20 June, 2015

Паркирајќи го точакот. Неколку слики од велосипедското секојдневие.

Слика 1
Прекрасен јунски ден. Времето е сончево и дувка пријатно летно ветре. Додека возиш велосипед го вдишуваш мирисот на тукушто расцветаните липи. Одиш на закажаното кафе со пријателите, но некако не ти се брза и сакаш да уживаш во вртењето на педалите. Конечно стигнуваш пред кафулето. Друштвото е веќе собрано и сите се убаво расположени. Им мавнуваш за поздрав и им довикуваш дека веднаш ќе им се придружиш. „Само да го заврзам точакот“, им велиш. Но гледај беља, пред кафулето воопшто нема паркинг за велосипеди. Почнуваш да се туфкаш и да разгледуваш наоколу. Мора да најдеш некое соодветно место каде што би го врзал точакот. Пробуваш да го врзеш за блиската канделабра, но широка е, ланецот ти е краток. Се врткаш уште неколку минути слушајќи го веселиот џагор од кафулето. Во меѓувреме твоето друштво прекрасно си поминува, а ти го пропушташ сето тоа. Пробуваш да го заврзеш точакот за едно дрво отспротива, но повторно не ти успева. Веќе си нервозен бидејќи поминале петнаесетина минути и кафето веќе се изладило. Мораш да го избуткаш едно педесетина метри оттаму и да го заврзеш на еден сообраќаен знак. Со видно расипано расположение конечно седнуваш во кафулето и сркнуваш од ладното еспресо. Веќе ниту смеата на твоите пријатели не може да те развесели...
Слика 2
Денес те чека важна работа. Мора да извадиш цел куп документи и потврди од Министерството. Знаеш дека пред тебе е долг ден. Ќе изгубиш многу време пред шалтерите, но не е важно, битно да завршиш работа. Зеде дури и слободен ден од работа. Сега иташ на својот велосипед среќен што така ќе го избегнеш сообраќајниот метеж. Времето е многу топло, но барем тебе ти е пријатно додека другите се варат во своите автомобили. Стигнуваш пред Министерството. Има некаков паркинг за велосипеди, но не е соодветен: на него можеш да врзеш единствено едно тркало. Неволја, си помислуваш, точакот ми е нов, го купив пред неколку недели и воопшто не беше евтин. Не е безбедно да го оставам врзан само за тркалото, си велиш. Но работата мора да се заврши. Потоа воопшто не се изненадуваш кога службеничката на шалтерот во лице ти ги фрла документите и те праќа на друг шалтер, бидејќи умот ти е кај точакот. Не ни трепнуваш кога нејзината колешка со викање ти вели дека ти фалат уште неколку изводи зашто ти во тој момент се прашуваш дали ќе треба пеш да се враќаш дома. На крајот дури чувствуваш среќа и олеснување кога нивната шефица ти соопштува дека не можеш да завршиш работа и дека треба да се вратиш за три недели. Се стрчуваш низ долгите ходници на Министерството кон излезот и „паркингот“...

Слика 3
Излегуваш од салата по натпреварот. Лут си, но тоа не е чудно: твојот тим загуби. Кога доаѓаше го врза точакот за оградата пред салата, исто како и стотина други луѓе бидејќи, едноставно, немаше каде на друго место. Но сега гледаш дека врз твојот точак има врзано друг и ти не можеш да го извлечеш својот и да си појдеш дома. Заробен си додека не дојде неговиот сопственик. Твојата лутина уште повеќе се зголемува. Нервозно се вртиш наоколу додека останатите навивачи си ги земаат точаците и си одат. На крајот остануваат само твојот и натрапникот. Од лутина ти врие во главата. На секои десет секунди погледнуваш во часовникот. Сите веќе си заминаа. Почна да помислуваш да го оставиш точакот и да си заминеш. Одеднаш здогледуваш еден човек кој се приближува кон тебе. Тој се движи бавно, со безгрижен чекор. Рацете му се во џебовите додека си ја свирка мелодијата која највеќе ја мразиш. На себе има маица од противничкиот тим...


Кога конечно некако ќе успееме да стигнеме до нашата посакувана дестинација речиси секогаш се среќаваме со проблемот: „Каде ли сега да паркирам?“. Паркинзи за велосипеди скоро и да нема, а онаму каде што ги има се несоодветни... Затоа сме приморани постојано да се снаоѓаме и да импровизираме. Дрвја, огради, сообраќајни знаци, бандери... сето ова ни служи како паркинг. Можноста да паркираме секаде е и предност, но често, паркирајќи си го велосипедот на тој начин, и самите им пречиме на останатите. Така, нам ни се лутат пешаците бидејќи им го блокираме патот.

Порано паркинзите за велосипеди стандардно се изработувале така што за нив да можете да врзете само едно тркало. Токму вакви се најголемиот дел од паркинзите во Скопје (оние малку кои сепак постојат). Нивниот дизајн е непрактичен. Точаците врзани за нив се небезбедни, а да не говориме за тоа дека често настануваат и оштетувања на тркалата. Плус мора да се наведнете, што не е секогаш пријатно. Самото заклучување на точакот на нив е тешко, често едвај дофатно, ако се наместени покрај ѕид и посебно навечер. Прописните паркинзи треба да се високи, а велосипедот да се врзува за рамката. Само го потпирате, без клекнување, го врзувате за рамот и чао. Многу полесно за користење. Денешните тркала се вадат со еден потег за помалку од минута и затоа врзувањето за рамот е многу побезбедно.

Точакот веќе на многумина ни е основно превозно средство. Со него одиме на работа, на кафе, да пазаруваме, на натпревар, во музеј... Затоа е исклучително важно да постојат соодветни места каде што ќе можеме да го оставиме и да не се грижиме за неговата безбедност. Токму јавните институции треба да го предводат овој процес. Министерствата, театрите, музеите треба да покажат дека се отворени за велосипедистите и дека сакаат поубав и почист град. Нивниот позитивен пример несомнено ќе го следат и приватните компании. Кафулињата, рестораните, продавниците и трговските центри ќе добијат многу доколку имаат саглам паркинзи за велосипеди. Нивните посетители и муштерии ќе бидат среќни и поопуштeни и ќе го разнесат добриот глас наоколу. Со насмевка ќе го испијат најубавото кафе во животот под сенката на скопските липи кои мирисаат прекрасно во јуни...

Критична маса #38: Саглам паркинг - раат кафе

1 comments:

Gonca Pilicheva said...

<3

Post a Comment