28 October, 2014

Одговор од МВР на коментарите од НаТочак на предлог-Законот за безбедност

Неформалната група велосипедисти НаТочак, испрати неколку коментари и предложи измени на некои членови и ставови по електронска пошта до одговорното лице од МВР, исто така и на сајтот на https://ener.gov.mk/ (достапни на линкот) за предлог-Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на велосипедистите. Во тоа групата НаТочак беше поддржана со идеи и сугестии од: Тетово на точак, Гостивар на точак, Битола на точак, Прилеп на точак, со совети од неколку правници како и со поддршка, совети и споделувања од пошироката велосипедска заедница, за што искрено ви благодариме на сите!

Коментарите за сите спорни членови ги има во блог-постот: http://www.natochak.blogspot.com/2014/10/blog-post_9.html

Од Министерството за внатрешни работи добивме одговор кој вели дека предлозите за изменување и дополнување на членовите 183 и 230 (кои се однесуваат на пренесувањето на лица на велосипед и возрасното ограничување за возење велосипед) се ПРИФАТЕНИ и истите ќе бидат вградени во предлогот на Законот кој ќе биде доставен до Владата.
Тоа значи дека овие членови уште не се изгласани, но сме чекор понапред во однос на нивно менување.
Накратко: измената на членот 183 (доколку се изгласа) значи дека деца ќе смеат да се пренесуваат и на задно седиште на велосипедот, не само на предно.
А измената на членот 230 (повторно доколку се изгласа) значи дека деца до 10-годишна возраст ќе смеат да возат на улица. Во рамки на станбени улици и зони на смирен сообраќај ќе смеат да возат и самостојно, додека пак на сите улици од повисок ранг каде е дозволено возење велосипед, ќе смеат да возат во придружба на лице кои ги познава сообраќајните правила, т.е. лица кое навршило барем 16 години. Овој предлог- член вклучува и дозвола деца до 12 години да смеат да возат велосипед и на пешачки патеки.


Предлогот за отстранување на задолжителноста на кацигата од Законот е делумно прифатен, т.е. задолжителноста останува, само нема да има парична глоба доколку не се почитува. Бидејќи ваквиот член се' уште може да има правни реперкусии по велосипедистите во случај на евентуална сообраќајна незгода (да се намали одговорноста на возачот на моторното возило кој учествувал во неа или да има проблеми со осигурување), а отвора и простор за толкување на формулацијата „треба“ и додавање на казнена одредба при собраниското автентично толкување на законот, нашиот предлог е да смени формулацијата „треба“ со „препорачливо е“ за да се избегнат двојни толкувања, штом предлагачот на Законот веќе има цврст став да не воведува казни за непочитување на оваа одредба и штом изрази разбирање за ставовите на Европската велосипедска федерација (линк од писмото кое ЕВФ го испрати и до МВР).


 
Во целост коментарите и предлозите кои ги даде НаТочак за сите членови може да ги прочитате на линкот.

Благодарност до МВР што најде разбирање за овие два члена (183 и 230), многу важни за воведување на велосипедот во животот на децата од мала возраст.
Сепак битката не е завршена!
Овие членови треба да бидат изгласани од пратениците до целосно усвојување, а останува и понатаму да реагираме за останатите спорни членови кои се засега одбиени, преку контакти со пратеници, преку јавни реакции. 


Точакољупска заедницо, само храбро, барај си ги своите права!

Во прилог, во целост одговорот од МВР.
 

 


0 comments:

Post a Comment