25 March, 2018

Промотивни материјали за КМ #71: Кој ја мати безбедноста на велосипедистите?

[дизајн: Димитар Ристовски]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #71, на која ставаме фокус на безбедноста на велосипедистите и повикуваме на посериозен третман на овој проблем од страна на институциите. Воедно потсетуваме дека намалувањето на судирите во сообраќајот и жртвите е возможно, доколку постои волја и напор работите да се променат. Безбедноста во сообраќајот не смее да биде матно поле.

На Димитар му благодариме што ни направи дизајн за мартовската Критична маса и за оваа сериозна тема која сѐ уште „плива“ во матни води.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
Постер, верзија за веб

Facebook cover (820 x 310) 

Facebook event cover (1920 x 1080)


Twitter cover


Банер 300x250px


Банер 500x500px


Банер 980x110px

Банер 990x100px

Одговор од МВР на дописот од НаТочак

Во врска со дописот испратен на 25.12.2017 од страна на НаТочак до Министерството за внатрешни работи, во прилично краток рок, со оглед на празниците, добивме повратен одговор од МВР, испратен на 10.01.2018.

Скениран, го има во продолжение.
За жал, иако добивме официјален контакт со е-mail и телефон, оттогаш немаме добиено одговор на мејловите.
Во наредниот период НаТочак ќе се обиде повторно да стапи во контакт со доделениот контакт или со претпоставените.


Допис до МВР за проблемите на велосипедистите за кои е надлежно ова министерство

После состанокот на 10.11.2017, на 25.12.2017 НаТочак испрати допис до Министерството за внатрешни работи во кој ги сумираме работите разговарани на состанокот.

После овој допис добивме одговор од МВР достапен на линкот.
Споделуваме скенирана верзија од нашиот допис со архивски печат, како и текстуална верзија, во продолжение под скеновите.




Почитувани,

На остварениот состанок со Јасмина Ангелова, советничка на кабинетот на  Министерот за внатрешни работи, на 10 ноември 2017 година, беше договорено да испратиме допис со клучните точки за кои НаТочак сака да оствари соработка со Министерството за внатрешни работи.

Поделени во три категории, проблемите со кои се соочуваме секојдневно, а се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, се:

  1. Безбедност на велосипедисти
    • Континуирано контролирање на брзината на автомобилите и на почитувањето на сообраќајните правила
    • Контрола и санкции за сообраќање на моторни возила на рекреативната патека на кеј
    • Поголема контрола и санкции за непочитување на зоните со ограничување на брзината од 30 км/ч

  • За околу 40% од сообраќајните незгоди со потешки последици во периодот 2011-2013 година, причина била неприлагодената брзина на возилата (Министерство за внатрешни работи)
  • Во периодот од 2010 до 2016 година, во просек на годишно ниво има 9 загинати и 272 повредени велосипедисти во сообраќајот (Државен завод за статистика)

  1. Ослободување на велосипедски патеки
    • Отстранување на паркирани возила и други пречки на велосипедски ленти
    • Пракса на времено предупредување пред казнување за паркирање на велосипедска патека
    • Почитување на забраната за паркирање на велосипедските и пешачки патеки и пешачки острови и од страна на возила во сопственост на МВР
    • Преземање мерки и санкции за уништување на поставените столпчиња покрај велосипедските патеки

  • Како најчест проблем со кој се соочуваат велосипедистите се истакнати Пречките на велосипедската инфраструктура (паркирани возила) со 24,6% и Безбедноста за велосипедистот со 18,8% (Национално истражување, НаТочак, 2017 година)
  • При оценка на проблемот со паркираните возила на велосипедската патека, 67% од испитаниците дале оценка 1 или 2 од 5 каде 1 е најлошо, а 5 најдобро (Национално истражување, НаТочак, 2017 година)

  1. Безбедност на велосипеди од кражба
    • Посериозен пристап во решавање на случаите со пријавени украдени велосипеди и обезбедување на видео докази од постоечките камери за безбедност.
    • Објава на статистика за информации поврзани со велосипедизмот, како што се пријавени и разрешени украдени велосипеди, сообраќајни незгоди со детали за причини и разрешување и локација.
    • Објава на информации од јавен карактер кои се од интерес на велосипедската заедница во формат соодветен за отворени податоци.
    • Формирање на Регистар каде ќе се пријавува сопственост на велосипеди со модел и сериски број.

  • Фејсбук група „Украдени точаци“ која постои од 2012 година и има околу 6.000 членови каде речиси на дневна база се пријавуваат украдени велосипеди.

Во интерес на соработка и брза комуникација, предлагаме да се одреди официјално службено лице од ваша страна со кое ќе може да оствариме ефикасна комуникација преку имејл и телефон.

Апелираме на поголема соработка со другите институции како Град Скопје и јавните претпријатија (Улици и патишта, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Градски паркинг), Скопските општини, Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата со цел координирано подобрување и одржување на условите за велосипедски сообраќај и поголема безбедност за граѓаните.

Меѓудругото, го поздравуваме постоењето на полициска патрола на велосипеди и охрабруваме нејзино враќање во пракса.

Критични точки каде мора да се направи брза реакција заради секојдневно соочување со блокирање:
  • Велосипедска лента на бул. Климент Охридски
  • Велосипедска патека долж бул. Партизански Одреди особено онаму каде нема столпчиња
  • бул. Борис Трајковски од Кисела Вода кон Драчево
  • Министерство за правда, ул. Димирија Чуповски кај Ценар бар, поради секојдневно блокирање на пешачката патека
Во прилог испраќаме сведоштва од ситуацијата на конкретните наведени локации.

Апелираме да се посвети поголемо внимание при едукација на сообраќајните службеници за правилата и прописите за возење велосипед. Посочуваме неколку чести примери:
  • Крстосница каде покрај пешачкиот премин има црвена лента, лентата претставува велосипедски премин и  велосипедистите може да ја поминат со возење на велосипедите, а не мора да туркаат
  • Ако нема велосипедска патека, согласно законот, велосипедистите се должни да возат на коловоз најблиску до десниот раб, а не да се упатувани на пешачката патека
  • На семафори со дополнително зелено светло за вртење во десно, возачите се должни прво да ги пропуштат пешаците и велосипедистите, а потоа да поминат.


Очекуваме продуктивна соработка со Сообраќајната полиција што ќе резултира со зголемена безбедност во сообраќајот, реализирање на правото на слободно движење на пешаците и велосипедистите, заштита на животите на ранливите учесници во сообраќајот, како и намалување на кражбите на велосипеди.

Со почит, Неформална група на велосипедисти
НаТочак natochak@gmail.com

25.12.2017

14 March, 2018

Извештај од акцијата „Национален ден на немање безбедна патека при градба“


Со жив штит или тнр. „човечки столпчиња“, триесетина „славеници“ на „Националниот ден на немање безбедна патека при градба“ успешно покажавме на кој начин треба да постави и обезбеди алтернативен премин за велосипедисти и пешаци, во случај кога патеката наменета за нив е блокирана поради градежни зафати или други причини.

Акцијата, која беше најавена со објавување на настан неколку дена претходно ја започнавме во 17 часот на крстосницата на бул. Партизански Одреди со бул. 8 Септември, во близина на ГУЦ „Здравко Цветковски“ каде веќе подолго време се изведуваат градежни работи и е отворена длабока дупка пришто велосипедската патека е блокирана од страна на изведувачите. Облечени со флуересцентни елечиња и со поставување на импровизиран дрвен слеан рабник на тротоарот, создадовме безбеден премин на велосипедстите во дел од крајната коловозна лента кој го заштитивме со нашите тела испраќајќи порака до надлежните дека негативната пракса на блокирање на патеките без да се понуди алтернатива за преминување на ваквите критични места претставува дополнителен ризик во движењето на сите кои ги користат - пешаци, велосипедисти, инвалидизирани лица, родители со бебешки колички...



Спротивно на светските пракси во градовите со развиена велосипедска инфраструктура, на овој потег надлежните и покрај пријавите, подолго време немаа направено услови за пренасочување на пешачкиот и велосипедски сообраќај, на тој начин принудувајќи ги овие категории на учесници да мораат да се симнат на коловозот на крајно небезбеден начин кој сериозно ја загрозува нивната безбедност. Како реакција на најавите за акцијата преку социјалните мрежи и објавите во повеќе медиуми еден ден претходно, неколку часови пред одржување на акцијата, на местото на настанот беше поставен сообраќаен знак кој ги предупредува и пренасочува велосипедистите кон пешачката патека, како минимално решение кое е далеку од идеално и многу задоцнето. 

Половина час подоцна, акцијата ја продолживме неколку метри подолу, односно, во близина на крстосницата на бул. Илинден со бул. 8 Септември каде има ист случај на раскопување на патеката без притоа да се постави знак дека патеката е оштетена и да се пренасочат пешаците и велосипедистите на тој потег. На ова место, на истиот начин, заеднички го обезбедувавме импровизираниот премин до 18 часот, на тој начин создавајќи не само безбедно решение за велосипедистите, туку и за автомобилите кои имаа видливо предупредување пред свртувањето и беше избегната можноста да дојде до неочекувано пресретнување со велосипедист во коловозната лента во која се движат.



Целта на акцијата беше да се крене свеста за ваквата долгогодишна негативна пракса и да запре игнорирањето на безбедносните пракси и препораки при вакви случаи. Се надеваме дека надлежните ќе ја сфатат сериозно потребата да овозможат непрекинато одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, наместо да го парализираат на одредени потези секојпат кога треба да се интервенира со градежни зафати. „На Точак“ и понатаму ќе реагира на ваквите лоши примери и ќе инсистира на овозможување на максимална безбедност на сите учесници во сообраќајот, во секое време.

Во продолжение се приложени фотографии од акцијата.









12 March, 2018

Национален ден на немање безбедна патека при градба

Датум: среда, 14.03.2018
Време: 17:00 - 18:00
Локација: крстосница бул. Партизански Одреди со бул. 8-ми Септември (агол кај ГУЦ)
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Примери на безбедни патеки при градба: линк
--------------------------------------------------------------------


Во среда, 14-ти март, се слави националниот празник на немање безбедна патека при градба. 

По тој повод, ги повикуваме сите славеници: пешаци, велосипедисти, родители со детски колички, лица кои се движат со помош на колички да се собереме и заеднички да го одбележиме.

Нашата држава нема регулатива (правилници) за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, сеедно дали се работи заради изградба на објекти, заради промена на инсталации или заради дефект. 
Нема регулатива ни за насочување на автомобилскиот сообраќај во случај на градежни работи, но сепак во најголем број случаи се поставуваат барем знаци и насочувачи. Најверојатно бидејќи автомобилскиот сообраќај го сметаат за единствениот тип копнен сообраќај, за разлика од погоре набројаните (пешачки, велосипедски итн) кои веројатно ги сметаат за воздушен сообраќај.

Затоа, секогаш кога ненајавено ќе наидеме на прекопана патека преку која не може да се премине, ја имаме таа среќа да воскликнеме од изненадување. И да посакаме да имаме крилја!
Нашето движење низ градот е превозбудливо и преполно со вакви изненадувања. Нашиот град многу добро се грижи да не ни биде досадно, да мора цело време да бидеме на штрек и да ја преобмислуваме нашата патека. Да не знаеш дали да се враќаш назад до првата крстосница или да се симнуваш долу на коловоз каде се вози и со 100 на саат, изборот е навистина адреналински. Особено е интересно ако сте со некакви тркала, па треба да треснувате од рабникот врз небезбедниот коловоз, па по одминувањето на дупката да треба да се качувате горе преку висок рабник пак.

Во слава на овој голем празник, повелете на одбележување на 14-ти март на крстосницата бул. Партизански одреди - бул. 8-ми Септември, од страната на средното училиште ГУЦ.

Оваа дупка е избрана како место на славјето зашто и покрај сите пријави во последните 5 месеци да се обележи местото со соодветна сигнализација и навреме да се пренасочи велосипедскиот сообраќај, за да биде безбедно за сите, градските служби достоаја цврсто на своите заложби за Скопје адреналински вело-град исклучиво за највештите велосипедисти, а не за сите граѓани од сите генерации и можности.
Исто така, на просторот на велосипедската патека се поставуваат инсталации за некаков објект кој дополнително ќе ни го разигра движењето при свртувањето на кривината.
Едвај чекаме да си возиме слалом!

Слободно донесете и своја рачно напишана “честитка“ за овој празник.

--------------------------------------------------------------------
Планираната акција ќе изгледа отприлика вака:


Cyclists Become "Human Bollards" to Protect 2nd Ave Bike Lane from STREETFILMS on Vimeo.

Со тоа што ние нема да ја штитиме патеката од нелегално паркирање, туку ќе обезбедуваме алтернативна патека за време на градба како дел од коловозот.

Дел од елечињата ќе ги обезбедиме и ние, но доколку имате, понесете си свое флуоресцентно елече и за час престорете се во човечко столпче на еден час кое ќе ги заштити минувачките велосипедисти од моторниот сообраќај кога ќе треснуваат од рабникот во реката возила.
Ќе покажеме како треба да се обезбедуваат патеки за време на градба!
Доколку не можете да бидете столпче, а патеката на движење ви минува од овој дел од градот, слободно искористете го тајмингот 17:00-18:00 за безбедно да поминете на овој потег и да ја поздравите акцијата.