Решенија надвор од кутијата за живот надвор од кутијата Зелена, безбедна, пешачка и вело-пријателска улица Ангел Динев Време е да почнеме и со промена на дел од општинските улици!
Улиците какви што ги гледаме не се зададени еднаш засекогаш.
Тие се менуваат и треба да се менуваат во согласност со вредностите во општеството.
Сметаме дека во ера на климатски промени, проблем со загадување, со топлотни острови, со неактивност на населението, кога и самите градоначалници преку зборови се залагаат за позелени општини, треба и на дело улиците да стануваат ПОЗЕЛЕНИ, во секоја смисла.
Заложбите за Скопје зелена престолнина, за Скопје велоград треба да се огледаат и на општинските, не само на градските улици.
За да стане Скопје велоград треба да воспостави сеопфатна велосипедска мрежа, која нема да ги опфаќа само градските булевари, туку и дел од општинските сервисни улици кои ќе ги поврзат попречно булеварите и ќе помогнат секој граѓанин да добие велосипедска патека или лента на блиско растојание од домот/образовното/работното место.
Во моментов во Скопје нема НИТУ ЕДНА општинска улица со велосипедско решение, ниту една убаво уредена општинска улица со удобни тротоари и зеленило.
Зошто промената да не почне од Влае?
Просторот тука совршено дозволува и малку позелено решение од вообичаено.
Нека Ангел Динев стане најубавата школска улица во Скопје!
Замислите смирен сообраќај за автомобили со ленти широки 3 метри, наместо сегашните 3.5 метри (или планираните 3.25 со регулацискиот план кои е нејасно зошто се пошироки од булеварски?)
Замислете означено место за паркирање покрај училиштето за оставање на децата наместо сегашното заглавување сообраќај (поради слободниот и широк пешачки и велосипедски простор, очекуваме повеќето ученици да доаѓаат пеш или со велосипед, но сепак нека постои и опцијата со автомобил).
Замислете троен дрворед по улицата и комотни тротоари за лица од сите возрасти и можности за мобилност.
Со овие дрвореди се задржува и квалитетот на домувањето и се прави сенка и заштита на пешачките и велосипедските патеки и се намалува бучавата и прашината за учениците.
Овој линеарен парк станува атрактивен јавен простор каде децата од маалото ќе ги прават првите чекори пеш и на велосипед.
Овој линеарен парк на јужната страна се претопува во маалски парк и детско игралиште со површина од вкупно 3500m2. Наместо претходно планираниот јавен објект со ДУП и сега планираната зона за домување со регулациски план, на државното земјиште се добива содржина каква што многу недостастува во секое маало.
Во некои ситуации ваквите решенија е тешко да се реализираат поради проблеми со сопственоста на земјиштето.
Тука ситуацијата е чиста, земјиштето во кое го предлагаме решението е целосно во сопственост за државата и ништо помалку од ова не очекуваме.
Намерата на овој предлог е да понуди решение на улицата кое ќе ги задоволи потребите на сите граѓани и ќе овозможи нејзино похумано, побезбедно и попријатно користење.
Ваквото решение ѝ дозволува на улицата да прими многу повеќе отколку само проток на луѓе и сообраќај. Нуди простор за рекреативни активности, создава квалитетен јавен простор и со тоа го подобрува квалитетот на живот.
Се залагаме вакви невообичаени решенија да станат новиот стандард и во никој случај не треба да се пропуштат шанси каде би биле лесно применети.
Нашата цел со овој предлог е да поттикнеме развивање и носење на решенија за градот во овој правец. Согледување на потребите на денешното време и земање пример од светските градови, каде ваквиот начин на редизајнирање на улиците е новото нормално.
Одлуките кои сега се носат ќе влијаат на квалитетот на живот, и наш, а особено на идните генерации.
Да не ги пропуштаме можностите и да излеземе малку од кутијата, од начините на кои се правеле нештата досега, зашто не ни донеле добро.
Потребни се промени во начинот на планирање и гледање на просторот.
0 comments:
Post a Comment