30 December, 2015

Среќна Нова, херои на Скопје!

Добивме писмо:
--------------------------

Ова беше тешка година за вашиот град. Тој беше сардисан од многу неволји. Огромна загаденост на воздухот! Енормна бучава! Сообраќаен метеж! Узурпација на јавните површини! Многу беше напатено вашето Скопје: вашиот Готам Сити, вашиот Метрополис!
Но Скопје, за среќа, во изминатава година ве имаше и вас, неговите херои! Храбрите и решителни девојки и момци кои им пркосевте на сите неприлики за да го спасите вашиот град. Педалите вам ви беа вашите наметки, а точаците ви беа вашите херојски костими. И никогаш не го оставивте Скопје на цедило. Со секој нов точак на улица, воздухот стануваше за малку почист. Со секој километар поминат на точак вие живеевте за другите, со секое ѕвонење на ѕвончето мислевте на сите нас, со секоја насмевка им ја враќавте вербата на вашите сограѓани: вербата во еден поубав град. Светлата на вашите точаци ја даваа светлината на надежта.

Длабоко ви се поклонуваме. Ви благодариме за сите ризици кои ги преземате, се восхитуваме на вашата упорност, сочуствуваме со секојдневните нервози и препреки со кои се соочувате. Вие сте тие кои го правите градот поубав. Вашите постапки беа пример за многумина.
Новата година ќе донесе уште поголеми предизвици. На Скопје сѐ уште ќе му биде потребна вашата помош. Супер-моќите кои ги поседувате повторно ќе го спасуваат градов. Се надеваме дека ќе продолжите да бидете инспирација за останатите. Вашата борба продолжува!
Среќна Нова, херои на Скопје!

Со почит,
Анонимен Автор




0 comments:

Post a Comment