Периодов со новиот буџет на Град Скопје се најави ново поголемо од претходно (сè уште недоволно) вложување во велосипедска инфраструктура и тоа е некаква позитивна тенденција.
Но да се креира град пријателски за велосипедисти, не значи само да се замислуваат и градат нови патеки. Тоа значи и грижа за нивно одржување, тоа значи и грижа за тоа како ќе се движат граѓаните на точак во екот на градежни работи. Животот тогаш не престанува! И не смее да престане ни движењето на точак.
Во Скопје граѓаните не можат да се ослонат на својот град дека се погрижил во секоја ситуација движењето пешки и со точак да биде возможно и безбедно. Се случува патеките ненајавено да прекинат и за тоа да дознаат дури кога ќе се појават пред дупката. Опциите се 3:
-да се симнат на коловоз каде не се заштитени
-да се враќаат назад до првата можност за скршнување...и така колку пати?!
-да прелетаат?!
Движењето низ Скопје е многу непредвидливо, неизвесно, небезбедно и тоа е една од причините зошто повеќе луѓе не пешачат и не возат точак. Колку патеки и да изградиме, ако ни се случува да излеземе и да наидеме на необезбедена ситуација (од паркирани возила, тераси на кафулиња или градежни работи), тоа страшно демотивира и не е во насока на креирање велосипедски град. Не е во насока ни на град, општо.
Ситуација пред Мост Обединети Нации деновиве. Пешаците поради прекопот се упатуваат кон коловозот каде не се заштитени и треба да се движат на коловоз на самиот мост. |
Сведоци сме дека во Скопје улиците се прекопуваат по сто пати. Прво се ископаа за велосипедски патеки, па се ископаа за топлификација, па сега се копаат за гасовод, па утре за нешто трето.
Промената на инфраструктурата е нормален дел од функционирањето и животот на еден град и разбирливо е дека ќе се случува постојано, но тоа треба да се прави максимално координирано меѓу сите институции, јавни претпријатија, фирми кои имаат надлежности за таа инфраструктура, за тешкотиите кои ги имаат граѓаните во текот на тие активности да се сведат на минимум.Овие проблеми редовно ги комуницираме веќе неколку години во рамки на Координативното тело за велосипедски сообраќај, а сме имале и Критична маса #54: Безбедни патеки за време на градба (повеќе, тука) на 24.октомври 2016 година, како и акција за „Националниот ден на немање безбедна патека при градба“ на 14.март.2018 година (повеќе, тука), како и многу други реакции на службени мејлови и на социјални мрежи за поединечни проблеми низ градот, но и презентација на можни решенија (повеќе, тука)
Периодов постојано добиваме фотографии од опасни ситуации низ градот на клучни делници и решивме ставовите претходно искажани во многу наврати сега да ги формулираме во попрецизни барања:
1. За време на градежни работи во јавен простор, ранливите учесници во сообраќајот мора да имаат обезбедени алтернативни патеки или да бидат навремено насочени кон други блиски патеки.
По потреба се одзема и од коловозот и тоа е регулирано во сите земји кои имаат регулатива за сообраќаен режим за време на градежни работи. Република Македонија досега нема.
Позитивен пример од обезбедување алтернативни патеки за пешаци и велосипедисти за време на градба со монтажни елементи |
2. Да се донесе Правилник за сообраќаен режим за време на градежни работи.
Имаме слушано за многу случаи како компаниите кои го прават ископот не поднесуваат сообраќаен проект за нов режим, или пак МВР не им го одобрува или пак поднесуваат, но не се реализира на терен. Со донесување на таков правилник, не ќе треба никој да измислува специјални проекти (туку само да прави варијации на тема), не ќе има можност МВР да одбива зашто правилата ќе бидат дефинирани, а не како што некој си замислил дека смее или не смее, па да води повеќе сметка за брзината на возилата, отколку за безбедноста на пешаците итн.
Сметаме дека во 2019-та треба да се донесе овој Правилник, а веќе во 2020-та да има ставки во буџетите и програмите на јавните претпријатија за нивно спроведување.
3. Да се усогласуваат Градот, општините, институциите, јавните претпријатија и приватните компании кои извршуваат градежни работи во јавен простор, сите поголеми интервенции да ги прават одеднаш и да ги прават во разумни рокови.
Сите тие имаат годишни програми за реализација и тајминзите треба да ги усогласат. Оние кои нема да успеат, кои на свежо реновирана патека ќе прават ископ-треба да плаќаат високи пенали.
Да, тие имаат обврска да ја вратат патеката во првобитна состојба (ни тоа не го прават, со секој ископ патеките се сè полоши) и некој ќе рече тоа е доволно, кога сакаат нека копаат, на нивен трошок ќе ја вратат во првобитна состојба, но што е со малтретирањето на граѓаните? Што е со постојаните ископи на кои наидуваме? Што е со загрозената безбедност и човечки животи? Што е со илјадниците граѓани демотивирани да возат точак и пешачат поради несигурноста на јавниот простор? Што е со калта по улиците што се вози и потоа подигнува во облик на прашина низ градот? Што е со зголемениот метеж кој го предизвикуваат прекопите? Што е со целокупното загадување и штета која ја прават? Што е со доцнењата на работа и неефикасноста на функционирањето на градот?
Тоа се огромни штети кои може да се пресметаат дури и во облик на пари, загуба која ја претрпуваме како општество на сите нивоа. А не им се дава должното внимание.
Затоа предлагаме и бараме Градот да најде начин да ја направи работата на сите фактори кои имаат надлежност над подземни и надземни инсталации покоординирана, а ако е потребно и со репресивни мерки.
4. Сите поголеми интервенции на Градот, јавните претпријатија и сите фактори кои имаат надлежност на подземни и надземни инталации предлагаме и бараме да се најавуваат на интернет на едно интегрирано место, на лесно прегледлива и разбирлива мапа.
Сите тие имаат годишни програми , па можат и треба се известат меѓу себе, а и нас граѓаните за времето кога одредени поголеми зафати се планирани. Технологиите денес се лесно достапни и практични за користење. Навремено известување преку визуелен приказ е нешто што лесно може да се спроведе доколку има волја.
5. Да се спроведува контрола на квалитетот на патеките откако ќе се завршат ископите.
Претпријатијата кои ги прават ископите најчесто после нив само го замачкуваат асфалтот (барем што се однесува до велосипедските патеки) и квалитетот со секој ископ опаѓа. Од рамни нови патеки на Партизанска и Илинденска после ископите добивме брановидни. Со тоа квалитетот на проектот Скопје велоград уназадува и иако овие патеки во реализацијата на Градот се штиклирани како изведени, реалноста е дека на некои делници тие се вратени во лоша состојба како пред реконструкцијата (зошто целиот трошок, тогаш?). Апелираме покрај планот за новите патеки да се покаже и поголема грижа за веќе изведените и да се зголемува, а не намалува нивниот квалитет.
Претпријатијата кои ги прават ископите најчесто после нив само го замачкуваат асфалтот (барем што се однесува до велосипедските патеки) и квалитетот со секој ископ опаѓа. Од рамни нови патеки на Партизанска и Илинденска после ископите добивме брановидни. Со тоа квалитетот на проектот Скопје велоград уназадува и иако овие патеки во реализацијата на Градот се штиклирани како изведени, реалноста е дека на некои делници тие се вратени во лоша состојба како пред реконструкцијата (зошто целиот трошок, тогаш?). Апелираме покрај планот за новите патеки да се покаже и поголема грижа за веќе изведените и да се зголемува, а не намалува нивниот квалитет.