27 August, 2013

Извештај од средбата со Град Скопје

После упатените барања за подобрување на постоечката велосипедска инфраструктура до сите скопски општини и Градот Скопје, првиот одговор го добивме од администрацијата на Град Скопје после што беше договорена средба. 

Средбата се оствари на 20.08 од 10:00 до 11:00 часот во просториите на Град Скопје каде присуствуваа претставници од На Точак и претставници од Секторот за планирање и уредување на просторот и од Одделението за спорт. За 
жал, на средбата немаше претставник од Секторот за сообраќај, но присутните ветија дека ќе им ги пренесат заклучоците на своите колеги.

На средбата подетално им ги презентиравме веќе упатените барања и целата наша заложба за промовирање на велосипедот како транспортно средство и за подобрување на условите за негово користење. 

Вработените од Град Скопје, од кои сите (помалку или повеќе) корисници на велосипедот, беа согласни дека се работи за реални проблеми со кои се соочуваат велосипедистите и за реално остварливи барања, кои ќе може постапно да се решаваат. 

Најмногу се задржаа околу првото барање: Подобрување на состојбата на постоечките велосипедски патеки кое е најдиректно во надлежност на Град Скопје и е поле на кое веќе работат со заменување на високите рабници со ниски. Ние им укажавме дека ниските рабници се во секој случај подобри од високите, но најдобро решение се рампи, и за велосипедските патеки и за пешачките кои треба да бидат пристапни и за лица во инвалидски колички. Состојбата со одржувањето на асфалтот на патеките им е јасна, но досега приоритетите биле насочени кон реконструкција на коловозите за моторен сообраќај.


Во врска со второто барање: Овозможување на континуирано движење по велосипедските патеки ни беше објаснето дека во некои случаи е невозможно да се дислоцираат веќе поставени објекти како семафори и сл. поради инфраструктурните поврзувања, но секако дека во иднина може да се планира подобро. Проблемот со автобуските постојки и судирот на велосипедскиот со пешачкиот сообраќај им е јасен и ќе мора да се пристапи кон нови сообраќајни решенија кои ќе ги издвојат овие 2 типа сообраќај, како и соодветно обележување на патеките и поставување на сообраќајни знаци кои ќе ја подигнат свеста на граѓаните за постоењето на велосипедските патеки. Проблемот со паркирани возила е во надлежност на МВР и најмногу што може да направи Град Скопје е да постави столпчиња, онаму каде што е можно, кои ќе спречат нерегуларно паркирање на возила на велосипедски и пешачки патеки, како и да го искомуницираат проблемот на повисоко ниво. 


Третото барање за Зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди, им го претставивме како задолжителен потег на сите јавни институции со кој ќе изразат поддршка кон сите вработени и посетители кои го користат велосипедот како превозно средство. Од Град Скопје рекоа дека ќе преземат иницијатива оние институции кои се во нивна надлежност (беа спомнати средните училишта како пример) да се снабдат со ваков вид паркинзи. Стана збор и за издвојување на едно до две паркинг места за автомобили на секој јавен паркинг и нивно пренаменување во паркинг места за велосипеди. Така тие места ќе добијат и соодветен надзор и заштита од крадење.


Им ги понудивме резултатите од нашите мапирања и од претходно спроведени акции (претставени и на средбата со ЈП Улици и патишта) како база за согледување на проблемите. Ветија дека ќе пратат екипи кои ќе направат увид на терен и во зависност од буџетот ќе одредат приоритети за решавање.

За дел од проблемите им доставивме позитивни примери од светот како можен начин на решавање, а за останатите проблеми стоиме на располагање за консулатација како секојдневни корисници на велосипедот како превозно средство.


Град Скопје веќе работи на некои проекти за спортски велосипедизам, но урбаниот велосипедизам, велосипедот како начин на транспорт низ градот, заклучивме дека е запоставен и долго време се нема направено ништо во Скопје на таа тема. Добивме уверување дека постоењето на ваква иницијатива сигурно ќе направи мало поместување на приоритетите. Постои волја за подобрување, но бидејќи и решенијата треба да се долгорочно применливи, не треба да очекуваме резултати веднаш.  


Може да сметаме дека Град Скопје е известен со какви проблеми се соочуваме при секојдневното сообраќање низ градот. Наше е да очекуваме конкретни мерки за нивно решавање и да реагираме секогаш кога ќе забележиме дека нешто што не е во ред, како нашиов сограѓанин (или тука). 
Со зголемено комуницирање на одредена тема, надлежните ќе сфатат дека им е важна на навистина голем број граѓани. Да продолжиме да реагираме. Велосипедот како транспортно средство треба да го добие местото во градските политики кое го заслужува .

0 comments:

Post a Comment