12 July, 2018

Во Скопје не си безбеден ни на тротоар... Стоп за пребрзото возење!

Вчера (11.07) на крстосницата меѓу бул. Климент Охридски и бул. Партизански одреди додека чекал на пешачки остров (!!!) е прегазен пешак од возач кој управувал возило со преголема брзина. Се надеваме дека повредениот ќе биде добро.

За овој случај најпрво дознавме од постот на новинарката Сашка Цветковска, а според најновите информации повредениот пешак се бори за живот.




Ова не е првпат да настрада пешак кој не ни згазнал на коловоз. Во 2015-та на истиот булевар една крстосница позападно, велосипедист настрада од возач на Ауди на пешачко острово (линк).
Во Скопје станува пракса да се настрадува и на тротоар и надлежните мора да го вклучат алармот.
Неколку работи треба да се нагласат во врска со овој и сличните случаи за да не ни се повторуваат:
1. Ограничувањето на брзината во населени места е МАКСИМАЛНИ 50 km/h низ цела република. На некои места е и 30 km/h. Прекумерната брзина е причина број еден за сообраќаен судир воопшто да се случи и причина број еден за да има тешки последици ако се случи. Веројатноста дека ќе преживеете (ако сте пешак или велосипедист) при удар од возилo кое се движи со 30 km/h e 90%, при 50 km/h e 50 % и при 60 km/h е 10%. Затоа впрочем и се намали ограничувањето од 60 km/h на 50 km/h, зашто зависноста е експоненцијална. Во населено место секој 1km/h повеќе прави разлика (2-3% зголемува ризик) и треба да се санкционира, а не пак да се замижи на зголемување на брзината за 10 km/h (како тоа да е ништо), а да не зборуваме за оние кои возат со 100 km/h и се недопирливи. 

Image result for speed safety 30 50 60 km/h


Image result for speed safety 30 50 60 km/h

Извор: Европска комисија (линк)

2. Полицијата (Министерство за внатрешни работи) МОРА да се фокусира на брзината при казнувањето. Тоа е препорака на сите експерти за безбедност: “Ако имате ограничени ресурси да спроведете безбедност во сообраќајот - фокусирајте се на прекумерната брзина! И само тоа е доволно за да има значителен ефект.“ Не постои поштетен прекршок од брзо возење. Ефектите ќе бидат веднаш видливи.


Интервју со Ралф Рисер, експерт по сообраќајна психологија и социологија

3. Знаеме дека постојат КАМЕРИ на сите главни крстосници во Скопје, камери и од Министерство за внатрешни работи, и од Центарот за управување и контрола на сообраќајот. Зошто не се користат или надградат за да се користат за казнување на возење над ограничената брзина? Така ќе се реши пребрзото возење на главните булевари 24/7, во 100% од времето, а не само кога полицијата ќе биде присутна.

4. На споредните улици, пребрзото возење и симнување на брзината на 30 km/h (зашто на нив се движат и играат деца, во близина има школи и градинки, често недостигаат и тротоари, па пешаците и велосипедистите се движат на коловоз) треба да се постигне со ФИЗИЧКИ МЕРКИ на СМИРУВАЊЕ НА СООБРАЌАЈОТ: подигнати платформи, подигнати пешачки премини итн. Зошто градов нема стратегија да ја зголеми безбедноста и вакви мерки не се стандард во секое маало, туку граѓаните треба да протестираат за да ги добијат и да бидат безбедни во свое маало?



Image may contain: outdoor
Мини кружен тек за смирување на сообраќај на споредни улици. Останати решенија во албумот „И маалските улици се за точаци“
Image may contain: tree and outdoor
Подигнат пешачки премин за смирување на моторниот сообраќај, но и полесен премин на лицата кои се движат со колички. Останати решенија во албумот “Некои инфраструктурни решенија за успорување на сообраќајот“

5. Дизајнот на улиците е огромен фактор кој влијае на безбедноста. Вакви крстосници како оваа Климент-Партизанска каде има толкав проток на пешаци, а каде треба да чекаат на мизерни мали островчиња, а за автомобилите има по 3 ленти за право + специјални ленти и за вртење и лево и десно нема да најдете во центарот на ниеден безбеден град! Препорака од светски експерти за безбедност кои беа гости во Скопје пред 1 месец и ги едуцираа нашите планери и донесувачи на одлуки е дека ПЕШАКОТ НЕ СМЕЕ ДА ПОМИНУВА ПОВЕЌЕ ОД 3 КОЛОВОЗНИ ЛЕНТИ ОДЕДНАШ. Во некои држави (Германија на пример) тоа е дури и законска обврска при планирањето. Доколку има 4 ленти за преминување, меѓу нив мора да се појави остров. Во случајов, на крстосницата пешаците преминуваат по 3, па по 4 ленти одеднаш запирајќи на претесно небезбедно острово под секакви стандарди (не собира ни еден точак, камоли повеќе). 
Не треба да напоменуваме дека лентите на Партизански одреди се широки по 3.5 m, проектна широчина која одговара на брзини од 90 km/h (дури и според наши правилници). За брзина од 50 km/h широчината е 3 m. При следни реконструкции Град Скопје треба да си постави за цел да ги стесни.

No automatic alt text available.
Корелација помеѓу широчината на коловозните ленти и стапката на смртност од сообраќајни судири.
Побаравме да се измени нашата легислатива и да се стеснат проектните широчини.
Конкретниот предлог можете да го погледнете тука, а сите предлози - тука

6. Зарем сме толку богати како општество и игнорантни кон повреди и смрт, па имаме јавни средства за трошење на лекување на толку повредени луѓе и санирање на материјални штети? Зошто тие средства не ги потрошиме на превентива и тоа не на кампањи, туку на реални промени: воведување на систем на казнување преку камери, воведување на физички мерки на смирување на сообраќајот? Може ли некој да ни каже колку чини едното, а колку другото? Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë

7. Начинот на пишување има големо влијание во третманот на сообраќајните судири или удари. Има тенденции во круговите кои се занимаваат со безбедност во светот, да се користи неутралниот термин СУДИРИ НАМЕСТО НЕСРЕЌИ (Crashes, not accidents), зашто несреќи е термин кој ослободува од одговорност (виша сила) и создава претстава на немоќ нешто превентивно да се направи. Во судирот се знае дека едно тело удрило во друг и се бара причината (во личната и во системската одговорност: возачот возел пребрзо, но и градот креирал улици кои поттикнуваат брзо возење), зашто судирот е избежен, за разлика од несреќата (што се случила поради тажен необјаснив и неизбежен сплет на околности).


8. Бидејќи се познати последиците од пребрзо возење (возење од 60 km/h во населено место = 90% шанси за смрт на пешакот), би можеле ли да размислиме за посериозен третман на овие прекршоци како општество? Нели е тоа исто како ракување со оружје во јавен простор? Какви законски промени се потребни за ова однесување да се санкционира посериозно?

0 comments:

Post a Comment