Минатата недела, на 16.09.2020 година претставници на НаТочак учествуваа на Граѓанскиот буџетски форум “Моја заедница, моја визија“ на Град Скопје за 2021 година.
На Форумот зедоа учество претставници на 13 организации и активистички групи кои долги години се општествено ангажирани и дале придонес за унапредување на сферите во кои делуваат.
Форумот беше организиран од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. во соработка со активистката за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје - Драгана Велковска.
Во рамки на форумот, претставниците ги презентираа предлозите на нивните организации и имаа можност заедно со присутните граѓани да си коментираат едни на други за подобрување на предлозите.
Само како еден пример (а ги имаше повеќе) на еден од предлозите на НаТочак за поставување на столпчиња како заштита од нелегалното паркирање и узурпирање на патеките, добивме коментар дека мора да се внимава на типот на столпчиња и растојанијата за да не пречат на лицата со хендикеп, па затоа НаТочак предлогот го дооформи со барање за почитување на приниципите на универзален дизајн (universal design).
Кога вака партиципативно би се правеле градските политики, кога би се слушале едни со други, кога Градот би дал шанса за вклученост, сигурни сме дека проектите од било која сфера ќе се направат многу поквалитетно, со внимавање на сите аспекти.
Сите предлози од сите организации беа предложени како сет предлози наречен „За зелен и хуман град“ денес, 23.09.2020 до Градоначалникот и Советот на Град Скопје. Прес-конференција од доставувањето на линкот. Предлозите од НаТочак ги има како текст во продолжение и на линкот како документ.
НаТочак и минатата година достави предлози за измена на програмите и буџетот на Град Скопје за 2020-та година (достапни на линкот), но без буџетска конструкција и веројатно задоцнето (во декември). Оваа година тоа го направи значително порано и со предлог-буџетска конструкција. Бидејќи предлозите се во согласност со веќе донесениот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 донесен од Советот на Град Скопје во септември 2019, како и во насока на справување со актуелната здравствена и економска криза, очекуваме поддршка од сите советници.
---------------------------------
ДО Градоначалник на Град Скопје Совет на Град Скопје
ПРЕДЛАГАЧ: Драгана Велковска
Членка на Советот на Град Скопје
ИЗГОТВУВАЧ: НаТочак, Група ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје
ПРЕДЛОЗИ
ЗА БУЏЕТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2021 ГОДИНА
„Реконструкција на пешачката и велосипедската инфраструктура на булевари “ со буџет од 70.000.000,00 денари.
„Буџет за велосипедска и пешачка инфраструктура да е минимум 30% од вкупниот буџет за патна инфраструктура“ (по 15% од тип) - непозната е вкупната сума на буџетот за 2021 г. за патна инфраструктура.
„Субвенции за сервис и резервна опрема за велосипеди“ со буџет од 3.000.000,00 денари.
„Промена на рабници на сите булевари низ целиот град“ со буџет од 4.000.000,00 денари.
„Густо поставување на столпчиња по сите велосипедски ленти“ со буџет од 5.000.000,00 денари.
„5 бројачи на велосипеди“ со буџет од 4.500.000,00 денари.
„Продолжување на рекреативната патека на Вардар до Сарај на запад и најисточните граници на градот на исток“ - 20.000.000,00 денари.
„Простор Антикорона“ со буџет од 20.000.000,00 денари.
Стратешки документ за безбедност во сообраќајот - Визија нула - Визија за Скопје без жртви (Vision zero) со буџет од 600.000 денари.
Образложение
Град Скопје го менуваше асфалтот на коловозот на булеварите и тоа го нарече „реконструкција“ во „првата градежна офанзива“, изведена во летото 2019 г. Бидејќи под „булевар“ се подразбираат и пешачките патеки, зеленилото, сливниците, хоризонталната и вертикална сигнализација, бараме сите булевари на кои се работеше во „првата градежна офанзива“ изведена во летото 2019 г., да се доработат со тоа што ќе се подобрат условите за движење на пешаците, велосипедистите и лицата со хендикеп.
„Втората градежна офанзива", која се изведува во 2020 г. ги чини граѓаните околу 1 милијарда 29 милиони и 700 илјади денари (17 милиони евра). Тука не се вклучени минатогодишните „дореконструкции“, а нема информација дали ќе се менува целата инфраструктура на булеварите или само коловозот.
По примерот на Ирска, каде што е пропишано 10% од вкупниот буџет за инфраструктура по правило да биде за велосипеди и 10% за пешаци, бараме кај нас за овие ставки да е одделено минимум 15% од секој тип, поради потребите за итна корекција и доградба на велосипедските и пешачките патеки, односно за да ги достигнеме барем минималните стандарди.
Град Скопје повеќе години субвенционира набавка на велосипеди и електрични тротинети. Во 2020 г. беше увидено дека за субвенциите има огромен интерес, но и дека нови велосипеди тешко се наоѓаат бидејќи продавниците имаа проблем со набавки. Од три причини сметаме дека потребна е промена на овој тип на субвенции. -Проблеми со набавка на нови велосипеди -Потреба од диверзификација на типот на велосипеди кои се возат низ градот -Стимулирање на локалната циркуларна економија Бараме во 2021 г. да се нуди субвенција за сервис на расипани и стари велосипеди (како што прават повеќе земји во корона кризата), како и субвенции за опрема за велосипеди - седишта и колички за бебиња и деца, корпи, сајли за врзување, светла, ѕвончиња, итн. и можност за диверзификација на типот на велосипеди со повисоки суми, по примерот за електричните тротинети - карго товарни точаци за испорака до последен метар, точаци за пренос на тезги и бизниси итн.
Низ град Скопје ретко има рабник кој е слеан на ниво прикладно за оние кои се движат на тркала (инвалидски и бебешки колички, со помагала за движење, со велосипеди, тротинети, ролшуи, со пазарски колички…). Со проектот Скопје Велоград на некои делници беа изведени соодветни рабници, но некаде не, а некои од веќе сменетите беа променети низ годините со работа на микролокациите. Сепак, ова темпо е пребавно за целиот град, ги опфаќа само крстосниците на Скопје Велоград и не ги задоволува потребите на сите жители кои се движат на тркала. Бараме рабниците на сите булевари, улици, плоштади и јавен простор под надлежност на Градот да бидат променети со такви кои ќе одговараат на потребите на граѓаните. Градот Нови Сад за периодот 2019-2020 г. издвои 64.600,00 евра за овие потреби и предлагаме ние да го следиме нивниот пример.
Велосипедските ленти на булеварите низ градот служат за паркирање на возилата бидејќи долж нив столпчињата се поставени на дистанца поголема од 1,5м што е доволно возило да се протне меѓу нив. Со тоа е оневозможено безбедното движење на велосипедистите и истите се принудени да се мешаат со сообраќајот на коловозот. Бараме сите велосипедски ленти да имаат густо поставени столпчиња, како што имаат и велосипедските патеки.
Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) располага со 850 бројачи за коловозен сообраќај. Бидејќи не ги обработува пешаците и велосипедистите во својот систем, нив не ги третира како дел од сообраќајот. Затоа предлагаме, за почеток, поставување на 5 бројачи на велосипеди кои на клучни локации ќе ги бројат велосипедистите, ќе помагаат да се планира нивната брзина на движење и ќе бидат дополнителен мотив за граѓаните да поминуваат на тие предодредени локации во поголем број.
Голем дел од граѓаните ја користат рекреативната патека долж реката Вардар за безбедно сообраќање меѓу истокот, центарот и западот на градот, изолирани од останатиот сообраќај, семафори, метеж, топлина итн. Но недостигаат уште неколку километри за изведба за да се спојат крајните граници на градот. Бараме продолжување на патеката на запад до Сарај и на исток до крајните граници на градот, како и повеќе рампи за безбедно приклучување кон горниот дел на кејот, мостовите и булеварите. Ова е од посебна важност за соседните општини на источниот крај на градот бидејќи жителите на тие населби, кои се движат накај прилепените скопски населби, се движат по т.н. пат на смртта кој нема безбедни услови за движење на пешаци и велосипедисти.
„Простор Антикорона“ опфаќа дислокација на билборди и ситилајти, ослободување на една коловозна лента, отстранување на паркинг места пред места каде што се собираат или чекаат луѓе - аптеки, банки, пошти… Пандемијата ни покажа дека за справување со неа потребен е поголем простор за безбедно движење и групирање на граѓаните на безбедно растојание. За таа цел бараме ослободување на десните коловозни ленти и стеснување на останатите, а ослободените ленти да се користат за непречено движење на велосипеди и јавен превоз. На булеварите каде што постои велосипедска инфраструктура предлагаме истата да се ослободи за пешаците, бидејќи велосипедистите би се движеле на новата велосипедска лента. Понатаму, бараме ослободување на плоштадите од непотребна урбана опрема и ослободување на паркинг местата пред комерцијалните и здравствени институции пред кои се групираат посетителите (аптеки, поликлиники, банки, пошти….) и пренамена на просторот за безбедно групирање на луѓе. (Повеќе во отвореното писмо #ПросторАнтиКорона)
Бараме донесување на Стратешки документ за безбедност во сообраќајот - Визија нула - Визија за Скопје без жртви (Vision zero) по примерот на многу светски градови и држави. Објективната небезбедност (реалниот ризик од сообраќјни судири, особено за ранливите учесници во сообраќајот) е на високо ниво во државатa, но и во Скопје. Исто така висока е и субјективната небезбедност. Едното влијае на повреди и смрт, другото влијае негативно на квалитетот на живот. Некои градови како Осло и Хелинки (со приближна населеност како Скопје) постигнаа 0 жртви од сообраќај пешаци и велосипедисти изминатата година и само 1-2 жртви со возило, благодарение на поставени стратегии и мерки за нула жртви во сообраќајот. Овој стратешки документ треба да направи преглед на факторите кои влијаат на безбедноста: уличната околина и дизајнот на улиците, легислативата, брзините, полициската контрола итн, да направи анализа на небезбедни позиции во Скопје, да направи споредба со други градови и спроведените мерки кои дале резултат, како и да даде насоки за промени во различни сфери (легислатива, измена на дизајн на улици, воведување Зони 30, казнена политика, дигитално регистрирање на сообраќајни судири на територија на Скопје (https://vzv.nyc/) итн. Суштината на Визија Нула (Vision Zero) пристапот е ставање акцент на системската (наспроти личната) одговорност во сообраќајот. Луѓето секогаш ќе грешат, но системот треба да направи да прават што помалку грешки и тие грешки да не се фатални.
Сите барања се во согласност со Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје 2019-2021.
Скопје, 16 септември 2020 г.
Име и презиме на претставник
_________________________
0 comments:
Post a Comment