Showing posts with label безбедност. Show all posts
Showing posts with label безбедност. Show all posts

25 March, 2018

Одговор од МВР на дописот од НаТочак

Во врска со дописот испратен на 25.12.2017 од страна на НаТочак до Министерството за внатрешни работи, во прилично краток рок, со оглед на празниците, добивме повратен одговор од МВР, испратен на 10.01.2018.

Скениран, го има во продолжение.
За жал, иако добивме официјален контакт со е-mail и телефон, оттогаш немаме добиено одговор на мејловите.
Во наредниот период НаТочак ќе се обиде повторно да стапи во контакт со доделениот контакт или со претпоставените.


Допис до МВР за проблемите на велосипедистите за кои е надлежно ова министерство

После состанокот на 10.11.2017, на 25.12.2017 НаТочак испрати допис до Министерството за внатрешни работи во кој ги сумираме работите разговарани на состанокот.

После овој допис добивме одговор од МВР достапен на линкот.
Споделуваме скенирана верзија од нашиот допис со архивски печат, како и текстуална верзија, во продолжение под скеновите.




Почитувани,

На остварениот состанок со Јасмина Ангелова, советничка на кабинетот на  Министерот за внатрешни работи, на 10 ноември 2017 година, беше договорено да испратиме допис со клучните точки за кои НаТочак сака да оствари соработка со Министерството за внатрешни работи.

Поделени во три категории, проблемите со кои се соочуваме секојдневно, а се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, се:

  1. Безбедност на велосипедисти
    • Континуирано контролирање на брзината на автомобилите и на почитувањето на сообраќајните правила
    • Контрола и санкции за сообраќање на моторни возила на рекреативната патека на кеј
    • Поголема контрола и санкции за непочитување на зоните со ограничување на брзината од 30 км/ч

  • За околу 40% од сообраќајните незгоди со потешки последици во периодот 2011-2013 година, причина била неприлагодената брзина на возилата (Министерство за внатрешни работи)
  • Во периодот од 2010 до 2016 година, во просек на годишно ниво има 9 загинати и 272 повредени велосипедисти во сообраќајот (Државен завод за статистика)

  1. Ослободување на велосипедски патеки
    • Отстранување на паркирани возила и други пречки на велосипедски ленти
    • Пракса на времено предупредување пред казнување за паркирање на велосипедска патека
    • Почитување на забраната за паркирање на велосипедските и пешачки патеки и пешачки острови и од страна на возила во сопственост на МВР
    • Преземање мерки и санкции за уништување на поставените столпчиња покрај велосипедските патеки

  • Како најчест проблем со кој се соочуваат велосипедистите се истакнати Пречките на велосипедската инфраструктура (паркирани возила) со 24,6% и Безбедноста за велосипедистот со 18,8% (Национално истражување, НаТочак, 2017 година)
  • При оценка на проблемот со паркираните возила на велосипедската патека, 67% од испитаниците дале оценка 1 или 2 од 5 каде 1 е најлошо, а 5 најдобро (Национално истражување, НаТочак, 2017 година)

  1. Безбедност на велосипеди од кражба
    • Посериозен пристап во решавање на случаите со пријавени украдени велосипеди и обезбедување на видео докази од постоечките камери за безбедност.
    • Објава на статистика за информации поврзани со велосипедизмот, како што се пријавени и разрешени украдени велосипеди, сообраќајни незгоди со детали за причини и разрешување и локација.
    • Објава на информации од јавен карактер кои се од интерес на велосипедската заедница во формат соодветен за отворени податоци.
    • Формирање на Регистар каде ќе се пријавува сопственост на велосипеди со модел и сериски број.

  • Фејсбук група „Украдени точаци“ која постои од 2012 година и има околу 6.000 членови каде речиси на дневна база се пријавуваат украдени велосипеди.

Во интерес на соработка и брза комуникација, предлагаме да се одреди официјално службено лице од ваша страна со кое ќе може да оствариме ефикасна комуникација преку имејл и телефон.

Апелираме на поголема соработка со другите институции како Град Скопје и јавните претпријатија (Улици и патишта, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Градски паркинг), Скопските општини, Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата со цел координирано подобрување и одржување на условите за велосипедски сообраќај и поголема безбедност за граѓаните.

Меѓудругото, го поздравуваме постоењето на полициска патрола на велосипеди и охрабруваме нејзино враќање во пракса.

Критични точки каде мора да се направи брза реакција заради секојдневно соочување со блокирање:
  • Велосипедска лента на бул. Климент Охридски
  • Велосипедска патека долж бул. Партизански Одреди особено онаму каде нема столпчиња
  • бул. Борис Трајковски од Кисела Вода кон Драчево
  • Министерство за правда, ул. Димирија Чуповски кај Ценар бар, поради секојдневно блокирање на пешачката патека
Во прилог испраќаме сведоштва од ситуацијата на конкретните наведени локации.

Апелираме да се посвети поголемо внимание при едукација на сообраќајните службеници за правилата и прописите за возење велосипед. Посочуваме неколку чести примери:
  • Крстосница каде покрај пешачкиот премин има црвена лента, лентата претставува велосипедски премин и  велосипедистите може да ја поминат со возење на велосипедите, а не мора да туркаат
  • Ако нема велосипедска патека, согласно законот, велосипедистите се должни да возат на коловоз најблиску до десниот раб, а не да се упатувани на пешачката патека
  • На семафори со дополнително зелено светло за вртење во десно, возачите се должни прво да ги пропуштат пешаците и велосипедистите, а потоа да поминат.


Очекуваме продуктивна соработка со Сообраќајната полиција што ќе резултира со зголемена безбедност во сообраќајот, реализирање на правото на слободно движење на пешаците и велосипедистите, заштита на животите на ранливите учесници во сообраќајот, како и намалување на кражбите на велосипеди.

Со почит, Неформална група на велосипедисти
НаТочак natochak@gmail.com

25.12.2017

27 September, 2015

Предлози и барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот

Барањата се испратени до: Град Скопје, Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Министерство за здравство, Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, ЈП Улици и патишта и сите скопски општини.

Документот кој е испратен го има на линкот.

-------------------------------------------------

Во првите 6 месеци во 2015-та во Македонија загинаа 12 деца во сообраќајни судири.
Во рок од само една недела во Скопје беа прегазени 3 велосипедисти, од кои двајца: еден повозрасен и едно 13-годишно дете, веќе ги нема меѓу нас.
Најчести жртви во сообраќајни судири редовно се пешаците и велосипедистите, тие не можат да нанесат штета, но можат да претрпат. Брзодвижечките тешки метални возила се и смртоносни по нивната ранливост. Полициските акции, но пред сè планирањето на просторот мора да ги заштити нив и да ја земе предвид човечката грешка.

Сметаме дека е крајно време да се преземат мерки кои сериозно ќе се разликуваат од досегашните политики во безбедноста и сообраќајот.
Носечка идеја да не биде веќе брзото поминување на возилата, туку заштитувањето на човековиот живот. Немаме животи за губење! Никој не заслужува да го изгуби животот на таков свиреп начин. Идејата за сообраќајни решенија и акции на полицијата кои ќе го заштитат човековиот живот е во склад со идејата за подобрување на мобилноста на пешаците и велосипедистите. Само во град каде има високо чувство на безбедност во сообраќајот може да се унапредуваат овие здрави начини на транспорт.

Во Скопје полека, но забележливо расте бројот на граѓани кои го користат велосипедот како превозно средство, но инфраструктурата не го следи тој раст. Се плашиме дека ако нешто итно и сериозно не се преземе, ќе продолжиме да слушаме лоши вести.
Не сакаме овие немили настани, брутални убиства во сообраќајот да станат пракса! Но не сакаме ни да се откажеме од користењето на велосипедот како превозно средство. Не смее излегувањето од дома на најздрав и најеколошки начин, најодговорен спрема околината и градот, да биде најризично и да нè чини живот!
Не смее никого да чини живот!
Пешачењето и користењето на велосипед како превозно средство мора да се унапредуваат како начини на превоз и овие ранливи групи мора да бидат заштитени со соодветни политики. Место да нè  уплашат, овие настани треба да нè поттикнат да делуваме и како велосипедска заедница, и како загрижени родители, граѓани, и како надлежни. Изгубените животи не можеме да ги вратиме. Но можеме да го следиме примерот на Холандија (
линк) која не е само добра за возење велосипед, туку е една од трите најбезбедни држави од аспект на сообраќај во светот. Едното со другото се во корелација.


Затоа предлагаме и бараме мерки во 4 различни области кои ќе ја зголемат безбедноста и мобилноста на ранливите учесници во сообраќајот.


-------------------------------------------------

1. Полициска акција и политичка волја
1.1. Неселективно спроведување на постоечките закони, преку едукација, опомени, а потоа и казнување од страна на полицијата, последното особено за најголемите причини за сообраќајни убиства: брзо возење, недавање на предност на минување (особено на ранливите) итн.
Полицијата треба да направи посериозна повеќемесечна кампања во која ќе се посвети фокусирано на брзото возење во градска средина. Само преку континуирани кампањи (едукативни и казнени) ќе има видлив ефект од делувањето. Инцидентното казнување има незначителитен ефект.

1.2. Поставување на камери (веројатно тоа е и намената на веќе поставените камери?) кои ќе ја снимаат брзината и казнување по автоматизам на сите кои ќе ја надминат пропишаната брзина. Брзината убива и тука не смее да има толеранција.

1.3. Казнување и едукација на оние кои ги паркираат возилата на јавни површини (пешачки и велосипедски патеки) со што директно ги доведуваат во ризик ранливите, принудувајќи ги да се спуштат на коловоз.
И за овој проблем потребно е кампањско делување без прекин во период од повеќе месеци кој ќе биде доволен луѓето да ги сменат навиките.

1.4. Спроведување на законските одредби за велосипедистите: задолжителна употреба на катадиопри, ѕвончиња, исправни кочници, употреба на предно и задно светло при услови на намалена видливост, преку едукација, опомени, а потоа и казнување

1.5. Политичарите да покажат со сопствен пример дека и другите типови сообраќај се рамноправни: пешачки, велосипедски, автобуски.

1.6. Преку промена на приоритетите на вложување, политичарите да пратат поинакви пораки од досегашните ( кои беа „Вложуваме само во автомобилски сообраќај, само тоа е битно“), и тоа не преку зборови, туку преку дела. Во наредниот период фокусот да се помести кон вложување во инфраструктура за велосипедски и пешачки сообраќај.

1.7. Полицијата да покаже преку сопствен пример дека го почитува велосипедскиот и пешачкиот сообраќај со тоа што при паркирање на возилата нема да им го блокира просторот, туку ќе остава место за поминување.


Полициско возило паркирано на велосипедска патека

2. Измени во законската рамка

2.1. При планирање на нови улици и реконструкција на старите во населени места, да биде задолжително да се изработи сообраќајно решение за пешаци и велосипедисти.
За да се избегне подразбирањето дека решавањето на сообраќај е еквивалентно на сообраќај само за коли, мора да се направи ваква законска измена. Треба да се озакони фактот дека во отсуство на вакво решение на одредена улица, велосипедистите и пешаците свесно се изложуваат на ризик од страна на планерите.


 2.2. Брзините во населени места не смеат да бидат повисоки од 50 km/h, без исклучок. Брзината 50 km/h да биде дозволена само за оние улици кои ги издвојуваат автомобилскиот, велосипедскиот и пешачкиот сообраќај.


Моменталните законски измени предвидуваат 50km/h максимално ограничување, но предвидуваат и исклучок за улици кои исполнуваат некакви (не е опишано какви) сообраќајно технички-елементи. Штом има допир со пешаци и велосипедисти, улицата не смее да дозволува повисока брзина од 50 Km/h. 70 km/h би била дозволлива само за подземни, надземни, изолирани сообраќајници каде воопшто немаат пристап пешаците и велосипедистите.


Член 35 (Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата)
(1) На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50km/h, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за определен негов дел.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, на јавен пат во населено место, чии сообраќајно-техничкиелементи тоа го овозможуваат, може со сообраќаен знак да се дозволи движење со возило и со брзина поголема од 50 km/h, но не поголема од 70 km/h.



2.3. Во населени места, онаму каде што може физички да се издвои пешачкиот сообраќај, а велосипедскиот да се постави на коловоз со велосипедски ленти, брзината да се ограничи на 40 km/h.



2.4. Во населени места, онаму каде што не постои решение за издвоен велосипедски и пешачки сообраќај, брзината да се ограничи на 30 km/h.


2.5. Да се вметне во Законот за безбедност - минимално растојание при претекнување на велосипедисти од 1 до 1.5m.
Возачот не смее да врши престигнување и обиколување на велосипедист кој вози на коловозот ако поради условите на патот не може да го испочитува безбедносното странично растојание од велосипедот од: минимум 1 m за дозволена брзина на патот до 60 km/h и 1.5m над 60 km/h.


2.6. Да се промени законската одредба која забранува престигнување на други возила непосредно пред крстосница или премин преку пруга, а дозволува престигнување на велосипед. Возачот да смее да го престигнува велосипедистот (и мотоциклистот) само доколку го обезбеди минималното странично растојание. Во спротивно, треба да се однесува кон велосипедот како кон било кое возило.



Член 57 (Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата)
(1) Возачот не смее да престигнува друго возило, освен велосипед, мопед и мотоцикл без странична приколка, непосредно пред крстосница или непосредно пред и на премин на патот преку железничка или трамвајска пруга на ниво без браник или полубраник

2.7. Да се донесе законска измена со која отворањето на врата (dooring) ќе биде забрането не само во текот на возење на возилото, туку и кога е паркирано, ако од задната страна доаѓа велосипедист. Возачот или било кој патник во возилото треба да биде должен да погледне и да се осигура дека е безбедно да ја отвори вратата.


2.8. Да се разгледа можноста за правно редефинирање на некои од сообраќајните судири каде причината е брзо возење и свесно опасно однесување од страна на возачот, како убиства во сообраќај и за нив кривично да се одговара.


2.9. Да се донесе законска измена со која ќе се овозможат алтернативни обезбедени патеки за пешаците и велосипедистите при извршување на градежни работи.

 Штом за потреба на градежните работи се окупира јавна површина,  инвеститорите да мора да обезбедат заштитена алтернативна пешачка/велосипедска патека изработена врз база на одобрено сообраќајно решение. Во спротивност, велосипедистите и пешаците свесно се изложуваат на ризик од страна на инвеститорите и планерите.

2.10. Да се презентира пред јавноста и да се усвои изготвениот национален Правилник за стандарди при планирање и проектирање на велосипедски патеки со чие донесување ќе се избегнат импровизациите при проектирањето во рок од 3 месеци (јануари 2016).



3. Локална инфраструктура и политики


3.1. Градот да престане да го привилегира индивидуалниот автомобилски превоз во сопствените политики поради ред причини: еколошки, здравствени, но и безбедносни. Со проширувањето на улици за коли, со толерирањето на нелегалното паркирање на возилата врз пешачки и велосипедски патеки, градот праќа порака дека само автомобилите се битни, а сите други се втора класа на граѓани. За да ја зголемиме безбедноста на ранливите учесници во сообраќајот, Градот мора да прати поинакви пораки, и тоа не преку зборови, туку преку акција.


3.2. Потребна е балансирана дистрибуција на уличниот простор на сите типови сообраќај, широки автомобилски ленти покрај тесни тротоари е рецепт за небезбедност. Сакаме улици за градски живот, а не автопати низ Скопје!
Ако улицата создава чувство на автопат, возачите се однесуваат како да се на автопат. Ако улицата создава чувство на место каде се одвива градски живот и сите учесници во сообраќајот се почитувани со соодветен доделен простор, и возачите ќе се однесуваат како да се на градска улица.





3.3. Престанок на ретроградниот тренд на проширување на улици на места каде не можат да се обезбедат (пропорционално на автомобилските ленти) соодветни услови за велосипедисти и пешаци.
Во никој случај, проширувањето на коловозите не смее да биде на сметка на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, а на тоа сме сведоци при реконструкциите на повеќе улици изминативе години (Климент Охридски, Илинденска...), што се покажа како погубно во поттикнувањето на културата на брзо возење и одземање животи. Не мора да ги повторуваме истите грешки на други градови и држави. Да изгубиме многу животи, па да се освестиме дека не може да се добие безбеден град со улици само за коли. Да учиме од нивната историја.


3.4. Да се стеснат автомобилските ленти од 3.5 m на помали ширини, ~3 m, поточно ширини кои одговараат на пропишаната брзина од 50 Km/h.
Дополнителен бенефит, покрај разумните брзини од оваа мерка ќе биде: ослободувањето на простор за одржлив транспорт, повеќе простор за велосипедски, пешачки и автобуски сообраќај, повеќе простор за зеленило, зависно од потребите на конкретната улица. Постојат многу студии кои го истражуваат психолошкиот ефект на широките ленти кои ги поттикнуваат возачите да ја зголемат брзината над ограничувањето, давајќи им лажно чувство на безбедност. (линк)



Пред и Потоа. Дури и ист број на ленти за возила, но со помала ширина поттикнуваат безбедно возење
и ослободуваат простор и за велосипеди и за зеленило.
3.5. Да се забрза реализацијата на проектот Скопје вело-град. 
Бараме Град Скопје да заврши со овој проект во рок од една година од најавата, до месец мај 2016-та, а во меѓувреме да се планира проширување на мрежата.
Подразбираме дека реконструкција ќе вклучи замена на сите рабници со коси рампи, поправање на дупките, заобиколување на автобуските постојки.


3.6. Патеката на кејот, како најбезбедна, да се направи проодна на критичните точки и да се интегрира во остатокот од градот преку изградба на рампи за возење велосипед и пешачко-велосипедски мостови.


3.7. Да се прошират пешачките зони во Скопје, особено во центарот на градот и централни места на општините. Да се зголемат местата каде имаат пристап пешаците и велосипедистите, а немаат возилата. Да се спречи ретроградиот процес на претворање на веќе усвоена пешачка зона во автомобилска улица во центарот на Градот.


3.8. Да се постават пешачко-велосипедски премини на местата од интерес(дестинациите) на пешаците.

Да се земе предвид психологијата на пешаците за користење на најкратката патека при преминување. Пешаците се движат со сопствена сила и поподложни се на умор и атмосферски влијанија. Задача на планерите е да ги земат предвид и нивните потреби при планирањето, а не само оние на возилата. Пешаците треба да бидат на врвот на сообраќајната пирамида.

3.9. Решенијата со надземни и подземни премини за пешаци не се логични во градска средина освен кога се поврзани со станици за јавен превоз или други содржини од интерес. 

Следствено, не се препорачливи зашто луѓето не ги користат (пример е мостот Влајко) и поттикнуваат уште побрзо возење во случаите кога се користат. Единствено се препорачливи на влезовите од градот кога се уште не е намалена автопатската брзина. Треба да се користат решенија за премин на  улица на нивото на градските содржини, што е најпожелно за пешаците и најхумано.

3.10. Да се внесат потребните времиња за пешаци и велосипедисти како влезен параметар во програмирањето на семафорите во системот на ЦУКС.

Моментално тој е базиран само на однесувањето на возилата и е во прилог на брзото возење на возилата (резултат на тоа се долги чекања и кратко време за минување на пешаците).

3.11. Поставување на одвоени црвени и зелени светла на раскрсниците за пешаци и за велосипедисти.

Просечното време на поминување и брзината на двете групи учесници е различно.

3.12. Да се користи дизајн на крстосници по примерот на земјите со најбезбеден сообраќај: дизајн кој ќе ги успори возилата при пристигнувањето кон крстосницата и ќе ги направи видливи ранливите учесници во сообраќајот (употреба на bike box, широки пешачки острови, помали радиуси на свртување за возилата и сл.)


3.13. Итно решавање на проблемот со возила паркирани на јавни површини: пешачки и велосипедски патеки, преку здружна полициска и градска акција.

Во некои градови проблемот се решава со комунални редари, а на критични точки со поставување на пречки (столпчиња, жардињери…)

3.14. Обележување со хоризонтална и вертикална сигнализација на сите веќе постоечки велосипедски и пешачки патеки.

Многу од граѓаните не ни знаат дека паркираат врз туѓ простор. Должност на градот е да ги информира и да го заштити просторот и на овие учесници во сообраќајот.

3.15. Да се донесе стратегија за унапредување на мобилноста и безбедноста на ранливите учесници во Град Скопје со рокови за исполнување, која ќе се базира на овие и слични предлог-мерки.


4. Образование



4.1. Воведување на задолжителни лекции за односот кон ранливите учесници во сообраќајот во автошколите.
Во лекциите да се стави акцент на моќта на металното возило, ефектите од брзото возење, отстапување безбедносно растојание, давање предност, психологија на пешаците и велосипедистите, психологијата на возачите, особено младите возачи, идентификацијата со брзо возење итн.

4.2. Воведување на задолжителни часови за возење велосипед за идните возачи.
Само преку искусување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните кога се на велосипед, ќе можат да се однесуваат безбедно и со почит кога се во кола. Постои тенденција во Европа на проширување на програмата за идните возачи од едукација за строго автомобилски сообраќај кон едукација за севкупна мобилност.

4.3. Задолжителни часови по сообраќај за деца во основни училишта кои ќе опфатат и вештини за управување велосипед и сообраќајни правила.

4.4. Едукативни кампањи кои ќе се насочат кон вистинските виновници и вистинските причини за сообраќајни судири (брзината е причина бр.1 за сообраќајни судири во Македонија, а возачите се виновни во над 90 % од случаите)

4.5. Задолжителна едукација за сите кои ќе направат сообраќаен прекршок, без разлика дали добиле парична казна или не.

4.6. Едукација на планерите и донесувачите на политиките во градските/општинските администрации за современи сообраќајни концепти кои на врвот ја ставаат безбедноста, мобилноста, одржливиот превоз.
Треба да се напуштат политиките кои решаваат само „брз проток на автомобили“ и да се работи на „безбеден проток на луѓе на сите можни начини“.


Да го смениме пристапот!

На оваа тема, ја посветуваме и Критична маса #41: линк 

19 September, 2015

Протестен собир: Стоп за убиствата во сообраќајот!

Стоп за убиствата во сообраќајот! 
Стоп за убиствата на пешаци и велосипедисти!

Денес (сабота, 19.09) ве повикуваме сите на точак или пешки да дојдете во 18:00 на Фонтана, Градски Парк да изразиме сочувство за изгубениот млад живот и да изразиме револт кон надлежните за непреземањето сериозни мерки за заштита на ранливите. Направете си плакати и споделете ги јавно на собирот.

Би сакале да изразиме сочувство до семејството на детето жртва. Почивај во мир детенце.

Свесни сме дека ништо не може да ја надомести нивната загуба, но исто така свесни сме дека е потребно да се преземе нешто за ова да не се повтори. 

Не смее излегувањето од дома на најздрав и најеколошки начин, најодговорен спрема околината и градот, да биде најризично и да те чини живот! Животот е вредност поголема од брзината, поголема од итноста на смс порака, поголема и од сообраќајните правила. 

Градот мора да стави приоритет на вложување во условите за пешаци и велосипедисти. Градот мора да стане свесен за психологијата на оние зад воланот. Бидејќи не користи сопствена енергија, туку енергијата на некое гориво, возачот на автомобил со голема леснотија нагазува на гасот секогаш кога ќе види празен простор, малку сообраќај, широки ленти. „Ама празно беше, не очекував“ Сообраќајните судири никогаш не се случуваат кога очекуваш, по дефиниција. 

Постоењето на соодветна инфраструктура за пешаци и велосипедисти ќе ја зголеми свеста на возачите дека и тие се еднакви и општеството ги третира со еднаква почит. Со сегашнава ситуација, пораките кои возачите ги примаат се дека велосипедисти и точаци се небитни, па мислат дека секогаш се тие во право и не успоруваат да им дадат предност.

Скопје е автомобило-центричен град во секој поглед (инфраструктура, семафори, култура), а автомобило-центричните градови се градови со најмногу жртви во сообраќајот. Тоа мора да се смени! 

Штом еден возач комотно може да си паркира на пешачки и велосипедски патеки, а за нивната окупација нема никакви акции да се ослободат, општеството му праќа порака на возачот дека градот е негов, на автомобилот, дека не мора да внимава на просторот на пешаците и велосипедистите. 

Ние сакаме таа култура да се смени!
Сакаме да се воспостави еднаков третман и почит кон сите, а пред се почит кон животот. 

Одредени однесувања во сообраќајот (како пребрзото возење на пример) се од старт ризични и треба да се третираат како обид за убиство. 

Потребно е да преземеме сериозни чекори како општество за да нема толку жртви по улиците.

Многу градови и земји спроведуваат Визија Нула за нула жртви во сообраќајот. Каква визија имаш ти Скопје и Македонијо? 

Бараме надлежните да станат свесни колку насушно ни се потребни промени во пристапот, пред жртвите да станат секојдневна вест.

Уште еднаш, НаТочак изразува искрено сочувство до семејството на жртвата.

Почивај во мир детенце.

27 August, 2015

Кацигата не е задолжителна опрема за велосипедисти

Заштитниот шлем-кацига не е задолжителна опрема за велосипедисти.



За неносење на кацига при управување на велосипед според измените во Законот за безбедност не се предвидени санкции.
Предлагачот во Член 99 од предлог Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата само препорачува користење на кацига, но тоа се прави со несреќна формулација со истата терминологија која се користи за задолжителната опрема. Поточно, се користи зборот „треба“ кој не е променет и покрај нашите реакции за можноста за слободна интерпретација.
Кон крајот на 2014-та година, по реакцијата од НаТочак со коментари за предлог Законот (коментарите се достапни на линкот), предлагачот на Законот направи поместување од почетниот предлог за задолжителност на кацигата за велосипедисти со укинување на санкциите. (одговорот од МВР на линкот
Се надеваме дека точната информација ќе допре до сите и се надеваме дека во догледно време ќе се исправи терминолошката нејасностија во Законот, со соодветен израз за препорачаност, или пак, во најдобар случај, препораката ќе се избрише од Законот и ќе се смести на посоодветно место, во Правилник.

Како точно гласи членот кој се однесува на употребата на заштитен шлем - кацига:
Член 99


(1) Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четрицикл и четирицикл задолжително носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот.
(2) Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед, треба да носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот.(3) Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед ноќе и во услови на намалена видливост треба да носат рефлектирачки елек за време на возењето на патот.


(4) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска согласно ќе му се издаде, на возачот и лицата кои постапуваат спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.


(5) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот односно старателот на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член. 

До интегралниот текст од предлог-законот може да пристапите тука.
Бараме медиумите да ги коригираат содржините кои се однесуваат на Законот за безбедност, поточно на употребата на заштитен шлем-кацига за велосипедисти во согласност со актуелната состојба, со цел коректно информирање на јавноста.

НаТочак е неформална група која 3 и пол години години се бави со теми поврзани со велосипедскиот сообраќај, вклучително и безбедноста на велосипедистите. Кон нашите ставови за незадолжителна доброволна употреба на кацигата при користење на велосипедот како транспортно средство, добивме поддршка и од Европската велосипедска федерација (линк до писмото за поддршка од ECF) и од 11 македонски организации (линк до првото мислење испратено до министерствата). 

Ги повикуваме законодавните и извршните централни и локални власти да се фокусираат на мерки кои се докажани како успешни за унапредување на возењето велосипед како транспорт и за доброто и безбедноста на велосипедистите, а такви се: намалување на брзините и издвоена велосипедска инфраструктура.