18 December, 2018

Мислење во врска со Буџетот на Град Скопје за 2019

На 17.12.2018 (понеделник) во очи Седницата на Советот на Град Скопје каде беше предвидено да се дискутира Буџетот на Градот за 2019-та година, НаТочак испрати мислење во врска со буџетот. 

Мислењето повеќе ги повторува работите веќе дискутирани во повеќе наврати во рамки на Координативното тело за велосипедски сообраќај и е повеќе квалитативен осврт, отколку што дава некаква квантитативна анализа на сумите предвидени во Буџетот. 

Нацрт-буџетот не беше јавно објавен и ни беше даден на увид од страна на советник. Времето кое го имавме за разгледување беше многу кратко за да правиме подлабински анализи. 

Сепак сакавме да ја искористиме оваа прилика за да потсетиме на заложбите кои ги изразуваме во рамки на Координативното тело, и да побараме да се интервенира доколку нешто е пропуштено во планирањето на Буџетот и доколку се уште има шанса да се поправи.

Нашето мислење го испративме до членовите на Координативното тело (вработени во администрација на Град Скопје) и до претседателката на Советот, бидејќи само од неа имаше достапен e-mail на веб-страницата на Град Скопје (линк 1 и линк 2). Се надеваме дека беше проследено до останатите советници.

Следната година очекуваме нацрт-буџетот да биде навремено и јавно објавен, а во меѓувреме да се овозможи и комуникација со нашите претставници во Градскиот Совет и преку официјални канали на комуникација. Како граѓани не смееме да бидеме ставани во позиција да “бркаме“ лични контакти со советниците, туку каналите на комуникација треба да се овозможени од Градот.

Мислењето како документ го има на следниот линк и како текст во продолжение. 
----------------------

До: Совет на Град Скопје, Претседател на Совет на Град Скопје, Координативно тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје 

Предмет:
Мислење во врска со Буџетот на Град Скопје за 2019 

Почитувани, 

Знаеме дека денес ќе се гласа буџетот на Град Скопје.
Времето откако дознавме за него за наша реакција беше кратко, па затоа не би навлегувале во сумите, ги немаме доволно проучено и немаме доволно сознанија за да реагираме во тој дел и го оставаме тој дел на стручните лица и поупатените советници да го дискутираат, дали се преголеми за некои ставки или премали за други.
Во овој контекст би ја споменале само мислата на еден познат светски урбанист, Брент Тодериан дека: “Вистината за аспирациите на еден град нема да ја најдете во неговата визија, туку во неговиот буџет“. Дали повеќе ќе се вложува во автоцентрични или мултимодални улици? За колку километри ќе порасне должината на автомобилски ленти, а за колку на автобуски и велосипедски ленти?
И во тој контекст, се надеваме дека ќе успеете да издвоите што повеќе средства за одржливот транспорт: унапредување на јавниот превоз, велосипедскиот сообраќај и пешачењето и дека ќе започнеме една позитивна тенденција.
Во ова временско ограничување, од горенаведените причини нема да ги коментираме сумите, туку само неколку постоечки ставки со забелешки кои се однесуваат на квалитативна реализација на ставките, како и предлози за неколку дополнителни ставки доколку има простор. Овие работи повеќе или помалку веќе ги имаме дискутирано во рамки на Координативното тело, но ја користиме оваа прилика да ги заокружиме и да потсетиме, доколку нешто е пропуштено: 

Постоечки ставки:

1. Реконструкција на улици и булевари 
Овој буџет предвидува реконструкција, изградба и проширување на многу улици и булевари.
-Поддржуваме и бараме сите реконструкции на булевари да се прават со велосипедски патеки/ленти и секако пешачки. На секоја реконструкција да се гледа како шанса не само да се промени асфалтот на коловозот, туку и да се добие ново современо мултимодално, побезбедно решение. 
-При реконструкциите на булеварите, да се обновува асфалтот/поплочувањето и на велосипедската и пешачката патека, да се обновува и зеленилото и пешачките острови. Булевар е интегрална улица по која се одвиваат различни видови сообраќај, не само автомобилски 
-Без оглед дали Градот ќе почне да гради брз висококапацитетен јавен превоз од типот на трамвај или Bus Rapid transit system, треба да се предвидуваат специјални автобуски ленти на улиците каде минуваат повеќе автобуски линии 
-Секаде каде што немало претходно пешачки и велосипедски патеки, да се предвидат, а каде што има, а биле запоставени или користени како нелегален паркинг, да се обноват и заштитат 
-Да се применат стандардите за пристапност кон патеките/островите итн, не само кога има велосипедски патеки, туку и самите пешачки патеки да се направат пристапни заради непречено користење од лицата со попреченост, користење на детски колички итн. Не само по должина на булеварот, туку и попречно, кон пешачките премини 
-Да се направат пешачките острови побезбедни, пошироки, да се заштитат со издигнатини, со физички пречки со столпчиња итн. 
-Да се заобиколуваат автобуските постојки 
-Да се зголеми безбедноста на булеварите со стеснување на автомобилските ленти, да не се градат веќе автомобилски ленти од 3.5 метри (тие се за 90 Km/h проектна брзина, не’ чинат пари, 17 % поскапи се од лентите широки 3 метри, понебезбедни и ни го одземаат просторот за велосипеди, пешачење, зеленило) 
-Да се намалуваат на радиусите на кривините заради поголема безбедност и да се зголемуваат пешачките острови 

2. Паркинзи за велосипеди
-Да се предвидат велосипедски паркинзи за сите јавни и особено градски институции, училишта, објекти од културата и спортот, пазари, јавни простори итн. Се надеваме предвидената сум е доволна. 
-Паркинзите да бидат според прирачниците за добри и функционални паркинзи: од квалитетен материјал, со соодветен дизајн за врзување за рамот и да се поставуваат на соодветни локации.

3. Систем за изнајмување на велосипеди 
-Сметаме дека предвидената сума во буџетот е мала, но веројатно се работи за некоја почетна фаза. Она што е најважно е да се напушти стариот систем со комплицирана процедура на изнајмување и евтини велосипеди чие одржување е скапо и да се прејде кон автоматизиран систем за изнајмување, со квалитетни робустни велосипеди и вградени GPS локатори. 

4. Уредување на кејот на реката Вардар 
-Сметаме дека предвидената сума во буџетот е мала, но веројатно повторно се работи за некоја почетна фаза, изработка на проект и слично. Нашиот предлог е Градот да си постави за цел во следните неколку години целиот град да го поврзе по текот на реката Вардар. Ова ќе направи транспортен, рекреативен и туристички бум. Замислете од Сарај до Лисиче да може да се стигне со велосипед, трчање, пешачење, без прекин. Вистински велосипедски автопат. За ова да се оствари недостигаат: 
-да се уреди делот во центарот околу мостот за Панорамското тркало и околу Камениот мост кој беше прекинат последнава деценија со градежни работи и со тоа да се поврзат истокот и западот на градот 
-да се доуреди коритото на Вардар во Долно Нерези/населба Хром и со тоа врската која недостасува да се пополни. Моментално има уредена пешачко-велосипедска патека од паркот во Сарај до Хром и велосипедска патека од Карпош 4 до Лисиче, недостасува само мал дел за да биде целиот град поврзан барем по левиот брег, а во иднина и по десниот 
-да се поврзе постоечката и планираната мрежа од проектот Скопје Велоград со велосипедската патека по текот на Вардар со конектори и возливи рампи. Новите мостови да се планираат со интегрирани рампи во самиот дизајн. 

5. Субвенции за купување велосипед 
Да се формулира делот за субвенции да биде пофлексибилен. Да може да опфати и карго велосипеди и товарни колички за велосипеди, детски седишта, субвенции по пропатуван километар на велосипед. Ова се некои од идеите кои ги комунициравме минатата година со Координативното тело. Сметаме дека после толку години, оваа мерка го постигна ефектот да го промовира велосипедот како превозно средство. Сега започнаа да субвенционираат и голем дел од општините и треба Градот да премине кон специфични таргет групи во субвенционирањето кои може да се менуваат секоја година и да се прави соодветна кампања за нив. Затоа сметаме дека оваа ставка треба да добие проширена формулација и да вклучи во себе и средства за кампања (на пример: кампања за користење велосипед за превоз на товар итн.) 

Предлози за нови ставки: 

1. Бројачи за велосипеди 
-После неуспешниот обид за финансирање од страна на компании, да се разгледа можноста Градот Скопје сам да финансира бројачи за велосипеди, слично како што има бројачи за автомобили на секоја крстосница во системот раководен од ЦУКС. Пилот проектот може да опфати неколку најфреквентни позиции на патеки, а во иднина да се проширува. Податоците да се акумулираат и анализираат во Центарот за управување и контрола на сообраќајот, ЦУКС и да се користат како објективна мерка на успешноста на мерките за велосипедски сообраќај, како статистички податок за мерења, анализи, идни планови, градење на сообраќајни политики итн. 

2. Механизација 
Ако градот Скопје цели кон вело-град, да се размисли за купување на специјална механизација за израмнување на асфалтот и механизација од друг тип која е потребна на ЈП Улици и патишта за изведбата на велосипедските патеки да биде на повисоко ниво. Сведоци сме дека голем дел од новоизведените патеки се нерамни, брановидни. Имаме добиено објаснување дека тоа е така поради малата широчина на патеките особено кога има физички пречки (канделабри, семафори). Доколку постои механизација која може да го реши тој проблем, сметаме дека треба да издвојат средства да се набави. Допрва ќе се градат уште повеќе патеки и треба да бидат квалитетни. 

3. Смирување на сообраќајот 
Скопје е небезбеден град, град каде брзо и невнимателно се вози и не се почитуваат ранливите учесници во сообраќајот кои се често и жртви. На Град Скопје му треба визија за нула жртви во сообраќајот (Vision Zero) и стратегија за смирување на сообраќајот. Веројатно типовите мерки ќе бидат разработени во новиот SUMP (План за одржлива урбана мобилност), но за реализацијата на тие мерки потребно е да се издвојат средства. 

4. Мултимодалност 
Со цел подобро комбинирање на транспортот, правење на јавниот превоз подостапен, а и зголемување на привлечноста на велосипедот како превоз, со цел поголема понуда на опции и за жителите и за туристите, сметаме дека треба да се набават држачи за велосипеди на автобусите и да се обезбедат средства за нив.
Немаме информација дали во документацијата за новите автобуси се предвидени држачи за велосипеди, но доколку не се, потребно е да се издвојат средства за држачи за велосипеди за новите, како и за постојните автобуси од одредени линии. 

5. Стручна соработка 
Доколку е возможно, предлагаме во Буџетот да се предвидат средства за остварување стручна соработка со консултантски фирми од калибарот на Copenhangenize, како и да се продолжи соработката со Јан Гел (Градови за луѓе) со кој што се потпиша меморандум. Така градот би проверил дали е на правиот пат да стане велосипедски град и град за луѓе, би бил охрабрен да преземе похрабри чекори под нивно менторство и би се вброил во мапата на градови кои се трансформираат по примерот на градовите кои се сметаат за најквалитетни за живееење. 

6. Други активности предвидени со Нацрт-планот за велосипедски сообраќај 
Координативното тело за велосипедски сообраќај изготви нацрт-план за велосипедски сообраќај 2019-2021 во кој се предвидени многу активности, но се уште без акциски план, без план за тоа кој, кога и со кои средства ќе ги реализира. Имаме информации дека планот ќе биде ќе биде готов во јануари и ќе биде ставен на гласање на првата седница на Советот. Но тогаш веќе буџетот ќе биде усвоен. Затоа, сметаме дека треба да се разгледа тој план и да се има предвид при гласањето на буџетот. Некои од активностите предвидени со него веќе ги споменавме погоре. 

Со почит, 
Неформална група на велосипедисти НаТочак 
natochak@gmail.com 
17.12.2018
Скопје

22 November, 2018

Став за воведувањето “Зона 30“ во Карпош 4


Image may contain: outdoor
Објава од Општина Карпош на линкот

Општина Карпош воведува т.н. “Зона 30“ (Зона на смирен сообраќај) во Карпош 4. Одлично!
Според нас (а по примерот на Париз и други градови) секоја улица која не го идзвојува велосипедското движење во посебни патеки (а такви се само булеварите), треба да биде “Зона 30“ заради безбедно споделување на истите површини меѓу возилата и велосипедите. Додека, пак, улиците кои немаат издвоени пешачки патеки треба да бидат и “Зона 20“ зашто пешаците треба безбедно да коегзистираат со автомобилите.
Само улиците кои ги раздвојуваат трите типа движење смеат да имаат дозволени брзини од 50 km/h максимум.
Image result for paris 30 zone
Цел Париз ќе биде “Зона 30“ до крај на 2018, освен главните булевари (белите линии)
Ја поздравуваме изразената свест од Општина Карпош дека проблемот со небезбедноста е токму во прекумерната брзина. Тоа е значаен чекор напред од културата на обвинување на жртвите.
Но примерот од Општина Центар со “Зона 30“ во Дебар Маало покажува дека не е доволно само да се воведе зоната на хартија и да се постават знаци на улица. 
Потребно е улиците да се дизајнираат така што на нив нема да може да се развијат брзини поголеми од 30 km/h. Тоа е СПРОВЕДУВАЊЕ на ЗОНА 30 на дело.
Има повеќе начини да се направи тоа (со стеснување на коловозни ленти, со шикани, со издигнувања на коловозот, со мини-кружни текови) и за тоа имаме повеќе пати зборувано. Дури и неколку критични маси биле токму на таа тема. 
Потсетуваме на некои примери со инфраструктурни решенија за забавување на брзините. 
албум 1: https://goo.gl/6xjPxR
албум 2: https://goo.gl/9XHk3Q
Исто така потсетуваме на Детска Критична маса #5: ОРЦЕ НА ОРЦЕ која овој ноември баш помина низ Орце Николов, улица која ги спојува Општина Карпош и Општина Центар - Официјална фан страница и која на хартија е зона 30, а во стварност многу небезбедна.
Во насока на безбедноста, општина Карпош, како и сите други општини треба најпрво да ги ослободат пешачките површини од паркирани возила, да ги поттикнат жителите да ги користат гаражите и гаражните простори за возилата, а јавното паркирање да го решат на ниво на коловоз, а не на тротоари. 
Понатака треба да спроведат физички мерки (како од примерите погоре) за забавување на брзините. 
Само така ќе покажат дека се грижат за безбедноста на пешаците, велосипедистите, сите учесници во сообраќајот.
Останатите согледувања и барања од детската Критична маса ги има на линкот: https://natochak.blogspot.com/2018/11/5_13.html
Во насока на мерките за забавување на сообраќајот, бараме подетално да се разработи Правилникот кој ги регулира техничките средства за забавување на сообраќајот на патиштата.

13 November, 2018

Согледувањата и барањата од 5-тата Детска Критична маса „Орце на Орце“


Во саботата, на 10-ти ноември, се одржа 5-тата по ред Детска Критична маса со наслов “Орце на Орце“. Објавата на настанот ја има на линкот и во Facebook настанот, а целиот албум со фотографии, тука.
Благодарноста до сите кои помогнаа ја изразивме тука
Десетици деца и нивните родители имаа ретка можност безбедно да возат точак по улиците низ Дебар Маало и во околината.

Кога се собиравме на почетната точка и кога ги прашавме децата дали се чувствуваат безбедно секојдневно на улица, ни рекоа дека не. А кога ги прашавме дали се чувствуваат безбедно денес и тука, ни рекоа:
-Дааа!
-Зошто?
-Зашто нема коли и зашто има полиција.

Претпоставуваме не е убаво чувството да се биде одговорен градоначалник, советник, вработен во полиција или градска администрација во град во кој децата не се чувствуваат безбедно во секојдневието, во кој безбедноста во сообраќајот е последна на листата на приоритети, а активното детско движење е неважно во споредба со комоцијата на автомобилите.
Да го промениме тоа! 
Зошто општините да не ги отворат улиците барем еднаш месечно за безбедна и слободна детска игра?
Зошто да не обезбедат безбеден сообраќај, слободни тротоари и слободни велосипедски патеки за децата низ целиот град, за користење секој ден?

Во текот на возењето често запиравме на некои точки. Дискутиравме со децата за она што го гледаме во околината и ги прашувавме дали ги познаваат сообраќајните знаци и правилата во сообраќајот. Одлично ги познаваа! Многу повеќе од сите возрасни паркирани на тротоари и од службите кои исцртале “легални“ паркинг места врз јавните површини по кои овие деца треба да пешачат и да го искусуваат за првпат овој град!
Свесни ли се одговорните дека ваквата состојба во сообраќајот во која доминира автомобилот над правото на безбедно движење на луѓето, ги држи децата затворени дома и ги прави целосно зависни од родителите во движењето? А особено децата и лицата со атипичен развој, со пречки во видот, слухот и движењето, лицата кои се движат со помош на колички? И градот место сцена за толку важните прошетки за сите нив и за бебињата во бебешките колички, станува огромна кочница во детскиот развој, во движењето и социјализацијата? Скопје, тоа сакаш ли да бидеш? Град пријателски за деца или град кочница за нормален детски развој? 




На бул. Климент Охридски полицијата ни го ослободи целиот потег (сите коловозни ленти) за безбедно да поминеме. Но сакавме да ги научиме децата како треба да возат секојдневно и ги упатувавме да возат по велосипедската лента. Треба да го цениме она малку добро што го имаме. Но и да бидеме критични за да стане подобро. Родителите возеа покрај нив, по коловозната лента, зашто велосипедската лента е претесна за паралелно безбедно возење на двајца. Нашите планери и тоа треба да го имаат на ум: патеките треба да се доволно широки за да обезбедат паралелно возење на децата и нивните родители! 


Потоа ги упативме децата по велосипедската патека по бул. Партизански одреди. Овој сегмент со сите маани кои може да се најдат е еден од попристојните во градот: наспроти окупацијата со возила во остатокот од просторот, патеката по Партизанска е претежно слободна, За жал, бидејќи не постои ревносно казнување и нема комунални служби или полиција кои ќе се грижат за јавниот простор, мора да се користат столпчиња за да се спречи паркирање на возила.
Исто така, тука
има простор и за пешаци и за велосипеди и автобуската постојка е заобиколена како што треба за да не доаѓаат во конфликт велосипедистите со патниците. Редок случај. Децата баш се радуваа кога го користеа заобиколувањето
! 

Патеката ни заврши во т.н. Зона 30, зона на смирен сообраќај која постои само во одлука на општина Центар, само на хартија и на знаци, а не и со соодветни физички мерки во просторот кои ќе ја направат побезбедна, кои ќе ја смират брзината на возилата до 30 km/h, како соодветни стеснувања на лентите, издигнувања или искривувања на коловозот, мини кружни текчиња…Правилот е дека ако нема доволно простор на една улица да се издвојат велосипедски патеки/ленти, тогаш сообраќајот мора да се смири за безбедно коегзистирање со возилата. И маалските улици се за точаци. Децата во Скопје го заслужуваат тоа! 

„Јас живеам на улица која нема тротоари“ - рече Идриз Амети. 

Добивме солидарна музичка поддршка од жителите и музичарите од ул. 4-ти Јули (Сецко, Идриз, Сашко), воедно и борци за нивната улица да стане побезбедна. Нивните барања од минатата година ги има тука.

И така со музика и игра го продолживме нашето “Орце на Орце“...

Почнавме со Критична маса (орце од точачиња) и завршивме со “орце“ на улица: улични игри, ластик, народна, хулахоп, цртање со креди...


Улицата беше затворена за моторен сообраќај, но беше отворена за многу повеќе: за пешачење, возење точак, улични игри и дружење. Уживавме во улицата ослободена од возила, метеж, брмчење, бучава, барем на неколку часа. Имавме вистински и самоорганизиран Ден без автомобили. Игравме и муабетевме. Улицата на неколку часа беше отворена за луѓето! 

Децата цртаа и пишуваа цртежи по желба и пораки со креди на улица и со фломастери на хартија...


Децата сакаат повеќе велосипедски и пешачки патеки, почисто Скопје, поголема хигиена, почитување на правилата, внимавање во сообраќајот...
А ние? А вие? А надлежните? Какво детство им обезбедуваме на децата во нашиот град?

Во меѓувреме возрасните се потпишуваа на петицијата чија содржина ја има во продолжение.
------------------------------------------

Со настанот на ул. Орце Николов во саботата поврзавме две општини.
Ние, жителите на општина Центар и општина Карпош, како и нивните сограѓани од остатокот од Скопје, од овие општини бараме да се заштити човечкиот живот во сообраќајот и да се подигне квалитетот на живот на граѓаните преку исполнување на следните:


Барања

·         Да се создаде визија за општината со нови поинакви вредности, визија во која животот на ранливите е поважен од брзината на возилата и визија во која безбедноста на децата во сообраќајот е на прво место.

·         Во склад со таа визија, во сообраќајните проекти, да не се посветува внимание само на автомобилското, туку и задолжително и на пешачкото и велосипедското движење.

·         Да се обезбедат тротоари чијашто широчина не смее да падне под одреден минимум по цела должина на улиците, а ќе се тежнее и кон оптимална широчина. Улиците се пред се за движење. Останатите функции (како тераси од кафулиња) се второстепени.

·         Тротоарите, особено во коридорите околу школите, да се заштитат и со физички бариери.

·         Обележаното “легално“ паркирање на возила да се организира така што нема да го загрозува пешачкото движење.

·         Да се реши проблемот со нелегалното паркирање.

·         Да се обезбедат велосипедски патеки или ленти секаде каде што може, а онаму каде што не може, да се создадат услови за безбедно споделување на коловозот меѓу велосипедите и автомобилите .

·         Да се создадат зони 30 во вистинска смисла на зборот, не само со збор и само со знак, туку и со физички мерки:  

-со искривување на текот на коловозот (со алтернирачко, де на една де на друга страна поставување на зеленило, алтернирачки паралелен паркинг, места за контејнери итн), со шикани

-со подигнати пешачки премини
-со подигнати крстосници при вкрстување со попречни улици

·         Да се продолжи со праксата за регулирање на сообраќајот во зоните околу школите во утринските и попладневните часови од волонтери.

·         Да се возобнови сообраќајната едукација во образованието од најмала возраст и велосипедските полигони во школите.

·         Повремено (еднаш неделно, еднаш месечно) барем на неколку часа да се ослободуваат улици во општината за детски улични игри и соседска социјализација, за правилен развој на децата и за здраво живеење во заедница на сите.


*Иако општините немаат директна надлежност за некои од наведените барања, во склад со својата визија (ако ја создадат) може и треба да ги искомуницираат надлежните институции 




07 November, 2018

Детска Критична маса #5: Орце на Орце

Facebook настан: линк
Рута: линк
-------------------------------


Image may contain: bicycle

Улиците се место за луѓето. 
Автомобилите треба да се гости, а не домаќини, особено на маалските улици. 
А предност имаат децата, нивните чекори и нивната слободна игра. 

Затоа, ние од иницијативата на Детска критична маса во која сме НаТочак - NaTochak Колектив Ветерница Никулец Креатива и Едукација и Педала Ве покануваме на оваа 5-та по ред детска критична маса која ја возиме во срцето на градот и завршуваме во Дебар маало – гнездото на скопските автомобили! 

ПОЧЕТОК: 11:30 пред Центар за странски јазици и Ветерница

Затоа што на улиците не е доволно само да се стави знак за Зона 30, или знак за Зона школо или Зона на смирен сообраќај. Треба да се ослободат тротоарите од возила и некаде и да се прошират, да се воведат велосипедски ленти секаде каде што може и да се смират брзините на автомобилите, со соодветни издигнувања, искривувања на коловозот, мини кружни текчиња…
Начини има, но треба да се такви и вредностите. 
Да се стави приоритет на БЕЗБЕДНОСТА И ЗАШТИТАТА НА ДЕЦАТА.

Децата на Скопје се чини како да немаат право на безбедно движење дури ни до школите, а не па нешто повеќе. 
Овој град (тоа ги вклучува сите општини, институциите и граѓаните) се грижи да има повеќе бесплатни места за паркирање, отколку: простор за здрави навики, движење со пешачење и возење точак, имање здраво детство. 
Скопје не е град пријателски за деца, но ние тоа сакаме да стане и веќе 5-та година по ред преку одржување на детската Критична Маса и пропратни активности ја промовираме таа заложба. 

Овој петти настан е инспириран од проблемите по текот на ул.Орце Николов, низ Дебар Маало, низ Центар и Карпош, но истите проблеми се однесуваат и на многу други делови од градот: брз моторен сообраќај, окупирани тротоари, небезбедност, скратено право на движење на ранливите учесници во сообраќајот.

Со овој настан сакаме да истакнеме и оживееме 2 заборавени функции на улиците:
-улиците како место за безбедно пешачење и возење точак за сите генерации, за движење на децата, повозрасните, за детски колички
-улиците како место за социјални контакти, за безбедно среќавање, безбедно преминување, за живеење маалски…

Ќе возиме точачиња со децата на Детска Критична маса, ќе пишуваме пораки за безбедност, ќе играме улични игри и ќе се едуцираме.

Ги повикуваме сите комшии од маалото, но и од пошироко да ни се придружат во нашето „орце“ со точачиња на Орце. 

Засега резервирајте го терминот, а попрецизни информации, наскоро ;)

Агенда:


11:30 пред Центар за странски јазици и Ветерница (за оние со точачиња)

-Подготовки за Критична маса, изработка на ветерници


12:00 по предвидена рута (за оние со точачиња)
-Детска Критична Маса #5

13:00 околу „Јас и ти“ во срцето на Дебар Маало (за сите)
-едукација за проверка на точакот
-дискусија со дечињата за сообраќајот
-детски улични игри
-пишување и цртање за безбедност
-потпишување иницијатива за безбедна улица
-маалска дружба
*музичка поддршка од:
-Сецко и Идриз Амети (со неколку песни од Exic - So many loves)
-Сашо Митревски (Миллко)