25 April, 2017

Критична маса #60: Мојата патека не е паркинг!

Датум: среда, 26.04.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, Парк на новинарите
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------
Facebook cover за КМ #60
Без оглед кога ќе се појави на интернет, Критична маса на улица останува во ист ден, време, па и место :) 
Се гледаме на 26-ти април, последна среда во месецот, во 17:30 на Плоштад Македонија.

Оваа Критична маса ќе ја посветиме на окупираноста на велосипедските патеки со возила, но и општо на јавните површини. Не можеме целосно да го вело-специјализираме проблемот зашто се прелева (ако пешачката патека е окупирана, пешаците ќе дојдат на велосипедска)... И зашто нашата цел за вело-пријателски град е неиздвоива од целта - град поквалитетен за живот за СИТЕ, а такво нешто не е возможно со блокирани тротоари, окупирани пешачки зони, приоди кон влезови итн. 

Проблемот со непрописното паркирање е многу голем и еден од суштинските за решавање во визијата за Скопје вело-град, Скопје - град со можности за мобилност за сите, Скопје - град со почист воздух, Скопје - град квалитетен за живот.
Досега сме му посветиле директно 2 критични маси: Критична маса 11: Велосипедските патеки на велосипедистите, Критична маса #47: Скопје не е паркинг, а индиректно и повеќе.


На овој проблем може да му се пријде од многу аспекти, критична маса крева глас, но не е доволна, ќе треба многу повеќе акција од сите нас индивидуално и во рамки на институциите.
 
Постирање на социјални мрежи помага во кревање на свеста, но не е доволно, треба да им се пријде на возачите да им се објасни, треба да им се пријде и објасни и на полицајците.
Во рамките на КМ ќе поделиме флаери кои секој од вас ќе може да ги остава на непрописно паркираните возила. Можете да направите и ваши.
 

Индивидуалната акција треба да е само почеток и поттик за Министерството за внатрешни работи да почне поажурно да ги казнува оние кои го прекршуваат законот, паркираат на необележани паркинг површини и загрозуваат нечија безбедност. И ние би сакале да функционираат работите и свеста без казни и без потреба од поставување на столпчиња насекаде, но се чини дека барем сега засега, тоа е начинот.
 

Се радуваме на сите простори на булеварите кои се ослободени за планираните корисници (пешаци и велосипедисти) после долгогодишна окупација од возила и даваме поддршка Град Скопје одлучно да продолжи со акцијата. Ќе има и отпор кон промената, но за некое време ќе почнеме да ги уживаме придобивките сите.

Треба да внимаваме зашто проблемот од булеварите може да се прелее на споредните улици (кои се во надлежност на општините), сега таму возачите да окупираат јавни површини. Затоа апелираме во решавањето на овој проблем да се вклучат и општините и особено Министерство за внатрешни работи. Се работи за безбедноста и квалитетот на живот на сите нас!

За Скопје во кое ќе се осеќаме како луѓе!
За Скопје во кое секое дете ќе може безбедно да отиде до школо по тротоар кој е слободен и неблокиран!
 
За Скопје во кое родителите ќе можат раат да ги прошетаат децата во детски колички.
За Скопје во кое секое лице во инвалидска количка или со било какви проблеми при движењето ќе може да се движи без пречки - достоинствено!
 
За Скопје во кое кога сме на точак нема да се осеќаме како граѓани од втор ред! 
За Скопје без коли на тротоари! 


Мојата патека не е паркинг!





*** Во зависност од ситуацијата, секогаш се возможни промени на рутата на лице место.
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 59 пати возеа масовно по скопските улици, на 59 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 60-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------


Промотивни материјали за КМ #60: Мојата патека не е паркинг!

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса КМ #60.


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • флаери за поставување на непрописно паркирани возила за печатење во .pdf на линкот
    (ги има во црно-бела и верзија во боја, 4 на A4, двострани)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Facebook cover:

  • Twitter cover:


  • Банери:
300 x 250

500 x 500

980 x 100

990 x 80

30 March, 2017

Пријава на возила на спортско-рекреативната патека на кејот на Вардар

После забелeжаната фотографија на off.net.mk и реакциите кои ги добивме од повеќе сограѓани велосипедисти, испративме пријава до надлежните институции во врска со несоодветно користење на патеката на кејот. Ова не е првпат да се користи патеката на кејот со моторни возила, но е првпат да забележиме толку тешко возило.
Текстот од пријавата го има во продолжение, а како документ на линкот.
----------------------------------
До:
Град Скопје
г. Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје,
Општина Аеродром
г. Ивица Коневски, Градоначалник на Општина Аеродром
Општина Карпош
г. Стевче Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош


Предмет:
Пријава на инфраструктурен проблем: Возила на спортско-рекреативната
патека на кејот на Вардар


ПРИЈАВА



Почитувани г. Трајановски, г. Коневски и г. Јакимовски,


На ден 30.03.2017 год. пријавуваме проблем поради присуство на возила на спортско-рекреативната патека на десната страна на кејот на реката Вардар.
Веќе подолго време можат да се сретнат моторни возила кои сообраќаат на патеката која е наменета за спортисти и рекреативци, а истата ја користат и луѓе кои со немоторни превозни средства се движат по неа за да ги избегнат сообраќајниците и градскиот метеж. Овие возила очигледно влегуваат на патеката бидејќи недостасуваат пречки во форма на столпчиња на влезовите на патеката.
Возилата освен што ја загрозуваат безбедноста на спортистите и рекреативците придонесуваат и на уништувањето на патеката со нивната повеќе тонска килажа.

Во прилог фотографија од камион на патеката во Аеродром (следната страна).


фотографија од off.net.mk

За нас, а веруваме и за вас како промотори на урбаниот велосипедизам, оваа појава е
неприфатлива.

Ве молиме за најитно решавање на овој проблем, за да се овозможи безбедно движење во најкраток можен временски рок.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти
НаТочак


natochak@gmail.com
30.03.2017
Скопје


*Овој документ е испратен во електронска форма до сите три општини

27 March, 2017

Промотивни материјали КМ #59: Низ град се слуша ѕвон, почитувај вело бон тон

[дизајн: Стефан Николовски]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса КМ #59 а на Стефан му благодариме што (наместо “стегнати“ велосипедисти навалени како за трка= начин на кој не се промовира велосипедот како превоз) добивме уште еден постер кој праќа порака дека точакот е нешто лесно, едноставно, секојдневно, достапно за сите без да му сугерираме околу тој дел :) Баравме само илустрација на почитување на вело бон тон :)
Ама тоа е можеби и едно исто :)

Останува и да се однесуваме со почит и уживање при користењето на точакот како превоз, како дел од градскиот живот, а не како да сме на трка ;)


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ И ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за веб:
jpg @ 720

png - 24 @ 960

  • Постер, верзија за печатење: линк (.tiff)
  • Facebook cover:
  • Twitter cover:


  • Банери:
300 x 250

500 x 500

980 x 100

990 x 80




Критична маса #59: Низ град се слуша ѕвон, почитувај вело бон тон

Датум: среда, 29.03.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, парк спроти Студентски дом Гоце Делчев
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------
• Стави си ѕвонче за да ѕвониш кога сакаш да бидеш чуен. 
• Стави си предно бело и задно црвено светло за да бидеш виден од напред и од назад од други велосипедисти, возачи и по некој пешак.
• Стави си катадиоптри на тркалата за да им одблеснува на колите од страна. 
• Стави си исправни сопирачки за да закочуваш на време.

Вака точакот ти е законски исправен ;)

За свој мерак и зголемување на корисната употреба на точакот, стави си и:
• Багажник назад, корпа напред за превоз на ствари
• Калници кои ќе те штитат од прскање од скопските вирови
• Потпирач на кој ќе го потпреш кога ќе запреш некаде без да мораш да бараш ограда, бандера и слично
• Набави си и лентичка со која ќе спречиш широките пантолони да отидат во синџирот или користи штипка ко правите господа ;)
• Дождовен мантил или водоотпорна облека со која ни дождот веќе нема да е пречка за да бидеш на точак.
Стави си и широка насмевка за да го пресретнеш скопскиот метеж. 
И биди добар примерок на велосипедскиот вид :)

• Знаеме дека нема доволно велосипедски патеки, но секогаш кога има - користи ги!
 
• Почитувај ја обележаната насока…Можеби не очекуваш да доаѓаат велосипедисти од спротива, ама ги има се повеќе и ќе им пречиш.
• Кога нема велосипедска патека вози од ДЕСНАТА страна на коловозот. Ако возиш во спротивна, возачите не те очекуваат, а можно е да се пресретнете со друг велосипедист кој си ја почитува пропишаната насока...И што да прави кога ќе се пресретнете, кој е фер да отиде накај реката возила? Се разбира тој што ја утнал насоката...
• Заѕвони им на залутаните пешаци. И за нив е нешто ново да имаме обележување на велосипедските патеки, имај трпение.
 
• Имај трпение и за луѓето кои чекаат автобус на велосипедска патека. Само заѕвони им, ќе се поттргнат. Не е нивна вина што некој порано дизајнирал местата на двете групи да се поклопуваат. За трајно решение на проблемот, потсетувај ги локалните власти да си ја довршат работата. 
• Комуницирај, комуникацијата е суштинска кога си влегол во сообраќај. Праќај сигнали кон околината секогаш кога правиш промена во движењето. 
• Пружај десна рака за вртење десно, лева рака за вртење лево. Подигни рака кога нагло застануваш. 
• Кога се разминуваш со друг велосипедист, зафати ја твојата десна страна...исто како возилата, да нема несакани лево-десно-лево-десно и бам.
• Кога претекнуваш друг велосипедист што вози во иста насока прави го тоа од левата страна.
......
......
......

Дополнете во коментари со пишани и непишани правила за возење точак кои сметате дека е добро да ги знае секој кој се решил да го користи.
 
Со доаѓањето на пролетта и подобрување на условите за возење точак се зголемува бројот на луѓето кои користат точак... 
За да го направиме возењето побезбедно и попријатно за сите, да почитуваме бон тон! 
Свесни сме дека најголемата опасност доаѓа од непочитувањето на правилата од страна на возачите, но тоа не значи дека не треба да бидеме добар пример! 

Низ град се слуша ѕвон, почитувај вело бон тон.
Се гледаме на Критична маса #59 во среда!
Ќе возиме по следнава рута:



*** Во зависност од потребите, секогаш се возможни промени на рутата на лице место.
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 58 пати возеа масовно по скопските улици, на 58 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 59-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------