12 March, 2018

Национален ден на немање безбедна патека при градба

Датум: среда, 14.03.2018
Време: 17:00 - 18:00
Локација: крстосница бул. Партизански Одреди со бул. 8-ми Септември (агол кај ГУЦ)
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Примери на безбедни патеки при градба: линк
--------------------------------------------------------------------


Во среда, 14-ти март, се слави националниот празник на немање безбедна патека при градба. 

По тој повод, ги повикуваме сите славеници: пешаци, велосипедисти, родители со детски колички, лица кои се движат со помош на колички да се собереме и заеднички да го одбележиме.

Нашата држава нема регулатива (правилници) за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, сеедно дали се работи заради изградба на објекти, заради промена на инсталации или заради дефект. 
Нема регулатива ни за насочување на автомобилскиот сообраќај во случај на градежни работи, но сепак во најголем број случаи се поставуваат барем знаци и насочувачи. Најверојатно бидејќи автомобилскиот сообраќај го сметаат за единствениот тип копнен сообраќај, за разлика од погоре набројаните (пешачки, велосипедски итн) кои веројатно ги сметаат за воздушен сообраќај.

Затоа, секогаш кога ненајавено ќе наидеме на прекопана патека преку која не може да се премине, ја имаме таа среќа да воскликнеме од изненадување. И да посакаме да имаме крилја!
Нашето движење низ градот е превозбудливо и преполно со вакви изненадувања. Нашиот град многу добро се грижи да не ни биде досадно, да мора цело време да бидеме на штрек и да ја преобмислуваме нашата патека. Да не знаеш дали да се враќаш назад до првата крстосница или да се симнуваш долу на коловоз каде се вози и со 100 на саат, изборот е навистина адреналински. Особено е интересно ако сте со некакви тркала, па треба да треснувате од рабникот врз небезбедниот коловоз, па по одминувањето на дупката да треба да се качувате горе преку висок рабник пак.

Во слава на овој голем празник, повелете на одбележување на 14-ти март на крстосницата бул. Партизански одреди - бул. 8-ми Септември, од страната на средното училиште ГУЦ.

Оваа дупка е избрана како место на славјето зашто и покрај сите пријави во последните 5 месеци да се обележи местото со соодветна сигнализација и навреме да се пренасочи велосипедскиот сообраќај, за да биде безбедно за сите, градските служби достоаја цврсто на своите заложби за Скопје адреналински вело-град исклучиво за највештите велосипедисти, а не за сите граѓани од сите генерации и можности.
Исто така, на просторот на велосипедската патека се поставуваат инсталации за некаков објект кој дополнително ќе ни го разигра движењето при свртувањето на кривината.
Едвај чекаме да си возиме слалом!

Слободно донесете и своја рачно напишана “честитка“ за овој празник.

--------------------------------------------------------------------
Планираната акција ќе изгледа отприлика вака:


Cyclists Become "Human Bollards" to Protect 2nd Ave Bike Lane from STREETFILMS on Vimeo.

Со тоа што ние нема да ја штитиме патеката од нелегално паркирање, туку ќе обезбедуваме алтернативна патека за време на градба како дел од коловозот.

Дел од елечињата ќе ги обезбедиме и ние, но доколку имате, понесете си свое флуоресцентно елече и за час престорете се во човечко столпче на еден час кое ќе ги заштити минувачките велосипедисти од моторниот сообраќај кога ќе треснуваат од рабникот во реката возила.
Ќе покажеме како треба да се обезбедуваат патеки за време на градба!
Доколку не можете да бидете столпче, а патеката на движење ви минува од овој дел од градот, слободно искористете го тајмингот 17:00-18:00 за безбедно да поминете на овој потег и да ја поздравите акцијата. 

0 comments:

Post a Comment