29 December, 2014

Критична маса #32: За уште многу булевари без велосипедски патеки!

ДатумСреда, 31.12.2014
Почеток21:00, Плоштад Македонија

Крај: Мојот Калеидоскоп (зад ТЦ Буњаковец)
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк (има само почетна и крајна точка)

---------------------------------------------------------------------
Банер за КМ 32
За уште нови булевари без велосипедски патеки!
За уште паркирани возила на пешачки и велосипедски патеки!
За уште нови автобуски постојки кои се на средина на патеките за движење! 
За уште школи и институции без паркинзи за точаци.
За уште расипани точаци за изнајмување!
За уште високи рабници и непристапни тротоари за незагадувачки тркала!
За уште сообраќајни решенија кои поттикнуваат возење коли и демотивираат возење точаци.
За уште позагаден град! 

 
Не знаеме чии се желбиве, но се остваруваат.
Можеби никој не го посакува горенаведеното, но сепак ни е стварност зашто и никој не се охрабрил да го промени. 
Ајде да го смениме заедно во наредната година! 
Да делуваме поцврсто и институциите да се променат и да почнат да го менуваат градот.
Не е доволно да посакаме, поважно е да делуваме да се направи.
Не се доволни декларативни заложби на институциите, поважно е да почувствуваме реална промена

Придружи се на Критична маса, придружи се во НаТочак.
Да делуваме заедно за подобар вело-град, за Скопје достојно за возење точак!

Тоа би била нашата најголема Новогодишна желба, на ироничен начин претставена преку материјалите за Критична маса 32.
--------------------------------------------------------------

 
А терминот за Критична маса 32 (последна среда во декември) се паѓа токму на 31-ви.

Дојди на Новогодишното возење, на една од поинтересните критични маси во годината. Овојпат посебно необично е тоа што немаме предвидена рута и на лице место ќе одлучуваме каде ќе возиме, во зависност од новогодишните дразби :)
Во некои градови во светот КМ така функционира редовно, сега за првпат ќе пробаме и ние.

Си возиме како и секогаш, само сега на крајот нé очекува забава.

Со точакољупци и точаци, јадење, пиење, музика, балони и сé што сами ќе си спремиме.
За Критична маса се разбира дека не е потребно пријавување, но потребно е за забавата која после возењето ќе продолжи во Мојот Калеидоскоп, за да си резервирате место.
Заинтересираните пишете ни на:
natochak@gmail.com.

Времето е поладно, облечете се во повеќе слоеви.
Почнуваме и завршуваме во темница, па задолжително носете светла на точакот. Други светлечки и звучни помагала се бонус :) Новогодишни декорации за точаците, Дедомразовски капи и костими, балони и испишани желби, исто така.

Се гледаме!
Нека ни биде Новата година поуспешна на вело-план за Скопје!
Ѕрн ѕрн!

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата.
До овој момент, скопјани 31 пат возеа масовно по скопските улици, на 31 различна тема поврзана со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 32-ри пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

0 comments:

Post a Comment