25 March, 2022

Анкетен лист за ДУП СЗ 19 - Влае 2 - Општина Карпош

Денес, 25.03.2022, во 13:21 часот се обративме по е-mail до Градоначалникот на Општина Карпош и одговорните лица од Секторот за урбанизам, бидејќи не можевме да поднесеме анкетен лист по електронски пат преку системот е-урбанизам по регуларната патека. Во мејлот го прикачивме и анкетниот лист. 
После тоа, од други активисти добивме директен линк и го поднесовме анкетниот лист и преку системот е-урбанизам во 14:45. 
-------------------

Почитувани, 

Бидејќи во моментов не е активен системот е-урбанизам за поднесување анкетни листови за јавната анкета за ДУП СЗ 19, односно тој функционира, но не функционира копчето за прикачување анкетен лист, во прилог Ви го испраќаме нашиот анкетен лист. 
Вашите контакти ги најдовме на сајтот на Општина Карпош. 

Се надеваме ќе се водите од принципот на отвореност кон граѓаните и ќе го земете предвид и доставите до надлежната Комисија, се со цел, подобрување на квалитетот на живеење во Влае 2. 

Со почит,
НаТочак
-------------------
Анкетниот лист како .pdf е достапен на линкот, а како текст со слики во продолжение.
-------------------

Почитувани,

Би сакале да предложиме неколку точки каде сметаме дека може и треба да се подобри
предлог-ДУП-от за СЗ 19, Влае 2.
Најпрво, свесни сме дека во урбанистички план, не се задаваат крајните сообраќајни решенија на улиците, но секако дека се тестираат. Односно се проверува и потврдува дали се задоволуваат стандардите за одредена категорија улици според Правилник, а исто така и во рамки на регулационата широчина планерот поставува некакво решение во рамки на дозволеното.
Со дефинирањето на регулационата широчина, планерот не го решава трајно просторот, но ги задава границите и овозможува или спречува одредени квалитетни решенија во иднина. 
Затоа и самите детални урбанистички планови се многу важни за да се воспостави велосипедска мрежа на ниво на Скопје и затоа реагираме на јавни анкети секогаш кога сме во можност.

1. ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА

Нашата заложба како организација е сите улици од примарната мрежа во Скопје да добијат велосипедски патеки/ленти, но да добијат и дел од улиците од секундарната мрежа, кога улиците од примарната мрежа се на преголемо растојание.
Според PRESTO водичот од Европска унија 
препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.


Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува максимум 400-500 метри, со тоа што во централни подрачја може да биде и погуста.
За конкретниот случај на населбата Влае 2, односно Градска четврт СЗ 19, долга дури 900 метри и широка 200-400 метри според googlemaps, предлагаме целосно да се обиколи со велосипедски патеки по примарната мрежа, но и да се “пробие“ со барем едно велосипедско поврзување север-југ спрема горните принципи.
По примарната мрежа велосипедска патека е изведена само на север и запад, односно на бул. „Партизански одреди“ и бул. „Ѓорче Петров“ (каде е окупирана со возила). Велосипедска патека на примарната мрежа недостасува на ул. „Војвода Васил Чакаларов“ (подетално во забелешка 2) и по кејот на Вардар. Но недостасува и попречно поврзување низ населбата заради големото растојание (подетално во забелешка 3). Може и со повеќе, но едно е задолжително. Во спротивно, велосипедистите ќе треба да возат цел километар додека не наидат на велосипедска патека и можност за поврзување. Најзгодна позиција за ова поврзување е токму улицата Ангел Динев која ја пробива населбата север-југ на 550 метри од најблиската велосипедска патека на запад (бул. Ѓорче Петров) и кружниот тек, а на 350 метри од кејот на Вардар. Во другиот правец, населбата е потесна и нема потреба од задолжително подолжно пробивање на велосипедска врска, доволно е да се смири сообраќајот на улиците за велосипедите безбедно да го користат коловозот заедно со автомобилите.

Полна црвена линија - постоечки велосипедски патеки на примарна мрежа
Испрекината црвена линија - идни велосипедски патеки на примарна мрежа
Жолта линија - попречна врска на секундарна мрежа, оддалечена
550 метри на запад и 350 метри на исток до примарната мрежа

Практично најблиските шанси за велосипедскo движење тука се оддалечени на дури 900 метри меѓу себе, растојание неприфатливо за една велосипедска мрежа да функционира успешно.
Единствена шанса за попречна велосипедска врска низ Влае е оваа улица, Ангел Динев. (повеќе во забелешка 3)
Би апелирале овој принцип за воспоставување на велосипедска мрежа на соодветно растојание, образложен тука, да се користи и во другите ДУП-ови.

2. ПРОШИРУВАЊЕ НА ТРОТОАР НА ПРИМАРНА МРЕЖА

Улицата „Војвода Васил Чакаларов“ (Циборовски) од страната на Влае 2 има навистина добар профил на тротоар, почнувајќи од најисточната точка кон Вардар се до ГП 02.230, од каде одејќи кон запад тротоарот постепено се стеснува и особено кај парцелите ГП 02.223, 02.221, 02.220, 02.219, 02.218, 02.217, 02.216 и делумно кај 02.215 добива недостоинствени димензии за улица од примарна мрежа, односно станува тротоар на кој не може да се уреди велосипедска патека, ниту да се засади зеленило.
Имајќи предвид дека овие градежни парцели, а слично и парцелите 02.224, 02.225, 02.226, 02.227, 02.228, 02.229 во себе имаат додадено државно земјиште, може да се намалат, за да се зголеми јавниот простор – тротоарот. Слично како што имате направено со повлекување на регулационата линија северно од Порта Влае (ја имате повлечено споредено со таа од ГУП и го имате проширено јавниот простор), така треба да направите и тука. Тука ќе се појават и во иднина, како и сега, десни исклучувања, автобуска постојка итн, и тротоарот наместо потесен од остатокот на улицата, тука треба да биде и поширок, за да може сите тие функции да се обезбедат, а да има доволно широчина за велосипедска патека.
Она што најмногу го чини градот квалитетен се дефинирани јавни простори, квалитетни тротоари, дрвореди, велосипедски патеки. Кога тие би имале пристојни димензии, не би се чувствувале толку нападнати од новата градба.
Исцртувањето на регулационите линии е најзначајното нешто во еден план, зашто тоа дефинира дали во иднина еден простор може да се уреди квалитетно или не.
Во таа смисла е и следната забелешка.

3. ПОПРЕЧНА ВЕЛОСИПЕДСКА ВРСКА

Улицата Ангел Динев е дефинирана како сервисна со регулациски план со широчина 11.25-11.5 метри. Паралелно и залепено на неа кон исток во овој предлог ДУП е планирана паркинг-улица „Ангел Динев“ (профил 9) со широчина 12 метри (5 метри за местата за паркирање, 5.5 метри за коловозот и 1.5 метри за тротоарот). Во пресеците на улиците е погрешно прикажана дека е широка 14.1 метри, колку што е во укинатиот ДУП, а веројатно исто или повеќе е и во важечкиот ДУП.
Сметаме дека оваа регулациона широчина мора да се врати како што била, на 14+ метри, затоа што ќе овозможи подобро сообраќајно решение на улицата во иднина. Било да се решава улицата со паркинг, било да се решава со велосипедски патеки, било да се решава едноставно со пошироки тротоари каде ќе можат да се засадат дрвореди, решението ќе биде подобро ако регулационата широчина не се стеснува поради приватниот интерес. 
Со ова решение добиваме само бетонирана улица и поголеми приватни парцели. Додека од други парцели во населбата се одзема простор за пробивање улици, не би било фер кон овие парцели да се додава улица, на сметка на јавниот интерес.
Ви го приложуваме нашето предлог-решение за Ангел Динев кое го доставивме до Град Скопје и Општина Карпош во периодот кога се гласаше регулацискиот план за Градска четврт СЗ 19 во 2021 година.
Повеќе информации на овие линкови:
А. 23 февруари 2021
Барање за повлекување на регулациски план СЗ 19 - Влае 2
Б. 08 март 2021
Зелена, безбедна, пешачка и вело-пријателска ул. Ангел Динев - предлог решение

Тоа е само една од многуте варијанти за улицата (може да се разгледаат и други), кои сме свесни дека со моменталниот регулациски план не е можна, но треба да се остави можноста за иднина. Со стеснувањето на регулационата широчина на улицата, сите можности ќе се поништат.
Во најмала рака, сега во предлог ДУП-от може да ја проширите регулационата широчина за додатни 2-2.5 метри или колку и да било според важечките планови и да прикажете достоинствени тротоари од по 2.5-3.5 метри (наместо 1.5 метри) на кои може да се засадат дрвореди. Па понатака останува „отворено поле“ за инвентивни зелени решенија.
Бараме градежните парцели 03.6, 03.7, 03.8, 03.9, 03.10, 03.11, 03.12, 03.13, 03.14, 03.15, 03.16, 03.17, 03.18, 03.19, 03.20, 03.21, 03.22, 03.23, 02.24, 03.25, 03.26 во овој предлог-ДУП да не се прошируваат на сметка на јавниот простор, односно на сметка на КП 7938/1 која е во државна сопственост и која во двата претходни ДУП-ови е планирана во склоп на ул.Ангел Динев и паркинг -улицата.
Улиците таму се со поширок профил од овој сега и во време на климатски промени кога се бара парче земјиште повеќе за климатска отпорност во градовите, сметаме дека е уназадување да се намалува профилот на улицата при постоење на цел појас државно земјиште.


Дополнително, да не се планира трафостаница со ГП 03.296 сред улица зашто го ограничува сообраќајното решение во иднина.

4. ПАРКОВСКО ЗЕЛЕНИЛО

Предлагаме КП 7938/11 да се уреди како парковско зеленило, маалски сквер, парк и детско игралиште, низ кои може да минува велосипедската патека во иднина, како во нашето предлог-решение. Така ќе се добијат додатни 1775 м2 зеленило и улицата Ангел Динев ќе стане прекрасен зелен коридор на уживање на сите и освежување и на децата од училиштете и на сите минувачи кои што возат велосипед.
Предлагаме зеленилото јужно од Порта Влае да не се уредува како монтажни 2-нивовски гаражи. Тоа навистина би го нагрдило јавниот простор и не би влијаело добро на еколошкиот биланс во населбата и би поттикнувало уште поголемо користење автомобили и помало пешачење и користење велосипед.

5. ПРОБЛЕМ СО ОДЗЕМАЊЕ ОД ПЕШАЧКА ПАТЕКА НА ПРИМАРНА МРЕЖА

Предлагаме со посебни услови во планот да се реши проблемот кај бензинската станица со кој се одзема пешачката патека за пристап за возила кон бензинската пумпа и пешаците и велосипедите се принудени да ја користат велосипедската патека во една
навистина небезбедна средина.

6. ПЕШАЧКИ ДВИЖЕЊА

Да се внимава на широчината на тротоарите низ целиот предлог-ДУП, да се најшироки можно, зашто моментално се неупотребливи за пешаци.
Да се пробијат пешачки патеки од сите слепи улици кон примарната мрежа.

7. ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПАРКИНГ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ

Предлагаме да се воведе одредба во општите услови од планската документација која ќе побара сите новоизградени објекти да мораат да обезбедат паркинг за велосипеди во сопствена парцела, било во подрум, на приземје или во рамки на дворот. Добро е да има паркинг места за велосипеди и во затворена просторија (за долготрајно складирање) и во отворен простор (за кратко паркирање и брзо користење). Недостатокот на паркинг за велосипеди, го прави користењето велосипеди непрактично, луѓето мора да ги внесуваат во сопствените станови и тераси или да ги паркираат по ходници и огради од зградите што го блокира просторот и влијае на хигиената.
Предноста е што на 1 паркинг место за автомобили може да се паркираат 10-ина велосипеди во едно ниво, а ако има систем со монтажни држачи, дури и повеќе. Со оглед на малата просторна зафатнина, ова ќе претставува незначителен товар за инвеститорите, а ќе биде огромен бенефит за станарите и посетителите.
Би сакале да ве информираме дека Европската Комисија ја ревидираше директивата за енергетски перформанс на згради и според неа, сите нови или реновирани згради во ЕУ мора да обезбедат не само енергетски - ефикасни фасади и прозорци итн, туку да обезбедат услови и за енергетски најефикасниот транспорт – велосипедски, односно да обезбедат велосипедски паркинг. Минималното барање е 2 паркинг места по стан за секоја зграда за домување и 1 паркинг место за велосипеди на секое паркинг место за автомобили за сите нестанбени згради. Исто така препорачуваат и веќе изградените објекти, да прилагодат простор за велосипеди до 2027 година.
Општина Карпош може да биде прва Општина кај нас која се раководи целосно или барем делумно по овие стандарди.

Со почит, 

НаТочак 

неформално здружение за урбан велосипедизам 

За подобро вело - Скопје 

e-mail: natochak@gmail.com 
blog: natochak.blogspot.com 
FB: facebook.com/NaTochak 
TW : twitter.com/NaTochak

0 comments:

Post a Comment