01 October, 2017

Текстот на иницијативата за побезбедна улица 4-ти Јули


Овој текст зад кој застанаа над 200 граѓани со своите потписи на денешниот собир „Улицата е за живеење, а не за сообраќајно дивеење“ ќе биде доставен до Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и Министерство за транспорт и врски (поради евентуалната потреба од промена на законски решенија).
--------------------------

Ние, жителите на ул. Борис Сарафов (поранешна ул.4-ти Јули) и нивните сограѓани од општина Ѓорче Петров и Скопје, бараме да се подигне нивото на безбедност во сообраќајот и квалитетот на живот на ул. Борис Сарафов.

Опис на ситуацијата
Ул. Борис Сарафов во источната половина беше проширена и стана “булевар“ со 4 ленти. Вака изведената улица иако пропишува 50 km/h (брзина при која треба да се издвојат и пешачкиот и велосипедскиот сообраќај) нема решение за издвоен велосипедски сообраќај, а тротоарите (местата за пешачки сообраќај) се често со премали димензии (на некои места дури и целосно отсуствува тротоар) или се окупирани со возила.
Улицата е речиси исклучиво користена само во централните 2 ленти што им дава на возачите чувство на просторна комоција (наместо на нацртаните 2.8 метри добиваат чувство како да ги имаат на располагање и крајните 2 ленти и како да се на автопат).

Во западната половина од улицата пак, има друг проблем. Коловозот има 2 коловозни ленти широки 4.5 метри кои се пошироки од било кој булевар во Скопје (3-3.5 метри), а има тесни тротоари или пак воопшто ги нема. Луѓето се приморани да пешачат на коловоз покрај возила кои се движат со голема брзина која го надминува градскиот лимит од 50 km/h, да не зборуваме за маалскиот (30 km/h). Практично како домовите да излегуваат на автопат.

Улицата Борис Сарафов како брза улица, без семафори, а со просторна комоција за автомобили е користена како транзитна од автомобилски сообраќај во насока од/кон Тетово, од тешки товарни возила итн. Истовремено таа ги нема неопходните услови за тоа да го обезбеди (издвоени пешачки и велосипедски патеки по цела должина, заштитно зеленило) и затоа треба да се третира како улица од резиденцијален карактер.
На улицата директно излегуваат станбени куќи. Жителите се жртви на високо ниво на бучава, непријатни ситуации, материјална штета од сообраќајни судири директно во нивните огради и фасади, како и ризик по сопствениот живот. Правото на движење како пешаци е исто така нарушено. На улицата се наоѓаат и 2 училишта (од кои до едното, ОУ Ѓорче Петров, не е обезбеден ни тротоар) на чиишто ученици не им е обезбеден безбеден пристап до/од школото.
Квалитетот на живот е нарушен не само поради небезбедноста и бучавата, туку и од неможноста за прошетки со бебешки колички, неможноста за пешачење особено на најранливите категории: деца, постари лица и лица со инвалидитет, како и лишеноста на сите жители од социјални контакти, од правилен развој на децата и здраво живеење на сите.


Во источниот дел: улицата се прошири на 4 ленти, но за возење се користат само средните 2.
По тротоарите се паркирани возила, а пешаците се движат на улица, во крајните ленти за возила.

Близу ОУ Мирче Ацев: пешачкиот премин од училиштето (десна страна)
води кон тротоар кој не задоволува ни минимум стандарди
 
Новопоставените вибрациони ленти немаат значителен ефект на намалување на брзината на возилата
и лесно “се трошат“, не се ни трајно решение. Бидејќи се поставени само од едната страна (пред пешачкиот премин) возачите преминуваат во лентите во спротивна насока избегнувајќи ги и предизвикуваат уште поголема небезбедност


Западен дел од улицата: има простор за 3 ленти за возила по 3m или 2 ленти по 4.5 m во еден сегмент,
а “нема“ простор за велосипедски ленти и тротоари...



Во маалска улица успеале да направат специјални ленти за вртење лево и десно (како да е ова булевар),
со тоа ја зголемиле брзината на возилата, го зголемиле растојанието кое еден пешак треба да го премине, а не успеале да означат пешачки премин.


Крстосница со ул. Кузман Шапкарев.
Нема тротоари, нема пешачки премини, нема сообраќајни знаци, а камоли елементи за успорување.
Од лева страна на фотографијата се наоѓа ОУ Ѓорче Петров. Повторно, инженерите нашле простор за специјални ленти за вртење лево и десно, а не предвиделе тротоари за најранливите.


Барања

-Да се изработи целосно нов сообраќаен проект за улицата кој ќе го земе предвид квалитетот на живот на луѓето и различните начини на движење (пешки и со велосипед), а не само автомобилот. Животот да се стави на прво место пред брзината
-Најважно е да се обезбеди тротоар чијашто димензија не смее да падне под одреден минимум, на двете страни, по целата должина на улицата 
-Да се разгледа можноста за воведување на велосипедски ленти на ниво на коловоз
-Да се реши проблемот со паркирање на возила на тротоари
-Да се намали брзината на возила со инфраструктурни решенија, а не само со сообраќајни знаци и ситни интервенции кои немаат значителен ефект:

            -со стеснување на коловозните ленти онаму каде што се пошироки од соодветната ширина за посакуваното брзинско ограничување
            -со искривување на текот на коловозот (со алтернирачко, де на една де на друга страна поставување на зеленило, алтернирачки паралелен паркинг, места за контејнери итн), со шикани
-со подигнати пешачки премини во околина на школите
-со подигнати крстосници при вкрстување со попречни улици
-Да се обновува редовно сообраќајната хоризонтална и вертикална сигнализација

-----------------------
Примери за инфраструктурни решенија кои реално го успоруваат сообраќајот на следниот линк.

28 September, 2017

Улицата е за живеење, а не за сообраќајно дивеење

Датум: недела, 1.10.2017
Време: 11:30-14:30
Место: ул. 4-ти Јули (сега ул. Борис Сарафов), до крсотсница со ул.Кузман Шапкарев

--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
--------------------------------------------------------------------
постерот за настанот

Улиците како јавен простор биле и треба да останат место за сите граѓани. Особено маалските. Мирни, безбедни и пријатни за живеење, за движење и социјални контакти.

Овој настан е инспириран од проблемите на ул. Борис Сарафов (поранешна 4-ти јули), но истите проблеми се однесуваат и на многу други делови од градот: брз моторен сообраќај, небезбедност, бучава, скратено право на движење на ранливите учесници во сообраќајот.

Со овој настан сакаме да истакнеме и оживееме 2 заборавени функции на улиците:
-улиците како место за безбедно пешачење и возење точак за сите генерации, за движење на децата, повозрасните, за детски колички
-улиците како место за социјални контакти, за безбедно среќавање, безбедно преминување, за контакти…

Ќе возиме точачиња со децата на Детска Критична маса, ќе пишуваме пораки за безбедност и ќе слушаме добра музика од легендарни скопски музичари од токму оваа маало. 

Ги повикуваме сите комшии од улицата, од Ѓорче и од пошироко да ни се придружат. Да порачаме дека улиците се за живееење, а не за дивеење. Дека нашиот град е наша сцена. Дека улицата сакаме да ја доживуваме како втор, заеднички дом, а не како автодром.

Засега резервирајте го терминот, а попрецизни информации, наскоро ;)

Агенда:
11:30
Подготовки за Критична маса, изработка на ветерници
12:00
Детска Критична Маса #4 (за оние со точачиња)
13:00
Музичка поддршка од:
Muhamed Ibrahimi
Millko
Mooger Fooger
Last Expedition 
Blla Blla Blla
11:30-14:30
детски улични игри
едукација за сообраќај
пишување и цртање за безбедност
потпишување иницијатива за безбедна улица
маалска дружба со чај и кафе

25 September, 2017

Критична маса #65: Бираме градоначалници со вело-визии, а не реклами на телевизии

Датум: среда, 27.09.2017
Почеток: 17:30ч, Плоштад Македонија
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали линк
--------------------------------------------------------------------




Во пресрет на локалните избори, НаТочак ќе ги провери сите програми на кандидатите за градоначалници и советници на Град Скопје и ќе ги испита во однос на следните параметри:

-Какви проекти се приоритет за буџетот? Каде се наоѓа заштитата на животната средина, квалитетот на живот, здравјето во приоритетите? 
-Дали автомобилите или луѓето им се на прво место? 
-Како ја третираат безбедноста во сообраќајот? Дали го сфаќаат влијанието на инфраструктурата врз убивањето луѓе по улиците? Што ќе преземат во врска со тоа? 
-Како планираат да го решат метежот во сообраќајот? Дали преовладуваат автоцентрични или мултимодални решенија?
-Како го третираат загадувањето кое потекнува од сообраќајот? Што ќе преземат во врска со тоа?
-Дали има конкретни предлози за проширување на велосипедската мрежа?
-Како ќе ги решаваат инфраструктурните и други проблеми? Како ќе ги вклучат граѓаните?
-Како ги третираат велосипедските паркинзи? Дали ќе се воведат нови правила и стандарди?
-Дали се планира современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди?
-Дали се планираат активности како Денови без автомобили и со колкава честота?
-Дали се планираат други промотивни мерки за користење на велосипедот како превозно средство?

Точакот (заедно со пешачењето и унапредениот јавен транспорт) мора да го добие заслуженото место.


Точак е симбол на независно движење од најмали нозе. Независна мобилност на младите, жените, повозрасните. Точак би бил прв избор на децата за одење до школо, доколку безбедноста е на ниво.
Точак е симбол на непосреден контакт со околината, на свест и љубов за градот. Граѓаните повеќе би се грижеле за градот, кога поретко би го поминувале со голема брзина и набљудувале од зад стакла...

Точак е најефикасното превозно средство на кратки урбани дистанци до 5-6 километри (ако инфраструктурата е перфектна, и повеќе). Зафаќа малку простор и една велосипедска патека со ширина на втомобилска лента, вдомува многу повеќе граѓани на точак отколку во кола...Точак е дел од решението против гужвите.
Точак е симбол на грижа за природата, на борбата против климатските промени. Се смета дека ако само 14% од урбаните патувања на глобално ниво се прават со точак, ќе се постигнат целите на Парискиот договор.
Точак е грижа за здравјето на сопственото срце и ум, неосетно, попатно, додека патуваш до работа ги исполнуваш препорачаните од доктор 30 минути умерена физичка активност на ден. Се смета дека за секој вложен денар во велосипедска инфраструктура општеството “заработува“ плус денари, зашто трошоците за јавното здравство се намалуваат (помалку гојазност, помалку срцеви заболувања, подобро здравје на зглобови и подобра психичка состојба, подобро здравје на бели дробови поради помало загадување, подобар имунитет…).
Може уште многу да се пишува за предностите на точакот. Во поглед на нула емисии можеби некоја идна варијанта на чиста енергија ќе му се доближи, но во поглед на другите придобивки (здравствени и просторни) е неприкосновен и затоа мора да стане интегрален дел од градските политики.
Точакот не може да ги реши целосно проблемите, но е многу важен дел од решението на многу градски проблеми.


Сакаме кандидати за градоначалници и советници кои можат да го согледаат огромниот потенцијал за трансформација на градот кој го има велосипедот.
Сакаме кандидати за градоначалници и советници кои не гледаат низ призмата на моменталните навики и состојби во градот, туку гледаат низ призмата на подобро здравје, подобар квалитет на живот во градот, поголема одговорност кон планетата, кои имаат визија за тоа како треба да биде, а не како “мора“ заради моменталните автоцентрични навики.
Кои нема да го одржуваат статус-квото поддржувајќи ги моменталните навики, туку ќе го трансформираат градот!
 


После анализата, НаТочак ќе ги изложи резултатите, слично како за парламентарните избори (линк), за јавноста сама да процени кои програми и кандидати се точакољупски и колку.


Се гледаме во среда, на 27.септември на 65-тата Критична маса. Возиме за вело-визии за Скопје.
Ќе возиме по следнава рута:



*** Секој учесник вози на своја одговорност. 



--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 64 пати возеа масовно по скопските улици, на 64 различни темa поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 65-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------


Промотивни материјали за КМ #65: Бираме градоначалници со вело визии (а не реклами на телевизи)

[дизајн: Татјана Коцева]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #65 и за поддршката на вело-визиите за Скопје, а на Татјана ѝ благодариме за брзото, прецизно и профи дизајнирање на идејата на оваа Критична маса.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.jpg)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:




  • Facebook cover:

  • Facebook event cover:



  • Twitter cover:


  • Банери:
500 x 500 
300 x 250