Showing posts with label град Скопје. Show all posts
Showing posts with label град Скопје. Show all posts

11 January, 2017

Допис до Град Скопје за чистење на велосипедските патеки од снег

Во врска со попреченото движење (од неисчистениот снег и мраз) на велосипед во Скопје, НаТочак испрати допис до надлежните од Град Скопје.
Дописот како документ е достапен на следниот
линк, или како текст, во продолжение:


-------------------------


До
Град Скопје     

                                                                   
Почитувани,
Неформалната група НаТочак, промовираjќи ги сите предности од велосипедот како урбано секојдневно превозно средство, кое се користи 365 дена во годината, Ви се обраќа во врска со актуелните снежни врнежи во градот Скопје.

Деновиве сведоци сме дека чистењето на велосипедските патеки од снег и мраз не е воопшто предмет на работа на службите. Како и во минатото, така и оваа година, снежните врнежи, потпомогнати од инертноста на надлежните (кои не го чистат снегот од патеките) комплетно го блокираа велосипедскиот сообраќај во градов и го прават тотално небезбеден. Со блокираните и небезбедни патеки ги демотивираме и оние посветени велосипедисти на кои студот не им пречи. Наместо да имаме чисти патеки и да правиме кампањи за поголемо користење на велосипедот при ладно време, со моменталната ситуација правиме и најупорните да се откажат.

Имено, во град каде возењето велосипед се смета за сообраќај, рамноправен со останатите видови, град кој се декларира и стреми кон вело-ориентиран, град кој заговара да прерасне во ВелоГрад (а актуелно и реализира таков проект, Скопје Велоград 2017), чистењето снег на вело-патеките е подеднакво важно како и чистењето снег на коловозот.

Во прилог фотографии од неисчистени велосипедски патеки низ Скопје

_20170105_123030.JPG DSC_1903.JPG

2.JPG

DSC_1910.JPGDSC_1913.JPG
Апелираме намерата на градските власти, Скопје да стане велосипедски град, целосно да се имплементира, односно да се манифестира и преку чистење на вело патеките за непречено сообраќање на велосипедистите за време на снежни врнежи.

Дополнителен мотив треба да биде енормно загадениот воздух во зимскиот период и потребата да се поттикне незагадувачки сообраќај, создавајќи соодветни услови за тоа.

Очекуваме одговор во врска плановите на Градот по однос на ова прашање.

Со почит,
НаТочак

09 September, 2016

Став за Денот без автомобили

Честопати и преку социјалните медиуми и преку настаните кои ги организираме и поддржуваме, како и на средбите со надлежните од Град Скопје сме го истакнувале потенцијалот на еден вистински Ден без автомобили (Car Free Day) за градот.
Скопје (поточно поширокиот центар на градот) е еднаш до неколку пати годишно (ненамерно) слободен од автомобили, при одржување на Скопскиот маратон, при одредени концерти или протести. Бенефитите за градот, за оние кои умеат да ги видат, во тие денови се очигледни! Намалена бука, намалено загадување, безбедни улици за точаци, за деца, за миленици...


Денот без автомобили (оној намерниот) треба да е прослава на здравиот транспорт на целиот град!
Макар на еден ден граѓаните да пробаат како е да се живее во град со помалку активни коли на улиците. Макар на ден градот треба да дише, а луѓето да се превезуваат пеш, на точак или со јавен превоз. Денот треба да ги поттикне граѓаните да замислат поинаква стварност.
За тоа да го обезбеди градот треба да затвори клучни градски сообраќајници за автомобилски сообраќај во текот на речиси целиот ден (или барем поголем број саати). А за ваквиот потег да не наиде на негодување од страна на граѓаните, треба сите граѓани добро и навремено да се информирани за значењето на денот, неговите цели и активностите кои ги презема градот. Покрај добрата информираност за активностите кои ќе се случуваат во текот на самиот ден (улиците ослободени од коли често стануваат простор за најразлични активности организирани од градот или самоорганизирани од граѓаните), за граѓаните да дадат поддршка на еден ваков ден , важно е да бидат убедени дека градот се движи во вистинска насока на одржливост со транспортните политики. Поточно, реалната промена (во инфраструктурата) и симболичната (преку ваквите настани) мора паралелно да се случуваат.


Во Скопје Денот без автомобили се слави од 2002 година, а сè уште постојат граѓани кои не знаат што е тоа Ден без автомобили или пак на денот на самото случување негодуваат и им свират на велосипедистите поради едночасовното затворање на улици за велосипедската парада. Сметаме дека граѓаните не се доволно запознати со значењето на овој ден, но исто така и дека не се посветува доволно внимание на денот од страна на градските власти. Доколку вистински се истретира и испромовира, сигурни сме дека ќе наиде на поголема поддршка. Очекуваме во 2016-та или барем во 2017-та да го доживееме првиот вистински Ден без автомобили во Скопје. Некои градови ваков ден организираат еднаш годишно, некои секој месец, некои секој викенд... Ние сметаме дека за почеток Скопје може 1 ден од 365 без коли!
За таа цел упативме допис до надлежните од Град Скопје кој како документ го има на линкот, а како текст во продолжение:
------------------------------

 
До: Град Скопје

Почитувани,
 
Во пресрет на овогодинешниот настан Mobility Week кој ќе се одржи од 16-22 Септември 2016 би сакале да го споделиме нашиот став и барање. Сметаме дека дискусијата и анализата на проблемите во врска со урбаниот велосипедизам во Македонија се од особена важност, но време e да се преземе конкретна активност. Скопје учествуваше на овој настан за прв пат во 2002 и организира велосипедска парада години со ред, за жал без значителни резултати. И после толку години голем дел од населението не е добро информирано за одржувањето и значењето на Денот без автомобили, не е изградена свест и поддршка, можеби баш поради краткото траење на настанот (парада од 1-2 часа), недоволната промоција и сведувањето на Денот без автомобили на велосипедска парада со автомобили. Сметаме дека после 14 години учество на Скопје во Европската недела на мобилност, време е за вистински Ден без автомобили. 

По примерот на Љубљана, Лисабон, Лондон и Копенхаген од минатогодишниот Mobility Week, бараме да се одржи  Car - Free Day (Ден без автомобили) и во Скопјe. Денот без автомобили подразбира забрана за движење на автомобили во поголем дел од денот на клучни сообраќајници. Toj треба да биде промовиран како прослава на здравиот транспорт на целиот град и треба да бидат повикани сите граѓани да се приклучат со изборот на транспорт (пешачење, возење велосипед, јавен превоз) во текот на целиот ден, а не само стотици учесници на едночасовна парада после која автомобилите повторно царуваат низ цел град.

Париз, „Ден без автомобили“, Септември 2015

Улиците се јавни простори кои не постојат само за да бидат употребувани од автомобили. „Денот без автомобили“ ќе им дозволи на граѓаните да видат нова страна од својот град, а локалните власти ќе ја охрабрат употребата на одржливи модели на транспорт. Исто така, ќе ја подигнат свеста за влијанието кое изборот на транспорт го има на околината. Тој ден улиците ќе дишат.

На „Денот без автомобили“ треба да му претходи внимателно планирање и организирање, од логистички аспект, но пред сè и информирање на граѓаните што е можно порано за одржувањето и за причините на овој настан. Доколку ја прифатите оваа идеја, НаТочак ќе помогне во промоција на овој настан, мобилизирање на учесници и едуцирање на граѓаните преку медиумите со кои располагаме.

Со почит,
НаТочак

20 October, 2015

Записник од одржан состанок помеѓу претставници од Град Скопје и претставници од НаТочак

После упатените барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот до Град Скопје и другите надлежни институции, групата НаТочак беше повикана на состанок во Град Скопје, од кој произлезе следниот записник кој го изработи Град Скопје и го одобри НаТочак.
Изготвувањето и објавувањето на записници беше една од работите кои НаТочак ги побара од Градот, со цел потранспарентно информирање на јавноста, можност за нејзино вклучување со сугестии, како и подобро следење на динамиката на реализација на договорените цели.

На состанокот му беа презентирани барањата на Градоначалникот и заедно со претставниците на засегнатите сектори се дискутираа проблемите на велосипедистите и можностите за нивно решавање во Скопје. Дел од темите и проблемите се отворија и попродлабочено дискутираа на овој состанок, дел ќе останат за следните.


НаТочак покрај тоа што посочува на поединечни проблеми (опасни дупки, конкретен висок рабник или билборд на сред патека) пред се' се залага за темелно и долгорочно решавање на проблемите со соодветни закони и правилници, а потоа и посветеност на градските служби.

Во изминатите 2 години комуникација со градската администрација забележуваме напредок во разбирањето на проблемите на велосипедскиот сообраќај и очекуваме тоа да се одрази во пракса, преку квалитетна изведба на проектот Скопје вело-град, но и преку реализација на останатите барања. 
Во продолжение, записникот.


ЗАПИСНИК
од одржан состанок помеѓу Град Скопје и неформално здружение „На Точак“ во врска со унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје
Состанокот се одржа на 05.10.2015 година од 12.15 – 14.00 часот во кабинетот на Градоначалникот на Град Скопје
На состанокот присуствуваа:
•Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје
•Синиша Ивановски, Директор на ЈП Улици и патишта
•претставници од: Сектор за поддршка на Градоначалникот, Сектор за планирање и уредување на просторот, Сектор за сообраќај и Сектор за одржување и изградба на сообраќајници
•2 претставници од неформално здружение „На Точак“


Состанокот го отвори градоначалникот на Град Скопје при што им посака добредојде на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ и им се заблагодари за соработката и активностите што ги преземаат за поттикнување на користењето на велосипед.

На состанокот од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа изнесени предлози и барања за унапредување на велосипедската инфраструктура и безбедноста на велосипедистите при што беше дискутирано за:

•донесување на правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во најкраток можен рок со цел избегнување на импровизации при проектирањето

•споделување на проектниот документ за проектот „Скопје вело – град“ со цел запознавање со деталите и изнесување забелешки од страна на „На Точак“

•задолжително планирање на велосипедска инфраструктура при проширување и изградба на сообраќајниците како и обезбедување на велосипедска инфраструктура на сите изградени сообраќајници без велосипедска инфраструктура

•отстранување на сите пречки на велосипедските патеки со цел обезбедување на непречено и безбедно одвивање на велосипедскиот сообраќај

•соработка со РСБСП со цел спроведување на кампања за возење на велосипед за време на зимскиот период, паралелно комплетирање на рута 1, на почеток на зимска сезона, со цел промоцијата да се одвива на рута 1

•предвидување на велосипедска патека за одвивање на велосипедски сообраќај при времена измена на режимот на сообраќај при градба на објекти со можност за уредување во законска рамка

•при статистичка обработка на податоци да се земат предвид податоци за поседувањето и користењето на велосипед

•соработка со сообраќајната полиција

•заштита на велосипедските патеки од моторни возила со поставување на столбчиња посебно на бул. Партизански одреди

Од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа доставени и конкретни предлози и барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот во пишана форма.

Градоначалникот на Град Скопје истакна дека Град Скопје интензивно работи на унапредување на велосипедската инфраструктура и потенцираше дека во моментов се изведуваат градежни активности на рутата 1 од акциониот план односно на дел од ул. Александар Македонски, ул. Беласица и булевар Илинден за што се ангажирани три компании и дека во најкраток можен рок ќе започнат и градежни активности на бул. Гоце Делчев. 

Целта е да бидат запазени роковите дефинирани во акциониот план односно рутата бр. 1 да биде готова до крајот на оваа година. Притоа треба да се има предвид дека овој проект е започнат пред 1 година и е во развој, така што е во фаза на инволвирање на сите засегнати страни. Формирано е координативно тело кое ја  реализира и следи целата реализација на патеките, но постојат можности да се надополнува со други институции и субјекти, со цел подобрување на резултатите кон кои сме насочени.

На состанокот беа донесени следниве заклучоци по однос на предлозите и барањата:

•повторно да се консултира неформалното здружение „На Точак“ пред усвојување на правилникот за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, кој е предаден во Министерство за транспорт и врски и се чека на негово одобрување.

•да се организира состанок со неформалното здружение „На Точак“  со членови на координативното тело со цел запознавање на неформалната група „На Точак“ со проектниот документ за проектот „Скопје вело - град“ и неговите детали.

•членови на координативното тело заедно со претставници на неформалното здружение „На Точак“ заедно да возат велосипед по велосипедските патеки со цел да се согледаат проблемите на истите

•да се испрати барање од Градоначалник на Град Скопје до Директорот на државниот завод за статистика за во статистичката обработка да се земат предвид податоци за поседувањето и користењето на велосипед

•најмалку еднаш месечно координативното тело да одржува состаноци со претставници на неформалното здружение „На Точак“

•градот Скопје ќе оствари соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата за осмислување и спроведување на кампања за возење на велосипед во зимски услови

•да се продолжи со поставување на столбчиња по должина на бул. Партизански одреди со цел заштита на велосипедската и пешачката патека од нелегално паркирање на моторни возила

•да се изгради времена велосипедска патека на потегот од Мостот Гоце Делчев до ул. Филип II Македонски. (додека траат градежните работи до Стоковна Куќа Мост, н.з.)

•по донесување на измената на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање која се однесува на намалување на ширината на сообраќајните ленти која беше по барање на Град Скопје, да се пристапи кон изработка на проектна документација за воведување на велосипедски ленти на бул. Климент Охридски со цел обезбедување на простор за велосипедски сообраќај, бидејќи во новиот закон за безбедност во сообраќајот се предвидени велосипедски ленти.


Скопје, 05.10.2015

19 June, 2015

Мислење од НаТочак за проектот Скопје вело-град 2017

Денес, на 19.06.2015 НаТочак испрати мислење до Град Скопје во врска со презентираниот проект „Скопје вело-град 2017“.
Дописот е достапен на следниот линк, како и во продолжение.
Штом имаме можност да го погледнеме и акцискиот план, ќе можеме да оформиме поконкретно мислење за проектот, поточно да одговориме дали ги решава проблемите на кои посочуваме во текот на изминатите години. 

Самата идеја за посеопфатно третирање на велосипедскиот сообраќај е позитивен исчекор, кој го поздравуваме. 
--------------------------------------------------------

Предмет: Мислење на неформалната група “НаТочак” во врска со најавата на новиот капитален проект на Град Скопје, Скопје Велоград до 2017 година 
Датум​: 19 јуни 2015 година 

На 15 јуни 2015 година, Град Скопје го претстави пред јавноста својот проект за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и за зголемување на безбедноста во велосипедскиот сообраќај, насловен „Скопје Велоград 2017“. НаТочак ја поддржува секоја активност која е во насока на развој на урбаниот велосипедизам во Скопје и Македонија. Во продолжение НаТочак споделува свое мислење за промовираниот проект. 

Генерален прв впечаток е дека значително е подобрен речникот и терминологијата на надлежните кој се користи при комуницирање на активностите кои се однесуваат на урбаниот велосипедизам. Конкретно, прифаќањето дека градскиот велосипедизам не е спорт, туку секојдневно превозно средство. Навидум можеби незначајна промена, но суштински ги менува погледите на планерите на Градот. 

Потреба од јавно споделување на проектниот документ со цел детално информирање на јавноста за процесот на имплементација 

Град Скопје пред јавноста го претстави својот крупен проект преку видео проекција и извадоци од мапи на кои се прикажани рутите од вело-мрежата. Проектот визуелно делува солидно, но сметаме дека недостасуваат споделени информации околу стандардите при реализација кои ќе го следат проектот. Во таа насока, бараме од Градот, да го приложи јавно проектниот документ, доколку документот е од јавен карактер, за да се запознае јавноста со конкретните решенија. 

Така ќе се согледа дали проектот ги решава конфликтните ситуации кои досега беа посочувани како проблеми од велосипедистите. Со увидот во планот, ќе се одговорат многу прашања: кои стандарди ќе се користат при изградба, каков вид подлога ќе се користи, степенот на нивелираност на самата подлога, висина на слеаност на рабниците, сигнализација на патеки, поставување на црвените линии на премините преку коловоз, ширина на вело патеките и ред други параметри кои се основа при градење/реконструкција на велосипедска патека. 

Отсуство на методологија и статистички податоци за утврдување на резултатите од проектот 

Евидентно е и отсуството на методологија и статистички податоци за утврдување на резултатите од проектот. Според она што можевме да го добиеме како информација од сајтот на Град Скопје и подготвениот видео спот, е дека очекуваните резултати споделени во соопштението и видеото се релативно општи и тешко мерливи. Постои отсуство на конкретни бројки за очекуваните резултати, како и информации за тековната состојба во велосипедскиот сообраќај. 

Следење на напредокот на имплементацијата на проектот 

НаТочак како и досега, будно ќе го следи напредувањето на имплементацијата на презентираниот план, ќе го поздравува секое добро велосипедско решение, кое е функционално и употребливо за велосипедистите, истовремено ќе реагира на секоја воочена недоследност на терен. По континуираната двогодишна комуникација со надлежните институции и понатаму остануваме достапни и расположени за заедничка соработка со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во Скопје и развој на градот во пријателско место за велосипедистите. 

Со почит, 

Неформална група велосипедисти ­ НаТочак 

http://natochak.blogspot.com

27 August, 2013

Извештај од средбата со Град Скопје

После упатените барања за подобрување на постоечката велосипедска инфраструктура до сите скопски општини и Градот Скопје, првиот одговор го добивме од администрацијата на Град Скопје после што беше договорена средба. 

Средбата се оствари на 20.08 од 10:00 до 11:00 часот во просториите на Град Скопје каде присуствуваа претставници од На Точак и претставници од Секторот за планирање и уредување на просторот и од Одделението за спорт. За 
жал, на средбата немаше претставник од Секторот за сообраќај, но присутните ветија дека ќе им ги пренесат заклучоците на своите колеги.

На средбата подетално им ги презентиравме веќе упатените барања и целата наша заложба за промовирање на велосипедот како транспортно средство и за подобрување на условите за негово користење. 

Вработените од Град Скопје, од кои сите (помалку или повеќе) корисници на велосипедот, беа согласни дека се работи за реални проблеми со кои се соочуваат велосипедистите и за реално остварливи барања, кои ќе може постапно да се решаваат. 

Најмногу се задржаа околу првото барање: Подобрување на состојбата на постоечките велосипедски патеки кое е најдиректно во надлежност на Град Скопје и е поле на кое веќе работат со заменување на високите рабници со ниски. Ние им укажавме дека ниските рабници се во секој случај подобри од високите, но најдобро решение се рампи, и за велосипедските патеки и за пешачките кои треба да бидат пристапни и за лица во инвалидски колички. Состојбата со одржувањето на асфалтот на патеките им е јасна, но досега приоритетите биле насочени кон реконструкција на коловозите за моторен сообраќај.


Во врска со второто барање: Овозможување на континуирано движење по велосипедските патеки ни беше објаснето дека во некои случаи е невозможно да се дислоцираат веќе поставени објекти како семафори и сл. поради инфраструктурните поврзувања, но секако дека во иднина може да се планира подобро. Проблемот со автобуските постојки и судирот на велосипедскиот со пешачкиот сообраќај им е јасен и ќе мора да се пристапи кон нови сообраќајни решенија кои ќе ги издвојат овие 2 типа сообраќај, како и соодветно обележување на патеките и поставување на сообраќајни знаци кои ќе ја подигнат свеста на граѓаните за постоењето на велосипедските патеки. Проблемот со паркирани возила е во надлежност на МВР и најмногу што може да направи Град Скопје е да постави столпчиња, онаму каде што е можно, кои ќе спречат нерегуларно паркирање на возила на велосипедски и пешачки патеки, како и да го искомуницираат проблемот на повисоко ниво. 


Третото барање за Зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди, им го претставивме како задолжителен потег на сите јавни институции со кој ќе изразат поддршка кон сите вработени и посетители кои го користат велосипедот како превозно средство. Од Град Скопје рекоа дека ќе преземат иницијатива оние институции кои се во нивна надлежност (беа спомнати средните училишта како пример) да се снабдат со ваков вид паркинзи. Стана збор и за издвојување на едно до две паркинг места за автомобили на секој јавен паркинг и нивно пренаменување во паркинг места за велосипеди. Така тие места ќе добијат и соодветен надзор и заштита од крадење.


Им ги понудивме резултатите од нашите мапирања и од претходно спроведени акции (претставени и на средбата со ЈП Улици и патишта) како база за согледување на проблемите. Ветија дека ќе пратат екипи кои ќе направат увид на терен и во зависност од буџетот ќе одредат приоритети за решавање.

За дел од проблемите им доставивме позитивни примери од светот како можен начин на решавање, а за останатите проблеми стоиме на располагање за консулатација како секојдневни корисници на велосипедот како превозно средство.


Град Скопје веќе работи на некои проекти за спортски велосипедизам, но урбаниот велосипедизам, велосипедот како начин на транспорт низ градот, заклучивме дека е запоставен и долго време се нема направено ништо во Скопје на таа тема. Добивме уверување дека постоењето на ваква иницијатива сигурно ќе направи мало поместување на приоритетите. Постои волја за подобрување, но бидејќи и решенијата треба да се долгорочно применливи, не треба да очекуваме резултати веднаш.  


Може да сметаме дека Град Скопје е известен со какви проблеми се соочуваме при секојдневното сообраќање низ градот. Наше е да очекуваме конкретни мерки за нивно решавање и да реагираме секогаш кога ќе забележиме дека нешто што не е во ред, како нашиов сограѓанин (или тука). 
Со зголемено комуницирање на одредена тема, надлежните ќе сфатат дека им е важна на навистина голем број граѓани. Да продолжиме да реагираме. Велосипедот како транспортно средство треба да го добие местото во градските политики кое го заслужува .