25 October, 2014

Ветеруваме на точак! (час за велосипеди за најмалите + детска Критична маса)

Датумнедела, 26.10.2014
Почеток12:00, Влезот на Луна паркот (спроти паркот за кучиња во Градски Парк)
Facebook настанлинк

----------------------------------------
дизајн на банер: Ангела Маневска
Акцијата за улични средби со Ветерница ја заокружуваме онаму каде што ја почнавме, во Градскиот парк, но овој пат не доаѓаме сами туку со својот пријател велосипед, нагалено точак!

Колективот Ветерница во соработка со иницијативата НаТочак организира ДЕТСКА КРИТИЧНА МАСА со цел да ги возиме децата на точаци и да ги учиме од мали да возат.

Поводот е значењето на слободната улична детска игра која е особено загрозена од современото општество, но и последниот предлог - Закон за безбедност во сообраќајот каде се предвидуваат строги возрасни ограничувања и строга парична казна за родителите.
Веруваме дека со тоа се ускратува основното право на слободна детска игра и децата се оттуѓуваат од сопствениот град кој всушност е нивен дом, исто како и оној со покрив над главата. Со оваа иницијатива преземаме одговорност да продолжиме да ги учиме децата на вистински вредности на социјализација, чиста околина, здрав живот, па и големи предизвици за пат околу светот!
На точак велат: „Точакот не е обично превозно средство туку и вештино-учечко, социјализирачко, здраво, незагадувачко, расонувачко за на школо и сонувачко за животот“ 
Колективот Ветерница додава: „Точакот може да биде и најдобар другар ако знаеш да се грижиш за него...и исто како змејовите знае да чува тајни и исполнува желби...само ти посакај каде сакаш, веднаш ќе те однесе!“

Според истражувањата, возењето точак е индивидуална работа и зависи од способностите на детето, но повеќето деца се спремни да возат точак на 5 години, односно 3-4 години е период на развој на позначајните моторни вештини и во овој период децата можат да ги вртат педалите и да возат точак со помошни тркала, додека веќе откако ќе наполнат 5 години тие веќе имаат развиено чувство за баланс и координација и во зависност од времето кое им се посветува можат лесно да научат да возат точак без помошни тркала. Затоа Ветерница ги подржува коментарите за предлог законот за безбедност на сообраќајот на патиштата особено во делот за возрасно управување со велосипед каде се предвидува дете до 7 години смее да биде превезувано на велосипед, а дете над 10 години смее да вози велосипед на пат. 
Законот во ваква форма целосно ги исклучува од допир со велосипедот децата од 7 до 10 години. 
Исто така им оневозможува на децата до 10 години (возраст која е најсоодветна) да научат да возат велосипед. Повеќе можете да прочитате овде: http://natochak.blogspot.com/2014/10/blog-post_9.html
Предлози и коментари се добредојдени! 

А ние во меѓувреме, го користиме есенското сонце и преубавиот Градски Парк да другаруваме и ветеруваме, заедно со најмалите, на точак! 
Јавнете ги точаците и возрасните за раче :)) и се гледаме во 12:00 во недела на влезот од Луна Паркот.

Ќе учиме за деловите на точакот, како да му направиме брза проверка, ќе учиме за некои основни сообраќајни правила и знаци при возењето точак и ќе си ја извозиме првата детска Критична маса во Скопје :)
Ѕрн-ѕрн!

Со почит, 
Колектив Ветерница и НаТочак

0 comments:

Post a Comment