10 December, 2021

Семафор за 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје

Повеќе пати ги споделувавме 10-те чекори до пешачко и велосипедско Скопје.

Да ги разглобиме во потточки и да видиме на што е работено, а на што не е изминатите 9 години откако НаТочак ја следи и анализира оваа проблематика.
Да видиме каде сме добри како град и каде треба да се продолжи во таа насока, каде сме почнале промени, а каде не е ништо сработено.


Подготвивме „семафор“.

Со 🔴 се означени областите каде нема никаков напредок на темата, каде се стои во место;
Со 🟡 се означени областите каде има напредок и треба да се продолжи во таа насока, за да стане светлото зелено;
Со 🟢 се означени областите каде има значаен напредок со голем опфат во градот и задоволство од граѓаните.
Моравме да воведеме уште една боја: 🟠за областите каде на хартија или во позадина има некакво поместување, но непостоечки или премал ефект во спроведување на терен.


Како што може да забележите, доминираат црвената и портокаловата боја низ точките.
Единствено има значаен напредок кај првата точка, во ослободување на тротоарите и квалитетно уредување на дел од јавните простори и така мора да се продолжи и во следните четири години, дури и со поголем интензитет за жолтото да стане зелено.
Кај останатите 9 точки, очекуваме црвеното и портокаловото да станат барем жолти, а потоа и зелени!

1. СЛОБОДНИ ТРОТОАРИ И КВАЛИТЕТЕН ЈАВЕН ПРОСТОР
1.1. Пристапност на сите јавни површини за тркалата на велосипедите, детските колички, количките на лицата со хендикеп, тротинетите 🟡
1.2. Квантитативно и квалитативно подобрување на јавниот простор 🟡

1.3. Физичка заштита на јавниот простор со соодветен дизајн (зеленило, жардињери, столпчиња) 🟡

1.4. Политики и правила за урбана опрема кои го штитат и облагородуваат јавниот простор, а не го окупираат (несоодветно поставени тераси од кафеани, билборди, контејнери) 🟠

1.5. Прогресивни политики за јавно паркирање - примарно обезбедување проодни пешачки патеки, па потоа паркирање кое е регулирано, се наплаќа и средствата се користат за јавниот простор 🟠

* Жолтата боја кај 1.1, 1.2 и 1.3 се должи на ослободувањето на дел од јавните простори во центарот на градот или по текот на булеварите и нивното квалитетно подобрување со зеленило, урбана опрема итн. Со истото и поголемо темпо мора да се продолжи и низ целиот град, и на градските и општинските улици.
* Портокаловата боја кај 1.4 и 1.5 се должи на одредени најави за воведување зонско паркирање и построго постапување за урбаната опрема од некои општини. Резултат во јавниот простор сѐ уште нема, затоа бојата сѐ уште не е жолта.

2. ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА
2.1. Студија / план за спроведување велосипедска мрежа на ниво на Скопје и на ниво на општини 🟠
2.2. Проширување на регулационата широчина на улиците во новиот ГУП и ДУП-ови секаде каде што е возможно и потребно 🔴
2.3. Брзо воведување велосипедски ленти преку патни диети, contra flow и слично 🟡
2.4. Воведување велосипедски улици и др.иновативни типови на велосипедска мрежа 🔴
2.5. Правило за праведен буџет (минимум 15+15% за пешачка + велосипедска инфраструктура) и праведно распределување на уличниот профил 🔴

* Портокаловата боја кај 2.1 се должи на сработениот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје 2019-2021 кој направи преглед на постоечката мрежа и постави за цел сработување на план за проширување на мрежата кој не е изработен. Кај општините на оваа тема - стратешко планирање велосипедски врски има нула поместување. Една поединечна патека на ул. „Орце Николов“ е за поздрав, но не е план за мрежа.
* Жолтата боја кај 2.3 се должи на спроведените патни диети на бул.„Климент Охридски“, ул. „Св. Кирил и Методиј“, бул.„Кочо Рацин“, ул. „Втора Македонска бригада“, ул. „4-ти Јули“, ул.„ Никола Карев“. Значаен напредок, особено во последните 4 години, но недоволен за да биде зелено.
* Нашите предлози за проширување на регулацијата на улици и воведување на велосипедски врски во регулациски и детални планови редовно беа одбивани, па точка 2.2 заслужи црвена боја. Исто така беше одбиен нашиот предлог за праведен буџет за патната инфраструктура од Советот на Град Скопје во 2020-та (2.5).

3. ВИЗИЈА НУЛА И ЗОНА 30
3.1. Одлука за Зона 30 на ниво на Скопје/општината за сите улици освен булеварите 🟠
3.2. Улиците без тротоари да се прогласат за Зона 20 🔴
3.3. Соодветен дизајн на улиците за посакуваната брзина 🟠
3.4. Стратешки документ за безбедноста за нула жртви во сообраќајот - ВИЗИЈА НУЛА 🔴

3.5. Стопирање и ревизија на стари постапки за сообраќајни проекти и нивна преработка од автоцентричност кон мултимодалност и поголема безбедност 🔴


* Портокаловата боја кај 3.1 и 3.3. се должи на донесените одлуки пред сè од Општина Центар и Карпош, но и други општини за прогласување на Зона 30 во Дебар Маало, Карпош 4, како и зоните околу училиштата и нивно уредување во стилот на маалски улици за ниски брзини (со подигнати пешачки премини итн.). Секако овој обем е далеку од идејата за Зона 30 на ниво на секундарна мрежа низ цело Скопје. Нема ни стратешка одлука на ниво на град / општина и спроведувањето е повеќе инцидентно отколку дел од поголема идеја и затоа бојата не е жолта;

* Се реализираа наследени застарени проекти за примарна мрежа како ул. „Есенинова“ и дел од бул. „Никола Карев“ без велосипедско решение иако се примарна мрежа. Проектите не беа ревидирани. Затоа 3.5 заслужи црвена боја. Во иднина ќе продолжиме да бараме секоја улица од примарна мрежа да мора да има велосипедско решение, вклучително и секој иден мост. Ако дојде до изведба на продолжението на Климент Охридски, тој не смее да има автопатско решение. 


4. ПАРКИНЗИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ
4.1. Одлука на Совет на Град Скопје / општините за обврска за велосипедски паркинг во секој проект за нова зграда 🔴
4.2. Стандарди за број на паркинг места за велосипеди за нови објекти (поголем број од паркинг места за автомобили) 🔴
4.3. Задолжителни паркинзи за велосипеди за сите јавни простори и дворови на јавни објекти 🟡
4.4. Иновативни решенија за постоечки објекти (монтажни вело-гаражи и сл.) 🔴

* Жолтата боја кај 4.3 се должи на тоа што значителен дел од јавните простори и објекти изминативе години се опремени со велосипедски паркинг. Бојата не е зелена зашто бројот не е доволен и дизајнот често не е соодветен. Кај другите точки нема никакво поместување иако законската регулатива тоа го овозможува. Општина Центар почна да воведува задолжителен велосипедски паркинг во новите планови, но нема решение за објектите кои се градат по стари планови.

5. СУБВЕНЦИИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ И ВЕЛОСИПЕДСКА ОПРЕМА
5.1. Субвенции за купување на нов велосипед за економски и социјално загрозени групи 🔴
5.2. Субвенции за поправка, комплетен сервис или доопремување на стари велосипеди 🔴
5.3. Субвенции за специјални велосипеди (за лица со посебни потреби и за мали бизниси) 🔴

*Иако субвенционирањето на купување велосипеди постои околу една деценија, нема никакво поместување и иновативност во форматот на субвенционирање, типот на субвенции кои се даваат, ниту мерење на успешноста.

6. ДЕНОВИ БЕЗ АВТОМОБИЛИ / УЛИЦИ ЗА ЛУЃЕ
6.1 Еден викенд во месецот затворање на повеќе улици за автомобили и отворање за луѓето (слободно пешачење, возење велосипед, рекреација, социјализација, детска игра, култура, спорт и маалски живот) 🟠

*Портокаловата боја се должи на покажаната волја со првиот настан „Улици за луѓе“ на ул. „Васко Карангелески“ во мај 2021 година. За жал, идејата таму застана.

7. ПРОЦЕДУРИ; СТАНДАРДИ, ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ПАРТИЦИПАТИВНОСТ 

7.1 Донесување Правилник за велосипедска инфраструктура на ниво на Град Скопје 🟠
7.2. Донесување на градски процедури и прирачници за различни активности во изградбата со технички детали кои ќе се бараат од сите изведувачи (како се прави слеан рабник, како се ослободува дрво, како се заштитуваат пешаци и велосипеди при градежни работи) 🔴
7.3. Изложување на проектната документација за улиците на веб-страниците на општините и градот 🔴
7.4. Вклучување на јавноста со мислења ПРЕД да бидат проектите усвоени 🟠

* Портокаловата боја кај 7.1 се должи на веќе сработената работна верзија на Правилникот за проектирање велосипедска инфраструктура од службите на Град Скопје во кој НаТочак даде значаен допринос. За жал, истиот со години седи заглавен во фиока.
* Портокаловата боја кај 7.4 се должи на тоа што дел од проектите биле споделени со НаТочак, но за жал дури после усвојување и со премали можности за корекција и за жал не биле споделени со јавноста. 


8. СИСТЕМ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ
8.1. Изработка на студија за оптимално решение за Систем за изнајмување велосипеди (истражување на потенцијални локации, истражување на модел на финансирање, можности за интермодалност итн.) 🔴

8.2. Спроведување на систем за изнајмување велосипеди како дел од системот на јавен превоз на Скопје 🔴

* На оваа тема не инсистиравме во минатото зашто потребно беше најпрво Скопје да обезбеди основна велосипедска мрежа. Сега, кога веќе ја има, ќе почнеме да бараме да се работи и на Систем за изнајмување велосипеди.

9. ВАРДАРСКА ЗЕЛЕНА МАГИСТРАЛА
9.1. Изработка на проект за доуредување на коритото на Вардар и за поврзување на кејот со остатокот од мрежата 🟠
9.2. Изведба на пристапни рампи кон секој мост и конектори кон остатокот од мрежата 🔴

9.3. Продолжување на патеката кон западниот и источниот крај на градот 🔴
9.4. Сличен пристап да се употреби и за зелените коридори по текот на Лепенец, Серава, Треска, Маркова Река и Усјански канал 🟠

* Портокаловата боја кај 9.1 се должи на веќе започнатиот проект за уредување на коритото на Вардар во 2021 година. Со него и неговите цели не сме запознаени и затоа е дадена портокалова боја, а не жолта или зелена. Свесни сме дека сме далеку од изведба и затоа барањето тука е најпрво - проект (низ транспарантен процес), а потоа ќе биде и изведба.
* Портокаловата боја кај 9.4 се должи на веќе изработени проекти за зелени коридори по текот на Лепенец и Серава. Истото не е направено за Треска, Маркова Река и Усјански канал, а ни првите проекти не се споделени со јавноста за да им дадеме подобра оценка.
* Иако квалитетно изведена двонасочна рампа чини само ~10 илјади евра, во изминатите 9 години е изведена САМО ЕДНА пристапна рампа кон кејот на реката Вардар (кај Холидеј Ин), па точката 9.2 заслужи црвена боја. Многу од мостовите и важни локации по текот на Вардар не се пристапни (со соодветен наклон) за тркала. 


10. ПРОМЕНА НА СООБРАЌАЈНИОТ СИСТЕМ НА СКОПЈЕ

10.1. Превртување на сообраќајната пирамида 🔴
10.2. Мерење велосипедски сообраќај 🟠
10.3. Претворање на ЦУКС во центар за мерење и анализа на сите типови сообраќај, не само автомобилски 🔴
10.4. Пријателски семафорски систем за пешаци и велосипеди 🔴
10.5 Интегрирање на јавниот превоз со велосипедскиот сообраќај 🔴
10.6. Нов ГУП и нов СУМП на Скопје со поинаква сообраќајна филозофија 🔴

* Портокаловата боја кај 10.2 се должи на усвоениот предлог за Буџетот на Град Скопје за 2021 година за поставување 5 бројачи за мерење велосипедски сообраќај, но сѐ уште нереализиран.
* Во однос на 10.6, иако во тек е изработката на нов ГУП и СУМП кои се наводно со поинаква филозофија, целосната затвореност на процесот прави да се сомневаме во тоа и поради тоа ставена е црвена боја. На другите точки воопшто не е работено.

0 comments:

Post a Comment