27 March, 2020

Со возење велосипед против COVID-19



COVID19 сериозно влијае на нашето општество и секојдневниот живот на луѓето. Почитувањето на насоките за социјално дистанцирање и седење дома колку што е возможно повеќе се буквално од витално значење. Но, дали сè уште има место за велосипедот помеѓу сите овие мерки и рестрикции? Дали можеби тој може да придонесе за спроведување на овие мерки? Дали може да создаде можности и да понуди решенија? 


Почитувај ги основните мерки  

Од полициски часови до затворени училишта, Европските власти креираат мрежа од мерки наменети за да го спречат или забават ширењето на корона вирусот. Независно од фазата не мерките, тие неизбежно вклучуваат препорака да се намали бројот на сите патувања, да се применува социјално (физичко, н.з.) дистанцирање и да се избегнуваат сите непотребни контакти. Овие мерки влијаат на целиот наш начин на живот и постојано се бараат алтернативни решенија за да ни дозволат да продолжиме да ги обезбедуваме нашите основни потреби, да одиме на работа ако е неопходно и да продолжиме да имаме некаква физичка активност на отворено. 


Вози велосипед за сопствено добро 


Дозволените патувања варираат од држава до држава. Од напуштање на домот само за обезбедување храна и медицинска помош, до одење на работа, имање некаква физичка активност на отворено, во сите случаи прашањето на транспорт е есенцијално. Во Обединетото Кралство, група од шестнаесет водечки академици во отворено писмо ја повикаа владата да „дозволи безбедно пешачење и возење велосипед за време на пандемијата со Covid-19.“ Како што можете да прочитате во Forbes magazine.  


Вози велосипед за да почитуваш социјално дистанцирање


Иако сме согласни дека јавниот транспорт е важен дел од нашиот секојдневен живот, секој што може, треба да се качи на својот велосипед за кратки патувања. Возењето велосипед ни овозможува да го почитуваме социјалното дистанцирање на тој начин што го избегнуваме преполниот јавен транспорт, со што пак го намалуваме сопствениот ризик од добивање на вирусот и негово ширење понатаму. Но, ова истовремено значи и дека треба да се избегнуваат велосипедски ленти на кои има многу движење и да се вози велосипед сам или само со некој со кој живееме заедно за да се придржуваме до истото правило на социјално дистанцирање. Дополнително, треба да се вози велосипед со дополнителна внимателност за да не се предизвикаат незгоди и повреди во ова време кога болниците се преоптоварени. 


Вози велосипед за твоето физичко здравје  


Добро е познато дека физичката активност има голем придонес кон одржување на силен имунолошки систем. Качување на велосипед, забрзување на работата на срцето и длабоко дишење го прочистуваат нашето грло и бели дробови од бактерии, заштитуваат од хронични болести и го покачуваат бројот на бели крвни зрнца. Како што нè потсетува Bicycle network, возењето велосипед нè изнесува и на чист воздух. (Поради сето тоа, изберете велосипед место автомобил периодов за вашите патувања, н.з.)


Вози велосипед за твоето ментално здравје 


Моменталната ситуација, иако постепено се привикнуваме на неа, за многу луѓе може да биде извор на анксиозност и депресија. Возењето велосипед придонесува кон подобрување на менталното здравје и кон намалување на стресот. Повеќе студии покажуваат дека тие кои што ги извршуваат своите дневни патувања со велосипед се посреќни и помалку склони кон депресија од оние кои користат било која друга форма на транспорт. 


Вози велосипед безбедно и паметно 


Треба да возиме велосипед против COVID19, а не кон него. Затоа, внимателно грижете се за себе и за вашиот велосипед и почитувајте ги строгите правила за хигиена пред и по возењето.

Но кога се спомнува хигиена, што е со споделување на велосипеди? Споделувањето велосипеди секогаш ќе биде одлична алтернатива за луѓето што немаат сопствен велосипед. Но, важно е да се почитуваат строги правила за хигиена таму каде што сè уште е достапна опцијата за споделување велосипед (За жал кај нас не е, н.з.). Мијте ги рацете пред и по користење споделен велосипед, не го допирајте лицето додека возите и оптимизирајте ја вашата рута однапред.


Повеќе од било кога, од нас е побарано да го намалиме бројот на нашите патувања и кога ги имаме тие да бидат стратешки испланирани. Како да го го скратиме времето поминато надвор, а истовремено да го почитуваме правилото на социјално дистанцирање, да си обезбедиме храна и лекови и да го негуваме нашето физичко и ментално здравје? 

Едноставно е: Качете се #НаТочак и бидете безбедни! 

Оригинален напис: European Cyclists’ Federation - Cycling against the COVID-19 By Agathe Marie 25 Mar, 2020, https://ecf.com/news-and-events/news/cycling-against-covid-19
Превод: НаТочак

0 comments:

Post a Comment