачи на автобусите за која може да прочитате на
линкот.

Да изразиме поддршка за чекорите во вистинска насока!
Се надеваме истиот пример ќе го следат и од Македонски железници.
Иднината на транспортот е во комбинирањето, особено на одржливите типови: јавен превоз, автобуси, возови, велосипеди, велосипеди за изнајмување итн...

Бараме поинаков пристап во транспортните политики!

Ќе возиме по следнава рута:


Завршуваме со пикник на Кале и преубав поглед кон зајдисонцето
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 49 пати возеа масовно по скопските улици, на 49 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 50-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!

Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

23 June, 2016

Средба со ЈСП на тема: Комбинирање на автобуски и велосипедски превоз (записник)

ЗАПИСНИК

На иницијатива на ЈСП, на 27.05.2016 во дирекцијата на ЈСП се одржа средба меѓу претставници на ЈСП и НаТочак.
 
На средбата претставниците на ЈСП ја презентираа идејата за интегрирање на велосипедскиот и автобускиот транспорт, а НаТочак посочи на други теми кои се допирна точка меѓу овие 2 типа сообраќај во Скопје. Фокусот сепак беше на можноста и потенцијалите на комбинирањето на автобускиот и велосипедскиот превоз.
 
Заедно беше заклучено дека:
 
-Јавниот превоз и велосипедскиот може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот: јавниот превоз поради својата брзина, а велосипедскиот поради можноста за „превоз до врата“
-Целни групи за комбинирање на превозот би биле:
  1. Граѓаните од приградски населби кои патуваат за работа, факултет итн. до Скопје кои би допатувале со автобус во Скопје и би го продолжиле патувањето со велосипед низ градот
  2. Граѓаните на Скопје кои живеат во зони кои не се на пешачко растојание од автобуските линии и поради тоа не ги користат, па би пристигнале со велосипед до соодветната автобуска станица од каде би го продолжиле патувањето со автобус
  3. Граѓаните на Скопје, но и посетителите, туристите, кои со велосипед би ја продолжиле туристичката прошетка откако со автобус ќе стигнат до крајните дестинации (во насока кон Скопска Црна Гора, Катланово итн.)
-Комбинирањето на превозот е и во полза на Јавното сообраќајно претпријатие (зашто ќе ја зголеми достапноста до автобусите: место само пешки, ќе им се пристапува и со велосипед), во полза е и на велосипедскиот превоз (зашто ќе му ги продолжи прифатливите дистанци), на животната средина (зашто ќе се намалат штетните емисии поради зголемување на привлечноста на овие 2 превозни средства наспроти автомобилите), на туризмот (зашто ќе ја зголеми понудата за дестинации и искуства за туристите) и ваквата идеја очекуваме да наиде на широка поддршка од сите институции и пошироката јавност.
 
Во насока за реализација на овој проект ЈСП ќе направи истражување дали има техничка можност за монтирање на држачи за велосипеди на нивните автобуси.
 
Доколку постои техничка можност и се продолжи со развој на идејата, НаТочак сугерираше да се спроведе анкета со цел да се испита интересот и поддршката за одредени автобуски линии на кои ќе се спроведе пилот-проектот и сугестијата беше прифатена.
Во следна фаза би се изготвило упатство за користење на држачите, како за возачите, така и за велосипедистите.
Користењето на држачите најверојатно не би се наплаќало и би било на принципот first come, first served.
Информацијата за автобуски линии со држачи за велосипеди би се вметнала во сите мапи и планери на патувања.
Како крајна фаза би се спровела кампања со цел промовирање на зелениот превоз и меѓусебното комбинирање.

НаТочак и ЈСП
23.06.2016

20 May, 2016

Промотивни материјали за КМ #49


[дизајн: Руки Чуки]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #49, а на Руки ѝ благодариме за дизајнот.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер, верзија за веб:

постер, А3

  • Постер, верзија за печатење: тука.
  • Банери:
 
Банер 500x500
 
Facebook cover
 
 
Twitter cover
 



Критична маса #49: Среќен 4ти роденден Скопје на точак! Да ги извадиме помошните тркала

Датум: среда, 25.05.2016
Почет
ок: 17:30, Плоштад Македонија

---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: 
линк
---------------------------------------------------------------------


постерот за КМ 49

4 години е возраста кога најголем дел од децата имаат доволно предиспозиции да балансираат и да се ослободат од помошните тркалца.
Во актуелните техники за учење балансирање, помошните тркала се и изоставувани.

Наше Скопје на точак, нашата скопска Критична маса на крајот на мај 2016-та полни 4 години.
Ја доживуваме оваа годишнина како возраст, како клучно време слично на она во развојот на децата.
Поединечните проблеми со кои се соочуваме се многупати обработувани во темите на претходните критични маси, во многу постови, текстови, дописи, анкети.
Треба ли да ги повторуваме?

Паркирани возила на патеките? До кога?
Високи рабници по патека каде треба да се движат тркала? До кога?
Широки многубројни ленти за загадувачки автомобилски сообраќај наспроти тесни тротоари за мешање на велосипеди и пешаци? До кога?
Брзината на автомобилите поважна од безбедноста на пешаците и велосипедистите? До кога?

4 години е добра возраст да се надминат детски проблеми.....
…………..

4 години ги шараме заедно скопските улици, градиме полека, но сигурно Критична маса! Критична маса која се проширува и низ другите градови во Македонија!
Возењето секој сам секој ден е промената за која сонуваме. Тоа да се прави во безбедни услови и уживање е она за кое се бориме. 
Возењето заедно секоја последна среда од месецот е начинот на кој покажуваме дека нè има, и на возачите, и на политичарите, и на сограѓаните кои не помислиле на велосипедот како потенцијален превоз, зашто немало кој да им посочи. 
Критична маса е нашето збирно место, каде се собираме, протестираме, бодриме и радуваме заедно. 
Местото каде заедно го правиме она за што се залагаме, промената, промената која сакаме да ја видиме во светот. Ние се залагаме за возење точак и ние возиме точак! 
Дојди на оваа Критична маса да прославиме 4 години тивка, но сигурна промена. 

Скопје,
Среќен 4-ти роденден Скопје на точак! 
Да ги извадиме помошните тркала!

-------------------------------------------------------------------------------------------


*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 48 пати возеа масовно по скопските улици, на 48 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 49-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!

Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

25 March, 2016

Промотивни материјали КМ #47


[дизајн: Дијана Димитриевска]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #47, а на Дијана ѝ благодариме за дизајнот.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер, верзија за веб:
    постер, А3

постерот може да се гледа и вака ;)
  • Постер, верзија за печатење: тука.
  • Банери:

Facebook cover


Критична маса #47: Скопје не е паркинг!

Датум: среда, 30.03.2016
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Парк на принцови


---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: 
линк
---------------------------------------------------------------------



Постерот за КМ 47
Коли на велосипедски и пешачки патеки, коли во трева, коли пред пристапни рампи. Коли пред влезови, коли на кеј, коли во паркови. Коли на кафе, коли на кино, коли дома, коли во диско, коли на бурек, коли во продавница, коли на пазар, коли до коли, коли над коли, коли во коли. Коли насекаде!

Добро, може малку претеравме, ама ова е сликата за Скопје. Сликата за Скопје не се прекрасни шеталишта, не се пространи пешачки зони. Не е проодна велосипедска мрежа, не е пристапност за лицата со попреченост. Н
е е град пријателски за деца. 

Сликата за Скопје е еден паркинг без крај кој поклопува сè друго. Кој ги прави локациите непристапни за прва помош. Кој ги прави луѓето со оштетен вид апсолутно зависни од други луѓе. Кој ги приморува лицата во количка да останат дома поради непроодни патеки. Кој ги принудува луѓето со детски колички да се симнуваат на коловоз и да се движат во трета лента на булевари. Кој ги става во небезбедни ситуација оние кои возат точак со ненадејно отворање на врата (dooring), затоа што одеднаш тоа место прераснало во „паркинг“.

Ова ли е најдоброто што можеме од нашиот град?

Жители на Скопје нè има секакви: оние што се движиме пеш, оние што возиме точаци, оние кои сме во инвалидска количка, оние што возиме автомобили. Сите ја делиме истата потреба – потребата да се движиме слободно и без ограничувања.

Зарем сите не сме првенствено пешаци? 

Дали Скопје е град каде луѓето се движат слободно без пречки, каде се почитува намената на просторот или Скопје е еден огромен паркинг каде секој паркира каде му текне?

Драги сограѓани, да бидеме сојузници во оваа борба за побезбеден град, град во кој ќе можеш ти, твоите деца, твоите пријатели да се движат слободно и релаксирано. 

Да ги превртиме парадигмите!
Да ја превртиме сликата.
Луѓето на прво место, колите потоа! Не обратно.
Можеме поинаку. Треба поинаку.

Скопје е град, не паркинг! 

*Да помислиме пред да го паркираме автомобилот, дали претставува препрека за некој.
--------------------------
-----------------------------------------------------------------
НаТочак ќе испрати допис до надлежните институции (МВР, РСБСП, Град Скопје и скопските општини) со кој ќе го адресира проблемот и ќе повика на делување. 

Скопје, ни треба поддршка!

Дојди на следната Критична маса во среда, 17.30 часот на Плоштад Македонија.
Возиме по следнава рута:




*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.


Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 46 пати возеа масовно по скопските улици, на 46 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 47-ми пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!

Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------