31 March, 2022

Енергетски ефикасен сообраќај и планирање - Мислење за Програмата и Планот за енергетска ефикасност на Град Скопје

Денес се одржува 8.седница на Советот на Град Скопје.

Материјалите од неа се јавно достапни тука, благодарение на Зелен Хуман Град и платформата Мој Град. 

На e-mail им го испративме следниот коментар кој се однесува на точка 12 и 13, односно за Предлог-Програмата за енергетска ефикасност на Град Скопје за период 2022-2024 (линк) и Предлог-Планот за енергетска ефикасност на Град Скопје за 2022 (линк).
Се надеваме ќе биде земен предвид во донесувањето или изменувањето на овие Програма и План. 


На кратко, енергетска ефикасност не е само фасади и прозори.

Начинот на превоз е едно од најгорливите прашања за енергетска ефикасност и Градот може да влијае на него преку подобро урбанистичко планирање на наредниот ГУП, преку сите регулациски и детални планови, преку планирање и изградба на велосипедски патеки, систем на изнајмување на точаци, паркинзи на различни локации/институции, добар систем на јавен превоз, задолжителен паркинг за велосипеди итн.


Целиот коментар може да го прочитате во продолжение:

-------------------------

Во целите на Програмата за енергетска ефикасност фокусот е на јавното осветлување и јавните објекти (промена на фасади и промена на прозорци). 


Воопшто не се третирани темите транспорт и урбанистичко планирање, иако и таму може многу да се постигне во поглед на енергетската ефикасност, а да се остане во рамки на надлежностите на Град Скопје.

Град Скопје е надлежен за донесување на генерален урбанистички план на Скопје, на сообраќајни и инфраструктурни проекти за улици итн. 

Град Скопје е надлежен за планирање на примарната мрежа на улици и на дел од сервисните улици, на сообраќајниот систем на градот, на системот за јавен превоз. 


Град Скопје може и треба да си постави за цел на таков начин да ги планира функциите во градот (градинки, училишта, пазари, паркови, домување и работни места), што граѓаните ќе прават пократки патувања и ќе трошат помалку енергенси, следствено ќе бидат и тие, и градот енергетски поефикасни. Пример: 15 minute city.

Ова Град Скопје може и треба да го направи преку урбанистичко планирање во следниот ГУП кое ќе води грижа и за енергетската ефикасност.

Градот Скопје може и треба да планира велосипедска мрежа на ниво на град (на секои 250 метри, според европските препораки) со цел граѓаните да можат да го користат велосипедот како превозно средство, а не само рекреативно. Велосипедот е најефикасно превозно средство во поглед на енергетска ефикасност, односно потрошувачката на енергија по патнички километар кај велосипедот изнесува 0.06 мегаџули и таа е помала дури и од пешачењето за речиси 3 пати, а споредено со автомобил, таа е помала за 35 пати, односно велосипедот е за 35 пати енергетски поефикасно превозно средство од автомобилот. 



Поддршката на велосипедот како енергетски ефикасно превозно средство Град Скопје треба да ја направи преку:

-Изработка на студија за велосипедска мрежа за новиот ГУП 2022-2032
-Грижа за велосипедска мрежа на сервисните улици во регулациските планови кои ги нарачува Град Скопје-Грижа за велосипедска мрежа во ДУП-овите за кои Комисијата за урбанизам на Град Скопје дава мислење -Изработка на проекти за улици, булевари, мостови кои задолжително вклучуваат издвоени велосипедски патеки и ленти
Град Скопје може и треба да планира мултимодален, а не автоцентричен сообраќаен систем во следниот ГУП 2022-2032.
Град Скопје може и треба да му посвети простор на јавниот превоз (специјални ленти за БРТ или трамвај) кој е просторно и енергетски поефикасен од автомобилите и посветувањето простор, со соодветно програмирање на системот, ќе значи намалување на метежот и потрошувачката на енергија за транспорт севкупно. 

Грижата нe треба да биде само на ниво на возило колку енергија се троши и да се бараат енергетски ефикасни автобуси, туку на ниво на систем: Целиот сообраќаен систем да е поодржлив и да троши помалку енергија.
Град Скопје може и треба да го разгледа и интегрирањето на железничкиот прстен во урбанистичкото планирање во следниот ГУП 2022-2032. Не постои енергетски поефикасен јавен превоз од железница.
Градот Скопје може и треба да донесе заклучок на Совет (по потреба и во соработка со скопските општини) за задолжителен велосипедски паркинг за сите нови објекти. 

Имајќи предвид дека Програмата онака како што е поставена е целосно фокусирана на фасади и осветлување, треба да се преименува во Програма за енергетски ефикасни фасади и осветлување, а не за енергетска ефикасност на Градот бидејќи ги пропушта клучните области: урбанизам и сообраќај. 

Сите работи кои се наведени погоре не побаруваат посебни проекти и финансии (освен можеби Студијата за велосипедска мрежа за ГУП 2022-2032), туку само НОВИ ВРЕДНОСТИ кои треба да се вградат во регуларната работа на Градот и во тековните проекти, планови итн. 

Поради тоа, сметаме дека треба да се обработат темите урбанистичко и сообраќајно планирање во Програмата за енергетска ефикасност и понатака заклучоците да се користат како препораки во проектите/плановите на тие полиња кои ќе бидат задолжително користени од стручните служби и комисии кога даваат мислења по проекти/планови или спремаат плански и проектни програми поврзани со урбанизам и сообраќај.


Во самиот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 (https://skopje.gov.mk/media/4370/predlog-plan-za-unapreduvanje-na-velosipedski-soobrakaj-2019-2021.pdf) изгласан од Советот на Град Скопје во септември 2019 година стои следното „Од страна на Европските министри за транспорт на состанокот одржан 07.10.2015 година во Луксембург е донесена Декларација за возење на велосипед како начин за транспорт кој е пријателски за климата со која Европските министри и државните секретари за транспорт се обврзаа да го промовираат возењето велосипед како ефикасен начин на транспорт и како начин на транспорт кој е пријателски за климата. Согласно оваа декларација, Министрите и државните секретари за транспорт меѓу другото ќе ги поддржуваат иницијативите од регионалните, градските и локалните власти да го вклучат возењето велосипед во регионалните, градските и локалните проекти како ефикасен начин на транспорт и како активност за рекреација.“

Исто така, во неговите цели стои целта: „4. Намалување на уделот од сообраќајот во емисиите на CO2 за 10 % до 2021 година во однос на 2018 година“.
Што ја признава неговата ефикасност и таа треба да се вгради и во оваа Програма и План за енергетска ефикасност на Град Скопје. 

Дополнително, Европската Комисија подготви нова Директива за енергетски перформанс на згради (https://www.ecf.com/news-and-events/news/epbd-mandatory-bicycle-parking-all-new-and-renovated-buildings-will-make) која не ги третира само перформансите на фасадите и директната потрошувачка на енергија на објектите, туку и тоа дали зградите го поддржуваат енергетски најефикасниот превоз. Односно обврзува: за да се декларираат како енергетски ефикасни објектите да мора да обезбедат паркинг места за велосипеди по одредени нормативи. 



1 comments:

ProGamer said...

Hi guys, you can easily all premium PC software and Android applications and games free download from this website. Crack Downloads is a popular PC software downloading website. I am also most premium software and mobile applications downloaded from this website, and I will highly recommend this site.

Post a Comment