27 June, 2017

Вело - експеримент за една поинаква ситуација

Пред ~ 1 седмица решивме да направиме мал експеримент за една поинаква ситуација... Да зафатиме место колку за 2 коли од една лента од булевар кој има 3 ленти во секоја насока...И тоа во ден и термин кога речиси и нема сообраќај...

На овој булевар во скоро време добивме велосипедски ленти, но многу повеќе се користат како паркинг, а полицијата ја нема да го заштити велосипедскиот простор.
Поентата ни беше да го свртиме вниманието на нефер третманот од институциите и да ја креираме обратната ситуација, лабаво да користиме автомобилска лента...
Во еден идеален град не би ни имало толку автомобилски ленти и луѓето би можеле да го користат јавниот простор на многу поинтересни начини...Ко групата на сликата :)

Знаете што се случи?
Ни ја потврдија поентата и потребата од акцијата! :)
Во рок од 7 минути откако се сместивме на коловозните ленти, поточно во моментот кога се раскревавме (акцијата траеше точно 7 минути, проценивме според времето од фотографиите)) пристигна полициско возило по пријава од граѓанин дека некој го попречувал сообраќајот.
Им објаснивме која ни е поентата на акцијата и полицајците беа многу коректни, но не се задржаа доволно долго да им кажеме дека истата ЕФИКАСНОСТ ја очекуваме и кога пријавуваме за блокирање ОД КОЛИ на ПЕШАЧКИ СООБРАЌАЈ, ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ итн.

Патеките за овие типови немоторен сообраќај се помалку на број, потесни по димензии, нема алтернативи (за разлика од 3-те ленти за коли тука) и се предвидени за ранливите учесници во сообраќајот.
Сообраќај не се само коли!
И кога сме на точак сме сообраќај и градот е на сите!
Да се избориме за нашиот простор!
Да се избориме паркирањето врз пешачки и велосипедски патеки да се санкционира, како што е и пропишано во законите.
Дојдете на Критична маса и протестен пикник утре, во среда. Информации,
тука.

Линк до Facebook албумот од акцијата
Линк до Facebook албумот од секојдневното узурпирање на велосипедските ленти од возилата.







Промотивни материјали за КМ #62: Заспана контрола - сообраќај чудовиште

[дизајн: Симона Ничева]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #62, а на Симона и благодариме за илустрирањето на сообраќајниот хаос и чувството кое го создава.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:


  • Facebook cover:



  • Facebook event cover:




  • Twitter cover:



  • Банери:
300 x 250

500 x 500


980 x 100

26 June, 2017

Критична маса #62: Заспана контрола - сообраќај чудовиште!

Датум: среда, 28.06.2017
Почеток: 19:00 ч, Плоштад Македонија
Протестен пикник: 19:30, бул.Климент Охридски
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали линк
Надлежности на институции за нелегалното паркирање: линк
Вело-експеримент за една поинаква ситуација: линк
---------------------------------------------------------------------
постерот за КМ #62
Правото на слободно движење ни е уставно загарантирано на СИТЕ граѓани.
За тоа право да се реализира постојат закони кои регулираат дека коли НЕ СМЕАТ да се паркираат онаму каде попречуваат и загрозуваат нечие движење. Затоа постојат и пропишани казни, за случаи кога некој ќе се дрзне да го загрози тоа право некому.
Но дали некој тоа го спроведува? 


За проблемот со нелегалното паркирање и узурпирање простор за движење сме посветиле многу критични маси досега, но очигледно не било доволно.
Со оваа Критична маса сакаме акцентот од личната несовесност (која секако постои) да го ставиме на одговорноста на институциите, пред сè
сообраќајната полиција...Зашто токму тоа е поентата на сообраќајната полиција, да интервенира онаму каде нема лична одговорност и да помогне сообраќајот да се одвива безбедно за сите. 


Слично како што „кога мачката не е дома, глувците оро играат“ така и „кога нема сообраќајна контрола, колите оро играат“ и ни го блокираат движењето на секој чекор, во секој час, секој ден, во секој дел од градот. Во такви услови, сообраќајот буквално за сите станува чудовиште!


Затоа ние со нашите точаци симболично само на
еден час, во само еден ден од месецот ќе се позиционираме на само еден сегмент од еден булевар на коловозни ленти.
Со тоа ќе испратиме порака до сообраќајната полиција дека е одговорна да ни обезбеди слободни патеки.
Се среќаваме во 19:00 на Плоштад Македонија (според летно сметање на Критична маса).
Возиме кратка рута поради топлото време, но и поради крајната цел - протестниот пикник на Климент Охридски, една од улиците каде на граѓаните на Скопје не им е обезбедено безбедно и проточно движење на точак.



Спремете пораки, спремете картони или пикник-ќебенца.

Да ја разбудиме сообраќајната контрола!
Но да ја разбудиме и свеста дека улиците се за да им служат на ЛУЃЕТО.
Дека градот е за да чувствуваме безбедно, комотно и пријатно во него!


Витези на точак, да го победиме чудовиштето од сообраќај!

*** Повикуваме на пикникот да ни се придружат сите граѓани кои гледаат проблем во толерирањето на нелегалното паркирање, луѓе кои пешачат (тоа се веројатно сите), луѓе кои возат точак, родители со деца кои сакаат слободно да ги шетаат во детски колички, лица со посебни потреби на кои движењето градов им го прави речиси невозможно, совесни возачи на коли кои си паркираат соодветно и легално... Се гледаме!



*** Во зависност од ситуацијата, секогаш се возможни промени на рутата на лице место.
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 61 пат возеа масовно по скопските улици, на 61 различнa темa поврзанa со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 62-ри пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

09 June, 2017

Реакција против проширувањето на автомобилскиот простор на бул. Партизански Одреди


После вчерашното забележување на измени во дизајнот на крстосниците на бул. Партизански Oдреди, утрово НаТочак испрати допис со мислење за овие измени до надлежните од Град Скопје. Дописот го има на линкот како документ или во продолжение на блог-постот како текст.

Крстосницата со Рузвелтова и останатите 4 улици со овие измени ќе се претворат од крстосница со 3 ленти во една насока и релативно широк пешачки остров:

во крстосници налик на онаа со бул. 8-ми Септември, со 4 ленти во една насока и претесен пешачки остров.



-----------------------

Почитувани,



Би сакале да изреагираме за промените кои деновиве се случуваат во дизајнот на некои крстосници на бул. Партизански Одреди.
Сметаме дека од повеќе причини овие промени се автоцентрични и не се во насока на заложбите за вело-град.
Но сметаме и на тоа дека го делиме ставот дека концептот за вело-град значи многу повеќе од реконструкција на велосипедски патеки. Значи: повисоко ниво на безбедност на ранливите учесници во сообраќајот, намалување на приоритотет на автомобилите, смирување на брзините во градска средина итн. Оттаму очекуваме дека ќе бидат разгледани нашите аргументи.

Како што разбравме од веб сајтот на Град Скопје (линк до веста) и од официјалните профили на социјалните медиуми, на 5 крстосници на Партизанска: со Рузвелтова, Бледски Договор, Љубљанска, Никола Парапунов и Ангел Динев до мостот Влајко се планира проширување на автомобилскиот простор на сметка на централното зеленило во зоната пред крстосниците со што ќе се добие дополнителна лента за вртење во лево.

Сметаме дека во Скопје не ни треба дополнителен автомобилски простор, напротив, ни треба простор за пешачки, велосипедски, автобуски сообраќај и зеленило.
Оваа интервенција ќе предизвика неколку негативни последици кои ги гледаме кај крстосниците во Скопје кои веќе имаат слични решенија:

  • наместо претходното преминување преку 3 + 3 ленти, сега пешаците и велосипедистите ќе треба да преминуваат преку 3 + 4 ленти, преминувањето улица ќе трае подолго време, што значи поголема изложеност на опасност и демотивација за овие начини на движење низ градот.
  • наместо досегашниот широк остров за чекање на семафор на средина на булеварот Партизански Одреди, ќе се добие тесен остров како на крстосницата на бул. Климент Охридски со бул. Партизански Одреди (Соборен храм)или бул. Крсте Петков Мисирков со бул. Гоце Делчев (Мавровка), нешто што уште повеќе ги маргинализира велосипедистите и пешаците. Ќе се намали просторот кој ја гарантира безбедноста и комоцијата на пешаците и велосипедистите кои чекаат на семафор на средина на булеварот. Имајте предвид дека на овие острови треба да чекаат велосипеди кои се движат во двете насоки, а велосипедите имаат должина која не смее да излезе од островот, нешто што веќе се случува на посочените места со лоши решенија и ја намалува комоцијата на сите учесници во сообраќајот.
  • специјалното престројување во лево, а овозможување на 3 чисти ленти за движење право ќе ја зголеми брзината на возилата кои се движат право. Партизански Одреди е булевар на кој веќе се вози пребрзо и многумина настрадуваат од пребрзото возење. Ваквата интервенција ќе го намали чувството на безбедност, а тоа е исто така демотиватор на користење точак или пешачење.
  • ќе се уништат израснати садници, a секое зеленило особено во околина на булеварскиот асфалт влијае благопријатно на снижување на температурите и е од суштинско значење за пешаците и велосипедистите и треба да се заштити, да се зголемува, место да се намалува.

Градските средини кои тежнеат кон поголема безбедност на своите граѓани преземаат мерки кои го успоруваат автомобилското движење. Тоа често подразбира и укинување на специјалните ленти за вртење во десно и лево и зголемување на пешачките пјацети и острови. Проширување на медијаните (пешачки острови), стеснување на автомобилските ленти, скратување на пешачките дистанци се едни од најчесто применуваните инфраструктурни мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Со вакви измени Њујорк драстично го намали бројот на жртви на улиците.
Со спротивни мерки може да очекуваме во Скопје само да се зголеми.
Доколку е неопходна специјална лента за вртење во лево без движење право, најдобро е во тоа да се преобрази со соодветни ознаки постоечката најлева лента, без дополнителни проширувања на автомобилскиот простор кои би ги имале негативните последици набројани погоре. Како во примерот од Adam Clayton Powell булеварот во Њујорк прикажан на сликата во прилог:

ACPMedians.jpg
Да учиме од туѓите искуства и да не ги повторуваме туѓите грешки, да се движиме напред, а не назад со дизајнот на улиците, да применуваме дизајн кој овозможува поголема безбедност во сообраќајот и повисок квалитет на живот, а не дизајн за поголема автомобилска брзина.
Во Скопје ни треба успорување, а не убрзување на автомобилскиот сообраќај.
Во Скопје ни треба мотивирање на пешачењето, возењето велосипед и користењето на јавен превоз, не ни треба дополнителен стимул за користењето на автомобили.

Со почит,
НаТочак

23 May, 2017

ВЕЛО - матинé во МКЦ

Facebook - настан: линк

МКЦ нé кани на ВЕЛО - матинé во сабота (а НаТочак се придружува):
--------------------
Сабота, 12:00.


За некои е рано утро... се расонуваат од заглавување на свирка претходната вечер...

За некои е речиси ручек време, веќе се вратиле од рекреативното возењето со точак...

Но за сите љубители на точакот како превоз, на музиката и на велосипедските авантури, оваа сабота во 12:00 ќе биде ВЕЛО – МАТИНЕ.

Ќе уживаме на терасата пред МКЦ во музичкиот перформанс од рокенрол легендата Сецко, малку невообичаен за него, оставаме да нé изненади.

Ќе слушнеме за битките со дождот и самиот себе на Сергеј при неговото патување со лежипед до Будимпешта, а исто така и за тоа како е да учествува на најголемата Критичната маса во Европа заедно со десетици илјади велосипедисти...

И обајцата ќе ни кажат збор-два за нивната дружба со велосипедите... од интересни моменти од личното минато до желби кои ги имаат за едно идно Скопје.

Патем ќе ја најавиме и 5-то роденденската Критична маса во Скопје која ни претстои на 31-ви мај.

Да поминеме едно поинакво вело-дружење.

Ве очекуваме на Вело-Матинé на 27-ми мај, се разбира, на точак!



20 May, 2017

Критична маса #61: Скопје, стани за 5-ка!

Датум: среда, 31.05.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај на КМ / почеток на роденденска забава: 19:00, Школка, Градски Парк
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------
Музика: DJ Shurbe, DJ Slave, Dj Goce
Велоизложба (повик)

---------------------------------------------------------------------
Постерот за КМ 61
5 години ги шараме улиците заедно преку велосипедските возења наречени Критична маса. Илјадници граѓани се појавија, некои еднаш, некои повеќепати, некои и не пропуштаат Критична маса! Паралелно со Критична маса, водевме и институционална битка, работевме на кревање на свеста кај граѓаните, но ги бомбардиравме со дописи градската администрација и други институции.

За овие години Критичната маса за вело-промени порасна и промените веќе почнаа да се случуваат. Зад нас се 60 критични маси без пропуштање ниеден месец и неколку вело-победи. Можеме да прославиме и да си честитаме едни на други!
 

Ставовите и навиките ни се менуваат низ времето и влијаат на градот и културата во него. Оттука секој човек на точак плус е позитивна промена. Нашите (не)акции го градат градот и го прават подобар или полош за живот. Оттука, секој активен граѓанин плус (без оглед дали праќа пријави или прима пријави), уште поактивно ја менува големата слика. Гледаме дека дека работите во вело-смисла почнаа да се поместуваат кон подобро. И тоа го правиме сите ние заедно, секој придонес е важен во сложувалката.
 

Ве покануваме постигнатото во овие 5 години да го прославиме заедно.
 
И да порачаме дека ова е само почеток, дека ни од далеку не е доволно, дека мора да продолжиме како критична маса да растеме! 

Во овие 5 години змејчето Скопје учеше (и некои работи добро ги научи):
 
-дека може да се вози споро и свесно на велосипедски настан (критична маса) без тркање, туку со уживање
-дека Скопје е идеален за точак!
-дека точак не е само спорт, туку и секојдневен превоз за сите
-дека градот има велосипедски простор кој треба да се доведе во возлива состојба
-дека градот треба да вложува и во нова велосипедска инфраструктура
-дека за точак се слеани рампи, а не трескави рабници
-дека треба да си го бараме просторот што ни следува!
 
-дека кога сме упорни и посветени, промени се случуваат!

Следните лекции за Скопје се на тема:
-предност и почит кон ранливите учесници во сообраќајот
-успорување на сообраќајот со инфраструктурни решенија
-велосипедски ленти низ маалските (општински) улици
-заштита од паркирање на пешачките/велосипедските површини од полицијата или комунални служби
-повисоки стандарди на изработка и одржување на вело-инфраструктурата
-пошироките улици за коли - извор, а не решение на проблемите
...
 
Ни остана и најголемата лекција - здравјето, животната средина, човечкиот живот да бидат водилка во било какви планирања на сообраќајот во градот.

Ни останаа уште многу лекции за учење, најпрво како граѓани, учесници во сообраќајот, одговорни министри, градски администрации и вело-активисти. Полека ги совладуваме.
 
И сигурни сме дека еден ден ќе нè има повеќе на точак! Ќе има повеќе велосипедски патеки! Ќе има поинакви, посвесни политики и Скопје ќе биде многу подобар град, град за 5-ка! 

Да го прославиме заедно постигнатото во овие 5 години и да се охрабриме за уште повеќе!
 

Извадете ги точаците, и да не сте нè дружеле претходно, ова е приликата да ја осетите атмосферата на Критична маса!
 

СКОПЈЕ, СТАНИ ЗА 5-КА!

--------------------------------------------------------------

Дојди и ти и придружи ни се!
Остави ја колата на овој убав велосипедски празник.
31-ви мај не се преседува дома!
На 31-ви мај улиците ќе им припаднат на граѓаните кои се движат на точак, зашто Скопје ќе стане за 5-ка!

Во парк нè очекува забава со DJ-и, но нè очекува забава и по улиците...Секој од нас може да придонесе да биде помасовна и поголема.
Смислете како, организирајте се…
Украсете ги точаците со борбени, со славенички, со велосипедски пораки.
Понесете си звучник, труба, радио, жива музика. Или поддржете нè додека поминуваме по вашата улица. А доколку изработувате вело-ствари, може да ни пишете и да ги изложите… Повик на линк-от.
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 60 пати возеа масовно по скопските улици, на 60 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 61-ви пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------