10 September, 2020

Вијадуктот на Климент Охридски, улица за луѓе или автопат на смртта?

Денес, 10.09.2020, испративме краток неформален допис по mail во врска со поништувањето на тендерот за проектот за тунелите под Кале, до Град Скопје, Градоначалникот на Град Скопје и Координативното тело за велосипедски сообраќај.

Текстот од e-mail-от е во продолжение:

------------------------------ Почитувани,

Од медиумите дознавме дека е поништен тендерот за проектот за тунелите под Кале. Во интерес на време (да не се објави тендерот во меѓувреме) ви го споделуваме нашиот став во понеформален стил, а официјален допис би ви пратиле дополнително.

Сметаме дека поништувањето на тендерот е одлична шанса новиот тендер да се постави на сосем поинакви основи, со сосем поинакви барања. (под услов навистина да имаме потреба од поврзување баш на ова осетливо место и да нема подобра варијанта од таа која ја замислиле во 1964 година). Сметаме дека новото решение треба:
✅Да биде со карактер на ГРАДСКИ, а не ВОНГРАДСКИ мост.
✅Да има ленти за автомобили не пошироки од 3 метри (за 50-60km/h), наместо со автопатска широчина од 3.5 метри (за 100 km/h).
✅Да има комотни тротоари од минимум 3 метри, а не заштитно растојание за возилата од 1.5 метар.
✅Да има велосипедски патеки од 2.5 метри во двете насоки.

Или можеби да има посебен пешачко-велосипедски мост и тунел? Нека биде тоа предлог на проектантите. Но во барањата на Градот мора да стои БЕЗБЕДЕН ПРОСТОР ЗА ПЕШАЧКИ И ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ, па како ќе се обезбеди е прашање на решението.
Ако навистина е целта на новата градска админстрација (сега не толку нова) ПОВРЗУВАЊЕ НА ГРАДОТ, ќе го поврзе пред сè ЗА ЛУЃЕТО, не само за АВТОМОБИЛИТЕ.
Градот и сега е поврзан како-така за автомобили, со неколку минути задоцнување ќе стигнете секаде, ќе заобиколите, но прилично брзо ќе стигнете. НО ЗА ЛУЃЕ НЕ Е.
Оваа врска по Климент Охридски ќе биде многу, многу атрактивна за пешачење и користење точак, за скратување дистанци меѓу Чаир и Центар, сакале или не.
И ако не обезбедите специјален простор за нив, луѓето ќе го користат коловозот, ќе пречат на автомобилите, а и ќе ГИНАТ.
Со најавените димензии, овој вијадукт ќе донесе пребрз сообраќај (околу 100 km/h) до Илинденска во срцето на Градот и ќе ја загрози безбедноста и амбиентот на живеење во најстрогиот центар.
Поради сето наведено, бараме да се ревидира тендерската документација.
Град Скопје веќе би требало да работи и на новиот План за одржлива мобилност (SUMP) како основа за новиот ГУП 2022.
Зошто да се брза со проектот за автоцентрично поврзување, кога истовремено се работи на визија за одржливост? Зошто двојни стандарди? Зошто да не почекаме на насоките од тој SUMP?
Она што ќе се изгради ќе го осплужува Скопје во наредниот век.
НЕ БРЗАЈТЕ да создадете АВТОПАТ НА СМРТТА во срцето на Градот.
Ако веќе го поврзуваме Градот, да ги поврземе ЛУЃЕТО, на хуман начин.
Луѓето од Чаир и Бутел заслужуваат да бидат поврзани со центарот со патеки за луѓе (пешачки и велосипедски), не помалку од луѓето од Карпош и Аеродром! Додека вторите имаат барем по 2 велосипедски врски до Центарот, луѓето од северниот дел на градот немаат ниедна, а треба да имаат и по Цветан Димов и по Македонско-Косовска Бригада/Климент Охридски зашто се на преголемо растојание.
Зошто ги дискриминирате?
Автоцентричниот мост ќе создаде дополнителна ментална бариера и поделеност, а не поврзување на двата дела на градот. Град е ткиво што е поврзано за пешаци и велосипеди.
Ако е поврзано само со автопат, тоа се 2 различни града!
Апсолутно се согласуваме со Градоначалникот дека е подобро долго планирање отколку лош проект во секој аспект: сообраќај, одржливост, социјално поврзување.
Направете го подолго и квалитетно.
Со почит, НаТочак

Прашање и реакција во врска со реконструкцијата на ул. Македонско-Косовска бригада

Денес, 10.09.2020, испративме допис до град Скопје со прашање во врска со реконструкцијата на ул. Македонско-Косовска бригада, но и со реакција за потребата од работење на сеопфатна велосипедска мрежа на ниво на Град Скопје, како и со потсетување на потпишаниот меморандум.

Дописот како документ е достапен на следниот линк, а како текст во блог-постот во продолжение.
---------------------
До: Град Скопје, Градоначалник на Град Скопје, Сектор за планирање и уредување на просторот, Координативно тело за велосипедски сообраќај

Предмет: Прашање и реакција во врска со реконструкцијата на ул. Македонско-Косовска бригада

 

Почитувани, 

На 08.9.2020 година, Град Скопје на официјалната веб страница објави соопштение за медиуми (https://skopje.gov.mk/mk/) во кое се најавува реконструкцијата на улицата Македонско-Косовска бригада на потегот кој ги поврзува булеварот Никола Карев и улицата Втора Македонска бригада. Според соопштението, ќе се реконструираат коловозот и тротоарите во должина од 1700 метри, но не е најавена промена на решението на улицата со кое би се вовеле и велосипедски патеки/ленти. Ќе се менуваат и атмосферската и фекалната канализација, а знаеме колку е ограничувачко поставувањето на сливници за идните промени на решението. Поради тоа, сметаме дека оваа реконструкција требало да се искористи за сосем поинакво решение.

Како една од главните најавени цели што треба да се постигнат со реконструирањето на оваа улица е “подобрувањето на урбаното живеење“. За какво подобрување на урбаното живеење зборуваме ако граѓаните кои сакаат да користат точак мора да го споделуваат коловозот со возилата? 

Сакаме да напоменеме дека делницата која ќе се реконструира баш поврзува 2 улици кои имаат каква-таква велосипедска инфраструктура (бул.Никола Карев и ул.Втора Македонска Бригада), меѓу нив се наоѓа ул. Џон Кенеди на која исто така се планирани велосипедски патеки. Дополнително, улицата припаѓа на примарната мрежа и е сосем логично и таа да вклучи велосипедски патеки/ленти.




Со сегашните решенија (постоечките и најавените велосипедски патеки се означени со црвено) жителите на Чаир можат да се движат само во правецот запад-исток низ својата населба и не се поврзуваат на ниеден начин со Центар и остатокот од Градот. Граѓаните на Чаир и Бутел се директно дискриминирана во однос на своите сограѓани од Карпош и Аеродром, на пример.

На местата означени со сини линии (по текот на бул. Македонско Косовска бригада и бул.Цветан Димов) мора да се спроведат велосипедски решенија, за градот да биде поврзан и за велосипеди, не само за автомобили. Дотолку повеќе, што ни овие поврзувања не го задоволуваат препорачаниот минимум за растојание на велосипедска мрежа. Растојанието меѓу бул. Македонско-Косовска бригада е 1.3 километри.
Според тоа, тие се уште повеќе неопходни. 

Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.

Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува меѓу 400 и 500 метри, со тоа што во централни подрачја може да биде и погуста. Според Space Syntax анализи, прифатливото растојание меѓу паралелни велосипедски рути изнесува: 300 метри за централно градско подрачје, 500 метри за градската средина надвор од центарот и 1.000 метри за предградијата. 

Доколку спроведете велосипедско решение по текот на бул. Македонско Косовска бригада и на бул. Цветан Димов растојанието меѓу мрежата од бесконечно ќе го сведете на 1.3 километри, што е соодветно за ретко населени преградија, а не за густа речиси централна населба.

Поради тоа, во идните планови препорачуваме да испланирате барем уште две (означени со жолто) или оптимално 3 паралелни велосипедски рути помеѓу Македонско Косовска бригада и Цветан Димов. 

Во овој контекст, би сакале да ве потсетиме на точки 2, 3 и 4 од Меморандумот кој го потпишавме со сега градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. (цел меморандум е достапен тука:  http://natochak.blogspot.com/2017/10/blog-post_15.html )

2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа

3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост.

4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).

Оваа реконструкција се однесува на улица од примарната мрежа, се изведува во 2020-та година и заслужува попрогресивно решение од она што е најавено на медиумите.  

Поради сето набројано погоре, сметаме дека оваа улица задолжително треба да има велосипедско решение. 
Ве молиме да нè информирате дали сообраќајното решение за улицата предвидува безбедно движење на велосипеди и издвоена велосипедска инфраструктура, и ако да, од каков тип е таа.

Остануваме отворени за соработка за остварување на целите од меморандумот. 

 

Со почит,
НаТочак

10.09.2020

 

НаТочак

неформално здружение за урбан велосипедизам   

За подобро вело - Скопје

e-mail: natochak@gmail.com

blog: natochak.blogspot.com

FB: facebook.com/NaTochak

TW : twitter.com/NaTochak