Showing posts with label Анкетен лист. Show all posts
Showing posts with label Анкетен лист. Show all posts

02 February, 2021

Одговор на Анкетен лист за ДУП Ц 06 - Стара Железничка станица

Добивме одговор од Општина Центар на нашиот Анкетен лист за Деталниот урбанистички план за Стара железничка станица (ДУП Ц 06) испратен преку системот е-урбанизам. 
За пофалба е ажурната комуникација на Општина Центар по електронски пат и користењето на е-урбанизам за јавна анкета, споредено со другите општини, но за пофалба не е содржината на одговорот.

  • Содржината на нашиот анкетен лист во текст и слики ја има на овој линк
  • Одговорот на анкетниот лист во текст го има во продолжение (да, го прекуцавме, за да може да се пребарува).
  • На крајот го има нашето толкување.

Одговор од Стручната комисија на Општина Центар: 

Забелешката делумно се прифаќа. 

Согласно Член 11 став (6) од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ број 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18), деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план. 

Улицата „Јордан Мијалков“ (ул.Железничка) е улица од примарната улична мрежа со регулационен профил (широчина) дефиниран во Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022). За предметната сообраќајница изработен е и „Проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба за улица „Јордан Мијалков“ од улица „Мајка Тереза“ до улица „Павел Шатев“ Општина Центар-Скопје“, со заверка бр. 13-2015/1 од 20.03.2014 година. Улиците од примарната мрежа не можат да бидат предмет на промена во Детален урбанистички план. Следствено, предметната улица во Предлог-Детален урбанистички план Градска четврт Ц 06- Стара Железничка станица, Општина Центар - Скопје, плански период 2019-2024 е во целост преземена од горенаведениот Проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба. 

Барањето за предвидување на велосипедска патека преку ГУП 01.01 не се прифаќа земено предвид правните последици кои се предизвикани со оттуѓување на земјиштето од страна на Министерството за транспорт и врски бр. 22УП-392/3 од 12.03.2012 година.

Согласно точка 4. Општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите кои важат за целата површина на планскиот опфат под поглавје Уредување на јавен простор во точка 4.6 е наведено дека: „При изработка на проектна документација за уредување на земјиштето за општа употреба задолжително да се обезбеди паркинг простор за велосипеди“.

Накратко објаснето: 

1. Забелешката 1 за ПРЕКИН НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ПО ПРИМАРНА МРЕЖА не ни се прифаќа зашто е надлежност на Град Скопје. 
Град Скопје во 2014 одобрил „Проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба за улица „Јордан Мијалков“ од улица „Мајка Тереза“ до улица „Павел Шатев“ Општина Центар-Скопје“, со заверка бр. 13-2015/1 од 20.03.2014 година, со кој обезбедил велосипедска патека само од едната страна и не во цела должина иако профилот можел тоа да го дозволи. Зошто? Веројатно за да обезбеди еднонасочна улица со 2 ленти пред хотелите од овој ДУП, односно да им обезбеди паркирање надвор од нивна парцела! 

Заклучок: Треба да се преиспита како воопшто е одобрен ваков инфраструктирен проект! По кои правила и прописи? И истиот треба да се ревидира и преработи во име на јавниот интерес. 

2. Забелешката 2 за ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА НИЗ БЛОКОТ, oдносно за попречни ЈАВНИ ПЕШАЧКИ И ВЕЛОСИПЕДСКИ ВРСКИ низ блокот не ни се прифаќа зашто е повторно Општина Центар ненадлежна. Министерството за транспорт и врски го оттуѓило земјиштето во 2012 година (веројатно договор? бр. 22УП-392/3 од 12.03.2012 година) односно дало слобода да се гради без да даде никакви обврски кон купувачот дека во блок долг 900 метри треба да остави пешачки/велосипедски пролази. Се ствара огромен ѕид (Лимак) кој вработените во Клиника и жителите на овој дел од Водно ќе треба да го забиколуваат по 2 пати за да стигнат до центарот на градот. И обратно. Тотално нехуман простор. 

Заклучок: Треба да се поставуваат услови кога се продаваат големи парцели: да се формираат пасажи, пролази, јавни патеки, за да не ствараат непробивни ѕидови во градот. 


3. Забелешката 3 за  ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРКИНГ исто така не ни е прифатена, односно останува обврската за обезбедување паркинзи за велосипеди на јавните простори која веќе ја имаше и ја пофаливме во анкетниот лист, но не се прифаќа обврската за објектите и проектните документации која ја побаравме.

Се поставува прашањето како ЗАБЕЛЕШКАТА ДЕЛУМНО Е ПРИФАТЕНА, кога на 3 барања е одговорено негативно? Без оглед чија е надлежноста.

31 July, 2020

Анкетен лист за ДУП Градска четврт Ц01 Мал Ринг

За ДУП Градска четврт Ц01 Мал Ринг кој се наоѓа на јавна анкета до 31.07.2020, Општина Центар ја има објавено целата документација на линкот.

Синтезен приказ на планот може да се погледне во документацијата на линкот или на следната слика:


НаТочак денес испрати свое мислење и сугестии преку анкетен лист.

Содржината е во продолжение како текст и како pdf на линкот.
ЗАБЕЛЕШКА:

Почитувани,
Пред се, голем поздрав за тоа што ја објавувате целата документација за плановите и
транспарентно известувате. Тоа е реткост меѓу општините, па дури и кај Град Скопје.
Со тоа овозможувате различни страни, физички и правни лица, формални и неформални граѓански здруженија да реагираат во својата област на која посветиле многу години работа.
Очекувавме дека рокот за јавната анкета ќе биде продолжен и иако главните забелешки ни се спремни, потребно ни е уште малку време да ја собереме целата аргументација.
Затоа, ги праќаме главните забелешки сега, во рамки на рокот, а се надеваме дека нема да има проблем ако како дополнение на овој мејл испратиме нивно дообјаснување.
Иако за некои од коментарите со сигурност не е надлежна општината, очекуваме да бидат проследени, а и ние самите ќе ги пратиме до останати релевантни институции.
1. Сметаме дека е добро тоа што речиси целиот Мал Ринг се третира како Јавна
површина/Режимски пристапни улици
, но треба да се дадат попрецизни насоки со цел да се осигура одржливост во сообраќајните проекти, зашто сообраќајните инженери без прецизни насоки, редовно се автоцентрични.
За таа цел, Општината мора да изготви План за велосипедски поврзувања и пешачко
движење
кој ќе се надоврзе на Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје. Имено, иако на запад и исток од центарот има велосипедски поврзувања, во самиот центар каде сообраќајната пирамида треба најмногу да биде превртена, предност имаат автомобилите и сите велосипедски патеки прекинуваат баш кога ќе се допрат до Малиот Ринг.
2. Сметаме дека решението од ГУП и сообраќајните проекти на Град Скопје за ул.Даме Груев се многу лоши. Проширување на коловозот на Даме Груев не смее да биде цената што ќе ја платиме за правење на Рекорд пешачко-трамвајска(јавен превоз) зона.
Ако сега Рекорд има 4 ленти, Даме Груев 2 и ако со новото решение Рекорд стане со 2 ленти (мора, заради жителите, достава и јавниот превоз), а Даме Груев со 4 ленти, тогаш сме направиле само ЗАМЕНА, а не ПРОМЕНА.
3. Сметаме дека е многу лошо и решението од ГУП за подземната сообраќајница покрај Вардар. Покрај опасност од водите, ова решение значи дека на кејот, на најатрактивната локација во градот, никогаш нема да може да пораснат дрвја со големи крошни како што има сега покрај
ГТЦ. Тоа ќе значи смрт за центарот на градот. Наместо нови поврзувања за автомобили, ни треба силен јавен превоз и беспрекорна мрежа од велосипедски и пешачките патеки.
4. Предлагаме да се стави одредба дека пешачкото и велосипедското движење во идните проекти за уредување на кејот мора (а не може) да бидат застапени. Истовремено, дека мора да се направи поврзување со околните сообраќајници преку соодветни рампи, конектори итн.
5. Предлагаме општината да донесе политики за паркирање по примерот на европските
градови со кои ќе знае со колку точно паркинг места располага, колкаво движење тие
предизвикуваат и етапно да ги регулира, намалува итн. со цел центарот да добие што попешачки карактер.
6. Бараме да се отстрани можноста за идна изградба од паркинг под плоштад. Овој
паркинг со рампите ќе ги претвори пристапните пешачки улици кон плоштадот во колски улици со постојан промет на возила кои ќе влијаат негативно на пешачкото и велосипедското движење, на евакуацијата од настани, на загадувањето, на озеленувањето на плоштадот, на околните бизниси и со тоа негативно ќе се влијае на амбиентот во центар. Овој подземен паркинг е веројатно најлошото нешто во овој план и ќе направите огромна штета ако остане, посебно во ваков облик.
7. Предлагаме улиците и јавните простор да се озеленат со соодветни одредби до
одреден процент. Да се внимава зеленилото да е на позиција која ќе креира поволни сенки за пешаците и велосипедите. Поради појавата на екстреми во температурите со климатските промени, за да се поттикне и овозможи пешачкото и велосипедското движење, ќе биде од голема важност улиците и јавните простори да се озеленат на внимателно осмислен начин.