12 February, 2019

Прашања и коментари за проектот за улица Орце Николов

Во врска со објавата од Општина Центар на проектот за улица Орце Николов (https://www.centar.gov.mk/?page_id=7181) и отворениот повик за коментари, испративме листа на прашања и коментари до Општина Центар на 12.февруари 2019 година

ORCE NIKOLOV

Почитувана г-а Белчева Андреевка и одговорните лица за проектот за ул.Орце Николов,

Ја поздравуваме иницијативноста на Општина Центар да биде првата општина во Скопје со велосипедска инфраструктура на улиците во своја надлежност и прва општина која спроведува Зона 30 на ваков практичен начин. 
За поздрав е велосипедската лента/патека по Орце Николов, но и конекторите кон Илинденска, во една насока на калдрмата пред општина Центар и во обратна насока на улицата Наум Наумовски-Борче.
Се надеваме дека другите општини ќе го следат примерот. 

Од прилогот кој можевме да го видиме (цртеж во основа во ситен размер) можевме да заклучиме дека:
1. Се мислело на сите категории на учесници во сообраќајот, но и на дрвјата, проектантите барале решенија, правеле компромиси и нашле решение што ги опфаќа сите и тоа е за голем поздрав.
Она што би сакале да го добиеме се само дополнителни информации кои недостигаа во презентацијата на проектот во медиумите(разбирливо) и во цртежот кој го добивме.
2. Во документот недостасуваат пресеци, димензии за широчини на коловозните ленти, проодните патеки за пешаци и велосипедските ленти. Особено се битни да се искотираат и прикажат во пресек во најтесните и најризичните делови. Се надеваме дека и нив ќе ги добиеме.
3. Бидејќи се планирани засеци во тротоарите за паркирање на возила, се поставува прашањето дали ќе се засекуваат постојните тротоари или целосно ќе се реконструираат?
4. Бидејќи во дел од опфатот, велосипедските патеки се на ниво на тротоар со пешаците, се поставува прашањето дали ќе има промени во материјализацијата на тротоарот во делот за велосипеди? 
5. Дали покрај позициите на дрвјата, водено е сметка и за други потенцијални физички пречки: бандери, улично осветлување, контејнери?
6. Каква ќе биде материјализацијата на издигнувањата на крстосниците? Апелираме на поквалитетна изведба со оглед на искуствата со “пропаѓање“ на ваквите издигнувања во Капиштец и населба Пролет. Секако, ги поздравуваме како најефикасно решение за смирување на брзината.
7. Што ќе се случува со велосипедските ленти во зоните на издигнување? Во однос на кота на движење и во однос на материјали?
8. Дали е испланирано заштитно растојание за отворање на врата од автомобил, особено во случајот кога паркирањето возила е преку велосипедската патека?
9. Иако не ни се омилени физичките пречки, факт е дека јавниот простор мора да се заштити, ако не со ревносно казнување, тогаш со физички пречки. Дали е предвидена некаква заштита од паркирање на тротоарите и на лентите?

Согледуваме и потенцијални “закани“ по спроведливоста на проектот:
1. Тераси од кафулиња и ресторани
Вака како што е направен проектот, на делот каде што велосипедската патека е на тротоарот, паралелно со пешачката, за да нема конфликт на пешаци со точаци, веројатно по цела должина тротоарот треба да биде чист. Односно по целата должина на тротоарот да нема ни едно столче и масичка од кафичи и кафани. 
Поради ова се потребни димензиите на патеките. Можеби поради ова, ќе треба да се забрани поставување на тераси по Орце Николов за проектот да се спроведе како што треба. Во спротивно сите пешаци ќе бидат на велосипедска.  
2. Паркирање на велосипедска лента
Очекувано е паркирање на велосипедска лента, во случајот кога велосипедската лента е на коловозот, особено во случаите каде треба да се паркира во засеците. Од примерот со ул. Раде Кончар (Радњанска - Боемска 2 во делот зад Архитектонски факултет), може да се увиди што не' очекува и во овој случај, освен ако не се преземат навремено мерки.
На возачите им е полесно да паркираат косо, па претпоставуваме дека и во овој случај би го правеле истото со што велосипедската лента би се претворила во паркинг. Овој ризик мора да го имаме на ум и општината да воспостави ред преку соработка со МВР или сопствени редари.

Дополнително на сите прашања, би сакале да дадеме и една мала сугестија за велосипедскиот крак пред Општина Центар, инспирирана од Копенхаген каде практикуваат елегантен пристап кога велосипеди треба да преминат преку калдрмисана површина. Не ја асфалтираат, туку со цел ем да се зачува историскиот амбиент на калдрмата, ем да се добие порамна површина за велосипедските тркала, употребуваат порамни парчиња камен.

Со почит,
НаТочак


image.png

image.png

25 December, 2018

Промотивни материјали за КМ #80: Се гледаме во 2019-та!

[дизајн: Aна Здравкова]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #80.
Голема благодарност до Ана Здравкова за дизајнот со кој затвораме еден стрип серијал, но кој има намера да има поинакви продолженија. Се гледаме во 2019-та!

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ


Постерот за КМ 80, верзија за веб

банер 500 x 500

банер 300 x 250
банер 980 x 100

банер 880 x 80

Facebook event cover

Facebook page cover

Facebook page cover















24 December, 2018

Критична маса #80: Се гледаме во 2019-та!

Датум: среда, 26.12.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: дружење во Социјален Центар Дуња
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------
„Се гледаме во 2019-та“, со нови желби, нови предизвици, со повеќе луѓе на точак на улиците!

Постерот за КМ #80


Изминатите, безмалку 12 месеци, НаТочак освен што иницираше и организациски поддржа 11 критични маси и 12-та во најава, во април предложи измени на закони и правилници за урбанистичко планирање, ги координираше и промовираше Winter Bike To Work Day настаните во февруари, Детската критична маса со Ветерница во ноември, во мај организираше заедно со НУБ „Св. Климент Охридски“ изложба на 73 постери од Критична маса... НаТочак спроведе анкета за украдени точаци во месец февруари и објави поразителни резултати, анализираше билтени на МВР за судири во кои биле вклучени велосипедисти и прати допис до Министерството со барања. Реагираше соодветно за раскопани велопатеки, исечени дрвја и неодржувани гранки, несоодветно реконструирани улици, паркирани автомобили посебно доколку беа во сопственост на институции, сообраќајни судири, правевме велоинспекции на патеките, учествувавме активно со сугестии во изготвување на новиот Нацрт план за велосипедски сообраќај на Скопје кој допрва треба да се донесе. Баравме безбедни зони околу школите и вистински Ден без автомобили. НаТочак учествуваше во експеримент за комбинирање на железнички со велосипедски сообраќај во септември, а во март направи уште еден протестен експеримент со „жив штит“ од човечки столпчиња и прослави фиктивен Национален ден на немање безбедна патека при градба. Исто така, изминатата година првпат се појави иницијатива од страна на студенти за креирање платформа за регистрирање на велосипеди - Велорегистар. Но, за жал, на Средно Водно, повторно се вратија автомобилите и забраната беше укината и заменета со платен паркинг, а Скопје доби и статус на најзагаден град во Европа. 
Од една страна се ослободуваа некои патеки од паркирани возила, но други улици при реконструкцијата остануваа автоцентрични...

Од друга страна, во светот, истата оваа година, Централ Парк на Менхетн стана перманентно зона без автомобили, Париз забрани автомобили во четири зони во центарот, секоја прва недела во месецот. 3-ти јуни беше прогласен за Светски ден на точакот од страна на ООН!

Критична маса во Скопје започна пред шест и пол години како барање да нѐ видат и слушнат нас граѓаните кои го користиме точакот како превозно средство. Затоа излеговме на улица. И КМ успеа во тоа. Она што започна како протест против лошите услови за движење со точак низ градот, прерасна во глас за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, во идеја и борба за ремоделирање на Скопје да стане поубав, плански град во кој ќе се донесуваат не брзи и неодржливи одлуки на долгогодишни проблеми, туку смислени, системски решенија за град каков што посакуваме сите, град за луѓе.

Изминатите шест и пол години, скопските велосипедисти извозеа 79 Критични маси, континуирано, без исклучок, секоја последна среда во месецот, без оглед на временските услови, општествени случувања, турбуленции, со цел да кажат што недостасува, да критикуваат и да предложуваат. Станувавме сѐ побројни, погласни и повидливи и Критична маса денес прерасна во движење кое многумина го знаат и поддржуваат, без разлика дали возат точак или не. Секој метар на новоизградена велосипедска патека, секој нов велосемафор, секое поставено столпче на тротоарите значеше една мала победа и некој велосипедист повеќе во велосемејството.

Критична маса имаше првична цел да го донесе на дневен ред велосипедскиот сообраќај. Прво и основно, да сфатат надлежните дека велосипеди не се само за спортување и рекреирање надвор од град на мала вешта група луѓе, туку пред сѐ, тип на сообраќај кој мора еднакво да се третира и за кој мора да обезбедат основни услови за да биде достапен за сите граѓани внатре во градот...(за овие почетоци имаме многу анегдоти, но во друга прилика)

Можеме да кажеме дека во овој момент велосипедскиот сообраќај е валидиран како таков од институциите и започнат е процес на обезбедување минимални услови, но конечната цел за безбеден и удобен вело-пријателски град се остварува со мноогу споро темпо. Поради тоа, НаТочак во наредната година ќе ги фокусира силите на посериозно учество во политиките кои ги носат сите релевантни институции за велосипедската инфраструктура, градењето и планирањето, безбедноста во сообраќајот, вклучувајќи ги и силите кои досега беа резервирани за организациски поддршка на Критична маса. НаТочак ќе критикува, ќе прави притисок, ќе инсистира, ќе предлага и нуди решенија за градот што побрзо, без одложувања да стане Скопје Велоград.

Иако НаТочак вложи организациски капацитети секојa Критична маса да биде специјално осмислена со важни и актуелни теми, со пропратни акции, дописи во контекст на темата, со соодветни дизајни и истражувања кои ја проследуваа, сепак Критична маса не е НаТочак. Критична маса отсекогаш била и останува на сите велосипедисти кои изминатите години давале поддршка на настанот преку присуство, преку дизајн, смислување рути, промоција на настанот, лепење постери и делење чај, на сите кои се грижеле возењето и сѐ околу него да помине во најдобар ред, сите кои возат велосипед секојдневно или барем еднаш се качиле на него. 
Поради тоа, последна среда од месецот, 17:30, Плоштад Македонија, нека остане како термин за вело-средби, сѐ додека има ентузијасти кои сакаат да се среќаваат во таков облик и да возат заедно низ улиците. Единствената промена ќе биде што од јануари, поради горенаведените причини, НаТочак нема редовно секој месец да биде организациска поддршка. 

Во меѓувреме, ве повикуваме да бидеме критична маса секој ден со тоа што ќе бидеме помасовни низ скопските улици. Да видат сите дека нѐ има. Дека ги користиме велосипедските патеки за кои сите заедно се боревме, но и да покажеме дека ни требаат нови и поквалитетни! Дека ни требаат безбедни вело паркинзи и современ систем за изнајмување велосипеди. Да пишуваме, да бараме, да продолжиме да бидеме гласни.
Заедно, ние и вие, да бидеме критична маса секој ден, секој до својата работа, факултет, кафуле, театар, до својата општина... секаде каде што одиме, да нѐ има што повеќе. Тоа беше и ќе биде вистинската критична маса која ќе го промени градот.
***
Оваа година, единаесет пати ѕвоневме заедно по скопските булевари, улици, раскрсници. Повикувавме на измени и дополнувања на законите, мултимодален транспорт, повикувавме на одговорност за безбедноста на велосипедистите, информиравме и едуциравме. Дванаесет дизајнери ни помогнаа со нивниот визуелен израз да ги пренесеме пораките кои беа во фокус на Критична маса последните 12 месеци и со нивните дела ја збогатија колекцијата со одлични постери: Сергеј Пулиос, Александра Филипоска, Димитар Ристовски, Преплет, Марко Манев, Бисера Михајловска, Ивана Јовановска, Милан Тасевски, Александар Бојковски, Лазе Трипков, Ана Здравкова и еден дизајнер кој сакаше да остане анонимен. Голема благодарност до нив.

Да ја испратиме 2018-та во среда, во 17.30 часот од Плоштад Македонија, со 12-тото возење на Критична маса оваа година и 80-тото јубилејно откако започнавме во Скопје и да прославиме после возењето со заедничко дружење во СЦ Дуња со греено вино и чај, да си посакаме убави желби во 2019-та година, но и да најавиме нови, интензивни борби, на нови фронтови. 

Се гледаме во среда, на точак!

Бидејќи е последна Критична маса од ваков тип во низа, ќе испробаме нешто ново, ќе возиме по слободна рута, онака како што возат во многу градови во светот. Веќе го имаме испробано концептот за една друга Нова година, но сега ќе пробаме пак.
Знаеме само почеток и крај, рутата ја креираме на лице место.




Не заборавајте да ги украсите точаците. 
Ѕрн–ѕрн!

Image may contain: bicycle and night

21 December, 2018

Барања во врска со прекопите на велосипедските (и пешачките) патеки

Периодов со новиот буџет на Град Скопје се најави ново поголемо од претходно (сè уште недоволно) вложување во велосипедска инфраструктура и тоа е некаква позитивна тенденција.

Но да се креира град пријателски за велосипедисти, не значи само да се замислуваат и градат нови патеки. Тоа значи и грижа за нивно одржување, тоа значи и грижа за тоа како ќе се движат граѓаните на точак во екот на градежни работи. Животот тогаш не престанува! И не смее да престане ни движењето на точак.


А граѓаните треба да можат да се ослонат на својот град, дека ќе се грижи за нивното движење, без оглед што се случува. Особено кога се движат без метален оклоп, зашто се ранливи.
Во Скопје граѓаните не можат да се ослонат на својот град дека се погрижил во секоја ситуација движењето пешки и со точак да биде возможно и безбедно. Се случува патеките ненајавено да прекинат и за тоа да дознаат дури кога ќе се појават пред дупката. Опциите се 3:
-да се симнат на коловоз каде не се заштитени
-да се враќаат назад до првата можност за скршнување...и така колку пати?!
-да прелетаат?!

Движењето низ Скопје е многу непредвидливо, неизвесно, небезбедно и тоа е една од причините зошто повеќе луѓе не пешачат и не возат точак. Колку патеки и да изградиме, ако ни се случува да излеземе и да наидеме на необезбедена ситуација (од паркирани возила, тераси на кафулиња или градежни работи), тоа страшно демотивира и не е во насока на креирање велосипедски град. Не е во насока ни на град, општо.


Ситуација пред Мост Обединети Нации деновиве. Пешаците поради прекопот се упатуваат кон коловозот каде не се заштитени и треба да се движат на коловоз на самиот мост.

Сведоци сме дека во Скопје улиците се прекопуваат по сто пати. Прво се ископаа за велосипедски патеки, па се ископаа за топлификација, па сега се копаат за гасовод, па утре за нешто трето.
Промената на инфраструктурата е нормален дел од функционирањето и животот на еден град и разбирливо е дека ќе се случува постојано, но тоа треба да се прави максимално координирано меѓу сите институции, јавни претпријатија, фирми кои имаат надлежности за таа инфраструктура, за тешкотиите кои ги имаат граѓаните во текот на тие активности да се сведат на минимум.

Овие проблеми редовно ги комуницираме веќе неколку години во рамки на Координативното тело за велосипедски сообраќај, а сме имале и Критична маса #54: Безбедни патеки за време на градба (повеќе, тука) на 24.октомври 2016 година, како и акција за „Националниот ден на немање безбедна патека при градба“ на 14.март.2018 година (повеќе, тука), како и многу други реакции на службени мејлови и на социјални мрежи за поединечни проблеми низ градот, но и презентација на можни решенија (повеќе, тука)

Пе
риодов постојано добиваме фотографии од опасни ситуации низ градот на клучни делници и решивме ставовите претходно искажани во многу наврати сега да ги формулираме во попрецизни барања:

1. За време на градежни работи во јавен простор, ранливите учесници во сообраќајот мора да имаат обезбедени алтернативни патеки или да бидат навремено насочени кон други блиски патеки. 


По потреба се одзема и од коловозот и тоа е регулирано во сите земји кои имаат регулатива за сообраќаен режим за време на градежни работи. Република Македонија досега нема. 


Image may contain: one or more people, sky and outdoor

Image may contain: one or more people, people walking, people standing and outdoor
Позитивен пример од обезбедување алтернативни патеки за пешаци и велосипедисти
 за време на градба со монтажни елементи



2. Да се донесе Правилник за сообраќаен режим за време на градежни работи


Имаме слушано за многу случаи како компаниите кои го прават ископот не поднесуваат сообраќаен проект за нов режим, или пак МВР не им го одобрува или пак поднесуваат, но не се реализира на терен. Со донесување на таков правилник, не ќе треба никој да измислува специјални проекти (туку само да прави варијации на тема), не ќе има можност МВР да одбива зашто правилата ќе бидат дефинирани, а не како што некој си замислил дека смее или не смее, па да води повеќе сметка за брзината на возилата, отколку за безбедноста на пешаците итн.

Бараме строго дефинирани правила како се спроведува сообраќај за време на градежни работи: како се штитат ранливите учесници во сообраќај, како се насочуваат, оградуваат итн, по примерот на градовите кон кои се стремиме. Не се работи за никаков специјален трошок, туку за организација. Истите монтажни елементи за пренасочување на учесниците во сообраќајот ќе се реупотребуваат стотици пати. 
Сметаме дека во 2019-та треба да се донесе овој Правилник, а веќе во 2020-та да има ставки во буџетите и програмите на јавните претпријатија за нивно спроведување.

3. Да се усогласуваат Градот, општините, институциите, јавните претпријатија и приватните компании кои извршуваат градежни работи во јавен простор, сите поголеми интервенции да ги прават одеднаш и да ги прават во разумни рокови. 

Сите тие имаат годишни програми за реализација и тајминзите треба да ги усогласат. Оние кои нема да успеат, кои на свежо реновирана патека ќе прават ископ-треба да плаќаат високи пенали.
Да, тие имаат обврска да ја вратат патеката во првобитна состојба (ни тоа не го прават, со секој ископ патеките се сè полоши) и некој ќе рече тоа е доволно, кога сакаат нека копаат, на нивен трошок ќе ја вратат во првобитна состојба, но што е со малтретирањето на граѓаните? Што е со постојаните ископи на кои наидуваме? Што е со загрозената безбедност и човечки животи? Што е со илјадниците граѓани демотивирани да возат точак и пешачат поради несигурноста на јавниот простор? Што е со калта по улиците што се вози и потоа подигнува во облик на прашина низ градот? Што е со зголемениот метеж кој го предизвикуваат прекопите? Што е со целокупното загадување и штета која ја прават? Што е со доцнењата на работа и неефикасноста на функционирањето на градот? 
Тоа се огромни штети кои може да се пресметаат дури и во облик на пари, загуба која ја претрпуваме како општество на сите нивоа. А не им се дава должното внимание.
Затоа предлагаме и бараме Градот да најде начин да ја направи работата на сите фактори кои имаат надлежност над подземни и надземни инсталации покоординирана, а ако е потребно и со репресивни мерки. 

4. Сите поголеми интервенции на Градот, јавните претпријатија и сите фактори кои имаат надлежност на подземни и надземни инталации предлагаме и бараме да се најавуваат на интернет на едно интегрирано место, на лесно прегледлива и разбирлива мапа. 

Сите тие имаат годишни програми , па можат и треба се известат меѓу себе, а и нас граѓаните за времето кога одредени поголеми зафати се планирани. Технологиите денес се лесно достапни и практични за користење. Навремено известување преку визуелен приказ е нешто што лесно може да се спроведе доколку има волја. 


5. Да се спроведува контрола на квалитетот на патеките откако ќе се завршат ископите. 

Претпријатијата кои ги прават ископите најчесто после нив само го замачкуваат асфалтот (барем што се однесува до велосипедските патеки) и квалитетот со секој ископ опаѓа. Од рамни нови патеки на Партизанска и Илинденска после ископите добивме брановидни. Со тоа квалитетот на проектот Скопје велоград уназадува и иако овие патеки во реализацијата на Градот се штиклирани како изведени, реалноста е дека на некои делници тие се вратени во лоша состојба како пред реконструкцијата (зошто целиот трошок, тогаш?). Апелираме покрај планот за новите патеки да се покаже и поголема грижа за веќе изведените и да се зголемува, а не намалува нивниот квалитет.