13 September, 2017

Пријава на инфраструктурен проблем : мешани пешачко-велосипедски патеки долж Бул. Кочо Рацин

На 13.09.2017 до Координативното тело за урбан велосипедизам НаТочак упати допис во врска со почетокот на градежните работи на бул. Кочо Рацин.
За истиот булевар беше разговарано и усно, но НаТочак сакаше да остане запис во облик на пријава од официјалниот став.
Па еве го во продолжение како текст или како документ на линкот.

--------------------

До:
Град Скопје
Координативно тело за урбан велосипедизам
Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем мешани пешачко-велосипедски патеки долж Бул. Кочо Рацин



ПРИЈАВА

Почитувани,
Би сакале да изразиме загриженост и незадоволство во врска со градежните работи кои деновиве се извршуваат на бул. Кочо Рацин, поточно на тротоарите.
Реакцијата ни е малку задоцнета бидејќи за жал, повторно дознаваме за реконструкцијата од терен бидејќи не беше истакнат планот за реконструкција пред да започнат градежните работи. Независно од тоа, се надеваме дека ги земете нашите забелешки предвид.



Градежни работи на терен
Според она што можевме да го разбереме од сајтот на Град Скопје (линк до веста), со оваа реконструкција нема да се смени дизајнот на улицата, нема да добие посебни велосипедски патеки, туку постоечките тротоари чиј асфалт ќе се смени ќе станат мешани пешачко-велосипедски патеки.
Булеварот Кочо Рацин е дел од Големиот ринг кој го обиколува најцентралното подрачје на градот и како таков е многу важен за сите типови сообраќај, не само за автомобилскиот. Тој ги поврзува во прстен сите планирани велосипедски рути на исток, запад и север од центарот. Дури и според мапата на проектот Скопје вело-град, на оваа делница е покажано дека ќе се направи посебна велосипедска, а не пешачко-велосипедска патека (означено е со црвено, а не со сино).



мапа на Скопје велоград проектот

Имено, со овој допис сакаме да посочиме на можноста за поинакво решение на улицата.

Штом се вложуваат големи јавни средства, сметаме дека треба попатно да има и подобрување на решението, а не само промена на асфалтот.
Моментално булеварот има во секоја насока по 3 широки коловозни ленти (широки по 3.5 метри секоја, т.е. вкупно 10.5 метри) и една мешана пешачко-велосипедска патека широка 2.8 метри која минува низ автобуска постојка. За град кој претендира да се нарече вело-град и кој веруваме сака да го поттикне покрај возењето велосипед и пешачењето како здрав и незагадувачки начин на движење низ градот, ова не е добра слика и праведен сооднос на просторот и не соодветствува на заложбите.

Истовремено, на овој булевар се вози значително брзо токму поради големата ширина на лентите која не е соодветна за градски брзини до 50 km/h, туку поттикнува поголеми.
Докажано е дека дизајнот на улиците е силен фактор за безбедно или небезбедно однесување многу повеќе од бројките за брзински ограничувања на сообраќајните знаци. Според студија направена во Токио и Торонто, потесните ленти резултираат со неагресивно возење и со можност да се сопре навреме и да се избегне судир, и истовремено не влијаат на намалување на капацитетот на улицата за примање коли, напротив. Додека на пошироките ленти, возачите се чувствуваат комотно да го надминат ограничувањето и почесто се случуваат сообраќајни судири со последици.

Претпоставката дека пошироките ленти се побезбедни не важи за градска средина и тоа се потврдува со се' повеќе емпириски податоци. (референци 1, 2)

Затоа сметаме дека решение за двата проблеми:
1. брзото возење на автомобилите
2. непостоење на издвоени велосипедски и пешачки патеки
ќе биде стеснување на автомобилските ленти од 3.5 на 3 метри и добивање на 1.5 метар за велосипедска лента, наместо постојното решение со кое патеката треба да навлезе во зеленилото и сепак ќе биде од понизок стандард, т.е. мешана пешачко-велосипедска.
Со нашиот предлог нема ни да се намали капацитетот за примање на возила, туку само ќе се зголеми безбедноста на булеварот за сите учесници во сообраќајот.


Апелираме употребата на коловозни ленти со ширина од 3 метри, наместо 3 и пол метри да стане пракса во сите изградби на нови булевари и при реконструкција на постоечките. Просторот добиен со новата распределба (т.н. Road diet, патна диета), може да се користи за пешачки, велосипедски патеки или зеленило (намени кои недостасуваат и му се неопходни на градот, особено ако се стремиме тој да станува пријателски за велосипеди и пешаци) зависно од тоа што недостасува во контекстот.


Апелираме да се размисли и за специјализирање на најдесната од трите коловозни ленти за јавен превоз како во сите градови кои се залагаат за одржлив сообраќај.

Улиците во Скопје треба да се дизајнираат да бидат безбедни и со градски, а не со автопатски карактер.
Секоја реконструкција на било која улица треба да се искористи како шанса да се преосмисли дизајнот на улицата, да се направи побезбедна за сите учесници во сообраќајот, а не само да се смени асфалтот.


Со почит,
НаТочак


13.09.2017


Референци:
1. Линк до статија: “Лентите широки 3 метри се побезбедни и сепак имаат капацитет за многу возила“
https://www.citylab.com/solutions/2015/07/10-foot-traffic-lanes-are-saferand-still-move-plenty-of-cars/399761/
2. Линк до Препораките за ширина на ленти на Националната агенција за градски транспорт на Америка:
https://nacto.org/publication/urban-street-design-guide/street-design-elements/lane-width/

12 September, 2017

Спомен за Ненад, безбедни улици за сите!

Датум: четврток, 14.09.2017
Почеток на рута: 17:00, плоштад Македонија
Крај на рута: 18:00, крстосница Драчево - Батинци, на Мирен протест за Ненад
Крај на протест и тргнување кон центар: 19:00
---------------------------------------------------------------------
Facebook настан за возењето: линк
Facebook настан за протестот: линк
Руталинк
---------------------------------------------------------------------


Во четврток се придружуваме на протестот на семејството на Ненад Пешевски, на неговите блиски, соседи, на сите луѓе кои се потенцијални жртви на небезбедните скопски улици. 
Ненад почина на 30-годишна возраст после удар од камион додека го возел својот велосипед на крстосницата меѓу Батинци и Драчево.

Вакви вести слушаме речиси секојдневно.
Оваа серија на убиства во сообраќајот мора да престане! 
Скопје е град, не бојно поле! 
Има начини како да се зголеми безбедноста кои се општо познати, но недостасува политичка волја.
Да ги размрдаме одговорните! 
Во текот на наредните денови во настанот на Facebook ќе споделиме повеќе информации за случајот на Ненад, за незбезбедноста на скопските улици и предлози како да станат побезбедни.

Придружете ни се во битката за побезбедно Скопје!
Никој не замислува дека вакво нешто баш нему или на негови блиски ќе им се случи, но се случува, без разлика дали е централно градско подрачје, приградска населба...
Затоа, заедно да спречиме идни жртви!
Спомен за Ненад, безбедни улици за сите!

Се собираме во четврток на Плоштад Македонија во 17:00 и возиме точаци заедно до местото на протестот на семејството (18:00), поточно крстосницата пред Драчево. 
Протестот е планиран да трае до 19 часот по што ќе се вратиме заедно до Плоштад Македонија.
Ве молиме бидете на време на местото на чекање.

На локацијата ќе биде поставен бел точак за спомен (ghost bike), како изразување почит за жртвата, но и како потсетник за учесниците во сообраќајот за вакви случаи да не се повторат.




Ќе возиме по оваа рута:
goo.gl/Arx8o8
Линк до официјалниот настан за протестот:
goo.gl/HAFpkY

Доколку сте во можност, спремете ваши пораки на хамер или платно за протестот.
И не заборавајте ги вашите светла. Ќе возиме навечер по регионален пат.

27 August, 2017

Промотивни материјали за КМ #64: Вело град во еден мандат!


Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #64 и за поддршката на заложбите на Вела за вело-град, а на Кик ѝ благодариме за придонесот во вело-кампањата на Вела.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ

  • Постер, верзија за веб:

  • Facebook cover:

  • Facebook event cover:


  • Twitter cover:

  • Банери:
    300 x 250


    500 x 500
980 x 100
990 x 80


23 July, 2017

Промотивни материјали за КМ #63: Замисли го Скопје како вело-град


Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #63 и за споделувањето на вашите веловизии со хаштагот #веловизија, а на Eм ѝ благодариме за нејзината вело-фантазија преточена во цртежот за промотивните материјали :)
Но да не чекаме вонземјани да нè спасат од самите себе, ок?

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.tiff)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:



  • Facebook cover:




  • Twitter cover:




  • Банери:
300 x 250

500 x 500

980 x 100

990 x 80

22 July, 2017

Критична маса #63: Замисли го Скопје како вело-град...

Датум: среда, 26.07.2017
Почеток: 19:00 ч, Плоштад Македонија
Крај: 20:00, Музеј на современа уметност
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали линк
--------------------------------------------------------------------


Постерот за КМ 63

Колку пати си се пожалил на условите за возење точак во Скопје… И колку пати си посакал да бидат поинакви… Сигурно си замислувал како би можело да биде...Сигурно имаш предлог како да се подобри…

Сподели ја твојата #веловизија користејќи го овој хаштаг на социјалните медиуми. Замисли како изгледаат поправени ситните инфраструктурни проблеми или твоето секојдневно искуство или како е променета големата слика за Скопје… 
Замисли го Скопје како вело-град… И, како е таму? :)

***Доаѓаат локални избори. Како граѓани да им дадеме акцент на позелените, поздравите и поквалитетни замисли за Скопје. Обично таквите визии за градот се ставени во секторот “алтернативни“, додека во мејнстримот се одржува статус-квото, а тоа за Скопје значи: тонење во загаденост, небезбеден сообраќај, хаос, неквалитетен град за живот. 
Нека почне поместувањето на статус-квото од нас! 
Сподели ја твојата #веловизија!

И забележи си: Критична маса #63, последна среда, 26.07.2017, почеток 19:00, Плоштад Македонија.





*** Секој учесник вози на своја одговорност. 


--------------------------------------------------------------К
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 62 пати возеа масовно по скопските улици, на 62 различни темa поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 63-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------