Showing posts with label интервју. Show all posts
Showing posts with label интервју. Show all posts

04 March, 2015

Интервју со Општина Центар - Субвенции за велосипеди (2014)

Општина Центар е една од ретките општини кои започнаа иницијатива за поддршка на урбаниот велосипедизам, во случајов преку субвенционирање на велосипедите на жителите од оваа општина.

Во јавноста за оваа мерка имаше позитивни реакции (затоа што општината го поддржува велосипедизмот), но и реакции во однос на условите за возење велосипед кои треба да бидат приоритет за решавање, а се голем проблем во оваа и други општини. Главните булевари не се во надлежност на општината (тие се во надлеженост на Градот), но споредните улици се. Таму општините може да воведат „зони 30“, да ги слеат високите рабници од тротоарите на преодот кон коловозт во рампи , да делуваат кон решавање на проблемот со непрописно паркирани возила итн. Има голем простор за подобрување.
-----------------------------------------
На Точак направи интервју со Општина Центар за првото субвенционирање на точаци во 2014-та година и еве што велат тие:

1.  Разбравме дека субвенциите за нови точаци се исплатени прилично експедитивно, колкава беше заинтересираноста за оваа акција?

Општина Центар е задоволна од реализацијата на проектот “Цел Центар на точак”. 870 жители на општина Центар добија субвенции за набавување на нов велосипед. Речиси за еден месец беше исполнета квотата за планираните субвенции. Половина од заинтересираните беа припадници на женскиот пол. Имаше заинтересираност и за набавка на велосипеди и за деца.


 2.  Дали се планира повторување на акцијата?

Оваа акција ќе се реализира и наредната година. Во буџетот за 2015 година ќе бидат предвидени средства и тоа повеќе од годинава за набавка на нови велосипеди.


 3.  Дали Општина Центар планира некои други акции поврзани со стимулирање на велосипедизмот во скоро време, пример подобрување на инфраструктурата, поставување на паркинзи за точаци на повеќе места, нови велосипедски патеки и воведување на зони 30?

На сите новоизградени скверови или реконструирани улици општина Центар поставува паркинзи за велосипеди. Тоа ќе биде практика и во иднина, исто како и за новите велосипедски патеки. Градоначалникот на општина Центар најави дека се планира воведување на зони 30 во Дебар маало заради поголема безбедност во сообраќајот.


 4.  Еден од начините да се мотивираат граѓаните во еден град да возат велосипед е токму вработените од државните институции да го прават истото. Дали планирате (континуирано) да ги стимулирате вашите вработени да доаѓаат на работа со велосипед?

Дел од вработените веќе доаѓаат на работа со велосипед. Заложба на општината е што поголем број жители, меѓу нив и вработените да го користат велосипедот бидејки со тоа ќе се придонесе за намалување на загаденоста и ќе се растерети сообраќајната гужва во општина Центар. И вработените како и сите граѓани доколку се жители на општина Центар може да аплицираат за купување на нови велосипеди.
-----------------------------------------

Коментар: Паркинзите за велосипеди кои ги поставува Општина Центар ги задоволуваат потребите на велосипедистите да го заклучат велосипедот и за рамот и очекуваме и другите општини да ја следат таа пракса. Дополнително, очекуваме Општина Центар, но и останатите да делуваат во насока на подобрување на дизајнот на улиците за пешаци и велосипедисти и станување на похумани места за живеење.

22 July, 2014

Паркинзи за точаци - интервју за Нова Македонија

Ги пренесуваме во целост одговорите кои НаТочак ги даде на интервјуто од Нова Македонија направено на темата „паркинзи за точаци“ пред 3 месеци.
Објавената статија е со наслов „Дрвјата и оградите сѐ уште се места за заклучување на велосипедите“ и достапна е на следниот линк (објавена на 22.04.2014)
 

--------------------------------------------------------------------- 

1. Кое е вашето мислење на оваа тема, дали се потребни такви места за заклучување на велосипедот во Скопје?

- Се разбира дека се потребни. Онака како што се прават политики за паркирање на возила, така треба да се прават политики и за паркирање на велосипеди. Тие се дел од т.н. статичен сообраќај за велосипеди и се веројатно втори по важност по инфраструктурата по која се движат велосипедистите.

2. Дали недостигаат соодветни места каде што може да се заклучат велосипедите, односно таканаречени паркинг места за велосипеди во Скопје?

-Да. Многу школи, факултети, фирми, јавни институции каде граѓаните одат да завршат некоја работа, пазари (особено), трговски објекти, банки, кафулиња и јавни простори најчесто немаат паркинг места за велосипеди, а и кога имаат најчесто не се соодветни (мал број, несоодветен тип, мали димензии, лоша локација). Луѓето се соочуваат со проблемот да немаат каде безбедно да го паркираат велосипедот кога одат до некоја дестинација.

3. Каде најмногу фалат, низ кои делови на градот? Низ кои делови се најмногу потребни?

-Низ сите населби од градот каде што се движат велосипедисти. Дури и онаму каде што нема многу велосипедисти, добро е да ги има паркинг местата. Тие се знак дека институцијата/компанијата го признава велосипедскиот сообраќај и го поддржува и е отворена за оние посетители кои би дошле на точак. Кај нас има многу малку вело-пријателски институции и компании.

4. Каде, според вас, треба да бидат поставени и како да изгледаат?

-Држачите за велосипеди за привремено паркирање, треба да бидат поставени на видно место, покрај влез, каде што е проточно, на осветлено и пристапно место. Држачите треба да се високи за да не мора да се наведнуваме при заклучување и да може велосипедот да се заклучи за рамот, не само за тркалото кое може лесно да се извади од точакот. Профилот на шипката да биде доволно цврст за да се потпре на неа точакот и да не може лесно да се совлада од крадци. Во светот најчесто се користат варијации на стандардните П држачи (Шефилд).

 

5. Дали граѓаните се соочуваат со тешкотии да најдат соодветно место да го остават велосипедот и да го заклучат?

-Да, се соочуваат со тешкотии, не само во јавните простори и пред јавните институции набројани погоре, туку и во фирмите каде работат и во станбените згради каде живеат. За подолго „паркирање“(складирање) во период од повеќе часа, преку ноќ или повеќе дена, само држачи не вршат работа. Потребно е или место со надзор или затворен простор за складирање: посебна просторија или дел од подрум. Најчесто не се предвидени такви решенија, па луѓето се принудени да ги носат велосипедите по скали, во лифт (не може секој) и да ги заклучуваат за оградите во влезовите (небезбедно и непрактично) или да ги носат во стан (непрактично и нехигиенски), па демотивира секојдневно користење на велосипедот. Местата за паркирање и складирање на велосипеди мора да станат задолжителен дел од планот на една зграда (станбена, деловна, општествена) за да добие воопшто дозвола за градба.

6. Дали поради тоа што нема соодветни паркинзи за велосипеди, полесно е да се случи штета, односно да биде украден или оштетен велосипедот?

-Недостигот од паркинг местата не е единствениот фактор за кражбите, но има влијание. Убедени сме дека поголемиот број на соодветни паркинзи на соодветни локации и местата за складирање ќе влијаат позитивно и на безбедноста од кражба и на помала штета врз велосипедите и околината со импровизираното паркирање врз тревници, за дрвја итн.. А и ќе охрабрат многумина да почнат да го користат велосипедот како секојдневно превозно средство.