27 March, 2017

Критична маса #59: Низ град се слуша ѕвон, почитувај вело бон тон

Датум: среда, 29.03.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, парк спроти Студентски дом Гоце Делчев
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------
• Стави си ѕвонче за да ѕвониш кога сакаш да бидеш чуен. 
• Стави си предно бело и задно црвено светло за да бидеш виден од напред и од назад од други велосипедисти, возачи и по некој пешак.
• Стави си катадиоптри на тркалата за да им одблеснува на колите од страна. 
• Стави си исправни сопирачки за да закочуваш на време.

Вака точакот ти е законски исправен ;)

За свој мерак и зголемување на корисната употреба на точакот, стави си и:
• Багажник назад, корпа напред за превоз на ствари
• Калници кои ќе те штитат од прскање од скопските вирови
• Потпирач на кој ќе го потпреш кога ќе запреш некаде без да мораш да бараш ограда, бандера и слично
• Набави си и лентичка со која ќе спречиш широките пантолони да отидат во синџирот или користи штипка ко правите господа ;)
• Дождовен мантил или водоотпорна облека со која ни дождот веќе нема да е пречка за да бидеш на точак.
Стави си и широка насмевка за да го пресретнеш скопскиот метеж. 
И биди добар примерок на велосипедскиот вид :)

• Знаеме дека нема доволно велосипедски патеки, но секогаш кога има - користи ги!
 
• Почитувај ја обележаната насока…Можеби не очекуваш да доаѓаат велосипедисти од спротива, ама ги има се повеќе и ќе им пречиш.
• Кога нема велосипедска патека вози од ДЕСНАТА страна на коловозот. Ако возиш во спротивна, возачите не те очекуваат, а можно е да се пресретнете со друг велосипедист кој си ја почитува пропишаната насока...И што да прави кога ќе се пресретнете, кој е фер да отиде накај реката возила? Се разбира тој што ја утнал насоката...
• Заѕвони им на залутаните пешаци. И за нив е нешто ново да имаме обележување на велосипедските патеки, имај трпение.
 
• Имај трпение и за луѓето кои чекаат автобус на велосипедска патека. Само заѕвони им, ќе се поттргнат. Не е нивна вина што некој порано дизајнирал местата на двете групи да се поклопуваат. За трајно решение на проблемот, потсетувај ги локалните власти да си ја довршат работата. 
• Комуницирај, комуникацијата е суштинска кога си влегол во сообраќај. Праќај сигнали кон околината секогаш кога правиш промена во движењето. 
• Пружај десна рака за вртење десно, лева рака за вртење лево. Подигни рака кога нагло застануваш. 
• Кога се разминуваш со друг велосипедист, зафати ја твојата десна страна...исто како возилата, да нема несакани лево-десно-лево-десно и бам.
• Кога претекнуваш друг велосипедист што вози во иста насока прави го тоа од левата страна.
......
......
......

Дополнете во коментари со пишани и непишани правила за возење точак кои сметате дека е добро да ги знае секој кој се решил да го користи.
 
Со доаѓањето на пролетта и подобрување на условите за возење точак се зголемува бројот на луѓето кои користат точак... 
За да го направиме возењето побезбедно и попријатно за сите, да почитуваме бон тон! 
Свесни сме дека најголемата опасност доаѓа од непочитувањето на правилата од страна на возачите, но тоа не значи дека не треба да бидеме добар пример! 

Низ град се слуша ѕвон, почитувај вело бон тон.
Се гледаме на Критична маса #59 во среда!
Ќе возиме по следнава рута:



*** Во зависност од потребите, секогаш се возможни промени на рутата на лице место.
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 58 пати возеа масовно по скопските улици, на 58 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 59-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

0 comments:

Post a Comment