ЗАПИСНИК
Состанокот е одржан на 21.10.2015 година од 10.00ч – 11.00ч. часот во кабинетот на Градоначалникот на Општина Центар
На состанокот присуствуваа:
•Андреј Жерновски, Градоначалник на Општина Центар
•Дамјан Момировски, Сектор за урбанизам при Општина Центар
•претставник од Сектор за комуникации на Градоначалникот
•двајца преставници од неформалното здружение ”НаТочак”
Поканата за состанок беше иницирана од Градоначалникот, кој изрази желба за соработка во врска со сите активности на темата урбан велосипедизам и побара да ги слушне предлозите и барањата што НаТочак ги изготви како основа за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Бидејќи предлозите и барањата се однесуваат на соработка, односно се испреплетуваат надлежности на повеќе институции, разговаравме за конкретните надлежности на Општина Центар и како тие да се надополнат на надлежностите на останатите општини и надлежни институции.
На состанокот од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа изнесени предлози и барања за унапредување на велосипедската инфраструктура при што беше дискутирано за следното:
•моменталниот статус на изработениот Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура кој има најава дека ќе се донесе во најкраток можен рок со цел избегнување на импровизации при проектирањето;
•запознавање на Градоначалникот со проектниот документ за проектот „Скопје вело - град“ и неговите детали, во насока на континуитет на проектот на сообраќајните површини во надлежност на Општина Центар;
•задолжително планирање на велосипедска инфраструктура при изградба и реконструкција на сообраќајните површини како и обезбедување на велосипедска инфраструктура на сите изградени сообраќајни површини без велосипедска инфраструктура;
•отстранување на сите пречки на велосипедските патеки со цел обезбедување на непречено и безбедно одвивање на велосипедскиот сообраќај;
•од преставниците од НаТочак е укажана новата законска можност да се исцрта велосипедска лента на коловоз;
•воведување зони 30 на улиците во Општина Центар;
•соработка со сообраќајната полиција;
•заштита на велосипедските патеки/ленти од моторни возила.
Од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа доставени и конкретни предлози и барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот во пишана форма.
На состанокот беа донесени следниве согласности по однос на предлозите и барањата:
•Градоначалникот информираше дека во процес е поставувањето на знаци за обележување на улиците во зона 30, зона на смирен сообраќај. Планираат кампања во која ќе ги информираат граѓаните за воведувањето на зона 30 и воедно повик до Министерството за внатрешни работи за соработка при информирањето на граѓаните
•Градоначалникот изрази подготвеност со свој пример, да ги повика граѓаните да го користат велосипедот како секојдневно превозно средство, со тоа што кога е во можност самиот ќе го користи велосипедот за да допатува до/од своето работно место
•по донесувањето на Правилникот, во комбинација со постоечкиот Закон кој одобрува велосипедска лента исцртана на коловоз, од Општина Центар ќе се подготви Проектен план за велосипедски патеки/ленти на улиците кои се во надлежност на општината, истиот јавно ќе биде презентиран и отворен за коментари/забелешки
•констатирана е потребата од поголема соработка меѓу соседните општини со цел постигнување на континуитет во поглед на планирањето и изградбата на велосипедската инфраструктура. Патеките мора да имаат континуитет низ целиот град и мрежата да е координирано планирана
•компетентни претставници од Општина Центар и Градоначалникот заедно со претставници на неформалното здружение „На Точак“ ќе возат велосипед по постоечките површини низ Општина Центар со цел на терен да се согледаат проблемите. За увидените проблеми ќе се состави Записник и за истите ќе се дискутираат решенија
•во врска со паркингот кој е во надлежност на Општина Центар, спроти Фонтана, Градски парк, разговарана е можноста дел од паркингот да се пренамени за велосипедска патека која е во рамки на Рута 1 (конекција населба Автокоманда до населба Карпош 4, во рамки на проектот Скопје Вело Град 2017) со цел велосипедската патека да не менува неколку пати страна на булеварот, поради недостаток на простор со постоечката состојба. Со отстапувањето на простор од паркингот за велосипедска патека од јужната страна на бул.Илинден ќе се обезбеди континуитет на велосипедското движење, поголема удобност и безбедност за велосипедистите.
Скопје, 21.10.2015
0 comments:
Post a Comment