12 June, 2015

Задолжителни паркинг места за велосипеди кај објектите со јавна намена

Според измените на Законот за градeње од август 2014-тата (Службен весник на РМ, бр. 115) јавните објекти од тогаш па наваму се обврзани да обезбедат паркинг места за велосипеди.
Обврската се однесува за објекти кои допрва ќе се градат, а оние кои веќе се изградени, а немаат паркинг места за велосипеди, имаат рок од една година да обезбедат (т.е. до 1.08.2015).


Ја поздравуваме оваа позитивна законска измена.

Следен чекор во однос на паркинзите за велосипеди кој го очекуваме е истата обврска да се однесува и за објектите за домување и за објектите со комерцијално-деловна намена. И велосипедот е превозно средство и треба да има можност за негово безбедно паркирање на секоја дестинација.

Меѓутоа, во Законот не е споменато дали и како се регулира бројот и типот на паркинг-местата за велосипеди, дали е тоа оставено на проценка на проектантот или ќе биде регулирано со подзаконски акт.
Врз основа на Законот за пристап до информации, НаТочак испрати
барање до Министерството за транспорт и врски во кое поставува прашање за тоа дали и како е регулиран бројот и типот на паркинг места за велосипеди.
Ќе ги објавиме информациите штом добиеме одговор.

Кои објекти се со јавна намена?

Според она што ние го најдовме како информација, сите овие:



Класа на намена В – јавни институции
-    В1 - образование и наука во кои спаѓаат сите видови основно, средно и високо образование, континуирано и дополнително образование, како и сите видови научни институции.
-    В2 - здравство и социјална заштита со сите видови клиники, амбуланти, клинички центри, болници, здравствени домови, лечилишта и сл. како и сите видови на социјални установи и детски градинки.
-    В3 - култура со сите видови дејности кои се одвиваат во специјални градби како што се театри, кино сали, музеи, галерии, кинотеки, домови на културата, филхармонии, опери и сл.
-   В4 - државни институции во кои спаѓаат сите органи на извршната, судската и законодавната власт, државни институции, заводи, агенции и дирекции, како и органи на локалната самоуправа.
-   В5 - верски институции во кои спаѓаат цркви, џамии, синагоги, манастири, текиња и сл.

Измените во Законот за градење ги има на следниов линк, а подолу се извадоците кои се однесуваат на паркинг просторот за велосипеди.

10. Простор за велосипеди
Член 11-б
Градба со јавна намена треба да биде проектирана и изведена така што ќе има обезбедено паркинг простор за велосипеди во функција на објектот. 

Член 13
Сопствениците на изградените објекти со јавна намена се должни да обезбедат паркинг простор за велосипеди во функција на објектот со јавна намена, во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 131-б
(1) Градежен инспектор, односно овластен градежен инспектор е должен да изврши
инспекциски надзор и да утврди дали сопствениците на објекти со јавна намена имаат
обезбедено паркинг простор за велосипеди.
(2) Доколку при вршењето на инспекцискиот надзор градежниот инспектор, односно
овластениот градежен инспектор утврди дека сопствениците на објекти со јавна намена немаат обезбедено паркинг простор за велосипеди, истиот е должен да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд.


----------------------------------------------

Од август 2015-та не би требало да има објект со јавна намена каде нема да можеме да паркираме велосипед.

Се радуваме дека ќе добиеме повеќе паркинзи за велосипеди низ Скопје (и општо, Македонија), но апелираме дека штом веќе се прават, треба да се направат добро.

Се надеваме дека во наредниве месеци (има уште многу малку време до 1-ви август!) ќе бидат поставени убаво дизајнирани и пред сè фунционални паркинзи за точаци пред јавните институции. После август сигурно ќе провериме која институција поставила и какви.
Македонија има супер дизајнери кои може да дизајнираат customized паркинзи за објектите, но исто така, секогаш може да се искористи добриот П (Шефилд) држач и неговите модификации. Не е ништо комплицирано. Може да се изработат во било која металска работилница.



Класичен П држач - Sheffield rack

држач во облик на полукруг,
 но со иста функционалност како класичниот П држач


држач во облик на штикла (дизајн: David Byrne, New York)
но со иста функционалност како класичниот П држач
Велосипедистите преферираат држачи кои ќе го држат стабилно велосипедот и за кои можат да го врзат рамот, зашто тркалата од најголем број велосипеди се вадат со еден потег и таквото врзување не е безбедно. Идеално би било кога држачот ќе обезбеди врзување и на рамот и на тркалата, како што тоа го обезбедува П држачот.


П држачот нуди многу опции за заклучување: за рам, за двете тркала, за седиште...

Покрај неопходноста од добри држачи (по облик, начин на врзување, цврст материјал од кој се изработени, заштитени од оштетување) и нивната добра прицврстеност во тлото, постојат и други услови кои треба да ги задоволи локацијата за да се смета паркингот за велосипеди за добар:

-локацијата треба да е лесно пристапна за тркала (да нема скали и физички пречки, да нема можност да се паркираат возила кои ќе го блокираат патот 
до местото каде треба да се однесе точакот)
-локацијата треба да биде под визуелна контрола (тоа може да биде: чувар, камера или едноставно прометно место каде поминуваат многу минувачи, а не некое затскриено)
-локацијата на паркингот треба да биде лесна забележлива (видлива) од страната од каде што најчесто пристапуваат луѓето 
-локација треба да биде во близина на влезот од објектот. Колку помало е растојанието од паркингот до влезот, толку е поголема веројатноста луѓето кои што го посетуваат објектот да доаѓаат на точак или пак луѓето кои веќе се на точак да застанат токму кај вашиот објект
-локацијата треба да биде осветлена и по можност заштитена од атмосферски влијанија.

Погледнете го албумот со избор на повеќе или помалку добри паркинзи од Скопје кој го направивме минатата година и нашите оценки на некои од споменатите аспекти.
Албумот е отворен за дополнување.



пример за функционални држачи од Скопје (Општина Центар)

Критична маса со тема: Саглам паркинг - раат кафе

0 comments:

Post a Comment