03 November, 2016

Правда за Кико, безбедни улици за сите! Возење до нас. Гоце Делчев

Датум: недела, 6.11.2016
Почеток: 11:00 ч, плоштад Македонија
Крај: населба Гоце Делчев, на протест “Правда за Кико“
---------------------------------------------------------------------
Facebook настан за возењето: линк
Facebook настан за протестот: линк
Рута: линк
---------------------------------------------------------------------


Во недела се придружуваме на протестот на семејството на Христијан Крстески Кико, на неговите блиски, соседи, на сите луѓе кои се потенцијални жртви на небезбедните скопски улици. 

Кико почина на 19-годишна возраст после неколкудневна кома предизвикана од удар од моторно возило додека го возел својот велосипед. 
Вакви вести слушаме речиси секојдневно.
Овој серијал на убиства во сообраќајот мора да престане! 
Скопје е град, не бојно поле! 
Има начини како да се зголеми безбедноста кои се општо познати, но недостасува волја.
Да ги размрдаме малку одговорните! 
Во текот на наредните денови во настанот на Facebook ќе споделиме повеќе информации за случајот на Кико, за незбезбедноста на скопските улици и предлози како да станат побезбедни.
Придружете ни се во битката за побезбедно Скопје!
 
Никој не замислува дека вакво нешто баш нему или на негови блиски ќе им се случи, но се случува, без разлика дали е централно градско подрачје, приградска населба... 
Затоа, заедно да спречиме идни жртви! 
Правда за Кико, безбедни улици за сите!


Се собираме во 11:00 на плоштад Македонија (бидете на време) и возиме точаци заедно до местото на протестот во населба Гоце Делчев.
 

Ќе возиме по оваа рута: https://goo.gl/of48iz
Линк до официјалниот настан за протестот: https://www.facebook.com/events/537485099795288/

Доколку сте во можност, спремете ваши пораки на хамер или платно за протестот.

24 October, 2016

Критична маса #54: ЗА безбедни патеки во време на градба

Датум: среда, 26.10.2016
Почет
ок: 17:30 ч, Новиот јавен простор на бул. Партизански Одреди (Зегин)
Крај: Универзална Сала

---------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк
---------------------------------------------------------------------


Постер за КМ54

Безбедност и во време на градба? Што е тоа?

Дали сме должни како пешаци да одиме на коловоз поради отсуството на безбедни патеки? Дали сме должни како родители со деца да се протнуваме низ автомобили во движење поради отсуство на премини? Дали сме должни како велосипедисти да скокаме вирови со точакот под рака? Дали сме должни да стапнуваме во бари со вода кога се симнуваме од автобус? Дали сме должни како инвалиди да не излегуваме во град?
Дали треба со страв да се движиме низ улиците на Скопје? Дали градот помислил каде се движат неговите луѓе за ВРЕМЕ НА ГРАДБА? Скопје, локални власти, зарем не сте виделе што се случува во вашиот град? Зарем не сте виделе каде слегуваат луѓето од автобусите, каде поминуваат пешачки, какви акробации се прават со точаци?
Не заборавајте дека сите луѓе треба во секое време да бидат добредојдени на улиците на Скопје а не протерани од нив во одредени услови. Не заборавајте ни на минута дека не треба да фаворизирате одредени начини на транспорт, особено транспорт кој влијае за загадувањето на луѓето од градот.
Креирањето на алтернативни и подеднакво безбедни патеки за сите кои се наоѓаат по улиците на Скопје е задолжителна мерка при градењето. Зарем треба да ве потсетуваме на ваков очекуван чекор од процесот на изградба?

Оние сцени со кои се среќаваме секојдневно придонесуваат небезбедни, нехигиенски и непријатни ситуации. Сите се соочуваме со свирења од коли, не пропуштање, брзи движења, отворање врати и слично. И сите без исклучок газиме во кал и ја шириме ноколу: по јавни површини, по автобуси, во училишта, во канцеларии, насекаде!

Според прописите кои го регулираат односот меѓу процесот на градење и јавните површини не докрај е регулирана безбедноста на пешаците/велосипедистите при градба. Одлуката за Комунален ред во Градот Скопје дозволува користење на јавните површини за потребите на градилиштата, но многу општо и непрецизно предупредува „доколку тоа не е во спротивност со прописите за безбедноста во сообраќајот“. 
Бара оградување на градилиштите и одредена закупнина за користење на јавниот простор, но не предвидува алтернативни безбедни патеки за време на градба на местото на окупираните и закупените.

Едно од предлог решенијата кои се среќава во градов низ светот е обележување на привремена патека со мобилни реупотребливи прегради и ознаки за безбедно движење на дел од најдесната лента на булеварите. Пешаците и граѓаните на точак и онака се таму, ама со такви прегради би биле побезбедни. Решението е едноставно и евтино, потребна е само волја. Очекуваме дека ќе се водите по примерите на многубројни градови кои мислат на своите граѓани во секое време и не ги доведуваат во ниту еден момент во било каква опасност.

Покрај подобрување на квалитетот на градба на терен, потребни ни се подобрувања и во регулативата за начинот на изведување на градежни работи, за да се води сметка за нормалното функционирање на градот и при градба

Бараме безбедност!
Бараме да не заборавите дека постоиме и кога се гради.
Сакаме да се чувствуваме сигурно и достоинствено додека се движиме во нашиот град.
ЗА безбедни патеки СЕКОГАШ, па и во време на градба

Се гледаме на Критична маса 54 во среда, 17.30 часот на Партизанска кај Зегин!

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата.

Приклучи се! Ангажирај се! 
Може да нé има повеќе. Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

Промотивни материјали КМ#54

[дизајн: Маја Даскаловска]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #54, а на Маја бескрајно и благодариме за илустрирањето на 54тата тема на КМ. Исто така мора да споделиме дека имаше неверојатна леснотија во целата комуникација за време на "преговорите" за дизајнот. ^.^

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: тука (pdf).

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:
     


    
  • Веб - банери:
Веб банер - 300 x 250

Веб банер 500 x 500

Веб банер 980 x 100


FB кавер



25 September, 2016

Критична маса #53: Со политики свесни, коловози стесни. Смири возачи бесни, пешаци и точаци смести.

Датум: среда, 28.09.2016
Почет
ок: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Парк Фредерик Шопен

 
---------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Промотивни материјалилинк
Руталинк
---------------------------------------------------------------------


Постерот за КМ 53



Улиците не биле вакви какви што се отсекогаш. Заборавивме дека пред само 20-ина години беше безбедно да се игра топка на улица… Да се оди пешки на школо…

Дека до 70-тите нашите родители и нивните родители голем дел од работите ги завршувале со точак…И лете и зиме…
 

Со продирањето на автомобилската индустрија, се наметна сликата дека за превоз мора да се користи кола, а точак како превоз е само за сиромашни… Може детето дури е мало да си игра со точачето и кога ќе порасне спортски да вози точак по планини…. Но за неколку продукти од продавница, мора да се запали кола и да се блокираат тротоари… Можеби немаш да си дозволиш повеќе, но ете, за кола мораш, оти сите така патуваат… Можеби воздухов ни е за никаде, а на тоа многу влијае сообраќајот, но ете, мораш, оти сите така патуваат, оти градот за тоа гради, оти нема полиција да ги казни колите кои им блокираат патеки на точаците, оти нема да те казни ни тебе ако тркнеш „само на 5 минути“... Зашто живееме во општество каде колата е побитна од човекот. Зашто мобилноста се изедначува со автомобил. Зашто голем дел од самите сообраќајни инженери и урбани планери размислуваат низ призмата на што повеќе коли, а не што повеќе луѓе на улицата… Резултатот? Шетањето низ Скопје е мачење место уживање од возила испопаркирани насекаде. Децата не можат да одат сами на училиште… Возењето велосипед е како слалом… И самите возачи на коли се нервозни во вакво опкружување…Небезбедност, загадување, влошено здравје… (поради намалување на движењето, загадување и бука)...

Затоа, потребна ни е промена на парадигмите!
Потребна ни е промена на политиките!
Автоцентричното планирање не го решава проблемот на мобилноста, само привлекува нови коли и за најкратки дистанци, затоа што другите начини на превоз ги прави небезбедни, непријатни, невозможни…
Досега се прибегнуваше кон одземање простор од пешаците, велосипедите, зеленилото за да се добијат што повеќе и што пошироки ленти за коли. Добивме автопати место градски улици… Сигурно можете да наброите повеќе примери низ градов… Климент Охридски е само еден илустративен пример од многуте… Овој пристап во планирањето е карактеристичен за речиси сите градови после Втората светска војна, но веќе е застарен, веќе се согледуваат неговите недостатоци и полека се напушта.

Потребно ни е планирање со фокус на луѓето!
Како ќе добиеме поквалитетна животна средина? Како ќе добиеме повибрантен град со поживи поатрактивни јавни простори? Како ќе го подобриме квалитет на воздухот? Како ќе ја зголемиме безбедноста кај сите учесници во сообраќајот и чувството на комоција особено на пешаците, на велосипедистите, на луѓето во инвалидски колички, на најмладите, на повозрасните? И на крајот, како ќе ги решиме сообраќајните проблеми, како ќе превезем повеќе луѓе? Со каков дизајн на улици? Со какви политики? Со сите во кола и со паркирање кој каде му текне, сигурно -не.
Градовите во кои луѓето најмногу уживаат да престојуваат и живеат и градовите кои го скротиле сообраќајниот хаос се градови кои пристапиле кон еден обратен процес во планирањето. Road diets. Lane diets.
На возилата - неопходниот минимум (не мора целосно да се откажеме, но треба да ги користиме порационално), а предност на пешаците, велосипедите, јавниот превоз.
Потесни ленти за возила со паметен дизајн може да значат дека просечната брзина на возилата воопшто нема да се намали, туку само ќе ги снема пиковите: забрзувањата и кочењата, она најопасното. Потесни ленти за возила ќе значат пошироки тротоари за комотно шетање во друштво (не во колона еден по еден!), ќе значат велосипедски патеки онаму каде што ни велат дека „нема услови“, ќе значат специјално место за побрз јавен превоз, ќе значат место и за зеленило, а понекаде и за паркинг…
Решението е пред нас.

Драго Скопје,

Со политики свесни,
коловози стесни.
Смири возачи бесни,
пешаци и точаци смести.

Доколку ја поддржувате оваа идеја за поинаков пристап во сообраќајното планирање, придружете ни се на Критична маса #53.
Се гледаме на точак!
Ѕрн-ѕрн!

Се гледаме на Критична маса!
 
 
 

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 52 пати возеа масовно по скопските улици, на 52 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 53-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!

Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

Промотивни материјали КМ #53


Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #53, а на Шемко му благодариме за дизајнот.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: тука (pdf).

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:
     

    
  • Веб - банери:
Банер 300 x 250

Банер 500 x 500

Банер 980 x 100

Банер 990 x 80
Facebook cover

Twitter cover

 
 

09 September, 2016

Став за Денот без автомобили

Честопати и преку социјалните медиуми и преку настаните кои ги организираме и поддржуваме, како и на средбите со надлежните од Град Скопје сме го истакнувале потенцијалот на еден вистински Ден без автомобили (Car Free Day) за градот.
Скопје (поточно поширокиот центар на градот) е еднаш до неколку пати годишно (ненамерно) слободен од автомобили, при одржување на Скопскиот маратон, при одредени концерти или протести. Бенефитите за градот, за оние кои умеат да ги видат, во тие денови се очигледни! Намалена бука, намалено загадување, безбедни улици за точаци, за деца, за миленици...


Денот без автомобили (оној намерниот) треба да е прослава на здравиот транспорт на целиот град!
Макар на еден ден граѓаните да пробаат како е да се живее во град со помалку активни коли на улиците. Макар на ден градот треба да дише, а луѓето да се превезуваат пеш, на точак или со јавен превоз. Денот треба да ги поттикне граѓаните да замислат поинаква стварност.
За тоа да го обезбеди градот треба да затвори клучни градски сообраќајници за автомобилски сообраќај во текот на речиси целиот ден (или барем поголем број саати). А за ваквиот потег да не наиде на негодување од страна на граѓаните, треба сите граѓани добро и навремено да се информирани за значењето на денот, неговите цели и активностите кои ги презема градот. Покрај добрата информираност за активностите кои ќе се случуваат во текот на самиот ден (улиците ослободени од коли често стануваат простор за најразлични активности организирани од градот или самоорганизирани од граѓаните), за граѓаните да дадат поддршка на еден ваков ден , важно е да бидат убедени дека градот се движи во вистинска насока на одржливост со транспортните политики. Поточно, реалната промена (во инфраструктурата) и симболичната (преку ваквите настани) мора паралелно да се случуваат.


Во Скопје Денот без автомобили се слави од 2002 година, а сè уште постојат граѓани кои не знаат што е тоа Ден без автомобили или пак на денот на самото случување негодуваат и им свират на велосипедистите поради едночасовното затворање на улици за велосипедската парада. Сметаме дека граѓаните не се доволно запознати со значењето на овој ден, но исто така и дека не се посветува доволно внимание на денот од страна на градските власти. Доколку вистински се истретира и испромовира, сигурни сме дека ќе наиде на поголема поддршка. Очекуваме во 2016-та или барем во 2017-та да го доживееме првиот вистински Ден без автомобили во Скопје. Некои градови ваков ден организираат еднаш годишно, некои секој месец, некои секој викенд... Ние сметаме дека за почеток Скопје може 1 ден од 365 без коли!
За таа цел упативме допис до надлежните од Град Скопје кој како документ го има на линкот, а како текст во продолжение:
------------------------------

 
До: Град Скопје

Почитувани,
 
Во пресрет на овогодинешниот настан Mobility Week кој ќе се одржи од 16-22 Септември 2016 би сакале да го споделиме нашиот став и барање. Сметаме дека дискусијата и анализата на проблемите во врска со урбаниот велосипедизам во Македонија се од особена важност, но време e да се преземе конкретна активност. Скопје учествуваше на овој настан за прв пат во 2002 и организира велосипедска парада години со ред, за жал без значителни резултати. И после толку години голем дел од населението не е добро информирано за одржувањето и значењето на Денот без автомобили, не е изградена свест и поддршка, можеби баш поради краткото траење на настанот (парада од 1-2 часа), недоволната промоција и сведувањето на Денот без автомобили на велосипедска парада со автомобили. Сметаме дека после 14 години учество на Скопје во Европската недела на мобилност, време е за вистински Ден без автомобили. 

По примерот на Љубљана, Лисабон, Лондон и Копенхаген од минатогодишниот Mobility Week, бараме да се одржи  Car - Free Day (Ден без автомобили) и во Скопјe. Денот без автомобили подразбира забрана за движење на автомобили во поголем дел од денот на клучни сообраќајници. Toj треба да биде промовиран како прослава на здравиот транспорт на целиот град и треба да бидат повикани сите граѓани да се приклучат со изборот на транспорт (пешачење, возење велосипед, јавен превоз) во текот на целиот ден, а не само стотици учесници на едночасовна парада после која автомобилите повторно царуваат низ цел град.

Париз, „Ден без автомобили“, Септември 2015

Улиците се јавни простори кои не постојат само за да бидат употребувани од автомобили. „Денот без автомобили“ ќе им дозволи на граѓаните да видат нова страна од својот град, а локалните власти ќе ја охрабрат употребата на одржливи модели на транспорт. Исто така, ќе ја подигнат свеста за влијанието кое изборот на транспорт го има на околината. Тој ден улиците ќе дишат.

На „Денот без автомобили“ треба да му претходи внимателно планирање и организирање, од логистички аспект, но пред сè и информирање на граѓаните што е можно порано за одржувањето и за причините на овој настан. Доколку ја прифатите оваа идеја, НаТочак ќе помогне во промоција на овој настан, мобилизирање на учесници и едуцирање на граѓаните преку медиумите со кои располагаме.

Со почит,
НаТочак