13 July, 2020

Сите ветуваат улици и патишта - но какви?

Ја завршивме 4.5 - месечната кампања поттикната од парламентарните избори 2020 година.
Кампањата со презентација на овие барања од албумот, но и многу повеќе (референци, примери, статистики...) ја започнавме на крајот на февруари, а партиите ги искомунициравме во средината на март.
Од тогаш поминаа 4 месеци што е
повеќе од доволно време за да ги прочитаат, прифатат, преработат барањата.



Се надеваме дека повеќето тоа го направиле, зашто тоа е минимумот кој треба да се направи во полето на велосипедскиот сообраќај и сродните полиња на државно ниво, за да може да има промени и на локално ниво.

Затоа и ги нарековме црвени линии, бидејќи е тоа минимумот од кој не отстапуваме.
Возевме и виртуелна критична маса посветена на црвените линии:

А сè уште е актуелна петицијата #МојатаЦрвенаВелоЛинија: https://www.change.org/CrvenaVeloLinija и ќ
е продолжи и после изборите.
Оваа 'програма' останува актуелна до остварување. 
Инвестирањето во улици и патишта никогаш не е неутрално.
Дури и кога не се јавно обзнанети, во нив има вградени вредности.
Дали дизајнот на оваа улица помага да бидеме поздрави и побезбедни или поболни и понебезбедни?
Дали им служи на сите граѓани, особено на послабите или само на тие во автомобили?
Дали сообраќајниот систем на државата е климатски отпорен и рамноправен или е максимално штетен за климата и нерамноправен?
Дали градот ни нуди диверзитет на транспортни опции или само една сигурна опција?
Дали маалото има јавен простор во кој уживаме да сме умерено физички активни или ни прави само пречки? 


Не престануваме да ги поставуваме овие прашања.
Улиците и патиштата не се неутрални.
Не е доволно да се тури асфалт, не е доволно да се вложат милиони во улици и патишта и тоа да е по автоматизам голема и добра инвестиција.
Какви се вредностите, какви се ефектите, какво е значењето е она што е побитно.

Благодариме на сите на поддршката и на Александра Христов за дизајнот.

Битката за побезбеден сообраќај, повеќе транспортни опции, поквалитетен живот, позелени, поздрави и порамноправни градови продолжува!








Слоганот "ЌЕ ИНВЕСТИРАМЕ ВО УЛИЦИ И ПАТИШТА" може да има различно значење…
1. ЗА БЕЗБЕДНОСТА 🚧

Ако во населените места градите улици само за коли:
-малку луѓе ќе возат точак и ќе пешачат
-кога ќе го прават тоа ќе бидат изложени на поголем ризик, повреди и смрт
-остануваме на дното на Европа по загинати во сообраќај

Ако во населените места градите мултимодални улици:
-повеќе луѓе ќе возат точак и ќе пешачат
-ќе се намали бројот на сообраќајни судири и бројот на судири со тешки последици
-ќе се спасат човечки животи

2. ЗА ЕДНАКВОСТА 👫

При ограничени средства и при веќе постоечки улици и патишта за автомобилски сообраќај:

Продолжување на приоритетот на автомобилски улици и патишта значи примарна грижа за независната мобилност само на:

-луѓето кои имаат повеќе автомобили во семејството и економска моќ постојано да ги користат
-лицата постари од 18 и помлади од 65 години
-оние кои се способни да управуваат моторно возило

 Ако приоритетот се стави на оние типови сообраќај кои се запоставени: јавен превоз (железница и автобуски превоз), велосипедски и пешачки поврзувања, тоа значи независна мобилност и поголеми можности и на:

-лицата помлади од 18 и постари од 65 години
-лицата со хендикеп
-членовите од семејствата кои имаат само 1 или немаат автомобил
-жените
-граѓаните кои сакаат да го намалат своето штетно влијание врз природата
-социјално загрозените лица

3. ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА и КЛИМАТА 🌳🌍

Со автомобилите како централно решение на превозот:
-поголем дел од почвата се запечатува со асфалт
-се уништуваат поголеми предели
-се трошат повеќе ресурси
-се влијае преку загадувањето и бучавата на живиот свет
-се засилуваат климатските промени

Со мултимодален пристап, фокус на јавен превоз и активен транспорт (пешачење и возење велосипед):
-има повеќе простор за зеленило
-се трошат помалку ресурси од природата
-се намалуваат негативните ефекти кон живиот свет
-се остваруваат климатските цели за намалени емисии на CO2

4. ЗА ЗДРАВЈЕТО ❣️

 Ако градите автоцентрична инфраструктура:
-се зголемува загадувањето кое потекнува од сообраќајот
-се зголемува бучавата
-луѓето живеат седечки начин на живот
-во пораст се кардиоваскуларни, респираторни, психосоматски и др. заболувања, како и гојазноста,
можноста за рак и дијабетес и намален е животниот век

 Ако градите мултимодални улици:
-бучавата и нејзините негативни ефекти на луѓето ќе се намалат
-луѓето ќе имаат умерена физичка активност секојдневно
-загадувањето ќе се намали
-јавното здравје ќе се подобри и ќе има заштеди во здравството
-луѓето ќе живеат подолго, поздраво, попродуктивно, посреќно

5. ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТ 😊🤸‍♀️

Ако инвестирате во улици строго за автомобили:
-луѓето ќе бираат автомобил и за кратки дистанци
-никогаш нема да има доволно паркинг и потребата само ќе расте
-јавниот простор ќе биде затрупан со автомобили и градовите неподносливи

Ако инвестирате во улици за луѓе:
-луѓето ќе имаат диверзитет на транспортни опции
-ќе пешачат и возат точак на кратки дистанци
-ќе ги доживуваат и сакаат местата каде живеат
-местата на живеење ќе станат поквалитетни, порелаксирани и поатрактивни за живот


08 May, 2020

Позитивно мислење за иницијативата “Простор анти корона“ од МЖСПП

На 22.04.2020 испративме Отворено писмо “Простор анти корона“ заедно со уште 41 организација до 23 институции во кое бараме воведување на привремени нови и проширување на старите пешачки и велосипедски површини како мерка за справување со кризата со корона-вирусот. Во меѓувреме се придружија уште десетина организации.
Повеќе за предлозите и образложенијата зошто го бараме тоа, можете да прочитате во блог-постот: http://natochak.blogspot.com/2020/04/blog-post.html


Веќе на 23.04.2020 заседавал по 33-ти пат Главниот координативен Кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID 19 при Владата на Р.С. Македонија и меѓу другото ги разгледал барањата од отвореното писмо “Простор анти корона“ по што истото го проследил на разгледување и понатамошно постапување до Министерство за транспорт и врски, Министерство за здравство, Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје со цел доставување на соодветен предлог за разгледување до Владата по доставените мерки. Одговорот од Кризниот штаб е достапен на линкот

На 30.04.2020 писмото е разгледано во Министерството за животна средина и просторно планирање по што го добиваме првиот позитивен одговор од некоја надлежна институција. Одговорот е пратен до Владата и до иницијаторите: НаТочак и Одржливи иницијативи
Писмото е достапно на линкот како pdf, на фотографијата се означени клучни извадоци, а како текст го има во продолжение.


Image

Од другите институции до кои Кризниот штаб го упатил писмото, сè уште чекаме одговор и преземање на соодветни активности.


Би сакале да го поздравиме професионалниот однос на институциите до овој момент,  поточно Кризниот штаб при Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање за ажурното разгледување на дописите, ажурното информирање и праќањето на официјалните одговори до иницијаторите.

Особено нè радува позитивниот одговор од МЖСПП и содржината на нивното мислење, со додатни податоци и аргументи во прилог на нашето барање.

Со нивна дозвола го споделуваме на блогот и на социјалните мрежи.


Прочитајте го.

-------------------------------
Министерство за животна средина и просторно планирање
Кабинет на министер
Арх. бр. 10-2291/2
Датум: 30.04.2020

До: Влада на Република Северна Македонија
Предмет: Мислење

   Во врска со Заклучокот 14 кој произлезе од триесет и третиот состанок на Главниот координативен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 23 април 2020, Министерството за животна средина го дава следното мислење од аспект на својата надлежност:
   Претходно направените анализи на уделот во емисиите и концентрациите на загадувачките супстанции во воздухот го идентификуваат сообраќајот како еден од главните избори на загадувачки супстанции во воздухот. Според Инвентарот на загадувачки супстанции за 2017 година, на национално ниво сообраќајот учествува со 30% во вкупните емисии на азотни оксиди.
Исто така, според направеното моделирање на локалното влијание на сообраќајот врз концентрациите на азотни оксиди по должината на поголемиот дел на сообраќајниците во Градот Скопје, концентрациите на азотни оксиди ја надминуваат годишната гранична вредност (40 μg/m3) во близина на сите поголеми улици и сообраќајници во градот, а сообраќајот се идентификува и како сектор кој има 20% удел во вкупните концентрации на PM10.
   Во последниот период, мерните станици од Државниот автоматски мониторинг систем забележаа намалување на концентрациите на азотни оксиди како резултат на рестрикцијата на движење на граѓаните со воведување на полицискиот час, како дел од мерките за справување со КОВИД-19. Ова е особено евидентно кај мониторинг станиците кои се поставени на пофреквентните крстосници.
   Дополнително, светските научници како и специјалниот известувач за човекови права и животна средина веќе ја утврдија тесната поврзаност на ранливоста и бројот на смртни последици од КОВИД-19 со изложеноста на населението на аерозагадувањето, така што ова позитивно влијание врз состојбата со квалитетот на воздухот не смее да се занемари и треба да се одржи како дополнителна мерка за справување со ова респираторно заболување и заштитата на здравјето на граѓаните.

   Со оглед на овие емпириски сознанија и претходните заложби на МЖСПП за промоција на пешачењето и велосипедизмот како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот, како и со оглед на искуствата и трендовите во другите европски метрополи кои воведоа слични вакви мерки на привремена алтернативна мобилност, МЖСПП ја поддржува иницијативата “Простор анти корона“.

   Следствено, МЖСПП дава позитивно мислење по доставениот предлог со итни мерки и силно препорачува единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје да обезбедат проширување на велосипедската мрежа со цел промоција на користењето велосипеди и други алтернативни методи за транспорт, односно да се обезбеди непреченото пешачење почитувајќи ги препораките за социјална дистанца.

Со почит,
МИНИСТЕР
Насер Нуредини

Изготвил: Фросина Антоновска
-----------------------------------------------------
Следни институции од кои чекаме одговор се: 
-Министерство за здравство да даде одговор дали овие мерки се во насока на заштита на јавното здравје;
-Министерство за транспорт и врски да даде насоки за реализација на вакви проекти во смисла на поедноставени процедури и во смисла на начин на означување на привремени патеки;
-Владата по насоките од Министерството за транспорт и врски да донесе акт со кој ќе ги поедностави процедурите за одобрување и спроведување на (не било какви) туку сообраќајни проекти за привремени пешачки и велосипедски патеки за справување со корона-кризата;
-ЗЕЛС, Град Скопје, скопските општини и сите општини низ државата каде можат да спроведат вакви проекти да ги спроведат привремените пешачки и велосипедски патеки. Тука под “можат“ повеќе подразбираме капацитет на јавната администрација да делува во услови на криза, додека различните просторни услови: пошироки, потесни, од еден или друг тип не се проблем. Градовите од светот веќе нудат лепеза на решенија за различен тип улици и простори;
-Министерството за внатрешни работи да се погрижи дека просторот ќе се користи онака како што е предвидено.

П.С. Би сакале и да ги информираме сите заинтересирани дека на 14. мај од страна на европската ЦИВИТАС мрежа се организира отворен вебинар на тема Привремени велосипедски ленти - промена на играта за велосипедизмот. Вебинарот е наменет да даде идеи како општините може да поддржат привремени велосипедски патеки. На вебинарот ќе зборуваат претставници од Градот Берлин, Нов Зеланд и од Европската Комисија - ГД за транспорт. Сметаме дека ова е одлична можност директно да се информираме за активностите кои светот ги спроведува токму на оваа тема.
Вебинарот е бесплатен, презентациите ќе бидат на англиски јазик и потребна е регистрација за присуство со е-пошта.
Линкот до вебинарот е следниот:
https://handshakecycling.eu/events/webinar-pop-bike-lanes-game-changer-cycling

28 April, 2020

Вонредна Критична маса #83: Одделно, а заедно. За простор за здравје!

Датум: среда, 29.04.2020
Рута: секој своја
Место:
улиците на Скопје
Време:
секој по свое, од 5:00 до 19:00

--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Отворено писмо до надлежните “ПРОСТОР АНТИ КОРОНА“: линк  

 --------------------------------------------------------------------
Facebook event cover

Facebook cover 

Масовните собирања каква што е Критична маса, разбирливо, во периодов на пандемија не се дозволени.
Но возењето точак, не само што е дозволено, туку е и препорачано за одржување на имунитетот, расположението, здравјето.
(Точакот е и најдобра алтернатива за дел од корисниците на јавниот превоз за да ги избегнат гужвите, но и на автомобилите, за да направат нешто за своето здравје.)
Затоа, дојдовме до идеја оваа последна среда сепак да ја одбележиме така што ќе поттикнеме возење точак одделно, а сепак за заедничка цел:
- Оние кои одите на работа, отидете на точак.
- Пазарењето завршете го на точак.
- Дневната минимална физичка активност направете ја на точак.
- Кликнете attending на овој настан во знак на поддршка на нашите барања за #ПросторАнтиКорона испратени заедно со уште 41 организација до надлежните институции:
http://natochak.blogspot.com/2020/04/blog-post.html

Потоа:
- Ако имате идеја, можете да ни испратите предлог за пешачки или велосипедски простор кој треба да се прошири или воведе кај што го нема.
Каде недостига простор за одржување дистанца? Кој е вашиот #ПросторАнтиКорона?
- Ако немате конкретен предлог, можете да ни испратите едноставна фотографија или видео од вашето возење во среда.

Ќе возиме ОДДЕЛНО, по различни рути, во различни делови од градот, во различни термини, но ќе креираме ЗАЕДНО поинаква Критична маса.
***
Пандемијата со Коронавирусот откри колкав простор од нашите градови сме им посветиле на автомобилите, за движење и паркирање, а сме оставиле трошки за пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, поточно за просторот кој го помага здравјето.
Прераспределбата на уличниот простор може да се направи кон подобро, не е ракетна наука, туку е прашање на политичка волја. И оваа криза е огромен тест и огромна шанса. Многу градови сериозно го сфатија моментот и воведуваат привремени и/или проширени пешачки и велосипедски патеки на сметка на коловозот.
Дали во овој период, порадо би им го дале уличниот простор на ретките автомобили да ги надминуваат брзинските ограничувања и да предизвикуваат опасност по безбедноста? Или би им го дале на жителите на соседствата да пешачат и возат точак на дистанца што е од бенефит за своето и јавното здравје?
Изборот се чини логичен.
Тука ќе видиме дали во Скопје и останатите градови има согледување колку сообраќајот влијае на јавното здравје и колку надлежните реално се грижат за јавното здравје.
Да ја израмниме и автомобилската крива преку #ПросторАнтиКорона, возможно е и пожелно е.
Си мавкаме од дистанца во среда на скопските улици!

Ѕрн - ѕрн! 

*Секој вози одговорно, со грижа за себе и за другите

*На социјалните мрежи ги користиме хаштазите: #ПросторАнтиКорона и #ПросторЗаЗдравје

22 April, 2020

Отворено писмо “Простор анти корона“

На заедничка иницијатива на НаТочак (неформално здружение за урбан велосипедизам) и Здружение на граѓани Одржливи иницијативи, како и со поддршка од 40 формални и неформални организации (наброени подолу), денес беше испратено отворено писмо со наслов “Простор анти корона“ до надлежните институции и медиумите. 
Содржината ја има во продолжение.
Поради итноста на материјата го испративме овој допис со досега потврдените организации, но листата на организации кои може да дадат поддршка е отворена.
По некоја случајност, денеска е 22 април, Ден на планетата Земја и темата за оваа година е „Акција за климата“. Климатската криза е исто така тековна криза која допрва ќе зема замав и за која овие мерки се исто така соодветни.



пример за предлог-интервенција од Милано

Примерите од другите градови низ светот можете да ги видите под хаштагот #ПросторАнтиКорона (Facebook) и #ПросторАнтиКорона (Twitter).
 
---------------------------
Отворено писмо 
“Простор анти корона“

Следејќи ја ситуација поврзана со Коронавирусот, како во земјава, така и во странство, ви се обраќаме со отворено писмо со цел да ве поттикнеме да се преземат дополнителни итни мерки кои ќе овозможат зголемено дистанцирање меѓу поединци, односно спречување на ширење на вирусот, а при тоа ќе овозможат луѓето побезбедно да се движат. 
 Во согласност последната објава за задолжително физичко растојание, сметаме дека покрај обезбедувањето физичко растојание, поттикнувањето на не-моторизираното движење (пешки и со велосипед) ќе придонесе и за:

  • намалување на загадениот воздух, кој пак е поврзан со зголемен степен на смртност на корoнавирус пациентите според студии направени во Италија и САД;
  • поради редуцираноста на јавниот превоз на кој се потпираат голем дел од граѓаните, овие интервенции ќе овозможат пристап до безбедна алтернатива за движење за луѓето кои не поседуваат автомобил, немаат возачка дозвола и не можат да си дозволат користење на такси;
  • ќе им овозможат на луѓето потребна, минимална физичка активност и излегување на воздух додека патуваат до работа и ги извршуваат нужните обврски, што е позитивно за нивниот имунитет и добра психолошка состојба.

Нашиот предлог итни мерки се состои во поттикнување на луѓето да користат велосипед или да одат пеш преку зголемување на површините за возење велосипед и за пешачење во вид на привремени велосипедски или пешачки ленти на сметка на коловозите. 
 Во ситуација на значајно редуциран автомобилски сообраќај, овие интервенции е лесно да се реализираат без никакви негативни ефекти, како што покажува евалуацијата направена во Берлин.

 Предлагаме:

  • На булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека (доколку воопшто ја има) да биде привремено наменета за пешаци. 
  • На улиците каде има доволно широк коловоз да се воведат велосипедски ленти.
  • На улиците од понизок ранг - маалските улици кои немаат воопшто тротоари, немаат доволно широки тротоари или тротоарите се користат за паркирање, да се воспостави зона 20, односно ограничување на движење од најмногу 20 км/ч со цел да се овозможи безбедно споделено користење од пешаци, велосипедисти и моторни возила на коловозот.
  • Просторот зафатен со платените паркинзи како тие на ЈП Градски Паркинг, Град Скопје, ЈП за ПУП - Прилеп и ЈП Паркинзи на Општина Центар кои се долж улиците (и на сметка на тротоарите/односно улиците) да се врати на пешаците и велосипедистите.
  • Сите општини да ги лоцираат местата каде особено се групираат граѓаните чекајќи ред (пред маркети, аптеки, банки итн.) и да го прошират пешачкиот простор на сметка на колозовот и паркирањето.

Овие наши предлози ги доставуваме поради ситуацијата на недостаток на безбеден велосипедски и пешачки простор по улиците, особено кога е потребно безбедно разминување на растојание од најмалку 1 метар според препораките (според најновите препораки од Министерство за здравство - 2 метри), на тротоари и простори кои се некаде потесни и од 1 метар, а некаде и непостоечки. Дополнително, редиците кои се создаваат пред продавниците и аптеките бараат зголемен простор за да може на безбедно растојание да се чека ред, но и да може минувачите и тие кои чекаат ред да се разминат.

Овие наши предлози се преземени од мерките кои градовите од светот ги прават. Како илустрација ќе наведеме само неколку:

  • Берлин, Германија и Будимпешта, Унгарија воспоставија привремени велосипедски ленти на сметка на автомобилските ленти.
  • Богота, Колумбија, воспостави 117 километри привремени велосипедски рути за намалување на гужвите во јавниот превоз поради корона-вирусот.
  • Британија ги поедностави процедурите за општините да можат привремено да ги затварат сообраќајниците во корист на простор за пешаци и велосипедисти.
  • Бруклин (Масачусец), САД, ја менува конфигурацијата на повеќе улици со цел да обезбеди физичко дистанцирање меѓу пешаците и се укинува паркирањето на некои улици, а некаде се одземаат цели коловозни ленти, со цел да се добие привремено проширување на тротоарите.
  • Виена, Австрија, воспостави зони 20 во маалата каде тротоарите се тесни со цел пешаците да можат безбедно да се разминуваат.
  • Милано, Италија со цел намалување на аерозагадувањето ќе трансформира 35 км од коловозите во велосипедски и пешачки патеки.
  • Монтреал, Канада прошири тротоари на сметка на организираните паркинзи за автомобили со цел да им помогне на пешаците да одржуваат растојание еден од друг.
  • Нов Зеланд ги финансира општините да спроведат нискобуџетни интервенции (со боја, жардињери и конуси) на улиците со кои ќе го зголемат просторот за пешаци и велосипеди и кои можат да се изведат во рок од неколку дена.
Светската здравствена организација исто така дава препораки за пешачење и возење велосипед со цел да се остане физички и ментално здрав како мерка против коронавирусот, конкретно СЗО генералниот директор Тедрос Адханом Геврејесус на прес конференција на 20 март кажа: "За време на ова тешко време, важно е да се внимава на вашето физичко и ментално здравје. Ова не само што ќе ви помогне долгорочно, исто така и ќе ви помогне да се борите со КОВИД-19 доколку го добиете." Оттука ГД на СЗО препорачува, меѓу другото, доколку може да излезат луѓето да пешачат, да трчаат или да возат велосипед држејќи безбедно растојание.

Како што Министерот за здравство посочува, кризата ќе трае во текот на целата оваа година. Сите споменати градови посочуваат: дури и после достигнувањето на пиковите, мерките за физичко дистанцирање ќе мора да потраат подолго време, барем во текот на наредната година додека не се пронајде вакцина или поефикасен лек.  Исто така, ќе се зголеми бројот на луѓе кои ќе страдаат од проблеми со зглобовите, од кардиоваскуларни и други здравствени проблеми поради намаленото движење во периодот на строги мерки. Затоа, колку побрзо се започне со осмислување и спроведување на вакви мерки за овозможување поголем пешачки и велосипедски простор, толку подобро за сите. Оваа криза е нашето ново нормално за минимум една година и градовите треба да покажат резилиентност и флексибилност во справувањето со неа.  
 На подолг рок се надеваме дека дел од овие мерки ќе преминат од привремени во постојани, токму поради корисноста за општото добро и здравје на граѓаните. 

Ние, велосипедистите и пешаците, стоиме на располагање за консултација и помош во однос на спроведување на овие мерки.

Од:
граѓаните (велосипедисти и пешаци)
Иницирано од:
На Точак, Скопје
Здружение на граѓани Одржливи иницијативи - Скопје
(Социјален велосипедски центар - Педала; то4ак)
Поддржано од:
Здружение на граѓани Велес Бајкинг - Велес
Гостивар НаТочак
ИНЦФ - Организација за Информација и Природа, Скопје
Неформална велосипедска група "Explore Macedonia Tour" Скопје
Форум за Авангардна Креативност - Прилеп
Екстрим бајк тим Битола
Здружение за одржлив развој СФЕРА Интернешнал, Битола
МТБ Тетова
Здружение "Велосипед-2015", Прилеп
ВелоДостава Скопје
Локална Агенција за Развој, Струга
НВО Канабис Институт Пелагонија, Прилеп
Здружение ВЕЛОЕВРОПА - Скопје
Здружение ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА, Скопје
Регионален центар за шумарство и рурален развој-РЕФОРД, Скопје
Клуб за планинарски спортови Москито 2015, Кочани
Вело група Macedonian women bike squad, Скопје
Здружение на лица со параплегија и квадриплегија Без ограничувања, Кочани
Асоцијација за Активен Туризам Експлорер - Охрид 2018
Друштво неозбилни велосипедисти, Скопје
Здружение ИРЗ Тетово
Коалиција за одржлив развој - КОР, Скопје
Здружение за друмски и планински велосипедизам ”Маседониан Бајк Рајдерс”, Скопје
Здружение за култура и уметност „Колектив Ветерница“, Скопје
Здружение на граѓани Еко Логик, Скопје
Вело Училишта
Планинарски спортски клуб СТРУГА
ПрилепНаТочак, Прилеп
ЗГ Проактива Скопје
БитолаНаТочак, Битола
ТетовоНаТочак, Тетово
ГРИН-ОРГ-КО Кочани
Здружение ИЗВОР Кратово
“Регионален центар за одржлив развој“ Кратово
СтрумицаНаТочак, Струмица
Платформа Земи здив, Битола
Младинска Асоцијација ИМКА, Битола
Здружение на граѓани Центар за европски развој и интеграција, Битола
Интерактив, Битола
Здравје пред профит во Центар, Скопје

22.04.2020

Доставено до:
Влада info@vlada.gov.mk 
Мин. за здравство contact@zdravstvo.gov.mk
Град Скопје  gradonacalnik@skopje.gov.mk, kabinet@skopje.gov.mk 
Општина Аеродром aerodrom@aerodrom.gov.mk 
Општина Бутел  gradonacalnik@opstinabutel.gov.mk 
Општина Гази Баба opstina@gazibaba.gov.mk 
Општина Ѓорче Петров kontakt@opstinagpetrov.gov.mk 
Општина Карпош  gradonacalnik@karpos.gov.mk, kontakt@karpos.gov.mk 
Општина Кисела Вода contact@kiselavoda.gov.mk 
Општина Центар  info@centar.gov.mk, gradonacalnik@centar.gov.mk 
Општина Чаир  info@cair.gov.mk 
Општина Велес  opve@veles.gov.mk 
Општина Битола  Gradonacalnik@bitola.gov.mk
Општина Прилеп  prilep@prilep.gov.mk, gradonacalnik@prilep.gov.mk
Општина Тетово  proffice@tetova.gov.mk 
Општина Струга  kryetari@struga.gov.mk, info@struga.gov.mk 
Општина Охрид  info@ohrid.com.mk 
Општина Гостивар info@gostivari.gov.mk 
Општина Кочани  info@kocani.gov.mk 
Општина Струмица info@strumica.gov.mk 
Општина Кратово  opstina_kratovo@yahoo.com, contact.kratovo@gmail.com
ЗЕЛС   contact@zels.org.mk 
РСБСП contact@rsbsp.org.mk

Медиуми

Дополнителни информации: