17 February, 2015

Пријава на инфраструктурен проблем - Поставување на билборди на велосипедски патеки

Од јануари 2015 год, активисти на групата НаТочак забележаа масовно поставување на нови билборди на неколку локации низ градот Скопје, позиционирани на дел од велосипедските патеки. 
Со дописот во прилог реагираме на оваа појава која го води градот чекор назад во неговите заложби да прерасне во велосипедски град. Секоја пречка на велосипедските патеки го стеснува и онака малиот и нестандарден простор за непречено движење со велосипед. 
 
Проблемот се појавува и кога пречката (во случајов билборд) е поставена на пешачка патека, бидејќи проблемот се прелева, пешаците избегнувајќи ја истата, се движат по велосипедската патека и доаѓа до конфликт во движењето меѓу пешаци и велосипедисти.
 
Бараме отстранување на поставените постаменти од вело- патеките и изнаоѓање трајно решение за истите. Во оваа насока, повторно потсетуваме за донесување на Правилникот за стандардизација при изработка на велосипедски патеки, со кој засекогаш ќе се реши овој проблем.
Како и досега, очекуваме конструктивност и изнаоѓање прифатливо решение.
 
Интегралниот текст од допсиот го има во продолжение, а пријавата која ја испрати НаТочак до релевантните тела на Град Скопје, достапна е на линкот.
----------------------------------------------------
 

       До: Град Скопје
Сектор за сообраќај
Сектор за планирање и уредување на просторот

Предмет: Допис

Почитувани,
Сакаме да Ве известиме за појавата на нови недоследности на велосипедските и пешачките патеки на повеќе локации низ градот Скопје. Имено, во јануари 2015 год. забележавме поставување на нови билборди на велосипедските и пешачките патеки. Конкретно, во продолжение приложуваме слики од локации од неколку булевари.
   Партизански Одреди / Никола Парапунов     М. Теодосиј Гологанов / Веро 2 (прв)
  М. Теодосиј Гологанов / Католичка Црква      М. Теодосиј Гологанов / Веро 2 (втор)
 
Како што се гледа од сликите, оние билборди кои се поставуваат на велосипедските патеки, го попречуваат нормалното движење на велосипедистите, а оние билборди кои се поставуваат на пешачките патеки, им попречуваат на пешаците и ги принудуваат да се движат на велосипедските патеки. Во секој случај, се појавува проблем во нормалното движење на велосипедистите и пешаците со нивното мешање и со дополнителното стеснување на веќе тесниот простор оставен за нивно движење.

Пред една година се соочувавме со сличен проблем. Поставеноста на контејнерите на велосипедските патеки го попречуваа движењето на велосипедистите. НаТочак, овој проблем го пријави на надлежните во градот, на што наидовме на разбирање. За кратко, контејнерите беа отстранети од велосипедските патеки. Го поздравуваме тој потег.

Се надеваме дека и со оваа пријава, проблемот со билбордите ќе биде решен. На поставувањето на билборди и слични фиксни објекти треба да се посвети особено внимание. Со нивното поставување речиси трајно се узурпира јавниот простор и затоа треба трајно да се заштити просторот за движење на граѓаните. Долгорочно решение за овој и сличните проблеми, НаТочак предложи пред околу една година, со тоа што иницираше изработка на Правилник за стандардизација при изработка на велосипедски патеки. Во Правилникот се уредени сите аспекти при планирањето и изведбата на велосипедските патеки, по утврдени стандарди со што ваквиот тип на проблеми долгорочно би се спречил.
Според нашите сознанија, Правилникот за планирање и изведба на велосипедски патеки, моментално е во процедура на донесување, чека потпис во Министерството за транспорт и врски, каде што се наоѓа закочен повеќе од една година. Со дописов, освен што известуваме за билбордите, апелираме за откочување на процесот и за што поскоро донесување и имплементирање на терен на Правилникот, со што ќе се спречат овие недоследности во иднина.
Очекуваме одговор и се надеваме на разбирање.
Со почит,
НаТочак - За подобро вело Скопје, до подобар град!
17.02.2015, Скопје

0 comments:

Post a Comment