27 March, 2018

Анализа на пријавите поврзани со велосипедизам во дневните билтени на МВР

Направивме анализа на информациите од дневните билтени на МВР и ги извадивме сите пријави кои се однесуваат на теми поврзани со велосипеди и велосипедисти во периодот од мај 2015 до февруари 2018 година.
Анализата на дневните билтени е вметната во вториот дел од овој блог-пост, а исто така достапна е и во pdf.
Во посебен документ се поставени и извадоците од дневните билтени на МВР врз база на кои е направена анализата:
  • Извадоци од МВР дневни билтени со вклучен велосипед(ист) во периодот мај 2015 - февруари 2018 - pdf
  • Извадоци од МВР дневни билтени со вклучен велосипед(ист) во периодот мај 2015 - сега (извадоците се дополнуваат повремено со помош на софтверска скрипта) - линк
Анализата на 103-те пријави, покажа дека околу 80% од пријавите се однесуваат на случаи во урбана средина, а меѓу нив, со 31% најбројни се пријавите во Град Скопје.
Високи 78% од пријавите се од тип сообраќајна незгода во која во 88% од случаите се работи за судир помеѓу автомобил и велосипед. Речиси две третини од случаите завршуваат со тешка телесна повреда, а 20% со смрт.



НаТочак ве повикува и охрабрува да пријавувате и најмала сообраќајка во која настрадал велосипедист како и кражба на велосипед во МВР, а воедно и да се приклучите на Критична маса 71: „Кој ја мати безбедноста на велосипедистите?“
----------------------------
Анализа на пријавите поврзани со велосипедизам во дневните билтени на МВР


Министерството за внатрешни работи на Република Македонија секојдневно објавува кратки информации во делот „Дневни билтени“ на својата веб-страна (http://mvr.gov.mk/dnevni-bilteni). Овие информации опфаќаат случувања во изминатиот ден каде МВР имало некаква интервенција. Податоци во архивата може да се најдат од мај 2015 година, а во оваа анализа опфатени се сите пријави до крај на февруари 2018 година.


Со помош на софтверска скрипта, пребарувани се сите билтени кои го содржат зборот „вело“ и се однесуваат на велосипедисти и велосипеди. Истите пријави потоа се категоризирани според типот, локацијата, причинителите и последиците. Пријавите се достапни на https://goo.gl/rfTaFc и анализата се дополнува повремено со новите пријави од дневните билтени на МВР.


Во периодот од март 2015 до февруари 2018 година, забележани се 103 пријави објавени во дневните билтени од МВР. На Табела 1, даден е приказ по години за бројот на пријави за секој месец и притоа се прикажани вкупни бројки (за месеци и за години) како и пресметани просеци (на месечно и годишно ниво). Треба да се земе предвид дека за 2015 година нема податок за првите 4 месеци, а за 2018 година дека се опфатени само првите два месеци. По години, во 2015 година (за 8 месеци) имало 9 пријави, во 2016 година биле 48, 2017 година биле 40, а во 2018 година (за два месеца) се 7.


Табела 1: Број на евидентирани настани по месеци низ годините


2015
2016
2017
2018
ВКУПНО
ПРОСЕК
ЈАНУАРИ
/
0
1
3
4
1,33
ФЕВРУАРИ
/
2
0
4
6
2,00
МАРТ
/
4
8
/
12
6,00
АПРИЛ
/
5
2
/
7
3,50
МАЈ
1
0
3
/
4
1,33
ЈУНИ
1
5
8
/
14
4,67
ЈУЛИ
0
4
6
/
10
3,33
АВГУСТ
1
8
3
/
12
4,00
СЕПТЕМВРИ
4
6
2
/
12
4,00
ОКТОМВРИ
0
6
0
/
6
2,00
НОЕМВРИ
0
4
2
/
6
2,00
ДЕКЕМВРИ
2
3
5
/
10
3,33
ВКУПНО
9
47
40
7
103
25,75
ПРОСЕК ПО ГОД
1,13
3,92
3,33
3,50
2,97
3,13

Најмногу пријави во еден месец имало во август 2016 година и во месеците март и јуни 2017 година, кога имало по 8 пријави. На Графикон 1 може да се види графички распоред на пријави по месеци за секоја година. Јуни, август, септември и декември се месеците во кои секоја година имало барем една пријава.


Графикон 1: Број на настани по месеци, збирно по години
Пријавите се поделени во четири категории според типот: кражба на велосипед, сообраќајна незгода, напад на велосипедист (од човек или животно) и спасување на велосипедисти. На Графикон 2 има визуелен приказ за соодносот на пријавите според категориите во кои припаѓаат. Најзастапена е категоријата сообраќајна незгода со 77,7% од пријавите, а по неа е категоријата напад на велосипедист со 11,7%. Во анализата (http://bit.ly/mvrdbnatochak) се вклучени сите пријави кои се преземени од дневните билтени на МВР.

Графикон 2: Класификација на настани од дневен билтен (мај 2015 - февруари 2018)
Во категоријата сообраќајни незгоди, во најголем дел - 87,5% од пријавите биле за сообраќајка помеѓу велосипед и автомобил (Графикон 3). Останатите 12,5% се поделени на сообраќајки во кои: велосипед изгубил контрола (5%), се судриле велосипед со пешак (3,8%), судар на велосипед со мотор (2,5%) и судар меѓу автобус, велосипед и мотор (1,3%).

Графикон 3: Вклучени страни во сообраќајната незгода (мај 2015 - февруари 2018)
Во поглед на последиците од сообраќајните незгоди, повторно се категоризирани пријавите во пет категории кои може да се видат на Графикон 4. Речиси две третини (63,4%) од сообраќајните незгоди завршиле со тешки последици за велосипедистот. По нив, со смрт завршиле 19,5% од сообраќајните незгоди, а 9,8% од велосипедистите се наоѓале во животна опасност. За 2,4% од сообраќајните незгоди не било наведено со каква последица се здобиле велосипедистите.

Графикон 4: Класификација на сообраќајните незгоди (мај 2015 - февруари 2018)
Како последен наод од анализата на податоците, може да се истакне локацијата во која се имаат случено незгодите, односно на Графикон 5 може да се види дека 80,58% од пријавите се случиле во урбана средина, односно во некој од градовите во Македонија. Една третина од пријавите се во Град Скопје (31,1%), а следни на листата се Тетово (9,71%) и Охрид (8,74%).

Графикон 5: Сооднос меѓу настани во урбана и рурална средина (мај 2015 - февруари 2018)

НаТочак покрај што ги следи објавите во Дневниот билтен на МВР, ги следи и објавите во медиумите во делот на црна хроника, односно вестите поврзани со сообраќајни незгоди во кои е настрадан велосипедист. Од мониторингот, може да се заклучи дека не секоја вест од медиумите е евидентирана и во билтените на МВР, но немаме одговор зошто тоа е така, односно зошто не се синхронизирани изворите.

Исто така, за пријавите за кои стои дека по сообраќајната незгода, велосипедистот се наоѓа во животна опасност, нема информација што понатаму се случило. Не се знае дали овие случаи кога за жал ќе завршат трагично влегуваат во црната статистика на жртви од сообраќај или нивната смрт се води како смрт од други последици. Оттука, се доведува во прашање дали статистиката за жртви од сообраќај која и онака е лоша во реалност е уште полоша од она што стои во извештаите?

Покрај тоа, МВР повремено објавува Статистика за сообраќај (за 2017 достапен документ на линкот: http://mvr.gov.mk/Upload/Editor_Upload/soobrakaj%20final.pdf), документ во кој се дадени податоци за бројот на сообраќајни незгоди со потешки последици и настрадани лица за секој град во Република Македонија. Покрај тоа, дадени се податоци за типот на патот каде се случила незгодата, времето во кое се случила незгодата (саат, ден месец), возраста за настраданите и причините за настанувањето на сообраќајните незгоди. Категориите за настраданите се возачи, патници, пешаци, терачи на стока, но нема категорија велосипедисти, и нема информација каде истите се бројат. Како најчеста причина за настанување на сообраќајните незгоди се истакнува брзото возење.

Со оглед на тоа што во полето на безбедноста на сообраќајот сè поголем акцент се става на влијанието на околината врз однесувањето на учесниците во сообраќајот, сметаме дека тој податок треба да се додаде во полициските извештаи.

Имено: во кои делови од градот најмногу се случуваат сообраќајни судири, дали се по прави делници, на кривини или на крстосници, дали се на еден или друг тип на улици, со издвоена или неиздвоена инфраструктура за пешаци и велосипеди, со преземени или непреземени мерки за смирување на сообраќајот итн.

Оваа анализа наједноставно ќе се добие со електронско мапирање на сообраќајни судири (со дел отворен за јавноста, а дел само за МВР). Пример од Њујорк: http://www.nycvzv.info/

На ваков начин ќе се олесни и работата на МВР во регистрирање на случаите и работата на други стручни лица (сообраќајни инженери и урбани планери), ќе се лоцираат црни точки, ќе се подобруваат сообраќајните решенија онаму каде предизвикуваат небезбедност, ќе се крене свеста меѓу самите граѓани за безбедноста.

Исто така, бидејќи постојат различни фактори кои влијаат, би препорачале одделно да се анализираат судирите кола со кола, од судирите кола со пешак/велосипедист.

НаТочак ве повикува и охрабрува да пријавувате и најмала сообраќајка во која настрадал велосипедист како и кражба на велосипед во МВР бидејќи само така ќе знаат како да ја подобрат нашата безбедност.