За ДУП Градска четврт Ц06 Стара железничка станица кој се наоѓа на јавна анкета до 14.08.2020, Општина Центар ја има објавено целата документација на линкот.
Синтезен приказ на планот може да се погледне во документацијата на линкот или на следната слика:
НаТочак денес испрати свое мислење и сугестии преку анкетен лист.
Содржината е во продолжение како текст и како pdf на линкот.
ЗАБЕЛЕШКА:
Имаме неколку едноставни, но суштински забелешки:
1. ПРЕКИН НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ПО ПРИМАРНА МРЕЖА
Добро е што речиси целата примарна мрежа добива велосипедска инфраструктура. Булевар Кирил и Методиј од двете страни, булевар Кочо Рацин од двете страни, кружниот тек на Мајка Тереза од двете страни. Чудно е што улицата Јордан Мијалков добива велосипедска патека само во една половина и само од јужната страна?! Па како велосипедистите ќе се движат од исток кон запад по оваа улица? Очекуваме дека ќе ни одговорите слично како Град Скопје што ни одговорија за Димитрие Чуповски: дека ДУП-от не е финално сообраќајно решение, само покажува што е возможно. Дека сообраќајните решенија се разработуваат со посебни проекти и дека тие може да вклучат велосипедски патеки иако немало тука. Да речеме дека ќе биде така. Во тој случај, што би жртвувале? Пристапот кон објектите = улица C7 (профил на коловоз 6 метри) или цела лента од улица Јордан Мијалков (профил на коловоз 9.8 метри =3 коловозни ленти)? Очигледно е дека ова решение мислело на комотен пристап со автомобил кон објектите во комплексот, но не и за велосипедскиот сообраќај.
Сте им подариле дури 6 метри (*веројатно 600 метри должина = 3600 м2) бесценет јавен простор за автомобилска комоција на само 2-3 парцели, а сте ставиле тротоар од 2 метри и никаква велосипедска патека?! Ако ДУП не покажува финално решение, тогаш зошто во ДУП не се намали бројот на коловозни ленти, а да се додаде велосипедска патека?
Предлагаме или овој пристап да биде еднонасочен (3 метри) и потесен, или да се одземе лента од Јордан Мијалков, или објектите да добијат пристап со попречни улици или да се помести регулационата линија до самите објекти за да се добие велосипедска патека по цела должина. Според Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје
(https://skopje.gov.mk/media/4370/predlog-plan-za-unapreduvanje-na-velosipedski-soobrakaj-2019-2021.pdf) усвоен лани во септември, треба да се преврти сообраќајната пирамида и приоритет да добијат пешаците и велосипедите во новите решенија.
Во вакво решение не само што не добиваат приоритет, туку и не постојат.
Бараме барем да фигурираат некако и секако не на сметка на зеленилото, туку на сметка или на коловозот или на експропријација на парцелите.
Во спротивно, овој план е автоцентричен и води сметка само за приватните интереси на неколку парцели, а не на илјадници граѓани кои ќе го користат просторот.
И не води сметка за здравата мобилност во градот.
2. ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА НИЗ БЛОКОТ
Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/transport/sites/transport/files/cycling-guidance/presto_policy_guide_cycling_infrastructure_en.pdf) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.
Предлагаме комплексот долг дури 900 метри според googlemaps да се “пробие“ со барем едно велосипедско поврзување спрема горните принципи. А пожелно со 2 или 3.
Но едно е задолжително. Во спротивно, велосипедистите ќе треба да возат цел километар додека не наидат на велосипедска патека и можност за поврзување.
Ваквиот комплекс повеќе наликува на субурбана средина и индустриска зона, а не на хумано централно градско подрачје. Цртежот во прилог има намера да послужи како скица, илустрација на нашата идеја, а не решение. Не ги знаеме доволно добро условите и можностите, но ја доловуваме поентата.
Би апелирале овој принцип да се користи и во другите ДУП-ови.
Добро е што стои оваа одредба:
Уредување на јавен простор:
34. При изработка на проектна документација за уредување на земјиштето за општа употреба задолжително да се обезбеди паркинг простор за велосипеди.
Сметаме дека истото треба да е задолжително и за објектите кои не се изградени (да обезбедат паркинг на затворено), а за објектите кои се изградени или се почнати по проекти, да се обезбеди во рамки на просторот околу објектите.
Редовно има недостаток на паркинг за велосипеди кај комерцијалните објекти (на пример Рамстор) и велосипедите се врзуваат за огради, дрвја итн.
Нехуманото решение со огромни кружни текови во најцентралното градско подрачје не заслужува коментар и знаеме дека не е предмет на овој ДУП.
0 comments:
Post a Comment