Showing posts with label избори. Show all posts
Showing posts with label избори. Show all posts

17 October, 2022

Што вети твојот градоначалник?

🚲 Што вети твојот градоначалник?
Помина точно една година од локалните избори кога Град Скопје и 10-те скопски општини добија нови градоначалници.
Во нивните изборни програми некои од нив ветуваа многу подобрувања, а некои не ветија ништо на тема вело-инфраструктура или про-велосипедски политики.
За секој од нив ги извадивме изборните ветувања поврзани со велосипеди, на вас е да кажете дали и колку од нив се сработени во првата година.
Скопје #НаТочак 👍 или 😡
  • Facebook албум со ветувањата на актуелните скопски градоначалници на следниот линк.
  • За потсетување: Блог-пост со 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025, посистематичен приод кон проблематиката направен од страна на НаТочак во очи локалните избори 2021, на следниот линк.

Што ни вети градоначалникот?
Тимчо Муцунски, Општина Аеродром

Што ни вети градоначалникот?
Дарко Костовски, Општина Аеродром

Што ни вети градоначалникот?
Горан Герасимовски, Општина Центар

Што ни вети градоначалникот?
Висар Ганиу, Општина Чаир

Што ни вети градоначалникот?
Бобан Стефковски, Општина Гази Баба

Што ни вети градоначалникот?
Александар Стојкоски, Општина Ѓорче Петров

Што ни вети градоначалникот?
Данела Арсовска, Град Скопје

Што ни вети градоначалникот?
Стевче Јакимовски, Општина Карпош

Што ни вети градоначалникот?
Орце Ѓорѓиевски, Општина Кисела Вода

Што ни вети градоначалникот?
Блерим Беџети, Општина Сарај

Што ни вети градоначалникот?
Курот Дудуш, Општина Шуто Оризари

 

25 August, 2021

10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025

Темите кои постојано ги обработуваме на еден начин или друг во изминатите 9 години, а кои се во надлежност на локалната власт, ги сублимиравме во 10 точки кои ги испративме до сите политички партии кои учествувале на претходниот циклус избори, а ќе ги испратиме и до медиумите и до сите партии и независни листи за советници, како и кандидати за градоначалници кои ќе бидат објавени како официјални учесници на локалните избори оваа есен.
Ова се и точките по кои би направиле евалуација на понудените политички програми.

Дописот е во продолжение како текст или како
pdf на линкот. 

 

Во изминатите 9 години НаТочак увиде дека на Скопје му се потребни промени во повеќе области за да стане град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за пешачење и возење велосипед.

Промените се започнати, но се одвиваат со преспоро темпо и во недоволен број области, а неретко паралелно на добрите промени на едно место, се случуваат назадувања на друго.

Ако може да се сумира сè во 10 точки, тогаш ова се областите каде е потребно да работи идната локална власт во Градот Скопје и општините:

 1.                   Слободни тротоари и квалитетен јавен простор

Град Скопје и особено општините треба да работат на решителна акција за: ослободување на тротоарите од возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор пошироки, поквалитетни, лесно достапни и пристапни за сите. Тоа треба да го направат преку строги политики за јавно паркирање, правила за урбана опрема (контејнери, тераси од кафеани), физичка заштита и квалитетно уредување и озеленување.

Популистичкото игнорирање на проблемот со узурпирани тротоари започнува да ескалира низ населбите во Скопје и потребно е конечно соочување со него и овозможување на правото на движење. 

2.                   Велосипедска мрежа

Општините во соработка со Град Скопје треба да изготват План за велосипедска мрежа со цел да се обезбедат велосипедски патеки и ленти или велосипедски улици на max 125 метри од сечиј дом/работно место/дестинација. Тоа треба да го направат преку праведно распределен буџет за патна инфраструктура (минимум 15+15% за пешачка + велосипедска инфраструктура), праведно распределени улични профили, патни диети, проширување на регулации и иновативни решенија.

Велосипедски решенија за сите главни сообраќајници. Зголемена широчина на велосипедските патеки на булеварите. Вело-пријателски крстосници и кружни текови. Вело-пријателски ДУП-ови.

 3.                   Визија нула и Зона 30

Потребно е целата територија на Скопје (освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и издвоени пешачки и велосипедски патеки) да се прогласи одеднаш за Зона 30, а улиците кои немаат издвоени тротоари да се прогласат за Зона 20. Ограничувањето на брзината треба реално да се обезбеди преку дизајнот на улиците (потесни автомобилски ленти, помали радиуси на свртување, подигнати пешачки премини, шикани, микро-кружни текови, патни диети, почести и пократки пешачки премини, заштитени острови итн).
Според Стокхолмската декларација усвоена од Обединетите нации, Светската здравствена организација и одобрена од Европската комисија, oпшто ограничување во градовите треба да биде 30 km/h, а 50 km/h да биде исклучокот, а не обратно. 

Скопје треба да донесе стратешки документ за безбедноста во сообраќајот ВИЗИЈА НУЛА со кој сите активности на сите институции ќе придонесуваат кон целта за нула жртви во сообраќајот. 

4.                   Паркинзи за велосипеди

Град Скопје и општините да ги искористат своите надлежности од областа на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и да го направат паркирањето велосипеди возможно, практично и безбедно. За таа цел потребно е да донесат што поскоро соодветни одлуки за обврска за велосипедски паркинг и стандарди за секој нов објект и сите јавни простори, а за постоечките објекти да се бараат иновативни решенија. Секој ден одолговлекување е објект повеќе со несредено паркирање за велосипеди. 

5.                   Субвенции за велосипеди и велосипедска опрема

Општините и Град Скопје да воведат субвенции за купување на нов велосипед доколку досега немало и да направат диверзификација на она што се субвенционира, доколку имало. Како на пример, субвенции за поправка, комплетен сервис или доопремување на стари велосипеди (продолжување на употреба и циркуларна економија), за специјални велосипеди (трицикли, рачни велосипеди итн. за лица со посебни потреби, товарни и други велосипеди за мали бизниси) и фокусирано субвенционирање на велосипеди за економски и социјално загрозени групи.

 6.                    Денови без автомобили / улици за луѓе

Барем еден викенд во месецот дел од улиците во Скопје да бидат Улици за луѓе, наместо за автомобили. Односно повеќе улици да се затворат за автомобилски сообраќај, а да се отворат за пешачење, возење велосипед, рекреација, социјализација, детска игра и маалски живот. 

7.                   Процедури, стандарди, транспарентност, партиципативност

Потребно е стандардизирање на планирањето и проектирањето на велосипедската инфраструктура (димензиите, решенијата на крстосници, густина на велосипедска мрежа итн.). Поради немањето интерес да се донесе Правилник за велосипедска инфраструктура на државно ниво, Град Скопје треба да донесе на локално ниво.

И за градежните активности треба да има пропишани градски процедури, прирачници и детали по примерот на европските градови. Одлуките за начинот на изведувањето (на спуштен рабник, третманот на дрво при поплочување или обезбедувањето заштитена пешачка патека при градежни работи) не смеат да бидат оставени на секој изведувач и работник како си замислува.

Јавноста мора да биде информирана не преку рекламни спотови и анимации за веќе усвоени проекти (=“терапија“ во Скалата на партиципација), туку проектите од јавен интерес да бидат лесно достапни во порана фаза, а граѓаните да бидат проактивно вклучени во процесите и да се воспостави партнерски однос. 

8.                   Систем за изнајмување велосипеди

На Скопје му е потребен јавен велосипедски превоз, односно препознатлив, практичен и квалитетен автоматизиран систем за споделување на велосипеди.

Изборот на станици треба да биде поткрепен со анализи, а тие треба да бидат распространети и достапни ширум целиот град и да се осмислено надополнување на јавниот автобуски превоз. 

9.                   Вардарска зелена магистрала

Кејот на Вардар треба да се искористи во целиот негов потенцијал и да стане главна велосипедска магистрала запад-исток на Скопје (а попатно и пешачка и рекреативна). Двете страни на реката треба да имаат ист третман, да се продолжат кон крајните граници на градот, како и да се интегрираат во остатокот од велосипедската мрежа преку возливи рампи кон секој мост и конектори кон населените места. Секој нов мост на реката Вардар мора да биде или пешачко-велосипедски или задолжително да содржи и квалитетно велосипедско решение, покрај автомобилското. Кејовите на реката Вардар и другите реки по целата должина треба да дадат примат на зеленилото и луѓето, а не автомобилите и зградите. 

10.               Промена на сообраќајниот систем на Скопје

Скопје мора да ги промени приоритетите во планирањето и уредувањето на јавниот простор, односно да ја промени хиерархијата на учесниците во сообраќајот со приоритизирање на потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт за нивна безбедност, погодност и комфорност. Соодветно на тоа, треба да се мери и велосипедскиот, а не само автомобилскиот сообраќај; семафорскиот систем да биде пријателски за пешаци и велосипеди; да се интегрираат велосипедскиот и јавниот превоз како силна противтежа на автоцентричноста, а новиот ГУП и СУМП да бидат со сосем поинаква сообраќајна философија. 

Со работењето на овие 10 точки, не само што Скопје би станал попријателски и побезбеден град за пешачење и возење точак и граѓаните би добиле диверзитет на транспортни опции, туку ќе се поттикнат и редица други придобивки:

- Зголемено чувство на безбедност и припадност кон градот, поттикнување на поодговорно граѓанство;

-  Независна мобилност и поголеми можности за лицата помлади од 18 и постари од 65 години, лицата со хендикеп, членовите од семејствата кои имаат само 1 или немаат автомобил, жените, граѓаните кои сакаат да го намалат своето штетно влијание врз природата, невработените, социјално загрозените лица;

-  Заживување на маалскиот живот и поттик за малите бизниси;

-  Помала емисија на C02, митигација на климатските промени;

- Повеќе простор за зеленило и помал отпечаток врз природата споредено со автоцентричното планирање;

- Помало загадување и бучава, попријатни улици, порелаксирано и поквалитетно живеење со истакнување на добрите страни на градот како место на живеење и минимизирање на лошите;

-  Подобрување на личното и јавното здравје и заштеди во здравството;

-  Луѓето ќе живеат подолго, поздраво, попродуктивно, посреќно.

Нашата визија е Скопје до 2030-та да стане најпријателскиот за пешаци и велосипеди град на Балканот, со модално учество на велосипедите од 15% од градскиот сообраќај и со нула жртви во сообраќајот, град кој е зелен и пријатен за живеење, а до 2025-та мора да се постават темелите и интензивно да се работи на такво Скопје.

Која е вашата? 

 

25.08.2021, НаТочак

неформално здружение за урбан велосипедизам

За подобро вело - Скопје

e-mail: natochak@gmail.com

blog: natochak.blogspot.com

FB: facebook.com/NaTochak

TW : twitter.com/NaTochak

13 July, 2020

Сите ветуваат улици и патишта - но какви?

Ја завршивме 4.5 - месечната кампања поттикната од парламентарните избори 2020 година.
Кампањата со презентација на овие барања од албумот, но и многу повеќе (референци, примери, статистики...) ја започнавме на крајот на февруари, а партиите ги искомунициравме во средината на март.
Од тогаш поминаа 4 месеци што е
повеќе од доволно време за да ги прочитаат, прифатат, преработат барањата.



Се надеваме дека повеќето тоа го направиле, зашто тоа е минимумот кој треба да се направи во полето на велосипедскиот сообраќај и сродните полиња на државно ниво, за да може да има промени и на локално ниво.

Затоа и ги нарековме црвени линии, бидејќи е тоа минимумот од кој не отстапуваме.
Возевме и виртуелна критична маса посветена на црвените линии:

А сè уште е актуелна петицијата #МојатаЦрвенаВелоЛинија: https://www.change.org/CrvenaVeloLinija и ќ
е продолжи и после изборите.
Оваа 'програма' останува актуелна до остварување. 
Инвестирањето во улици и патишта никогаш не е неутрално.
Дури и кога не се јавно обзнанети, во нив има вградени вредности.
Дали дизајнот на оваа улица помага да бидеме поздрави и побезбедни или поболни и понебезбедни?
Дали им служи на сите граѓани, особено на послабите или само на тие во автомобили?
Дали сообраќајниот систем на државата е климатски отпорен и рамноправен или е максимално штетен за климата и нерамноправен?
Дали градот ни нуди диверзитет на транспортни опции или само една сигурна опција?
Дали маалото има јавен простор во кој уживаме да сме умерено физички активни или ни прави само пречки? 


Не престануваме да ги поставуваме овие прашања.
Улиците и патиштата не се неутрални.
Не е доволно да се тури асфалт, не е доволно да се вложат милиони во улици и патишта и тоа да е по автоматизам голема и добра инвестиција.
Какви се вредностите, какви се ефектите, какво е значењето е она што е побитно.

Благодариме на сите на поддршката и на Александра Христов за дизајнот.

Битката за побезбеден сообраќај, повеќе транспортни опции, поквалитетен живот, позелени, поздрави и порамноправни градови продолжува!








Слоганот "ЌЕ ИНВЕСТИРАМЕ ВО УЛИЦИ И ПАТИШТА" може да има различно значење…
1. ЗА БЕЗБЕДНОСТА 🚧

Ако во населените места градите улици само за коли:
-малку луѓе ќе возат точак и ќе пешачат
-кога ќе го прават тоа ќе бидат изложени на поголем ризик, повреди и смрт
-остануваме на дното на Европа по загинати во сообраќај

Ако во населените места градите мултимодални улици:
-повеќе луѓе ќе возат точак и ќе пешачат
-ќе се намали бројот на сообраќајни судири и бројот на судири со тешки последици
-ќе се спасат човечки животи

2. ЗА ЕДНАКВОСТА 👫

При ограничени средства и при веќе постоечки улици и патишта за автомобилски сообраќај:

Продолжување на приоритетот на автомобилски улици и патишта значи примарна грижа за независната мобилност само на:

-луѓето кои имаат повеќе автомобили во семејството и економска моќ постојано да ги користат
-лицата постари од 18 и помлади од 65 години
-оние кои се способни да управуваат моторно возило

 Ако приоритетот се стави на оние типови сообраќај кои се запоставени: јавен превоз (железница и автобуски превоз), велосипедски и пешачки поврзувања, тоа значи независна мобилност и поголеми можности и на:

-лицата помлади од 18 и постари од 65 години
-лицата со хендикеп
-членовите од семејствата кои имаат само 1 или немаат автомобил
-жените
-граѓаните кои сакаат да го намалат своето штетно влијание врз природата
-социјално загрозените лица

3. ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА и КЛИМАТА 🌳🌍

Со автомобилите како централно решение на превозот:
-поголем дел од почвата се запечатува со асфалт
-се уништуваат поголеми предели
-се трошат повеќе ресурси
-се влијае преку загадувањето и бучавата на живиот свет
-се засилуваат климатските промени

Со мултимодален пристап, фокус на јавен превоз и активен транспорт (пешачење и возење велосипед):
-има повеќе простор за зеленило
-се трошат помалку ресурси од природата
-се намалуваат негативните ефекти кон живиот свет
-се остваруваат климатските цели за намалени емисии на CO2

4. ЗА ЗДРАВЈЕТО ❣️

 Ако градите автоцентрична инфраструктура:
-се зголемува загадувањето кое потекнува од сообраќајот
-се зголемува бучавата
-луѓето живеат седечки начин на живот
-во пораст се кардиоваскуларни, респираторни, психосоматски и др. заболувања, како и гојазноста,
можноста за рак и дијабетес и намален е животниот век

 Ако градите мултимодални улици:
-бучавата и нејзините негативни ефекти на луѓето ќе се намалат
-луѓето ќе имаат умерена физичка активност секојдневно
-загадувањето ќе се намали
-јавното здравје ќе се подобри и ќе има заштеди во здравството
-луѓето ќе живеат подолго, поздраво, попродуктивно, посреќно

5. ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТ 😊🤸‍♀️

Ако инвестирате во улици строго за автомобили:
-луѓето ќе бираат автомобил и за кратки дистанци
-никогаш нема да има доволно паркинг и потребата само ќе расте
-јавниот простор ќе биде затрупан со автомобили и градовите неподносливи

Ако инвестирате во улици за луѓе:
-луѓето ќе имаат диверзитет на транспортни опции
-ќе пешачат и возат точак на кратки дистанци
-ќе ги доживуваат и сакаат местата каде живеат
-местата на живеење ќе станат поквалитетни, порелаксирани и поатрактивни за живот


13 March, 2020

ЦРВЕНИ ВЕЛОЛИНИИ - велосипедска програма за Парламентарните избори 2020 (допис до политички партии)

На 13.03.2020 г. седум граѓански велосипедски организации од 7 градови во државата (Скопје, Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Штип, Кочани) испратија допис до политичките партии кои ќе учествуваат на изборите на 12-ти април за вклучување на визија и стратегија во нивната изборна програма за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Р.С.Македонија.
Во продолжение е e-mail-от пратен до политичките партиите, а дополнителните документи ги има тука:
  • Обраќање од НаТочак организации до политички партии 2020: линк (.pdf); линк (блог-пост)
  • Црвени велолинии 2020 - 9 клучни барања од НаТочак организации до политички партии: линк (.pdf); линк (блог-пост)
  • Известување до медиуми: линк (блог-пост)
------------------------------------------------
Почитувани претставници на политичките партии, 
Ви се обраќаме во името на 7 граѓански велосипедски организации од 7 градови со барање за вклучување на визија и стратегија за унапредување на велосипедскиот сообраќај во политичката програма со која ќе настапите на Парламентарните избори 2020, а со што ќе адресирате повеќе проблеми со кои се соочуваме на државно ниво (загадување, здравје, безбедност, климатски промени, квалитетна средина за живеење).

Нашето обраќање поврзано со новите Парламентарни избори 2020 го има во документот со наслов: 
 а во документот со наслов:
Ви ги испраќаме 9-те клучни барања кои интензивно ги комунициравме во јавноста последниот месец под мотото “ЦРВЕНИ ВЕЛОЛИНИИ 2020“. 

Деветте предлози сметаме дека во овој момент е исклучително важно да бидат вметнати во Вашата програма како ветување и обврзување за искрени, сериозни и посветени заложби за подобрување на ова поле, а подоцна и имплементирани како политики на национално ниво. 

Станува збор за многу повеќе отколку само за про-велосипедски политики.
Се работи за животи и за квалитет на живеење.

Со почит,
НаТочак - Скопје, Битола На Точак, Прилеп На Точак, Гостивар На Точак, Тетово На Точак, Штип На Точак, Кочани На Точак